„Четврти август, денот кога започна „Охридско лето“, денот кога и се поклонуваме на оперската дива Ана Липша Тофовиќ, го славиме со огромна возбуда но и одговорност пред сѐ поради значењето и големината на оваа наша најголема музичко-сценска манифестација. Низ годините, тука, на фестивалската сцена настапиле најзвучните имиња од светот на музиката и театарот. Звуците на класичната музика во прекрасната Света Софија, грандиозните дела на неповторливиот Антички театар и квалитетните и атрактивни театарски претстави, се само доказ дека во древниот Охрид повеќе од половина век се негува музичката и театарска совршеност“.
Ова денеска го изјави директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ на прес-конференција посветена на концертот на Фламенко балетот „ЛУКСУРИА“, едно од најспектакуларните фламенко продукции во светот со што ќе се одбележи 62-от роденден на „Охридско лето“.
Таа додаде дека над 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари годинава, на 62-то фестивалско издание ја вознесуваат убавината на уметноста и создаваат магија во која уживаат бројни љубители на уметноста.
-За повеќето настани се бара и карта повеќе што за нас значи потврда дека сме на вистинскиот пат. Остануваме посветени и доследни на она што го трасирале генерации пред нас, на нивните напори „Охридско лето“ да биде најголемо, највредно и најзначајно, истакна Поповиќ.
Најавувајќи го вечерашниот роденденски концерт на Античкиот театар на Фламенко балетот „Луксуриа“ од Шпанија, амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Хозе Луис Лозано Гарсија по повод роденденот на „Охридско лето“ потсети дека овој фестивал е најпрестижниот меѓународен фестивал во Република Северна Македонија на кој откако е основан во 1961 година досега продефилираа реномирани уметници од целиот свет.
-Амбасадата на Шпанија во Скопје со години соработува со фестивалот со цел да ги претстави шпанските музички уметници на овој престижен фестивал и во неспоредливиот амбиент на Охрид, средина класифицирана од УНЕСКО како заедничко наследство на човештвото. Чест е за Амбасадата на Шпанија да биде дел на овој меѓународен фестивал. Благодарност до организаторите и градот Охрид и државните субјекти кои соработуваат, особено Претседателот на Републиката и Министерството за култура. Се надеваме дека овој концерт на фламенко, предложен од самата министерка за култура, ќе и се допадне на бараната публика на овој голем фестивал, изјави шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија.
Како што најавија на денешната роденденска прес-конференција селекторките на музичката и на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска и Сања Арсовска, досегашните концерти и театарски претстави на 62-то издание донесоа многу возбуда кај публиката токму заради нивниот квалитет.
-Досега имавме многу успешни концерти со прекрасни уметници кои гостуваа од целиот свет како и од нашата држава. Се радуваме на нивните успеси и на преполната сала каде што се одржуваат нашите концерти. По вечерашниот настап на Фламенко балетот „Луксурија“ нѐ очекуваат исто така успешни концерти. Се радувам кога се случувааат вакви успешни фестивалски денови и сметам дека овој фестивал е многу значаен за нашата држава како една културна традиција која ќе продолжи со ист ваков успех и интензитет, истакна селекторката Чадловска.
Селекторката на драмската програма, Сања Арсовска честитајќи му го роденденот на „Охридско лето“, подвлече дека фестивалот е пристаниште за најквалитетните театарски креации.
-Благодарение на „Охридско лето“, Охрид изминативе 20-тина дена беше пристаниште на најдоброто од дома, на најквалитетните театарски претстави, на микс на драмски стилови и сценски јазици, наративи со коишто покажавме дека театарската уметност дише значајно, силно и здраво. До крајот на ова фестивалско издание ни остануваат уште четири театарски претстави коишто ќе се закотват на нашето театарско пристаниште. Би сакала да му го честитам 62-от роденден на „Охридско лето“ и да посакам да продолжи да сјаје најсветло помеѓу меѓународните фестивали од ваков тип, додаде селекторката Арсовска.
Честа да го одбележи роденденот на „Охридско лето“ ја има Фламенко балетот „Луксуриа“ од Барселона, Шпанија кој ќе настапи вечерва на Античкиот театар од 21 часот.
Хаиме Транкосо од менаџментот на Фламенко агенцијата се заблагодари за организацијата на вечерашниот настап, на директорката Наташа Поповиќ и на амбасадата на Кралството Шпанија.
-Привилегија е да се настапува на 62-годишнината на фестивалот, а исто така за нас е важно што овој перформанс го подготвувавме уште пред пандемијата и дојде време кога ќе го прикажеме на сцена, рече Транкосо.
Главните танчери вечерва ќе бидат Давид Гутјерез и Паула Рејес.
-Првите импресии се волшебни. Воодушевени сме од Охрид, но и од климата бидејќи Шпанија во моментов се соочува со топлотен бран. Голема благодарност до организацијата на фестивалот и до Амбасадата на Кралството Шпанија за да се реализира проектот. Ги поканувам луѓето во Охрид да дојдат и да уживаат во вечерашната претстава која меѓународно е многу добро прифатена. Она што ќе можат да видат вечер е изведба на класично фламенко со модерни примеси, најави Гутјерез.
-За нас е значаен вечерашниот концерт бидејќи настапуваме пред нова публика и на нова сцена, додаде Рејес.