Поповиќ: 63.„Охридско лето“ во знакот на голема посетеност, задоволни уметници и бројни пофалби

Со традиционалната португалска фадо музика и прекрасниот вокал Жуана Амендоира вечерва на сцената „Долни Сарај“ од 21 часот  ќе биде одбележан 63-тиот роденден на фестивалот „Охридско лето“. Португалската уметница Жуана Амендоира ќе настапи во придружба на Педро Амендоира на португалска гитара и Жуао Фелипе на фадо гитара.

На денешната прес-конференција по повод роденденот на фестивалот, директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ потсети дека богатата историја на „Охридско лето“ е доказ за влогот на многу генерации и нивните напори да се исткае успешната приказна на врвната културна сцена.

-Со огромна почит, вечно ќе и благодариме на Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 година под сводовите на прекрасната Света Софија го означи раѓањето на најголемата културна манифестација во земјава и ни овозможи да ја славиме врвната уметност,  да и се радуваме на убавината и да создаваме трајни вредности. Нејзиното име ќе го слават и бројни генерации после нас, рече Поповиќ.

Осврнувајќи се на годинешното фестивалско издание, таа истакна дека уметноста што се создава на „Охридско лето“ има универзален јазик и се пренесува со бескрајна моќ и влијание.

-Годинешново издание изминува во знакот на истакнати домашни и светски уметници, исполнети гледалишта, задоволна публика и бројни пофалби како од стручната јавност така и од уметниците кои се дел од програмата. Посебно сум горда на поддршката која ја добиваме од Амбасадите во Република Северна Македонија. За првпат,  фестивалската програма има поддршка од дури единаесет амбасади, Романија, САД, ЕУ, Србија, Грција, Полска, Шпанија, Словенија, Италија, Франција и Украина, додаде директорката Поповиќ.

Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска рече дека 63-тото фестивалско издание е едно од најуспешните со квалитетните настапи на светски познатите музички уметници, како и со младите уметници кои се на прагот од создавање успешна кариера.

– Особено сме горди што оваа година успеавме во Охрид да пречекаме големи имиња од светот на класичната музика, почнувајќи од свеченото отворање, каде имавме можност да ја слушнеме големата оперска дива Анџела Георгиу. По отворањето, на сцените на кои се одржува фестивалот, секојдневно сме сведоци на концерти преполни со публика, чиј одзив и реакции нè прават нас како организатори презадоволни од работата што сме ја сработиле. Да се потсетиме на неколку од нив, виолинистот Немања Радуловиќ со оркестарот Double Sense, џез триото на Френк Дупре, Нишкиот симфониски оркестар, оркестарот „Кончертанте“, камерниот ансамбл La Spagna, пијанистот Дино Имери, кларинетистот Пабло Бараган и пијанистката Елоис Бела Кон, виолинистот Роман Симовиќ, квартетот „Шуман“, виолинистката Ирина Мурешану и оркестарот на институтот Fames, пијано трио со концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо, камерниот ансамбл „Камерата академика“, тенорот Џани Лечезе и пијанистот Екланд Хаса, пијано дуото Дезомбре-Леклер, сите овие се дел од годинешното издание на „Охридско лето“. Особено сум среќна што од стручната музичка јавност во Македонија секојдневно добивам многу позитивни критики за годинешната програма, рече Чадловска.

Според драмската селекторка на фестивалот, Сања Арсовска, изминатите денови беа запечатени со исклучителна театарска возбуда и силни впечатоци.

-Посетителите беа сведоци на длабоко филозофската и шармантно одиграна од Стивен Фридмен “Бикот на Фаларис”. Историското и незаборавно театарско доживување беше можност еден од најголемите актери во историјата Џон Малкович да го распостели својот актерски потенцијал на Античкиот театар, во претставата Исповедите на серискиот убиец, кој во ликот на Џек Унтервегер лесно ги нижеше своите злосторства, мајсторски недозволувајќи да се скршне од психолошката вертикала на еден суров, изопачен ум. По неверојатниот спектакл со Џон Малкович, следеше претставата „Ана Каренина“ во режија на Дејан Пројковски, во која актерите силно нè послужија со своите болки, дилеми, борби и публиката си замина со парче од нивните животи застанато во грлото. Особено радува рекордниот интерес за претставите кои се причина и публиката да доаѓа во Охрид само за таа цел, што значи дека оваа година „Охридско лето“ понуди сериозна театарска програма и навистина ни е жал што на таков голем интерес, претставите имаат можност да се одиграт еднаш, кажа Арсовска, изразувајќи надеж дека трендот на рекордна посетеност ќе продолжи и во втората половина од фестивалот која ќе биде исполнета со извонредни театарски проекти.

На денешната прес-конференција по повод 63-от роденден на „Охридско лето“, директорката на оваа Национална установа, Наташа Поповиќ потсети дека фестивалот од 1994 година е дел од Европската Асоцијација на фестивали, финансиски поддржан од Министерството за култура, а под покровителство на претседателот на државата. Како најголема манифестација е помогната и од Општина Охрид, а огромна заслуга за успесите имаат и верните пријатели на фестивалот, спонзори и помагатели, љубители на уметноста и поддржувачи на културните вредности.