Вистинско музичко доживување приреди вчеравечер на „Охридско лето“ триото „Супниевски“ од Полска, настапувајќи во рамките на традиционалната Полска вечер каде секоја година.
Триото „Супниевски“ основано во 2016 година го сочинуваат три сестри, Каролин, Магдалена и Ана растени во семејство со полско потекло во кое музиката имала централно место. На нивниот репероар беа Серенада оп. 10 во C-dur од Дохнањи, Интермецото за гудачко трио од Кодај, како и Бетовеновата Серенада за гудачко трио оп. 8.
-Концертот помина многу убаво, публиката и атмосферата беа извонредни. Ни беше чест да свириме тука во овој град, до езерото. Ја почуствувавме акустиката додека свиревме, сѐ беше прекрасно. Многу сме среќни што свириме заедно бидејќи како сестри сме многу блиски и се разбираме. Понекогаш и не се сложуваме меѓусебе, но секако, тоа многу ретко се случува, балансираме помеѓу приватното и професионалното, велат трите млади уметници кои за својата виртуозност беа наградени со бурни овации и бисеви.
Почесниот конзул на Полска во Охрид, Коста Костовски, истакна дека како и секоја година, во рамките на традиционалната Полска вечер на „Охридско лето“ настапуваат најдобрите полски уметници.
-Доаѓањето на најдобрите уметници од Полска е заслуга на „Охридско лето“ со поддршка од професионалците, а ние како почесен конзулат на Полска во Охрид сме тука секогаш да ги поддржиме. Се надеваме дека и натаму ќе уживаме со најдобрите полски уметници, но и дека ќе имаме можност и да го отвориме „Охридско лето“, изјави почесниот конзул, Костовски.
Уметниците од триото „Супниевски“ студирале со реномирани музичари како Франоа Салк на Францускиот конзерваториум, квартетите „Модиљани“ и „Диотима“, со Кристоф Чорзелски и Гунтер Пихлер како дел од мајсторските курсеви Про-квартет. Избрани се да учествуваат во Академијата „Равел“ во Сан Жан де Луз каде освојуваат повеќе награди.