Дипломатите со огромна благодарност до директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ

Традиционалните вечери на фестивалот „Охридско лето“ што досега се одржаа, Вечер на Европска унија, Српска вечер, Италијанска вечер и Француска вечер беа вистински празник за љубителите на културата.
Концертите одржани во рамките на овие вечери ги донесоа најдобрите уметници од нивните земји, а во редовите на публиката беа и дипломатите кои несебично ги поддржаа настаните и изразија огромна благодарност до директорката на фестивалот за нивната организација.
Отворајќи ја Српската вечер на „Охридско лето“, на која присуствуваше Н.Е. Амбасадорката на Србија во Република Северна Македонија, Невена Јовановиќ, министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ нагласи дека „Охридско лето“ е празник што ја слави културата.
-„Охридско лето“ е празник на културата. Чест и задоволство ми е да ве поздравам во името на Владата на Република Србија и министерството за надворешни работи. Посебно сакам да изразам благодараност до директорката Наташа Поповиќ и на сите за организацијата на Српската вечер на „Охридско лето“. Остануваме посветени на меѓусебната соработка, рече министерот Селаковиќ, најавувајќи го концертот на српскиот виолинист со светско реноме Стефан Миленковиќ кој настапи со ансамблот „Камерата Нови Сад“.
Делегацијата на ЕУ веќе шеснаесет години непрекинато го поддржува организирањето на настанот „Вечер на Европската Унија” во рамките на фестивалот „Охридско лето”. Вчерта на Европската унија беше неповторливо патување низ светот на класичната музика со чешките уметници од Дуо Ди Прага, Леош Цепицки и Иван Вокач.
-Многу ми е драго што сум на настанот Европска вечер во рамки на фестивалот „Охридско лето“ . Ова е долга традиција што ги собира на едно место уметниците од цела ЕУ заедно со македонската публика и македонските уметници, и уметниците од Западен Балкан. Драго ми е што заедно ќе ја прославиме културата во овој историски момент во врска со отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ. Мислам дека ова е доказ за тоа што може да се донесе и од ЕУ и од Северна Македонија од нашата заедница, какво што е членството во ЕУ. Голема благодарност до директорката на фестивалот „Охридско лето“ за организацијата на овој настан, изјави Н.Е. евроамбасадорот Гир.
Беспрекорната организација на концертите се покажа и на традиционалната Италијанска вечер каде во преполната со публика црква „Света Софија“ совршено одекнуваше извонредниот глас на италијанската сопранистка Дариа Масиеро и пијано звуците на Андреа Кампора.
-Како Амбасадор на Италија дозволете ми да ве уверам уште еднаш дека ќе продолжиме да ги зајакнуваме веќе одличните културни врски меѓу нашите две земји и во секое можно поле на културната соработка и поконкретно со прекрасниот УНЕСКО град Охрид, рече Н.Е. италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, изразувајќи огромна благодарност до директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ за организирањето на Италијанската вечер.
И Француската вечер беше возвишено естетско уживање и празник за љубителите на класичната музика преку импресивниот настап на квартетот „Агат“ од Франција.
-Би сакал да и заблагодарам на Госпоѓата Наташа Поповиќ, директорка на Фестивалот „Охридско лето“, која што предлага секоја година програма со многу голем квалитет, посебно со италијанската и француската вечер што ние ги поддржуваме и кои воедно претставуваат привилегирана можност да се откријат нови таленти на класичната музика од нашите две земји, кажа Н.Е. францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бoмгартнер.
До крајот на 62-то фестивалско издание, ќе се одржат и Американската и Шпанската вечер на „Охридско лето“ на кои ќе се обратат амбасадорите на овие земји во Република Северна Македонија.