Квинтетот „Виенска камерна симфонија“ остави силен впечаток кај публиката со својот концерт што го одржа вчеравечер на „Охридско лето“.
Талентираните млади музичари кои живеат и работат во австриската престолнина Виена создадоа прекрасен амбиент во катедралната црква „Света Софија“ изведувајќи дела од класичниот репертоар.
На фестивалот „Охридско лето“, виолинистките Лаура Лози и Естеле Вебер, виолистот Џорџија Венецијано, виолончелистот Серџо Мастро и контрабасот Дамиан Посе, уште еднаш ја потврдија својата уникатност во музицирањето со која ги освојуваат европските и светските сцени.
-Првпат настапуваме на фестивалот, но се надевам нема да биде и последен. Се вљубивме во убавината на црквата, во нејзината акустичност и насликаните фреските. Познаваме многу уметници кои настапиле на фестивалот во оваа прекрасна црква и токму затоа нашиот настап овде за нас претставува голема чест. За публиката свиревме нешто специјално, во првиот дел од концертот го донесовме првиот став од Симфонијата број 4 на Густав Малер, потоа ја почестивме публиката со композиција од Ерик Волфганг Корнголд, а по паузата го изведовме Гудачкиот квинтет во G-dur од Антонин Дворжак, изјави виолончелистот во овој камерен ансамбл, Серџо Мастро.
Квинтетот „Виенска камерна симфонија“ е формиран во 2006 година и има широк репертоар на класични дела почнувајќи од 19-от век, па сè до современи дела. Исто така, тие изведуваат и дела од композитори кои неправедно се запоставени или заборавени.
Најчесто настапуваат во формација на квинтет, притоа, следејќи ги традиционалните елементи на изведба во камерен оркестар, со симфониски концепт. Освен што го развиваат симфонискиот/оперски пристап кон камерната музика, тие се стремат и кон создавање нови верзии на дела наменети за гудачки квинтет.