РЕЦЕНЗИЈА:Кон концертите на камерните ансамбли „Нов здив“ и „Профундис“

Програмата од првиот дел на шеесет и второто „Охридско лето“, на публиката во црквата Св. Софија и претстави два исклучително интересни концертни вечери со македонските камерни ансамбли „Нов здив“ и Профундис“. По многу нешта можеме да го поврземе делувањето на овие два оркестри, но осбено важно и за поздравување е заедничката тенденција да се обединат најдобрите млади македонски инструменталисти во камерни формации што ќе промовираат современо музичко творештво. Овде ќе се потсетиме на камерниот ансамбл „Св. Софија“ што во 1968 година го создаде познатиот македонски композитор Тома Прошев и во седумдесеттите години на минатиот век одигра клучна улога пред сè во промоцијата на творби од македонските композитори, ама и го донесе европскиот авангарден звук пред нашата публика. Формирањето на оркестрите „Нов здив“ и „Профундис“ го доживуваме како историски продолжеток на „Св. Софија“ и таа појава едноставно требаше да се случи.

„Нов здив“ е камерен ансамбл под раководство на францускиот диригент Паскал Галоа, што од неодамна делува при Филхармонијата на РС Македонија и го сочинуваат членови на оркестарот, а „Профундис“ е гудачки камерен оркестар составен од одлични инструменталисти на Филхармонијата и Националната опера и балет. Ансамблот „Профундис“ веќе три години го раководи младата маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Двата високо професионално подготвени ансамбли, на „Охридско лето“ се претставија со грижливо одбрани пиеси од дваесеттиот и дваесет и првиот век. Тоа за публиката која редовно ги следи концертите на фестивалот, внесе свежина во програмскиот концепт и беше одличен контрапукт на другите вечери исполнети со класична програма од други епохи.

На концертот на „Нов здив“ слушнавме дела од Шенберг, Велковска-Трајановска и Веберн.

Шенберговиот гудачки секстет “Verklärte Nacht”, од 1899, или најзначајното дело од раниот творечки период на авторот (кога се уште го негува респектот кон германските претходници Брамс и Вагнер, но во исто време иновантивно ги најавува своите автентични композиторски тежненија, атоналноста и серијализмот) во исклучително усогласена и музикална изведба на гудачкиот дел од ансамблот „Нов здив“ беше навистина редок настан за слушателите, дополнително збогатен со уникатната акустика на црквата Св. Софија. Шестемина одлични инструменталисти, Илкоски, Трајковска, Бафтиари, Лаовски, Краповски и Гоневски, со една топла и емотивно избалансирана интерпретација ги доловија сите скриени пораки впишани во генијалната музика на Шенберг. Тоа беше своевидно „звучно пловење“, симфониска поема за две виолини, две виоли и две виолончела што треба да ја прикажат трансцеденцијата на љубовта меѓу жена и маж од нејзината најтемна страна до просветлување во една единстевена ноќ.

Следната точка, особено сугестивната композиција со интригантен наслов „Омен“ од современата македонска композиторка Валентина Велковска Трајановска, беше возбудлив и соодветен продолжеток на концертот. Програмската насока за ова дело создадено пред дваесеттина години во раното творештво на авторката, нè упатува кон „лајт мотив“ пронајден во сликата „Брод со робови“ од романтичниот англиски сликар Вилијам Тарнер. Тоа е приказ на „Омен“ претсмртен застрашувачки миг кога беспомошни луѓе, робови се фрлени во море да се удават. Очигледна е фасцинацијата на авторката Велковска-Трајановска од визуелната јачина на сликата што на силен начин ја преточува во автентичен „звучен концепт“. „Омен“, уметниците од оркестрот „Нов здив“ го пренесоа како градација од вибрата, тремола, глисанда низ трепетот на кларинет, виолина, виолончело, перкусии и сопран. Константно интензивирање на динамиката го исполни просторот со силна звучна вибрација и остави силен впечаток кај публиката. Неодминливо ќе забележиме дека пораката што ја носи „Омен“ на Валентина Велковска ја восприемаме како одблесок на состојбите со кои се соочува македонскиот народ во актуелниот миг, што сосем независно ни го потврди самата авторка. Покрај Бојан Илкоски на виолина и Паскал Краповски на виолончело, експресивниот приказ на „Омен“ беше дополнет со одличните Игор Бакревски на кларинет, сопранистката Гонца Богоромова Карповски и Атанас Алексов на ударни инструменти.

Концертното патување „Нов здив“ го заокружија со клавирскиот квинтет од австрискиот композитор Антон Веберн и самиот изданок на Шенберговата виенска школа. Ова дело создадено во 1907, во раното творештво на авторот, од една страна е своевиден омаж на великот Брамс и круната во камерниот опус, пијано-квинтетот во еф-мол. Од друга страна, со поставувањето на еден богато проширен, хроматски Це-дур и постојаната тенденција за оддалечување од тоналноста, во стилот на младиот Веберн е зацртана насоката на неговиот ментор и патот кој ќе ги отвори музичките текови во подоцнежните авангардни композиторски насоки во дваесеттиот век. Оваа композиција со комплексна структура им овозможи на уметниците од оркестарот „Нов здив“  да го прикажат солистичкиот потенцијал во индивидуалните мелодиски линии, но и синхронизиран склад во секвенците „тути“. Покрај споменатите уметници во гудачката секција, во квинтетот од Веберн музицира и пијанистката Маријана Николовска. Особено е важно да се нагласи улогата на диригентот Паскал Галоа, неспорно базичен чинител на ансамблот, кој со видлива посветеност и пиетет ги обединува музичарите во една складна звучна целина и едноставно го извлекува сиот креативен и уметнички потенцијал од нив.

Во наполно еквивалентна вибрација го надоврзуваме коментарот за концертната вечер на камерниот оркестар „Профундис“. На програмата – две драматуршки провокативни дела: Камерната симфонија оп. 110/а во це-мол, од Дмитри Шостакович и праизведба на двојниот концерт „Табула раса“ од современиот естонски композитор Арво Перт.  

Камерната симфонија, инаку мајсторска адаптација (аранжирана гудачки оркестар од рускиот диригент, виолист и добар познавач и аранжер на творештвото на Шостакович, Рудолф Баршаи) на гудачкиот квартет бр. 8, е едно од најмоќните музички дела воопшто напишани во дваесеттиот век. Таа во себе ја сублимира сета контраверзност што ја носи уметничката појава на Дмитри Шостакович: опсесивниот персоналитет (присуството на „де-ес-це-ха“ мотивот) емоционалниот одговор на последиците од фашизмот и војната, жртвите на Холокаустот, но и неговите лични страдања од Сталинистичкиот тоталитаризам и терор. Вистинско доживување беше да се слушнат таговното Largo, демонскиот танц на смртта во Allegro molto, саркастичниот валс во Allegretto, застрашувачките акорди во четвртиот став и оплакувачката фуга во финалето во изведба на оркестарот „Профундис“. Нашата анализа на изведбата post factum, ќе ни покаже дека заслугите за успешната реинкарнацијата на музичкиот дух на Шостакович подеднакво им припаѓаат на одличните музичари во „Профундис“ – концертмајстори и водачи на групи од најзначајните оркестри во Македонија, но и на енергичната и темпераментна Ѓурѓица Дашиќ. Впечатокот беше дека целиот анасмбл длабоко навлегол во сите артикулациски, динамички и формотворни детали на партитурата, па публиката имаше прилика да го слушне делото во полн сјај.

Наспроти гротеската на Шостакович, „Профундис“ ни го откри и минималистичкиот свет на Арво Перт, најизведуваниот жив композитор на денешнината. Исклучително автентичен, Перт црпи порив во мистицизмот на средновековните грегоријански напеви и православната музичка стилистика создавајќи автохтон звук со што ги редефинира востановените поимања на музиката и техниките на компонирање, но не само тоа, туку тоа е уметност што поттикнува на филозофско пренасочување на приоритетите во животот на современиот човек. Точно делото „Табула раса“ (1977) за две виолини, препарирано пијано и гудачки оркестар што го слушнавме во мошне впечатлива изведба на Анна Кондратенко и Владимир Костов како солисти на виолина (и двајцата концерт-мајстори во македонската Филхармонија, (со поддршка на Климент Тодороски и самиот концерт-мајстор во НОБ и во „Профундис“), Петар Макариевски на препарирано пијано и оркестарот „Профундис“, како музички запис е всушност пресвртница и патоказ во историска смисла што Арво Перт го поставува, а творците на новото време го следат и го надградуваат во нови музички хоризонти.

Како дополнение на овој инспиративен концерт, на бис ја слушнавме Пучиниевата емотивна елегија „Хризантеми“ во спомен на диригентот Саша Николовски – Ѓумар.

Програмскиот содржински колаж на двата концерти беше вистински десерт за љубителите на разнородните музички правци од дваесеттиот и дваесет и првиот век. А присуството на двата камерни ансамбли „Нов здив“ и „Профундис“ со акламација го поздравуваме како наплив на нова енергија толку потребна на културната сцена во нашата земја.

Викица Костоска Пенева