По вчерашното грандиозно отворање на фестивалот „Охридско лето“,вечерва во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток во 21 часот концерт ќе одржи холандското дуо Даниел Роланд-Маја Богдановиќ.
Холандско-англискиот виолинист Даниел Роланд предава на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Дваесет години беше водач на познатиот „Бродски“ квартет со кој настапуваше ширум светот и со кој оствари многу снимени изданија меѓу кои и познатиот циклус на дела од Шостакович. Во изминатите концертни сезони настапува со оркестри од Тромосо на северот на Норвешка до оркестрите во Кејптаун, а соработува со водечкидиригенти од целиот свет.
Во 2005 година, Роланд го основа Интернационалниот музички фестивал го основа Штифт во реонот Твенте во источна Холандија.
Српско-француската виолончелистка Маја Богдановиќ се вбројува во една од најдобрите виолончелисти на денешницата. Концертно настапува со Тонхале оркестарот во Цирих, со Филхармонијата во Токио, со Минхенскиот камерен оркестар, Белградската филхармонија, Берлинскиот симфониски оркестар и оркестарот на РТВ Словенија. Како камерен музичар, таа е чест гостин на фестивали за камерна музика ширум светот настапувајќи со исклучителни уметници како Марта Аргерич, Јуриј Башмет, Јулијан Рахлин, Нино Гветадзе, Немања Радуловиќ и Маријана Ширнијан. Во 2008 година, Богдановиќ ја започнува нејзината соработка со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки со настапите во Белградската, а потоа и со Словенечката филхармонија каде го изведува неговиот втор концерт за виолончело и оркестар под диригентската палка на самиот композитор.
Инаку, таа го стекнува нејзиното образование на Конзерваториумот за музика во Париз на кој дипломира и магистрира во класата на Мишел Штраус, а камерна музика посетува кај Пјер-Лорен Аимар и Итамар Голан. По студиите во Париз се усовршува во Берлин под водство на Јенс Петер Маинц, а посетува и мајсторски курсеви кај Бернард Гринхаус, Албан Герхард и Хајнрих Шиф.
Грандиозен гала балетски концерт „Големиот Чајковски“ приредија вчеравечер уметниците од Националната опера и балет на Република Северна Македонија, на отворањето на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
На сцената на Античкиот театар, балетските првенци, Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичиашвили и Бобан Ковачевски, како и солистите, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет приредија импресивен омаж за еден од најзначајните композитори од светската музичка ризница Петар Илич Чајковски. Тие ја изведоа балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“ , како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“, за што беа наградени од публиката со бурни и долготрајни овации.
По интонирањето на фестивалската химна и палењето на фестивалскиот оган, „Охридско лето“ за отворено го прогласи покровителот, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој рече дека парадоксот на убавината, која е олицетворена во уметноста и во културата, е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет, дури и кога ги прикажува најголемите страдања, насилството кон немоќните или грдите лица на луѓето.
-Автентичната уметност ни ја нуди надежта и како личен и како колективен феномен, нè поттикнува да ја бараме вистината и да ја прегрнеме добрината. Како критичар на сите апарати и системи на моќта, уметноста нѐ охрабрува да не се помируваме со злоупотребите и да не молчиме пред неправдите. Дури и кога е игнорирана или забранувана, уметноста си го пробива патот меѓу луѓето, меѓу народите, јазиците и културите, ширејќи го просторот за свет со почовечки лик. За да не потоне во очај, на светот му е неопходна убавината. Таа, заедно со вистината што ослободува и со добрината што облагородува, може да ги помири луѓето, може да ја намали нивната болка, да ги поврзе генерациите и да му даде нова надеж на човештвото. А тоа ни е повеќе од потребно во секојдневието исполнето со сиви тонови, истакна Претседателот Пендаровски.
Покровителот на фестивалот, Пендаровски, нагласи дека „Охридско лето“ како институција веќе 61 година дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет.
-Токму уметниците се вистинските чувари на убавината, и со тоа, и сведоци дека надежта за човештвото опстојува. Годинава, кога прославуваме 30 години од независноста на Република Северна Македонија, го започнуваме нашиот најпрестижен меѓународен фестивал „Охридско лето“ со 90 македонски уметници чии квалитети сигурно не се подолу од најпознатите светски имиња, рече Претседателот Пендаровски, прогласувајќи го фестивалот за отворен.
Обраќајќи се пред публиката, Министерката за култура на Република Северна Македонија, Ирена Стефоска, од сцената на Античкиот театар рече дека „Охридско лето“ е престижен настан кој веќе ја надмина фестивалската улога и стана македонски бренд кој трпеливо си го проби патот до светска препознатливост.
-Пандемијата која што го занеме светот, не го занеме нашето „Охридско лето“. Поставено на здрави темели, градено со љубов и негувано со почит-тоа не само што трае туку и ни го дава најдоброто од себе. Тоа е уметноста-лечителка на душата, рече Министерката Стефоска.
Според Министерката, ниту Охрид може без „Охридско лето“, ниту „Охридско лето“ може без Охрид зашто како што образложи, магијата е заемна исто како што е магичен и целиот регион.
-Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја сочуваме –не заради УНЕСКО, туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест. Во таа задача, ние како Влада, можеби навидум одиме бавно, но не сопираме. Како што не сопира ниту нашето „Охридско лето“. Зашто летата во Охрид почнуваат и завршувааат со „Охридско лето“. Сѐ пред тоа, и сѐ потоа, е само лето, додаде Министерката за култура Ирена Стефоска.
Пораката на „Охридско лето“ во името на сите уметници , годинава ја пренесе познатата балерина и кореографка Олга Панго која нагласи дека уметноста е човековиот постојан стремеж да креира за себе поинаков ред на реалност од оној кој му е даден.
– Честа да се стои вечерва пред сите вас во име на сите уметници е огромна, исто како и одговорноста која секој од нас ја носи со секое застанување на сцена, секое движење и секој доживеан аплауз. Ние ја дишеме и живееме музиката, го дишеме и живееме танцот. Нашата порака ќе ви ја пренесеме онака како што најдобро знаеме – од сцената, која последнава година и половина премногу ни недостасува. Уште поголема е возбудата токму поради фактот што годинава токму ние, македонските уметници ќе го отвориме фестивалот „Охридско лето“. Македонските културни институции мора да се поддржуваат меѓу себе и ние вечерва ќе го покажеме токму тоа, како треба да се работи во име на уметноста, рече Панго.
Годинешното 61-во издание кое вчеравечер беше најавено и со богат огномет над охридското небо, на Античкиот театар, во црквата „Света Софија“ и во нејзиното предворје, на сцената „Долни Сарај“ и во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе донесе 40 фестивалски вечери исполнети со квалитетна програма и врвни уметници.
Младите уметници Филип Петрески и Виктор Рафајловски вчеравечер одржаа концерт во црквата „Света Софија“. Настапот на хармоникашот Петрески и пијанистот Рафјловски беше во рамките на „Подиумот на млади“ на фестивалот „Охридско лето“.
-Првпат настапувам на „Охридско лето“. Огромна е честа да се свири тука и особено на ова место. Поканата ми дојде како вистинско изненадување. Како изведувач, отсекогаш сум сакал да настапам на фестивалот. Со оглед дека е еден од најголемите фестивали во земјава и пошироко, го сметав за недостижен, но со самото искуство со годините, сѐ се достигнува, изјави Филип Петрески кој изведе дела компонирани во 21 век, најчесто од руски автори.
Филип Петрески е роден во Прилеп, каде го завршува основното музичко образование. Продолжува да учи во во ДМБУЦ ,,Илија Николовски – Луј’’ Скопје во класата по хармоника на проф. м-р Зорица Каракутовска, во чија класа дипломирана ФМУ-Скопје со највисока оцена “cum laude”. Во текот на своето образование редовно учествува на бројни концерти и фестивали во Македонија и во странство, како солист и член во разни камерни состави. Учествува во меѓународниот проект “WORLD ACCORDION DAY” (6-ти мај Светски ден на хармониката), а остварува настапи на концерти организирани од Музичка младина на Македонија, Фестивалот “Златна Лира”, Фестивал на млади хармоникаши и други. Филип Петрески е добитник на голем број награди и признанија на државни и меѓународни натпревари, од кои последната е неодамна, во јуни 2021г. – Златен медал во Италија на 12-иот интернационален натпревар за хармоника “ITALY AWARD”.
Неговиот колега, пијанистот Виктор Рафајловски кој изведе дела од Лудвиг ван Бетовен и Франц Лист. Иако е млад, тој се смета за еден од најталентираните македонски пијанисти кој совладува мошне сложени програми на својот инструмент.
Рафајловски учи пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј’’ во класата на проф. Катерина Ќетковиќ-Фидановска. Учествува на бројни натпревари на кои е носител на награди и признанија. Први награди освојува на Државните натпревари во 2010, 2012- 2015, 2017, а во 2019 и 2021 год. освојува специјални први награди. Како учесник на Меѓународни натпревари надвор од земјата победува во Аранѓеловац (2011), Врање (2011), ,,Даворин Јенко” – Белград (2014, 2020 – втора награда), на натпреварот „San Donna di Piave“ – Италија (2015), во Шабац (2016). Покрај тоа носител е на награди и на меѓународниот натпревар на млади пијанисти – Гевгелија (2011, 2019), ЕMCY– Скопје (2015), меѓународен натпревар „Полихимнија“ – Скопје (2017, 2018), ,,Охрид те сакам’’ (2018). На натпреварот „Охридски бисери“ 2012 освојува прва специјална награда, во 2018 втора награда, а во 2020 освојува прва специјална награда во својата категорија. Во 2020 год. Виктор Рафајловски учествува на повеќе реномирани меѓународни натпревари во Македонија на кои остварува високи резултати. На меѓународниот натпревар “Пијанофест – Битола“ освојува прва награда и е прогласен за Најдобар македонски пијанист. На меѓународниот натпреварот „Охрид те сакам“ освојува прва специјална награда во неговата категорија и втора награда на целокупниот натпревар. Учествува и на меѓународниот натпревар „Полихимнија“ – Скопје во 2020 год, каде освојува прва награда и е прогласен за Лауреат на натпреварот, при што учествува и на Мастер класот на Маестро Симон Трпчески, организиран од Фестивалот „Полихимнија“. Во јуни 2021 год. настапува како солист заедно со Македонската филхармонија на концертот ,,Младите доаѓаат’’, под диригентската палка на Маестро Сашо Татарчевски.
Завесата на годинешното 61-во издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде крената вечерва на Античкиот театар во Охрид со почеток во 21 часот со спектаклот „Големиот Чајковски“ во изведба на Националната опера и балет на Република Северна Македонија.
Публиката ќе ужива во најубавите дела од рускиот композитор Петар Илич Чајковски, балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“ , како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.
Грандиозниот проект на сцената на Античкиот театар ќе донесе над 90 уметници. Под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, ќе настапат балетските првенци Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичиашвили и Бобан Ковачевски, како и солистите, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет.
Од Националната установа „Охридско лето“ велат дека сѐ е подготвено за успешен почеток на уште едно фестивалско издание исполнето со 40-дневна квалитетна програма што ќе ја доловат врвни имиња од светот на уметноста.
-Годинава на фестивалот ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји. Горди сме, но истовремено чувствуваме и одговорност што ќе реализираме уште едно издание во услови на пандемија кога е неопходно да ги спроведуваме сите здравствени протоколи издадени од надлежните. Што се однесува до програмата, ќе понудиме возбудлив репертоар со квалитетни уметници и адаптирани сцени на кои ќе се испишува уште една успешна приказна во долгогодишната фестивалска историја , вели директорката на НУ „Охридско лето“ , Наташа Поповиќ.
Најголемата музичко-сценска манифестација во земјава, „Охридско лето“, се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, а со поддршка на Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија. Генерален спонзор е Македонски телеком, а фестивалот е помогнат и од Општина Охрид, како и од бројни спонзори и помагатели. Заради реномето што го има изградено во текот на изминатите шест децении, „Охридско лето“ е и дел од Европската асоцијација на фестивали.
Во црквата „Света Софија“ синоќа се одржа концерт во рамките на проектот „Подиум на млади“ на „Охридско лето“.Пред фестивалската публика настапија младите уметници, обоистот Андреј Петрески од Република Северна Македонија и пијанистот Александар Хаџиевски од Република Србија.
Двајцата настапуваат првпат на фестивалот изведувајќи ги Сонатата за обоа и пијано од Франсис Пуланк и Концертната пиеса за обоа од германскиот композитор Риец.
-„Охридско лето “ е голема промоција за младите музичари. Тие не добивааат многу можности да свират, но „Охридско лето“ го прави тоа, да настапувааат и како солисти и како камерни музичари, рече обоистот Петрески.
И пијанистот Хаџиевски кој има и македонско потекло, отсекогаш сонувал да концертира на престижниот фестивал во Охрид, а особено откако го проследил концертот на „Охридско лето“ на големиот руски пијанист Николај Лугански.
– Мојот татко потекнува од струшкиот крај и уште како дете доаѓав овде и сонував дека еден ден ќе настапам и јас на фестивалот. Бев пресреќен кога ја добив поканата да учествувам бев пресреќен, вели Хаџиевски.
Андреј Петрески е роден 1997 во Скопје, С. Македонија каде го завршува своето нижо и средно музичко образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј” во класата на проф. Надица Ристиќ. Во текот на образованието учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари на кои се стекнува со многубројни награди. Исто така е дел од повеќе проекти, еден од нив е: „Младинскиот супер оркестар” со кој настапува во Љубљана, Белград и Скопје каде учествуваат млади музичари од истите градови.
Во 2015 година се запишува на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во класата на проф. Гордана Јосифова – Неделковска. Дел е од дувачкиот квинтет при ФМУ со кој остваруваат значајни настапи како и целовечерни концерти. Има настапи со камерениот оркестар „Саша Николовски – Ѓумар” при музичката младина на Македонија. Соработува со Македонската Опера и Балет, Црногорски симфониски оркестар како и Македонска филхармонија. По неговото дипломирање на ФМУ во 2019 има соработка со Сараевската Филхармонија во Босна и Херцеговина, каде од 2020 година официјално ја има позицијата прва обоа.
Александар Хаџиевски е српски пијанист и композитор роден во Белград во 1998 година. Основното и средно образование ги завршува во музичкото училиште „Јосип Славенски“ во Белград во класата на проф. Милена Јосифовиќ, а за време на школувањето е добитник на повеќе награди меѓу кои и втора награда на Државниот натпревар во Србија. Учествува на бројни мајсторски курсеви, а дел е од хуманитарниот проект „Музика за мир“. Пред да замине да се школува во странство, Александар е поканет да учествува на натпреварот „Џорџ Гершвин“ во Њујорк каде освојува трето место во категоријата за млади уметници. Како резултат на оваа награда, настапува со рецитали во САД, а дебитира на Академијата за наука и уметности во Белград во 2019 година. Александар во периодот 2018-2020 студира пијано и интерпретација на Менхетен школата за музика во класата на проф. Нина Светланова, а во моментот е запишан на трета година студии на Школата за музика „Манес“ исто така во Њујорк во класата на проф. Владимир Ваљаревиќ.
Вечерва „Подиумот на млади“ на „Охридско лето“ од 20 часот во црквата „Света Софија“ ќе донесе концерт на хармоникашот Филип Петрески и пијанистот Виктор Рафајловски.
Националната опера и Балет на Република Северна Македонија свечено ќе го отвори 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид со проектот „Големиот Чајковски“.
Спектакуларниот проект ќе ја донесе балетската трилогија со најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски, „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.
На сцената на Античкиот театар ќе излезат над 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска.
Најавувајќи ја годинешната фестивалска програма, директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, рече дека годинава, и покрај тоа што сѐ уште трае здравствената криза, фестивалот ќе се одржува во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август.
…
Грандиозниот проект „Големиот Чајковски“ ќе го отвори годинешното 61-во „Охридско лето“Read More »
Денеска светот на врвната уметност го одбележува Денот на пијаното. Безграничната моќ и убавината на звуците на овој инструмент ја потврдуваат уникатната експресија на креативниот дух.
Пијаното е еден од најпрепознатливите и најпопуларните инструменти во светот поради својата повеќенаменска природа во сферите на свирењето и компонирањето. Создава атрактивно уметничко доживување за љубителите на врвната уметност.
Денот на пијаното е настан што се одржува еднаш годишно, на 88-от ден во годината, затоа што тоа е бројот на клавишите на пијаното.
„Ден на пијаното е потребен од повеќе причини. Но, најмногу поради радоста што ја носи прославата за пијаното, како еден од најпопуларните и најомилените инструменти, вклучувајќи ги изведувачите, композиторите и како најбитни, слушателите“, напишал Нил Фрам, еден од иницијаторите на идејата.
Славењето на пијаното е еден од најзначајните празници на уметноста која ја спојува радоста и убавината на концертните изведби.
Врвни пијанисти од светската уметничка сцена и како и наши славни пијанисти настапиле на сцената на Охридско лето изминативе 60 години. Возвишени пијано концерти секоја година ја испишуваат фестивалската приказна на најзначајната манифестација кај нас.
Охридско лето се приклучи на националната кампања „Ги запознаеме ретките болести“ која веќе трета година е во организација на Здружението за лица со ретки болести „Живот со предизвици“.
Во знак на поддршка на пациентите со ретки болести од синоќа сцената на Долни Сарај блесна во заштитните бои на кампањата, зелена, розева и сина.
„Со осветлување на сцената на Долни Сарај, како едно од најважните обележја на Охрид ќе дадеме мал допринос во оваа благородна идеја да се продолжи континуитетот на запознавање на општата популација со ретките болести како и да се даде поддршка на лицата кои се борат со ретките дијагнози. Ретки се но не се сами. Заедно сме посилни и можеме да направиме многу повеќе. Уметноста обединува, не прави посилни и токму затоа како најзначајна музичко-сценска манифестација сме горди што можеме да бидеме дел од еден вака значаен проект“, вели директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Долни Сарај ќе биде осветлен во боите на ретките болести се до крајот на февруари до кога и трае националната кампања за запознавање на ретките заболувања.
Како дел од активностите за осветлување на знаменитости и културно историски споменици претходно во боите на ретките светнаа Самуиловата тврдина, Подрачното одделение на Државниот архив и водите на Охридското Езеро.
Со огромно жалење Охридско лето изразува сочувство до фамилијата, пријателите, колегите…
Искрено жалиме што заминува уште еден голем голем човек кој со своите дела остави неизбришливи траги во историјата на македонската културна сцена.
Посветен и вљубен во се она што го правеше за културата, за театарот, за филмот, професионалец но и голем човек, остави зад себе вредни дела издигнувајќи ја уметноста како на домашната така и на светската сцена. Дела кои ќе останат во вечната светлина на безвременоста.
Беше пример за вреден, професионален, пожртвуван и способен. Културната и македонската јавност ќе го памети по добрите дела затоа што само тие остануваат како вреден спомен на големите луѓе кои прерано заминуваат.
Огромна и вечна ќе биде благодарноста за неговиот придонес во развојот на македонската културна афирмација. Токму тоа ќе остане како сведоштво за неговата големина.
Чувствуваме гордост и чест што бевме пријатели со личност ценет меѓу сите нас, доверлив а пред се добронамерен како за оние од светот на уметноста така и за сите останати.
На сцената на Охридско лето создаде совршен остров за одмор на душата преку проектот „Парче душа“ што го изведе во рамки на фестивалската програма.
Во сеќавање на бројни љубители на уметноста ќе остане прекрасниот амбиент во предворјето на црквата „Света Софија“ каде актерот и носител на проектот Тодоровски-Упа заедно со неговите пријатели и соработници, актерите Гордана Ендроска и Симеон Дамевски, Симон Трпчески како и кавалџијата Сашо Митев, поттикнаа чувства, спокојство, мир, и ја оддалечија за миг од секојдневните грижи. Како поддржувач и вљубеник на делото на Блаже Конески секогаш говореше дека тој е еден од ретките кои допреле до корените на чувствата и му помага на човекот да дојде до многу едноставни, а сепак, големи сознанија.
„Јас и моите пријатели му оддадовме почит на великанот наш и темелот наш, Блаже Конески, за којшто јас, упорно, дваесеттина години го говорам односно го рецитирам овој проект како сценски приказ. И не случајно е даден назив „Парче душа“, јасно е зошто е парче душа. „Охридско лето“ е на висина на задачата, па првпат од нашата македонска независност, официјално или службено е прифатено рецитирањето на еден национален фестивал“, рече по настанот Тодоровски –Упа.
Беше голем човек токму поради неговите убедувања кои често потврдуваа дека единствено преку едноставноста може да се приближи поезијата до луѓето и како што појаснуваше, токму Блаже Конески е поет на мудроста, на големиот и убав македонски збор, и пред се’, на едноставноста.
„Секогаш кога не ќе сум можел да се изразам себе си – сум го говорел него. Го мислам и ќе го имам до – секогаш. Како дел од мене. Затоа што како и секој гениј, неговото дело го доживуваме како да се однесува за нас лично. Зашто тој спаѓа во ретките благословени од боговите кои ги допреле корените на чувствата, ги сфатиле длабочините на душата и кои ни помагаат да дојдеме до толку едноставни а големи сознанија, затоа што ни предочуваат прекрасните созерцанија на животот и човекот. Пред се’, нашиот, македонскиот човек. Затоа е Блаже и сечовечки – оти е најпрво свој, наш“, истакнуваше актерот Упа.
Љупчо Тодоровски –Упа покрај со актерство, се занимаваше и со театарска режија, филмска и ТВ продукција и пишување сценарија. Глумел на осум јазици во над 30 филмови и ТВ серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и безброј разни други сценски настапи. Воден од творечкиот немир на двапати по десетина години работеше во Белград и Љубљана. Сѐ до денес успеа да опстане како слободен уметник и да го задржи привидот на поголема лична и творечка слобода.
Нека му е вечна слава, неговиот спомен засекогаш ќе остане во фестивалската историја на Охридско лето !