Јунаците од 5+ Бенд и 5+Фамилија го исполнија гледалиштето на Долни Сарај

Најмладата публика на „Охридско лето“ вчеравечер пееше и се забавуваше на Долни Сарај со музичко-сценскиот перформанс „Немаме резервна планета“ на  5+ Бендот и  јунаците од 5+ Фамилија.

Овој настан во продукција на ОХО беше режиран од Сандра Ѓоргиева.

-По повод јубилејот на образовно – забавната платформа 5+, која цели 15 години успешно ги едуцира и забавува не само децата, туку и родителите, и тоа на македонски и на албански јазик, 5+ БЕНД и 5+ ФАМИЛИЈА подготвија ново музичко-сценско доживување, овојпат навраќајќи се на една од основните вредности на платформата, здравата и чиста животна средина и заштита на планетата Земја, велат од ОХО Продукција.

Јунаците од 5+ Бенд и 5+Фамилија го наполнија гледалиштето на Долни Сарај со најмладата публика која не ја криеше возбудата од средбата со омилените ликови во живо.

-Не ни очекувам да биде поинаку, туку секогаш очекувам  да има се побројна публика затоа што навистина целата продукција 5+ е еден многу голем бренд којшто станува се попрепознатлив и  со новите содржини и со новите концепти коишто се воведуваат, изјави актерот Зоран Љутков кој е дел од 5+ Фамилијата.

5+ Бенд и јунаците од 5+ Фамилија,  преку нивниот музичко-сценски перформанс „Немаме резервна планета“ со утврдена и проверена методологија на комбинирање едукација со игра, карактеристичен за 5+ и внимателно развиван низ долгогодишната работа со детската публика, на децата и нивните родители  им пренесоа неколку важни и итни пораки околу развивањето на свеста за здрава животна средина, човечкото влијание врз нејзиното зачувување и уништување, позитивни примери во борбата за климатските промени и потсетија дека немаме резервна планета и дека наша одговорност е, оваа во која постоиме да ја зачуваме.