Интервју со Сузана Вренцовска, директор на “Охридско лето”

” За мене, најважно да се гради брендот на институцијата. Слободно можам да најавам врвна уметност низ 40. фестивалски денови низ кои ќе преовладува класичната музика и театарот кои се главен белег на Фестивалот. Сцената Долни Сарај, за многу скоро време ќе добие сосема нов лик, а работиме и на тоа да се покрене иницијатива за изградба на концертна сала која навистина е потребна…”, вели меѓу другото Вренцовска, директорка на “Охридско лето”

На чело на Охридско лето сте од минатата година. На што работевте во изминатиот период за поголема афирмација и подобрување на фестивалот?

Да се биде на чело на врвна манифестација која повеќе од половина век е во центарот на светските уметнички достигнувања и собиралиште на најпознатите уметници и театарски куќи, и притоа да се сочуваат високите критериуми, значи макотрпна работа, многу труд, многу откажувања, но значи и огромна чест и привилегија. Смената на менаџерската позиција, како што знаете, се случи во самиот тек на минатогодишното фестивалско издание, но кога зад себе оставате успешно реализирана работа заборавате на сите потешкотии и на сите неправилности во работењето кои сте ги наследиле. Заедно со тимот, кој знае како треба да се работи професионално, се справуваме со сите предизвици. Изминатиов период реализиравме бројни активности се со цел да имаме уште едно незаборавно фестивалско издание. Го вративме прес центарот, ги санираме сите недостатоци на сцените каде што на кој се одвива програмата, работиме на подобрување на маркетинг стратегијата, имаме план да реализираме и повеќе настани во живо на интернет. Наша цел е фестивалот оваа година да ги сруши рекордите во посетеност. Богата програма, тенденција на доближување на културата до граѓаните, како и развој на културниот туризам преку промоција на културното наследство, е она што годинава ќе го препознаат љубителите на уметноста и нашата верна публика. За мене, како прв човек меѓу еднаквите во фестивалот, е најважно да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата.

Оваа најреномирана манифестација во земјава годинава доби помалку средства за својата реализација. Ќе значи ли ова и помалку гости или помалку познати имиња?

Годинешнава програма и покрај намалениот буџет ќе донесе нешто ново и свежо, едно необично и возбудливо издание. Секако дека ќе го задржиме квалитетот кој е препознатлив за фестивалот изминативе 57 години. Со оглед дека е најреномирана интернационална светски признаена манифестација мора да ги има на сцена и најдобрите уметници. Квалитетот зависи и од умешноста на самите селектори. Со самото тоа што Александар Поповски, еден од нашите најуспешни театарски и филмски режисери и проф м-р Васо Ристов од Факултетот за музичка уметност во Скопје, се двајца истакнати уметници и културни работници кои зад себе имаат богата домашна и меѓународна кариера, одговорно тврдам дека програмата ќе биде исклучително квалитетна. Имало години кога програмата се реализирала со приближно исти средства, а на сцената сме ги имале најголемите светски уметници како оперската легенда Дмитри Хворостовски во 2013, кој ќе остане запишан во фестивалската историја како еден од најголемите ѕвезди кои настапиле на сцената од Охридско лето. Сепак неспорен е фактот дека за вака врвен Фестивал кој е презентер на македонската култура и уметност треба да има повеќе средства и искрено верувам дека буџетот за следните изданија ќе биде далеку поголем.

Охридско лето е врвен настан, па и спонзорите се секогаш благонаклони во поддршката на врвната уметност. Каква е ситуацијата на овој план?

Што се однесува до годинешново 58 издание се потрудивме да обезбедиме повеќе средства од спонзорите кои изразија подготвеност за поддршка се со цел на фестивалот да видиме врвни музички имиња и квалитетни театарски креации од земјава и светот. Партнерството со повеќето од спонзорите трае долги години и е засновано на доверба, разбирање и почит, значајно за развојот на културата, но и можноста во нашата земја да настапат светски познати музички и театарски имиња. Горди сме исто така и на моментот што во кругот на пријателите има и нови, некои за прв пат, а кај некои сме ја вратиле довербата која претходно била разнишана. Секогаш потенцираме дека без нашите верни пријатели не би можеле да ја испишуваме успешната приказна низ фестивалската историја.

Со оглед дека подготовките за програмата за секое наредно издание започнуваат со месеци однапред, можете ли да ни откриете на што ќе биде ставен акцент годинава?

И годинава направивме многу и слободно можам да најавам врвна уметност низ 40. фестивалски денови низ кои ќе преовладува класичната музика и театарот кои се главен белег по кој Фестивалот е надалеку признаен и вреднуван. Самиот податок дека Охридско лето носи околу 1.000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот, над 30.000 посетители, љубители на уметноста, е доволен показател дека треба многу да сработиме за успешно фестивалско издание. Најважно од се ни е со квалитетната и атрактивна програма да се допре до што повеќе луѓе. Напоредно со ова сметаме дека треба да се подобруваат и просторните услови. Охридско лето знаете дека е летен фестивал и претежно се одвива на отворени сцени, но мора да се има предвид дека во случај на временски неприлики не постои алтернатива за голем настан како што е свеченото отворање на фестивалот. Токму затоа работиме и на тоа да се покрене иницијатива за изградба на концертна сала која навистина е потребна на еден град кој секогаш го носи епитетот- град на културата и уметноста.

Во поглед на активностите за уредување на сцените и подобање на условите, годинава се најавува и санација на сцената Долни Сарај?

Токму така. Сцената Долни Сарај, за многу скоро време ќе добие сосема нов лик. Со средства од Министерството за култура во висина од 1,4 милиони денари ќе се прават зафати на самата сцена како и на гледалиштето кои со текот на времето се прилично оштетени. Тоа е огромен зафат, но водејќи се од визијата дека Охридско лето го заслужува најдоброто, си дадовме задача да успееме во тоа. Ова е еден од најрепрезентативните и најубавите сцени во Охрид и навистина сме среќни што конечно со ваквите зафати ќе добиеме една современа сцена според сите светски стандарди. Претходно на оваа сцена беше поставена нова санитарна инсталација, нов енергетски систем, направени беа и комплетно нови гардероби за уметниците.

Секоја година фестивалот се искачува скалило погоре

Каква е годинава заинтересираноста на странските уметници за присуство на Охридско лето и дали веќе имате некои првични договори?

Морам да признам дека интересот за настап на фестивалот е огромен, секојдневно пристигнуваат многу апликации од светски познати уметници и токму тоа ни дава за право да најавиме поуспешно и поатрактивно издание од претходното. Наша мисија е да се надмине она што е постигнато и секоја година фестивалот да се искачува скалило погоре. Програмата веќе добива конечна рамка и за многу скоро време ќе биде промовирана во јавноста. Свеченото отворање на 12 јули, роденденот на 4 август и затворањето на 20 август, ќе бидат посебни настани кои убедена сум дека ќе предизвикаат воодушевување кај публиката. Врвни светски и домашни уметници ќе настапат и во црквата “Света Софија”, а посебно уживање ќе приредиме со високата театарска уметност. Свесни сме дека “Охридско лето” е препознатлив белег на македонскиот културен идентитет и настојуваме да го понудиме најдоброто од светската и домашната уметничка сцена..

(Д.Т)

 

https://vecer.press/%D0%B8%D0%BD%D1%82%D0%B5%D1%80%D0%B2%D1%98%D1%83-%D1%81%D0%BE-%D1%81%D1%83%D0%B7%D0%B0%D0%BD%D0%B0-%D0%B2%D1%80%D0%B5%D0%BD%D1%86%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B0-%D0%B4%D0%B8%D1%80%D0%B5%D0%BA%D1%82/