Истакнатиот српски виолинист и педагог Јован Богосављевиќ вчеравечер на „Охридско лето“ ја промовира својата композиција „Аргентинска фантазија“, напишана специјално за овој фестивал.
Богосављевиќ на подиумот во црквата „Света Софија“ настапи како солист заедно со виолинистката Марија Рајковиќ, под диригентската палка на маестра Милена Ињац и во придружба на оркестарот „Кончертанте“.
-„Охридско лето“ е еден од најзначајните фестивали во Европа и регионот и затоа е голема честа и заволството да се претставиме пред овдешната публика. Концептот со кој се претставивме е „Аргентинска фантазија“ која секако го вклучува и Астор Пјацола како еден од најпознатите аргентински композитори. Јас ја напишав композицијата „Аргентинска фантазија“ која токму овде на фестивалот „Охридско лето“ ја доживеа својата светска премиера, вели виолинистот Богосављевиќ.
Виолинистите Богосављевиќ и Рајковиќ на концертните подиуми настапуваат заедно петнаесеттина години а исто така го делат и приватниот живот. И двајцата се професори на Факултетот за уметности во Ниш.
-Со Јован соработуваме заедно околу 15 години на сцената, а го делиме и приватниот живот. Популацијата што го следи „Охридско лето“ од година во година е популација која во лето престојува во Охрид токму заради фестивалот. Тоа им е начин на живот, сакаат и во периодот за одмор да им бидат задоволени нивните музички вкусови. Посебно нè радува што овојпат доаѓаме со нашите студенти што за нив е големо изнанадување и искуство на чело со маестра Милена Ињац, вели виолинистката Рајковиќ.
Милена Ињац е диригент, редовен професор и декан на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш.Постојан диригент е на Нишкиот симфониски оркестар чиј уметнички раководител била во периодот од 1999-2003 година, и раководител е на окрестарот „Кончертанте“. Маестра Ињац е селектор и уметнички директор на Интернационалните хорски свечености во Ниш.
Камерниот оркестар „Кончертанте“ при Факултетот за уметности на Универзитетот во Ниш постои од основањето на оваа образовна установа и е репрезентативен ансамбл кој го сочинуваат најдобрите студенти на Факултетот за уметности во Ниш.