„Галеб“ – драма за конфликтот меѓу две генерации и последиците од невозвратената љубов

Култното дело на Чехов, „Галеб“  беше поставено вчеравечер во рамките на драмската програма на 62-то „Охридско лето“ во режија на извонредната Нела Витошевиќ а во изведба на професионалните актерите од Турски театар Скопје.

На сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше доловена минливоста на животот во која се испреплетуваа синџир на ликови со промашени животи, несреќни судбини, невозвратени љубови, поставени во животни околности во кои не можат или не знаат да се справат.

-Се обидовме да го најдеме современиот контекст за да најдеме современо видување на „Галеб“ и тука отворивме две важни теми. Едната беше конфликтот помеѓу две генерации, постара и помлада, како и последиците од невозвратена љубов.  Се обидовме да ставиме акцент на тоа како постарите генерации го кршат соништата на помладите и како на некој начин го убиваат детето во нас. Со актерите многу добро се рабравме, почнавме да истражуваме во тој правец и мислам дека без разлика колку е тежок текстот, на многу лесен начин дојдовме до правецот којшто го договоривме и до некои одредени сцени, решенија  и слично, и на крајот направивме едно уметничко дело на кое сите сме горди, вели режисерката Витошевиќ.

Ова е прва нејзина соработка со Турски театар Скопје, а како што кажа самата, „Галеб“ е дело што имала желба да го режира уште во студентските денови.

-Чекав да имам прилика и услови во коишто ќе можам да го сработам на најдобар можен начин. Кога ми се јавија од Турски тетатар за соработка, јас веднаш се сетив на ова дело бидејќи Турскиот театар има неверојатна екипа на актери. Секој еден е приказна за себе и секој еден е многу сериозен во она што го работи на сцена. Сметав дека во таков добар ансамбл би било идеално да го поставам „Галеб“ бидејќи Чеков пред сè пишува студии за карактери во своите драми и затоа се одлучив тоа да биде „Галеб“ и токму со Турски театар, појаснува Витошевиќ.

Главниот лик на Ирина Николаевна Аркадина Трепљова го толкува извонредната актерка Несрин Таир која уште еднаш покажа дека е една од најдобрите наши актерки.

-„Галеб“ е претстава за љубовта и театарот, но Нела има еден вид кршење на Чехов. Самата драма од Чехов колку и да е култна, тој трагикомичен начин што го има напишано Чехов, режисерката ја има модернизирано. Сите ликови во „Галеб“ се ставени во животни околности со кои ние можеме или не можеме да се справиме и во процесот на работа ние ги разделувавме од аспект на тоа да бидат поексцентрични. Таа нејзина модерна, урбана естетика што ја носи како режисер многу брзо и многу добро се прифати од професионалните актери во нашиот театар, истакна актерката Таир.

Според неа, Чехов и денес е актуелен зашто неговите драми  се видливи во секојдневието.

-Мене Чехов ми е омилен автор и мислам дека еден вид магистерски труд е кога актер се занимава со дело од Чехов. Сметам дека со самото тоа што минувавме два месеци низ процес на животни ситуации и таков тип реплики коишто ги изразува тој и навидум, нели, ништо не му се случува во драмите, а во суштина има голема длабочина во многу ситуации и многу случки. На почетокот се чувствував неубаво зашто ми беше криво зошто го кршиме Чехов. Чехов го чувствувам како современ,секогаш присутен, неговите драми ги гледам во секојдневието, но откако ја направи Нела претставата и откако видов дека поентата ѝ беше да ископаме малку и од нашиот живот што драматуршки го направи Викторија Рангелова, сè беше поинаку.  Од нашиот живот му додадовме на Чехов, колку тој бил и тогаш современ и колку ние сега имаме такви ситуации ама немаме такви дела, па можеме да ги вметнеме како инстанци од аспект дека и ден денес има судир на генерации и слично, раскажа  актерката Несрин Таир.

Турски театар Скопје е чест гостин на „Охридско лето“ и секогаш  ги носи најдобрите театарски претстави на фестивалот.