„Охридско лето“  вечерва  го носи триото „Инсендио“ од Чешка

Чешкото трио „Инсендио“ вечерва ќе се претстави пред публиката на фестивалот „Охридско лето“. Концертот  на Каролина Франтишова – пијано, Филип Зајков – виолина и Вилем Петрас – виолончело ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Триото „Инсендио“ е основано во 2016 година во Прага.  Од формирањето до денес освојува низа награди на повеќе национални и меѓународни натпревари  за класична музика како што се:  „Џани Бергамо“ во Лугано, „Куп“ наградата во Кремона, наградата на натпреварот „Марчело Понтило“ во Фиренца,  награда на натпреварот „Бацевич“ во Лоѓ,  „Масимилијано Антонели“ во Латина  и на натпреварот „Бохуслав Мартину“ во Прага каде триото „Инсендио“ истовремено добија и специјална награда за најдобра интерпретација на дело од Мартину. Неодамна Триото „Инсендио“ се закити со втора награда на натпреварот за камерна музика „Јозеф Јоахим“ во Вајмар (прва награда не е доделена).

Триото е дел од Европската академија за камерна музика каде млади ансамбли добиваат можност да работат и да учат со исклучителни уметници и професори. Учествува и на бројни мајсторски курсеви меѓу кои и со Рајнер Шмит (квартет „Хаген“) и на два јавни мајсторски курсеви со Алфред Брендел посветени на клавирските трија на Шуберт во салата „Рудолфинум“ во Прага кои веќе се издадени на ДВД од издавачката куќа „Супрафон“.

Триото „Инсендио“  редовно учествува на Летната академија во Рајхенау организирана од Универзитетот за музика во Виена. На оваа академија се добитници на Виенската награда за класика, наградата „Бохуслав Мартину“, како и наградата доделена од Чешкото здружение за уметност и наука за најдобра изведба на современо дело од чешки композитор. Триото е добитник и на наградата за камерна музика на оваа академија, како и на наградата на публиката.