Концертот на Реџа-Тершана и Абеши –празник за љубителите на класичната музика

Една од најактивните и најатрактивните пијанистки од Република Албанија, Мерита Реџа Тершана заедно со нејзиниот колега виртуоз на виолина Ермир Абеши вчеравечер приредија неповторливо музичко доживување за публиката на „Охридско лето“.
Концертот во црквата „Света Софија“ беше вистински празник за љубителите на класичната музика, а извонредните уметници брилјираа на сцената изведувајќи ги Моцартовата Соната бр.21 е-moll, Сонатата бр. 3 оп. 108 d-moll од Брамс, како и познатата Бетовенова соната „Кројцер“.
-Огромно задоволство ми е повторно да настапувам на фестивалот. Оваа година настапував со мојот драг пријател и извонреден виолинист Ермир Абеши со кого прекрасно си поминавме. Се надевам дека и публиката уживаше толку многу колку што уживавме и ние, изјави пијанистката Мерита Реџа Тершана.
Виолинистот Абеши вторпат настапува на „Охридско лето“ по неговиот концерт на фестивалскиот подиум пред десет години.
-Многу сум среќен што повторно сум тука. Со Мерита сме свиреле заедно повеќепати, многу концерти и рецитали во Албанија. Чест ми е што ја имам таа можност да свирам со неа бидејќи е прекрасна пијанистка. Акустиката на црквата е неверојатна и исто така самата историска градба на црквата, што создава магична атмосфера. Огромно задоволство ни е да настапуваме тука, пред оваа публика бидејќи се многу гостопримливи и топли луѓе. И секогаш кога ќе не повикате, со нетрпеливост чекаме да се вратиме пак на оваа сцена, рече Абеши, кој утре заедно со пијанистката Реџа Тершана ќе одржат уште еден заеднички концерт во нивната родна Албанија.
Виолинистот Абеши во 2017 година е назначен за концерт-мајстор на Германската радио филхармонија „Сарбрукен-Кајзерслаутерн“. Тој е финалист на натпреварот за виолина „Кралица Елизабета“ во Брисел во 2012 година и добитник на втора награда од престижниот натпревар „Липицер“ во 2011 година во Италија. Тој настапува како солист со бројни оркестри во Европа и светот.
Критиката, публиката и медиумите ја сметаат Мерита Реџа -Тершана за една од најактивните уметници на албанската територија која енергично ја гради кариерата полна со нови достигнувања ширум целиот свет