„Охридско лето“ свечено ќе се затвори на просторот од поранешната касарна

Театарската претстава „Ничија земја“ во изведба на Македонски народен театар што ќе го затвори годинешното 57-мо издание на фестивалот „Охридско лето“, наместо во предворјето на црквата „Света Софија“, ќе се одигра на просторот од некогашната воена касарна во Охрид.

Сцената е автентична со приказната во претставата бидејќи темата е војна. Самиот простор кај некогашнта касарна што и’ служел на армијата ќе даде дополнителна симболика на случувањата.

„Ничија земја“ е слика на апсурдот на балканските народи и нивните ирационални интеракции како во мирнодопски, така и во воени услови. Драмската ситуација-војна во која се развива оваа црна комедија е метафора на нашата перманентна духовна, но и фактичка состојба на „војна и омраза“ до „братските“ соседни народи, но и внатрешно меѓу луѓето.

Директорката на Националната установа „Охридско лето“ Сузана Вренцовска смета дека фестивалот треба да се отвора кон нови сцени зашто самиот град го нуди тоа.

– Ова е одлична можност да се отвори фестивалот „Охридско лето“ како сцена. Охрид е град каде што буквално секое катче, секој агол може да се претвори во сцена, вели Вренцовска.

Свеченото затворање на оваа најголема музичко-сценска манифестација во Македонија и во регионот ќе се случи на 20-ти август.