Валентина Лисица- пијанистка со впечатлива интерпретација и страсен темперамент

Валентина Лисица- пијанистка со впечатлива интерпретација и страсен темперамент

Впечатлива интерпретација на дела од класичната музика имаше вчеравечер украинско-американската пијанистка Валентина Лисица која одржа концерт во црквата „Света Софија“  како дел од фестивалскиот репертоар на 62.„Охридско лето“.

Валентина Лисица многумина ја сметаат за првата Jутјуб ѕвезда на класичната музика, но таа е повеќе од тоа. Таа е првиот класичен уметник кој успеал својот интернет успех да го претвори во глобална концертна кариера во некои од водечките концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка и Азија.

-Ова е прекрасно место за концерт, навистина преубава црква. Сите мозаици, фрески навистина се извонредни. Акустиката на црквата ме остави без зборови исто како и самата нејзина старост и историјата зад неа. Ме изненади  и тоа што публиката беше премногу сконцентрирана и тивка, го забележав тоа на паузите помеѓу делата. Започнав со композицијата на Равел, Gaspard de la nuit која звучеше  многу импресионистички, како да сликаш со ноти. Потоа ја свирев втората соната на Рахмањинов, ја свирев покомплицираната верзија со повеќе ноти која е поинтересна. Потоа по паузата целата половина од концертот ја посветив на Шопен ги свирев Чатирите скерца и Фантазија оп.44. За бис ги отсвирив Раната полонеза од Шопен, Унгарските танци од Брамс и  Унгарската рапсодија бр 2 од Лист. Програмата беше половина од мојот вообичаен репертоар, половина специјално за фестивалот бидејќи некои дела се тешки и се наменети главно за проучување, а бидејќи ова е летен фестивал вметнав и повесели и разиграни дела, изјави уметницата Валентина Лисица.

За вчерашниот концерт кој траеше повеќе од два часа, за виртуозноста врз пијаното, за изразената индивидуалност и за нејзиниот страсен темперамент, пијанистката Лисица беше наградена со стоечки аплаузи и повеќе бисеви.