Ново музичко-сценско уживање од Наташа Поплавска на Долни Сарај

Ново музичко-сценско уживање од Наташа Поплавска на Долни Сарај

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“продолжува  вечерва од 21 часот на сцената „Долни Сарај“ со кабарето „Животот е…“  од Наташа Поплавска.

По успешните мјузикли „Чикаго” и „Мама миа” во кои македонската публика уживаше изминатите години, а по двегодишна пауза во која светот застана, Наташа Поплавска на публиката повторно ќе и понуди музичко – сценско уживање во нова приказна напишана од Ристо Вртев, а режирана и сценски визуелизирана токму од Поплавска.

Во ова патешествие им се придружуваат маестралните визуелни уметници, видео дизaјнерот Дејан Матиќ и светло дизајнерот Милчо Александров кои ќе ја создадат сценската магија заедно со Поплавска, Панго, балетските солисти од Националниот Балет и познатата џез артистка Марија Димитријевиќ.

Низ животната приказна на кабаретската ѕвезда Сали Боулс преку случките од некогашниот Берлински „Кит Кет“ кабаре клуб ја следиме трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност. Џез звуците на познатите Нат Кинг Кол и Џон Кандер преминуваат во електронските поп звуци на пионерите на електронската музика „Крафтверк“.

Претставата е во продукција на Здружението за развивање на уметност и културна соработка АРТ МЕДИА во соработка со Националната Опера и Балет, а поддржано од Министерството за култура на Република Северена Македонија.