Македонските уметници Ѓиновска-Илкова, Цуцковски и Светиева вечерва на „Охридско лето“

Македонските уметници Ѓиновска-Илкова, Цуцковски и Светиева вечерва на „Охридско лето“

Во црквата „Св. Софија“ вечерва со почеток во 21 часот ќе настапат сопранот Весна Ѓиновска -Илкова – сопран и тенорот Ѓорѓи Цуцковски во пијано придружба на Кристина Светиева.
Концертот е во рамки на музичката програма на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Весна Ѓиновска – Илкова дипломира на ФМУ во Скопје,во класата на проф. Милка Ефтимова, а магистeрските студии ги завршува во Белград во класа на проф.Радмила Бакочевиќ. Во нејзината богата оперска продукција, остварува над дваесет насловни улоги. Дебитира како Микаела во „Кармен“ со прославениот руски тенор Сергеј Дубровин во 1996 година, а меѓународното деби го има во Софија во улогата на Елизабета во „Дон Карло“, во рамки на меѓународниот натпревар „Борис Христов “, заедно со прославениот Никола Ѓузелев во 1998 година. Во 2014 г., со рецитал дебитира во Њујорк каде интерпретира дела од македонски автори. За достигнувања во оперската уметност, Весна Гиновска – Илкова е добитник на наградата „13 Ноември“, која ја доделува градот Скопје, „Златна маска“ во 2006 година како и „Златна лира“ на Здружението на музички уметници во 2009 година. Во 2014 година ја добива наградата „Виртуози“, а во 2019 година e добитничка на високата државна награда „Св. Климент Охридски“. Од 2006 година, Весна Гиновска-Илкова предава соло-пеење на ФМУ- Скопје.
Тенорот Ѓорѓи Цуцковски дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје „Cum Laude“ во класата на проф. Билјана Јовановска, а специјализира оперско пеење во Виена кај професор Оливера Миљаковиќ . Магистрира во 2019 година во класата на маестро Борис Трајанов на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во периодот од 2010 до 2014 година е претседател на управниот одбор на Националната опера и балет како и уметнички директор на истата во периодот од 2014-2018 и селектор на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ во 2018 година. Како првенец во НОБ е носител на главните тенорски улоги кои се на нејзиниот репертоар. Настапите го водат во многу земји во светот, а сцената ја дели со светски познатите ѕвезди Инва Мула, Даниела Деси, Цветалина Василева и др. На концертната сцена меѓу останатото е солист во Моцартовиот „Реквием“ и Бетовеновата „Деветта симфонија“. Цуцковски е солист-првенец на Националната опера и балет од 2007 година и професор на факултетот за Аудио – визуелна уметност – ЕСРА.
Кристина Светиева се истакнува како една од најталентираните македонски млади пијанистки и развива широка концертна дејност. Дипломира во 2006 год. (со „cum laude“) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Т. Светиев, а магистрира во 2008 год. (под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата двегодишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „ Schola Cantorum“ под менторство на проф. Жени Захариева. Во април 2014 год. докторира на Факултетот за музичка уметност – Скопје, под менторство на Проф. Жени Захариева. Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија.