Префинет уметнички израз на полските уметници Емануел и Емилија Салвадор

Традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“ се одржа вчеравечер под сводовите на црквата „Света Софија“ со целовечерен концерт за виолина и виола на уметниците Емануел Салвадор(виолина) и Емилија Гох Салвадор(виола).

Амбасадорот на Полска во Република Северна Македонија, Кшиштоф Гжелчик кој пред два месеци стапи на оваа должност, изјави дека е големо задоволството да се промовира полската култура во нашата земја која е често посетувана од полските туристи.

-Како амбасадор на Полска пристигнав пред два месеци во земјава. Присуствував на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“  и можев да забележам дека овој фестивал е многу ценет.  Честа е голема што ја имаме Полската вечер организирана со помош на нашиот конзул во Охрид. Нашето задоволство што ја промовираме полската култура е големо, но истовремено и многу важно.  Културата е најдобриот начин  да се искаже блискоста помеѓу двата народа, македонскиот и полскиот. Исто така, знам дека многу полски туристи доаѓаат во Охрид, а дел од нив вечерва ќе бидат и во публиката на концертот, рече полскиот амбасадор Гжелчик.

Виолинистот Емануел Салвадор и виолистката Емилија Гох Салвадорна на публиката ѝ ја доловија својата музичка префинетост и виртуозитет врз инструментите, интерпретирајќи композиции од Бах, Моцарт, Халворсен, Сибелиус, Фухс и Барток.

-Свиревме на извонредно место со извонредна акустика. Едноставно совршена црква за концертирање. Бидејќи имавме виолина и виола, самата акустика придонесе за подобар амбиент за публиката, но и ние се чувствувавме удобно свирејќи на концертот. Првпат сме во Охрид и сме изненадени, каде и да погледнеме, насекаде е убавина, ги пренесе своите впечатоци виолинистот Емануел Салвадор.  

Години наназад, „Охридско лето“ заедно со Почесниот конзулат на Република Полска во Охрид организираат Полска вечер во рамки на фестивалската програма, со настапи и концерти на реномирани уметници и музичари од Полска.

Во фестивалската историја ќе остане запишан концертот со еден од најславните композитори на денешницата – Кшиштоф Пендерецки кој подоцна беше прогласен за музички настан на годината за 2013.