Млади, но исклучително талентирани ученици од музичките училишта од повеќе земји годинава учествуваа на Меѓународниот семинар по барокна музика, виолина, виола и камерна музика што под раководство на професорите Емилио Перцан и Тамара Гулијева се одвиваше изминатите денови во Охрид.
Тие вчеравечер ги покажаа стекнатите вештини над своите музички инструменти на завршниот концерт што секоја година се одржува во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
-Годинава имаме 13 учесници, за првпат имаме учесници на семинарот од Перу, потоа учесници од факултетите за музичка уметност од Есен, Германија, од Грац и Виена, Австрија, од музичката академија и конзерваториумот во Љубљана, Словенија, од факултетот во Загреб и од средното училиште во Пула, Хрватска, како и учесници од Белград, Србија, појаснува македонскиот виолинист Емилио Перцан кој има активна педагошка и изведувачка кариера и чии студенти се добитници на повеќе од 150 меѓународни награди на музички натпревари.
Според Перцан, работењето со младите кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера е интензивно, но задоволството е големо, зашто се работи за исклучително добри и вредни луѓе кои сакаат да ги совладаат вештините над своите музички инструменти.
-Работата со овие млади таленти е интензивна. Ви доаѓаат вообичаено со многу тешки програми за кои се подготвуваат неколку месеци, но по интензивна работа од десет дена успеваат да ги подготват тие дела на високо ниво. Се разбира, тоа бара многу работа и од нивна, и од наша страна, додава Перцан.
Меѓународниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан постои од 2009 година. Првите три години се одржуваше во Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија продолжи да се одржува во Охрид. Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од голем број земји. Како дел од семинарот, традиционално се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.