Квартетот „Стенхамар“  вечерва за публиката на „Охридско лето“

Квартетот „Стенхамар“  вечерва за публиката на „Охридско лето“

Шведскиот квартет „Стенхамар“ вечерва е на класичниот репертоар на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“.Членовите на овој состав, виолинистите Петер Олафсон и Пер Оман, Тони Бауер на виола и Матс Олофсон на виолочело ќе концертираат во црквата „Света Софија“ од 21 часот.

Основан во 1995 година, квартетот „Стенхамар“ низ годините се профилира како еден од најинтересните и многу респектирани квартети во Скандинавија. Нивното енергично, а истовремено технички рафинирано музицирање придонесува тие редовно да бидат присутни на фестивали за камерна музика не само во Шведска, туку и во Англија, Полска, Германија, Данска,  Финска, Алжир, Индија и Јапонија.

Нивниот репертоар во голема мера се фокусира на делата на Стенхамар и на дела од шведски композитори, но тие не ги занемаруваат делата од други, значајни композитори кои твореле за ваков состав, ставајќи посебен акцент на современата музика. Досега имаат нарачано и премиерно изведено повеќе од 30 дела од современи композитори.

Во 2021 квартетот дебитира во „Бетовен хаус“ во Бон и на фестивалот во Оксфорд. Од 2017 тие имаат уметничка резиденција на Универзитетот во градот Оребро.