Камерниот оркeстар на МММ со целовечерен концерт на „Охридско лето“

Камерниот оркeстар на МММ со целовечерен концерт на „Охридско лето“

Камерниот оркестар на Музичката Младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ вечерва ќе одржи целовечерен концерт на фестивалот „Охридско лето“.

Под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 35 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина.  Веќе 35 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 14 години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент  Саша Николовски-Ѓумар.

Добитникот на македонското признание Виртуози  за „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во земјава и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти – Сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати, Јанош Фурст и Сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство. Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Покрај горе споменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Штефан Дор, Готје Капусон, Симон Трпчески, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.