Композиции за четирирачно пијано одекнуваа во акустичната „Света Софија“

Композиции за четирирачно пијано одекнуваа во акустичната „Света Софија“

Пијанистот со врвни професионални перформанси и изразена индивидуалност, Кристијан Каровски, вчеравечер го збогати репертоарот на 62-то „Охридско лето“ заедно со неговата колешка и студентка Мими Дучева.

Двајцата уметници на четирирачно пијано го покажаа својот извонреден талент изведувајќи ги Шубертовата „Фантазија во f-moll“, „Шесте пиеси“ на Сергеј Рахмањинов и „Ла Валс“ на Морис Равел. Покрај совршениот звук што доаѓаше од композициите за четирирачно пијано, ноќта под сводовите на црквата „Света Софија“ одекнуваа и овации од страна на публиката како награда за двајцата пијанисти кои приредија прекрасно музичко доживување.

И Каровски и Дучева  имаат соло кариери, но посветено соработуваат изведувајќи камерна музика, некогаш и за четирирачно и осумрачно пијано.

-Работата ни беше полна со ентузијазам, младост, радост и уживање, но и доста напор. Мими некогаш сум ја третирал како ученик, но таа е особено надарен човек и затоа ја одбрав да свириме заедно зашто нашето свирење не се разликува во квалитет. Доловивме дел од нашиот репертоар соодветен за фестивалот. Инаку целата организација на концертот беше прекрасна. Голема благодарност до директорката Наташа Поповиќ, до селекторката Бисера Чадловска и до целиот тим на „Охридско лето“, изјави пијанистот Каровски.

Младата, но исклучително талентирана уметница Мими Дучева која е и студент на Факултетот за музичка уметност во класата на професорот Каровски, првиот настап со својот ментор го бележи на фестивалот „ДАМ“ во Косово, а годинава имаат предвидено уште неколку заеднички настапи.

-Поминавме прекрасно на концертот, организацијата беше одлична. Чест е да се учествува на ваков долгогодишен реномиран фестивал. Огромен предизвик, чест и задоволство е да се свири со професорот Кристијан Каровски, рече младата пијанистка Дучева.

Во повеќегодишната педагошка дејност,  Каровски се афирмира како истакнат пијано педагог. Неговите студенти покажуваат извонредни резултати на државни и меѓународни натпревари и се претставуваат на солистички концерти и настапи со Филхармонијата на Република Северна Македонија.