Фестивалот „Охридско лето“  вечерва ќе организира концерт за кларинет и пијано. Во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе настапат македонските уметници, кларинетистот Стојан Димов и пијанистот Дино Имери.

Стојан Димов основно и средно образование завршува во Велес и во Скопје, а во периодот од 1975-1981 година студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје (проф. Иван Кочаров) и на Универзитетот во Загреб  (проф. Јосип Нохта). Магистрира во 1993 година во Скопје, а од 1980-1995 година е соло кларинетист во Македонската филхармонија. Истовремено е член на Биг Бендот на МРТ,  а од 2002 година е постојан член на групата на Горан Бреговиќ. Низ годините бележи бројни настапи со рецитали, а како солист настапува со повеќе македонски и странски оркестри. Соработува со значајни диригентски имиња, а член е и на разни камерни ансамбли. Денес, Стојан Димов е еден од најактивните македонски музичари со настапи низ целиот свет.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршка филхармонија, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен оркестар на ФМУ, Македонска Опера и Балет, Камерен оркестар на Музичка младина на Македонија. Со рецитали настапувал на престижни сцени низ цела Европа меѓу кои: „Ватрослав Лисински“ – Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж фестивал“ во Франција, Охридско лето, Скопско лето, Интерфест – Битола и др.  Добитник е на голем број награди и признанија. Имери бележи и бројни домашни и меѓународни дискографски изданија, а од Декември 2018 г. се стекнува со звање доцент и предава на факултетот за Музичка уметност во Скопје повеќе предмети од областа на пијано, камерна музика, корепетиција и пијано во контекст.

„Бах во етерот“ беше насловена Вечерта на Европската унија што се одржа синоќа на фестивалот „Охридско лето“. Во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“, Баховите дела преку извонредна интерпретација ги донесоа словенечките уметници, флејтистката Ирена Графенауер и кларинетистот Мате Бекавац.

Двајцата уметници кои имаат долги и  успешни кариери, а заедничка им е скромноста во нивното појавување во јавност, оставија силен впечаток кај публиката преку нивното музицирање.

-Првпат сум во Охрид и навистина уживам, и во градот и во црквата во која настапивме која поседува харизма и извонредна акустика. Публиката, на мое пријатно изненадување слушаше  со посебна концентрација, бидејќи програмата беше малку посложена. Мислам дека за овој простор, а и судејќи по реакциите на публиката имавме прекрасна вечер. Ние двајца свириме многу долго, повеќе од 25 години, така  што соработката ни е лесна, но секој нов проект е нов почеток, ново запознавање, нова комуникација и решавање мали конфликти кои доаѓаат во текот на креативната работа, рече кларинетистот Бекавац.

За флејтистката Графенауер, нема ништо поубаво во животот од споделувањето на музиката, особено, како што кажа, во овие тешки времиња.

-Беше прекрасна вечер. Сите заедно се споивме.Имаше неверојатна концентрација и кај нас уметниците и кај публиката. Живееше само музиката. Ја споделивме токму неа во прекрасниот амбиент на црквата, и што може да биде поубаво од тоа. Сметам дека самиот бог дојде да не посети. Толку ни беше убаво и незаборавно.  Ја сакам вашата земја, Охрид и луѓето кои се толку пријатни. Сега се тешки времиња и затоа додека свиревме, се молевме да ни биде подобро на сите, додаде Графенауер.

Амбасадорот на Европската унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир во првите редови на публиката уживаше во прекрасниот концерт што го приредија двајцата уметници.

-Навистина волшебно и многу интимно место. Чинам слушав како флејтата и кларинетот меѓусебно си разговараа во текот на целата брилијантна изведба. Пресреќен сум што сум тука, а можам да го кажам и истото за публиката бидејќи се чувствуваше топлината во неа, а и беа пресреќни што се тука. Голема беше честа што вечерва на сцената ги имавме овие двајца музичари. Вечерта на Европската Унија на „Охридско лето“ е традиција веќе 15 години, и се надевам дека и понатака ќе ја негуваме. Имаме многу вакви традиционални настани низ Македонија, но мислам дека овој ни е посебен и најдраг. Многу се радувам што е во склоп на овој прекрасен фестивал и што ни овозможува да претставиме талентирани уметници во и вон границите на ЕУ, изјави евроамбасадорот Гир.

Традиционалната Вечер на Европската унија на „Охридско лето“  и брилјантната изведба на баховите дела на флејта и кларинет ја проследија и претставници на повеќе странски дипломатски претставништва во Република Северна Македонија, меѓу кои  и амбасадорот на Република Словенија во нашата земја, Милан Предан  и почесниот словенечки  конзул во Република Северна Македонија, Шенол Ислам, амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ, заменик –амбасадорот на Германија Ото Граф,  заменик-амбасадорот на Италија, Марио Де Роса, како и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.

Традиционалната Вечер на Европска унија во рамките на фестивалот Охридско лето“ ќе биде одржана вечерва под мотото „Бах во етерот“.

Во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе настапат кларинетистот Мате Бекавац и флејтистката Ирена Графенауер.

Мате Бекавац се смета за еден од најзначајните кларинетисти на неговата генерација, и покрај неговата релативна „комерцијална срамежливост“.  Роден во Љубљана, основното музичко образование го завршува во родниот град, а потоа студира на Универзитетот во Грац со Б. Ковач, магистрира на „Моцартеум“ во Салцбург во класата на А. Брандхофер. Образованието го комплетира и на престижната школа „Џулијард“ во Њујорк во клсата на Ч. Најдих и во Париз на Парискиот конзерваториум со Мишел Арињон. Носител е на наградата „Моцартеум“ во 1992 година, наградата на евровизиското жири за класична музика во Варшава (1994), Гран при на натпреварот „Јамаха“ во Виена (1994), како  на натпреварите во Лисабон (1994), Севиља (1994) и Белград (1997). Како солист настапува со камерниот оркестар „Франц Лист“, Капела Истрополитана, Камерата Израел, Московски солисти, ансамблите Салцбуршки солисти, Минхенски солисти и Загребски солисти, како и со повеќе симфониски оркестри во Германија, Швајцарија, и со сите словенечки оркестри.

Камерната музика зазема многу значајно место во музичкиот живот на Мате Бекавац, па така тој соработува со:  Гидон Кремер, Јури Башмет, Лин Харел, Хајнц Холигер, Ирена Графенауер, Берлинскио гудачки квартет, како и квартетите „Минге“  и „Дориц“, Елена Башкирова, Катиа  Буниатишвили, Патриција Копачинскаја,  Сол Габета, Алина Ибрагимова, Франс Хелмерсон, Николас Алтштед, Максим Рисанов, Антоан Таместит, со членовите на Метрополитен оркестарот, Баварското радио и Лондонскиот симфониски оркестар. Од диригентските имиња со кои настапува се издвојуваат: Хаитинк, Јансонс, Харнонкур, Мазур, Мехта, Дејвис, Јарви, Макерас, Перахиа, Перлман… Тој е чест гостин на фестивалите : Локенхаус, Ерусалим, Базел, на фестивалот „Рајнгау“, фестивалите во Лудвигсбург, Дубровник, Луцерн и Минхен. Како соло кларинетист настапува во оркестарските состави на Камерниот оркестар на Европа, Камерниот оркестар „Малер“ и Кралскиот концертгебау оркестар во Амстердам.

Ирена Графенауер (1957) е родена во Љубљана и мајсторството на флејтата го стекнува учејќи со Борис Чампа, Карлхајнц Золер и Аурел Николет.

Музичкото образование го започнува на 8-годишна возраст, а по завршувањето на Музичката академија во Љубљана во 1974,  таа продолжува да студира кај Карлхајнц Золер и Аурел Николет. Победува на три меѓународни натпревари и тоа: Белград (1974), Женева (1978) и Минхен (1979). Од 1977-1987 година таа е прв флејтист на оркестарот на Баварското радио во Минхен каде работи со Рафаел Кубелик, Сер Колин Дејвис и Леонард Бернштајн. Во 1987 година се здобива со професорско место на академијата „Моцартеум“ во Салцбург. Концертира низ цела Европа, но и во САД, Јапонија и Австралија, а редовно настапува со Гидон Кремер, гостин е на неговиот фестивал во Локенхаус и настапува на турнеи со „Кремер и Пријателите“. За своја дуo- партнерка долги години ја има харфистката Марија Граф, а соработува и со дуото од Берлинската филхармонија Бауман-Стол, со пијанистите Олег Мајсенберг, Роберт Левин и Хелмут Дојч, со гитаристот Елиот Фиск и со квартетот „Керубини“. Особено е длабока нејзината врска со Мате Бекавац со кого буквално „живее музика“.

Ирена Графенауер има обемна дискографија снимена за Филипс, Сони и други издавачки куќи. Откако во 2003 е дијагностицирана со леукемија, ретки се нејзините појавувања на концертните сцени.

Програмата на „Охридско лето“ вчеравечер донесе прекрасна приказна за соработката помеѓу фестивалот и Македонската телевизија презентирајќи го проектот „Годови“.

Како што истакна еден од модераторите на вечерта, познатиот музиколог Викица Костоска –Пенева станува збор за колаж од снимени фрагменти од концерти и изјави и личности кои се вградиле во развојот на овој најреномиран фестивал во регионот.

-Тоа е своевидно навраќање и потсетување на значајни уметници и концертни фрагменти, но и сеќавање на многу личности кои со своето делување биле неодвоив дел од создавањето и развојот на фестивалот, а сето тоа нашло соодветен простор во програмите на Македонската Телевизија. Со овој настан се збогатува програмата на „Охридско лето“, преку телевизиските фрагменти ги приближуваме некои од најзначајните концертни остварувања од минатото до фестивалската публика и откриваме еден мал дел од вкрстувањата помеѓу двете институции кои повеќе од 50 години непрекинато траат и се надградуваат, рече Костоска-Пенева.

Модераторот Весна Малјановска, музички новинар во Македонската телевизија и научен истражувач во областа на музиката и телевизијата истакна дека ова е приказна за уникатните вредности, за вложениот труд, енергија, посветеност и љубов, приказна за гордоста и традицијата чии годови започнаа да се формираат уште во далечната 1964 година.

-Македонската телевизија низ годините на своето постоење го потврдува значењето во изградбата на визуелнато македонско културно наследство. Со сопствена програма започнува уште во 1961 година. Првите музички емисии се емитуваат во живо, а првите архивирани музички емисии во продукција на МТВ датираат од 1964 година. Во оваа година снимени се две музички емисии, едната со наслов ,,Музичко интермецо“, а другата Концерт на дувачкиот квинтет ,,Гевандхаус“ од ДДР од фестивалот Охридско лето. И оттогаш под питомите погледи на светците во Света Софија, телевизиските камери ќе ги снимаат врвните светски музички имиња возвишувајќи го Охрид во крстопат и хармонична лулка на добро организирани збиднувања.До крајот на 60-те години од минатиот век Македонската телевизија ќе сними 21 музичка емисија од кои 14 од нив  се емисии од фестивалот Охридско лето, појасни Малјановска.

Според директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, Македонската радио-телевизија, како реномирана и етаблирана медиумска куќа на територија на Република Северна Македонија и препознатлива пошироко во регионот,  претставува важен партнер во градењето на успешната приказна за фестивалот „Охридско лето“. Успешната соработка низ годините, како што вели Поповиќ, придонесува за успешното одвивање на манифестацијата но и за градење на уметничкиот квалитет што го има „Охридско лето“.

-Она што за нас е посебно важно е богатата архива што ја поседува Македонската радио телевизија со која остануваат како траен белег сите врвни концерти и сите звучни имиња кои настапиле на фестивалската сцена, рече Поповиќ.

Соработката помеѓу Македонската телевизија и фестивалот „Охридско лето“ континуирано трае повеќе од педесет години.

Поповиќ најави дека ќе се направат напори, фестивалската хроника што ја има снимено Македонската телевизија низ децениите наназад, да добие дигитализирана форма и да остане како трајно сведоштво за почетоците, растот и развојот на најголемата музичко-сценска манифестација во земјава и пошироко, фестивалот „Охридско лето“.

-Нашите интенции се со заеднички напори на двете институции, она што го видовте како колаж од уникатните концерти на „Охридско лето“ низ годините наназад, но и сѐ останато што го има во архивите на Македонската телевизија како материјал  снимен на фестивалот, да добие дигитализирана форма и да остане како трајно сведоштво за најубавата културна приказна што секое лето се ткае во Охрид, додаде директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Македонската телевизија брои близу 500 емисии со содржини од фестивалот „Охридско лето“. Проектот „Годови“ е инспириран од истоимениот документарен филм посветен на „Охридско лето“, а подготвен од новинарска екипа во 2000-та година. Публиката на „Охридско лето“ вчеравечер имаше можност да ужива во куси извадоци од концерти на врвни светски уметници кои во изминатите децении со својот настап оставиле силен печат врз фестивалот како што се Леонид Коган, Андре Навара, Хозе Карерас, Игор Ојстрах, Стефан Миленковиќ, Симон Трпчевски, Георги Божиков и други.

Во предворјето на црквата „Света Софија“ вечерва од 21 часот ќе биде прикажан проектот „Годови“ посветен на успешната соработка помеѓу „Охридско лето“ и Македонската телевизија.

Модератори на вечерта ќе бидат  Весна Малјановска, музички новинар во Македонската телевизија, научен истражувач во областа на музиката и телевизијата и музикологот Викица Костоска – Пенева.

Проектот „Годови“ (инспириран од истоимениот прв документарен филм посветен на „Охридско лето“ а подготвен од новинарска екипа во 2000-та година)  претставува навраќање и потсетување на значајни уметници и концертни фрагменти, но и изјави од многу личности кои со својата дејност биле неодвоив дел од создавањето и развојот на фестивалот а сето тоа нашло соодветен простор во програмите на Македонската телевизија.

Со овој проект се збогатува  програмата на годинешното „Охридско лето“, и преку телевизиските фрагменти од најзначајните концертни остварувања од минатото се приближува до фестивалската публика со што се додава уште една нова форма на соработка помеѓу двете важни институции од областа на културата, Македонската телевизија и „Охридско лето“.

МТВ уште во првите години од своето формирање започнува да ги следи и реализира настаните од најзначајните музички манифестации во Македонија, концепт кој и денес е присутен во програмското уредување.

Македонската телевизија низ годините од 1961-2021 фестивалот „Охридско лето“ го поставува како активен фактор во музичкиот живот. Снимените емисии претставуваат своевиден телевизиски спектакл отворен за уметниците кои на телевизискиот аудиториум им ја пренесуваат сета своја слобода и креативна одговорност.

Соработката помеѓу Македонската телевизија и фестивалот „Охридско лето“ континуирано трае повеќе од педесет години. Бројни преноси на концерти во живо, документарни филмови и емисии, новинарски прилози, интервјуа, хроники, снимки и јавувања се реализирани и емитувани на програмите на Македонската телевизија. Тоа трајно сведоштво за историјата на најголемиот фестивал од областа на културата кај нас „Охридско лето“ е сочувано во архивите на Македонската телевизија, несомнено најважен медиумски партнер кој придонесува за афирмација на фестивалот.

Обемната музичка продукција на Македонската телевизија бележи разни телевизиски форми на претставување на музичката програма реализирана од фестивалот „Охридско лето“. Концертната програма брои близу петстотини емисии каде се евидентирани настапите на врвни светски и домашни музички уметници. Емисиите ,,Бисовите на Охридско лето“, „Хроники на Охридско лето“ , „Охридските денови на Моцарт“ даваат  осврт кон одредени музички случувања од фестивалот. Телевизиската форма – интервју се сретнува во емисиите со наслов ,,Средба со…“ во која најпознатите новинари во редакцијата за класична музика и редакцијата за култура ги интервјуираат  познатите: Хозе Карерас, Џеси Норман, Инва Мула, Енио Мориконе и многу, многу други музички ѕвезди. Јубилејните години и годишнини на фестивалот „Охридско лето“ МТВ ги претставува преку своите документарни емисии ,,Ѕвездите на Охридско лето“, „Со ѕвездите до ѕвездите“ во кои преку свои изјави вклучени се клучните личности кои влијаеле во развојот на најголемиот македонски фестивал.

Македонската телевизија уште од самите почетоци низ своите програми ја презентира музичката уметност. Првите  музички програми датираат од 1958 година кога на екраните во Македонија се емитувале концертни програми во продукција на Италијанската Радио Телевизија (РАИ). Првото програмско остварување ,,Балетски концерт“ датира од 13 мај 1961 година реализирано во телевизиското студио во  Белград, а  првите евидентирани музички емисии во Архивата на МТВ се Концертот на ,,Гевен хаус“  од фестивалот „Охридско лето“ и ,,Музичко интермецо“.

Духовита приказна која во своето јадро го има чоекот и неговата заедница, своевидна сатира исполнета со песни и музика приреди вчеравечер за публиката на „Охридско лето“ Битолскиот народен театар играјќи ја претставата „History od Mother fuckers“ .

Претставата што се играше на сцената „Долни Сарај“ е градена врз основа на текстот „Кориолан“ на Вилијам Шексипир, а во режија на Андраш Урбан. Во неа глумеа Николче Пројчевски, Борче Ѓаковски, Иван Јерчиќ,Соња Михајлова, Сандра Грибовска и Викторија Степановска. Костимографијата беше на Благоја Мицевски, сценографијата на Валентин Светозарев, а музиката ја компонираше Ирена Поповиќ.

Директорот на Битолскиот театар, Иван Јерчиќ кој беше и дел од актерската екипа во претставата истакна дека актуелноста на шекспировиот „Кориолан“ се чувствува и денес во општеството.

-Земен е само костурот на „Кориолан“ и многу малку од самиот текст, и врз него Ведрана Божиновиќ како драматург и автор на текстовите напиша една современа и нова приказна иако актуелноста на „Кориолан“ и ден-денес се гледа и се чувствува во нашето општество. Ова е приказна која во исто време на трагичен и комичен начин, емотивен и истовремено лишен од секакви емоции концепт, зборува за демократијата, за нашето живеење, рече Јерчиќ.

Според младата и исклучително талентирана актерка Сандра Грибовска, предизвикот да се работи овој театарски проект беше голем со оглед на пандемијата што трае долго.

-Темите во претставата нѐ тангираат сите нас, посебно по сѐ она што поминавме и како човештво и како цивилизација, и видовме дека некои работи се навистина вечни. Ако не го кренеме колективното ниво на свест можеби ќе продолжат да нѐ тангираат и нас и нашите наредни генерации. Што се однесува до работењето со режисерот Андрош, тоа е секогаш предизвик. Го знаеме неговиот режисерски јазик, начинот на кој тој работи со актерите, стилот, изразот…така што бев среќна што токму со него се вратив по едногодишна пауза на сцената на матичниот Битолски театар, рече Грибовска.

На сцената „Долни Сарај“, публиката имаше можност да види и еден од доајените на македонското глумиште, актерката Соња Михајлова, со најдолг театарски стаж помеѓу колегите, која покажа неверојатна енергија, иако, како што кажа, пандемијата, како и сѐ друго, ја сопре и театарската активност.

-Ова беше посебен начин на подготовка на претстава заради тоа што се случува по година и половина неактивност на сцената така што беше првично повторно препознавање на екипата и меѓу нас, и враќање на оној  театарски креативен момент. Среќа е што во сето ова режисер ни е нам добро познатиот Урбан со кого и претходно сме работеле, така што успеавме да се пронајдеме и да ја износиме оваа претстава во вакво турбулентно време, појасни актерката Михајлова.

Режисерот Андраш Урбан ѝ е добро познат на публиката и од гостувањата на „Охридско лето“ и на другите фестивали,  но и по своите режии во Битолскиот народен театар.

     

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва  од 21 часот на сцената „Долни Сарај“ со  театарската претстава „History of Мother Fuckers“ според  „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Андраш Урбан, а во изведба на Народниот театар од Битола.

Улогите во претставата  ги играат Николче Пројчевски,  Борче Ѓаковски, Иван Јерчиќ, Соња Михајлова, Сандра Грибовска и Викторија Степановска. Драматург е Ведрана Божиновиќ, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Благоја Мицевски, а автор на музиката е Ирена Поповиќ.

Според режисерот Урбан претставата не е политика. Претставата се занимава со човекот и неговата заедница.

-Претставата е борба. Хумана борба. Никој не го сака Кориолан. Ниту Шекспировата трагедија, ниту неговиот лик. А тој е вистинит и искрен. Потајно сите се согласуваме со сè што кажува. Но, едно е јасно. Тој не е ние. Тој ни кажува што ние не смееме за себе. Да е дипломат, да умее и да сака да ја користи слатката, нежна лага која е предуслов за демократско општество, ние не би ни зборувале за него. Лагата не е слатка, ниту нежна. Крвава е и безмилосна. Додека пак вистината и искреноста сепак се предуслови за вистинска уметност. Дури и кога лажеме минуваме низ пеколот на искреноста за уметничкиот акт да постане стварност. Барем за онаа уметност за која вреди да се зборува, вели режисерот Урбан.

Андраш Урбан е роден 1970 и е театарски режисер. На седумнаесетгодишна возраст ја основал независно театарската и книжевна работилница во која работел како автор, режисер и актер. Потоа ја формирал театарската група Ајова, која го третира театарот како специфична, а сепак сѐуметничка идеолошка акција. Од 2006 година е директор на унгарскиот градски театар „Деже Костолањи“ во Суботица. Тој е основач на меѓународниот театарски фестивал Desire Central Station. Режирал околу четириесет професионални претстави во Суботица, Ниш, Нови Сад, Белград, Сегедин, Битола, Љубљана, Берлин, Клуж, Варна, Марибор, Риека…. Неговите режии и претстави се наградени на бројни меѓународни фестивали во Србија, Хрватска, Унгарија и др.

Претставата „ History of Мother Fuckers“   што ќе трае час и половина не се препорачува за лица помлади од 18 години.

Фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ ја донесе театарската претстава „Крик за љубов“ според текст од Жозиен Баласко, а во режија на Љупчо Ѓоргиевски низ која провејуваа две теми, театарот и љубовта.

Актерите на Народниот театар Охрид всушност одиграа претстава во претстава, глумејќи како се создава еден театарски производ, , од распределбата на улогите, преку првата проба до пробата со костими и премиерата, притоа, пренесувајќи ѝ ја на публиката пораката дека уметноста и љубовта, поточно убавото, победува секогаш.

-Првпат играм во претстава со ваков концепт, што би рекле претстава во претстава, и многу беше интересно. Секогаш велам дека публиката е секогаш љубопитна и сака да ѕирне што се случува зад кулисите, како актерите буквално се фрлаат во оган за да се создаде еден театарски производ, вели актерката АдријанаТодороска која ја глумеше улогата на Жижи Ортега.

„Комедијата на карактери“ беше натопена со љубовна приказна која заврши со романтичен и среќен крај.

-И покрај овие комплексни времиња мислам дека успеавме да ѝ подариме на  публиката на „Охридско лето“ убава претстава. Генерално, пораката е дека љубовта и уметноста умеат да ги трансформирааат и најголемите конфликти во една позитивна работа, појаснува актерот Никола Тодороски кој го глумеше Иго Мартиел, поранешен сопруг на Ортега.

Актерот Горан Стојаноски беше агентот Силвестер кој ги лаже актерите на сцената, но само заради доброто на претставата, за да излезе добар производ со задоволни актери и задоволна публика.

-Во принцип е добро да се види дека готовите производи не треба да се земат здраво за готово,туку како и во секоја друга професија, внатре се случуваат сериозно тешки работи за да може да се дојде до производот. Но ако ја сакаш работата, на крај ќе излезе сѐ добро, вели Стојаноски.

Според актерот Ивица Цонев кој во „Крик за љубов“ играше режисер, ваквиот тип на претстава е добра поука за актерите зашто како што вели, тие често не забележуваат како изгледаат од страна додека подготвуваат претстави.

-Разликата помеѓу режисерите и глумците можеби изгледа незначителна, но суштински е навистинаа голема. Се обидовме да се играме самите себеси и сето она што се случува во еден работен процес. Од друга страна, колку интересно за нас, толку и провокативно истовремено затоа што многу често не си даваме сметка како изгледаме од страна дури поминуваме преку еден работен процес, додава Цонев.

Битолскиот режисер Љупчо Ѓоргиевски кој беше помеѓу публиката на „Охридско лето“ е задоволен од реакциите на гледачите и од тоа како дишеше салата за време на претставата.

-Овој текст е напишан од актерка, режисерка и писателка која има пишувано сценарија за филм, што значи врвен театарски мајстор и ми се чини дека толку длабоко има навлезено во она што го работиме ние, што се вели до кревањето на завесата, до премиерата, така што има направено прецизен скен на најважните ликови кои ја работат претставата, актерите, режисерот, продуцентот и сите останати, вели Ѓоргиевски.

И вчерашната театарска претстава на „Охридско лето“ беше организирана според сите здравствени протоколи за одржување настани на затворен простор.

 

Драмската програма на  годинешното 61-во издание на фестивалот „Охридско лето“  стартува со театарската претстава „Крик за љубов“ од Жозиен Баласко, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, а во изведба на Народниот театар Охрид. Претставата ќе се одигра  во  Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

„Крик за љубов“  е „комедија на карактери“ натопена во љубовна приказна со романтичен крај. Текстот обработува две доминантни теми – театарот и љубовта.

Улогата на Жижи  Ортега ја игра актерката Адријана Тодороска, во ликот на Иго Мартиел ќе биде Никола Тодороски, улогата на Леон ја игра Ивица Цонев, а  Силвестер  ќе биде Горан Стојаноски. Сценографијата  за претставата ја направи Валентин Светозарев, костимографијата е на Андреј Ѓоргиевски, а музиката ја компонира Марјан Неќак.

Деведесетминутната претстава „Крик за љубов“  е наменета за целата публика.

Режисерот Љупчо Ѓоргиевски е роден 1956 година во Битола. Дипломирал во Скопје на Филозофскиот факултет– група психологија  и на Факултетот за драмски уметности – отсек театарска режија. Од 1990 работи во НУ Народен театар – Битола како режисер – драматург. Од 2002-2006г. беше директор на овој театар. Досега има режирано над  70 претстави во сите театри во Македонија, а режирал и во Бугарија, Русија (Санкт Петербург и Казањ) Турција, Романија, Косово и др. Поставува дела од светската класична и современа драма („Цар Едип”, „Медеја”, „Ромео и Јулуја”, „Мачката на вжештен лимен покрив”, „Столови” и др.) како и македонската  драма. Особен успех му донесоа поставките на т.н. македонска битова драма („Бегалака”, „Македонска крвава свадба” и „Парите се отепувачка”). Негови претстави учествувале на сите театарски фестивали во С. Македонија и на повеќе фестивали надвор од неа. Со свои претстави гостувал во:  Европа, Австралија, Канада и Америка.

За својата работа Ѓоргиески е добитник на повеќе награди и признанија (Награда на градот  Битола  „ 4  Ноември”, шест награди  за најдобра режија, две награди за драматизација и четири награди за најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински” – Прилеп,  Гран-при во Москва, Белград, три награди на Фестивалот Античка драма – Стоби и др.)

Холандско-англискиот виолинист Даниел Роланд и српско-француската виолончелистка Маја Богдановиќ вчеравечер на фестивалот„Охридско лето“ ги споија своите неверојатни енергии и приредија прекрасен концерт за виолина и виолончело.

На репертоарот што се изведе во црквата „Света Софија“ доминираа композитори на класична музика од поновото време како Жебељан, Пјацола, Кодај, Васкс,Солима, Сибелиус и Халворсен.

Фестивалската публика имаше можност да слушне и две нивни премиерни изведби на композиции направени токму за нив.

-Вечерва свиревме дела од Исидора Жебељан, наша драга пријателка која за жал почина млада минатата година и тоа  беше голем шок за нас зашто планиравме дупли концерт за виолина и чело, но животот одлучи поинаку. Нејзиниот студент Вељко Ненадиќ направи три минијатури за нас и делото „Интимно писмо од Јудејската пустина“  кое го отствиривме во наш аранжман. Нашиот репертоар за виолина и виолончело не е многу голем, но содржи многу интересни дела. Договараме со композиторите да пишуваат за нас, рече виолончелистката Маја Богдановиќ.

Нејзиниот музички и животен партнер Даниел Роланд на подиумот во „Света Софија“  уште еднаш потврди дека е исклучително комуникативен и харизматичен изведувач на класична музика.

– Мислам дека е неопходно да се создава и нова музика, нови дела. Ни беше голема чест да ги донесеме овде, на овој прекрасен фестивал за кој сум слушал многу од Маја. Многу од овие дела ги снимивме на диск, а моментално го подготвуваме новиот, така што на него ќе се најдат и дел од композициите што ги изведовме на фестивалот „Охридско лето“, рече виолинистот Роланд.

Богдановиќ и Роланд го формираа дуото во 2018 година и оттогаш досега настапуваат на  бројни фестивали во Европа, САД и Јужна Америка, освојувајќи ја публиката со нивната страст, нежност и уметнички конципирана програма, како и со нивната иновативност и нагласено чувство за меѓусебно надополнување и музичка комуникација.