Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“продолжува вечерва од 21 часот на сцената „Долни Сарај“ со кабарето „Животот е…“ од Наташа Поплавска.
По успешните мјузикли „Чикаго” и „Мама миа” во кои македонската публика уживаше изминатите години, а по двегодишна пауза во која светот застана, Наташа Поплавска на публиката повторно ќе и понуди музичко – сценско уживање во нова приказна напишана од Ристо Вртев, а режирана и сценски визуелизирана токму од Поплавска.
Во ова патешествие им се придружуваат маестралните визуелни уметници, видео дизaјнерот Дејан Матиќ и светло дизајнерот Милчо Александров кои ќе ја создадат сценската магија заедно со Поплавска, Панго, балетските солисти од Националниот Балет и познатата џез артистка Марија Димитријевиќ.
Низ животната приказна на кабаретската ѕвезда Сали Боулс преку случките од некогашниот Берлински „Кит Кет“ кабаре клуб ја следиме трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност. Џез звуците на познатите Нат Кинг Кол и Џон Кандер преминуваат во електронските поп звуци на пионерите на електронската музика „Крафтверк“.
Претставата е во продукција на Здружението за развивање на уметност и културна соработка АРТ МЕДИА во соработка со Националната Опера и Балет, а поддржано од Министерството за култура на Република Северена Македонија.