Фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер за публиката ја донесе балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ изведена од Националната Опера и балет на Република Северна Македонија.
Во извонредниот амбиент на Долни Сарај, балетот во девет слики зборуваше за петте жени, петте куртизани кои го одбележале бурниот живот на големиот уметник Пабло Пикасо, за нивниот живот и потрага по љубовта, смртта и слободата.
Кореографката и режисерка на оваа балетска претстава Олга Панго вели дека балетот е работен од домашна екипа околу три месеци, но секаде каде што е изведен, наидува на позитивни критики.
-„Госпоѓиците од Авињон“ се демистификација на истоимената слика од уметникот Пабло Пикасо која ја направивме заедно со Сашо Димоски, либертист на оваа претстава и Калиопи Букле, автор на музиката. Претставата е работена во еден неокласичен манир својствен за нашата трупа, и играчите доволно добро го познаваат. Имавме навистина многу предизвици со оваа балетска претстава шетајќи ја низ регионот и секаде наидовме на позитивни критики, вели режисерката и кореограф Олга Панго.
Публиката вчеравечер уживаше во маестралната балетска игра на Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лoчеи, Агим Бафтии и Ендру Кук.