Шеесет и второто издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворено вечерва на Античкиот театар во 21 часот со четирите светски познати тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини. Италијанските уметници ќе настапат под диригентската палка на Лоренцо Бицари придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет на Република Северна Македонија.
„Охридско лето“ за отворено ќе го прогласи претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој е и покровител на фестивалот, а ќе се обрати и министерката за култура на РСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска. По традиција, свеченото отворање ќе биде проследено со интонирање на фестивалската химна, палење на фестивалскиот оган и богат огномет над охридското небо.
На годинешното 62-ро издание љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, девет театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Од денеска до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Предворје на црквата Света Софија, како и во самата Црква Света Софија и во Центарот за култура, ќе настапат над 1000 уметници од 25 земји ширум светот.
Најреномираната манифестација со интернационален предзнак „Охридско лето“ која е дел од Европската асоцијација на фестивали, се гради и надградува под покровителство на Претседателот, со финансиска поддршка од Владата на Република Северна Македонија и ресорното Министерство за култура, и со помош и поддршка од Општина Охрид, генералниот спонзор Македонски телеком, како и од бројни спонзори и помагатели.