„Сликам со тебе“ –втора самостојна изложба на д-р Попоска Карче на „Охридско лето“

„Сликам со тебе“-Приказна од душата беше насловот на ликовната изложба на д-р Наташа Попоска-Карче што вчеравечер беше отворена во Предворјето на црквата „Света Софија“ во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
Како што рече на отворањето на изложбата историчарот на уметност д-р Иван Заров, пред фестивалската публика е претставен нов опус на слики кои го тосликуваат естетскиот светоглед на Попоска-Карче.


-Во неа, на идеален начин се преплетуваат мечтателноста и веќементноста на времето во нејзините слики и нејзиниот буен екстровертен и динамичен хабитус како личност. Таа идеална дихотомија најсоодветно ја отсликува нашата Наташа која денес се претставува со целосно нов опус на слики во масло и акрил кој го отсликуваат нејзиниот естетски светоглед. Доминираат нејзините суптилни и нежни пејсажи, имагинарни и реални кои прикажуваат визури и композиции од Охрид, но и композиции кои во потрагата по трансцедентното го потенцираат нејзиниот фанстастичен имагинариум исполнет со визуелни асоцијации и суптилни метафори, кажа Заров.
За изложбата и творештвото на д-р Наташа Попоска –Карче говореше и Љупчо Жупан, сопственик на галерија, кој истакна дека го следи нејзиното ликовно творештво уште од почетокот на создавањето на нејзините дела.


-Има голем напредок и развој во нејзиното сликарство и еден потенцијал дека во иднина ќе гледаме се подобри и подобри слики од неа. Најважно во нејзините слики е што се вложува максимално професионално и искрено и со чувство ги работи мотивите коишто се допираат во темата на импресионизам. Наташа зазема заслужено место во соодветната ликовна елита во Охрид, рече Жупан.
На отворањето на изложбата, д-р Наташа Попоска-Карче, рече дека овие неколку години што поминаа, нѐ потсетија дека се може да исчезне и оти е многу важно да се остави нешто зад себе.


-Создавајќи сфатив и дека да се набљудува човечкото во себе е многу потешко отколку да се набљудува човечкото во светот и времето во коешто живееме. И не треба само да набљудуваме, туку треба да дејствуваме. Треба да даваме, да создаваме и да оставиме по некој траг којшто ќе докаже дека сме постоеле, тука, овде, на земјава, дека сме чекореле сите заедно, рече Попоска-Карче.
Како што додаде таа, „Сликам со тебе“ е дел од нејзината душа.


-Тоа се оние делови коишто се кријат зад превезот на невидливото. Јас го сликам тоа што го чувствувам. Да можев да ѝ свртам грб на секоја моја мисла и секое мое чувство, тогаш не би настанале ни овие платна, истакна д-р Попоска-Карче.
Ова е втора ликовна изложба на д-р Наташа Попоска –Карче поставена во рамки на фестивалот „Охридско лето“, а авторката ја посвети на покојниот д-р Драган Спасески – Охридски кој, како што рече и самата, беше нејзин ментор, но и голем човек кој со своите визии, креации и духовност, многу пати го допре градот, но и фестивалот „Охридско лето“.