Пишува: Мирјана Павловска-Шулајковска
За љубителите на камерното музицирање настапот на пијанистичкото дуо „Артворк“ претставуваше пријатна средба со уметниците Хајди Елзесер (Македониија/Германија) и Ненад Лечиќ (Србија/Германија), како и убава можност за нивно повторно претставување пред нашата публика. Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ се уметници со континуирана пијанистичка мобилизираност, чие живеење во целост е поистоветено со пијанистичкото уметничко креирање: од стекнатата музичка едукација кај нас (Хајди Елзесер) и во Белград (каде Ненад Лечиќ се запишал на Музичката академија на 13 годишна возраст), надоградена во значајни музички институции во Франција и Германија, денес овие уметници имаат распространета концертна дејност со широк изведувачки репертоар.
Концепцијата на концертот представуваше програма составена со соодветна доза на амбициозност, изведена со истенчен вкус, беспрекорна хомогеност и несомнно познавање на толкуваната материја. Концертот започна со внимателно динамички обликуваните Прелудиум, Фуга и Варијација од Ц. Франк. Можеби на моменти понагласената педализација се преклопуваше со акустиката на просторот во изведбата на Сонатата за два клавири во Д-дур KV 488 од В.А.Моцарт, која уметниците ја исполнија со голема виртуозност и оркестарски пистап кон деталите на музичката форма на делото.
Исполнета во еден здив со високо професионално мајсторство и силна емотивна тензија, донесената интерпретација на Сонатината за две пијана оп.142 од Т. Зографски чинам дека е еден од реперите за изведба на ова дело и секако интерпретација која останува во долго сеќавање.
Четирите става од циклусот „Стонога“ од К. Делиниколов, беа изведени со особена флуидност, како интерпретација која ги отвора идните патишта за „живеење“ на делото. Овој циклус од 12 композиции, настанат го во периодот на 2000-та и 2001-та година во Детмолд, Делиниколов го создава со отворени можности за инструментација и аранжман. Верзијата за два клавира на овие четири става (бр.9-12) е напишана и посветена на клавиското дуо Елзесер/Лечиќ. Делото секако претставува збогатување на нашата музичка литература за два клавира и можност за идни очекувани изведби и од помладата генерација на пијанисти.
До крајот на концертот беа изведени Елегија за две пијана и Капричо од Ф. Пуланк и „Ла валс„ од М. Равел, каде уметниците представија интересни дијалози ,посебен колорит и динамичка експресија во изведбата на делата.
Програмата представуваше една оформена целина, изведена со особена пијанистичка култивираност која се движи во насока и цел кон радоста на музицирањето. Креативното расположение на уметниците не представуваше излив на инвентивна природа, туку мошне осмислена изведувачка усогласеност со речиси апсолутна техничка и емотивна изведувачка концентрација. Токму и затоа уметниците представија хомогена тонска емисија и музичко – интелектуално разбирање, како елементи кои во камерното музицирање се развиваат со подолгото заемно концертирање.
Постојаноста во изградувањето и растењето на уметниците како процес кој постојано се развива и надградува, повторно најде потврда и на овој настан. Во текот на целиот концерт, провејуваше чувство кое насочуваше кон препознатливоста на педагошката интенција и уметноста на професорите кои биле дел од школувањето на овие уметници. Нашето лично согледување беше насочено кон воочување на дел од педагошките насоки на проф. Арбо Валдма (кој во годините наназад во текот на постоењето на фестивалот, одржуваше семинари по пијано) во високото пијанистичко мајсторство на Ненад Лечиќ и особено присутните одеци од пијанистичкиот манир и уметност на проф. Стела Слејанска, пособено во градењето на изразот на индивидуализација на уметничката личност на Хајди Елзесер.
Сведочевме на креација на уметници кои претставуваат различни пијанистички индивидуи и остварени заеднички вредности, со карактеристики на цврста концентрација, максимална исполнувачка ангажираност, техничка супериорност и рафинирана сценска наметливост. Токму и во оваа насока ја истакнуваме и воочливата распределеност на делниците кон интерпретирање на таква материја која прилега на нивниот изведувачки сензибилитет, особено во делата на Франк, Зографски и Равел. Истовремената заемност и самосталност во изведбата на делниците на посочените дела, беа представени со богатство на артикулација, изведба со особена лирска убавина, креативно расположение и почит кон толкуваната музичка материја.
Португалскиот пијанист Васко Дантас вечерва ќе за збогати музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ со концерт што ќе го одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот.
Дантас роден во Порто во 1992 година и студиите со највисоки оценки ги завршува на Кралскиот колеџ за музика во Лондон каде студира пијано со Дмитри Алексееев и Нил Имелман и диригирање со Петер Tарк и Наталиjа Луис Баса. Пост-дипломските студии ги завршува на Универзитетот во Мунстер, Германија во класата на Хериберт Кох каде запишува и докторски студии.
Добитник е на повеќе од 50 награди и признанија од натпревари и фондации ширум светот и тоа во: Рим, Малта, Мароко, Германија, Португалија и др. Во 2019 дебитира во Карнеги Хол во Њујорк, а во годините пред тоа настапува како солист со Кремлинскиот камерен оркестар во големата сала на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, во Ахен со Младинскиот симфониски оркестар на Германија, во Азија настапува со Симфонискиот оркестар на Хонг Конг и др. Бројните настапи го носат на следните концертни сцени во: Австрија, Белгија, Бразил, Кина, Хрватска, Франција, Германија, Италија, Косово, Малта, Мароко, Португалија, Русија, Србија, Сингапур, Шведска, Тајланд, В. Британија и САД.
Во областа на педагогијата, Васко Дантас има магистрирано на универзитетот Авеиро, и носител е на диплома „Уметност на педагогијата“ од Лондонскоит колеџ за музика. Има ограничен број на приватни ученици и одржува мајсторски курсеви на бројни фестивали. Васко Дантас е уметнички директор на Фестивалот за камерна музика во Алгарве во јужна Португалија. Неговите снимени материјали се поместени на неколку носачи на звук „Променада“ (2015), „Златниот Лист“ (2016), „Фреитас Бранко” (2020) и „Поетски сцени“ (2020).
Најубавите камерни дела напишани за виолина и пијано од германскиот композитор Јоханес Брамс синоќа беа вистинско музичко и емотивно патување за публиката на фестивалот „Охридско лето“ преку изведбата на двајцата млади уметници од Србија, виолинистот Драган Средојевиќ и пијанистот Ненад Ивовиќ.
Концертниот репертоар ги содржеше сите Брамсови сонати за овие два инструмента преку префинетата изведба на младите српски уметници.
-Донесовме интересна програма за публиката, но потешка за изведба. Често ги свириме сите Брамсови сонати на еден концерт. Многумина ги свират, но не сите негови сонати заедно на еден концерт. Тоа се всушност неговите комплетни дела за виолина и клавир што ги напишал Брамс. Станува збор за маратонски проект што има големо значење, рече виолинистот Драган Средивојевиќ.
Овој виртуозен српски виолинист кој концертира ширум целиот свет, музицира на инструмент стар повеќе од два века.
-Свирам на виолина направена од францускиот мајстор Франсоа Лупо од 1775 година и ми се чини дека е соодветна токму за овој амбиент. Ја добив од еден многу љубезен колекционер од Белгија. На неа свирам веќе неколку години. Инаку, првпат сме на „Охридско лето“ и задоволството е огромно. Овие ѕидови на црквата „Света Софија“ зборуваат сѐ, не им треба музика, но ние сме тука ако може да го надополниме овој прекрасен амбиент. Знам дека овде свиреле Леонид Коган и многу врвни уметници, се чувствува таа силна аура и навистина е премногу убаво, додаде српскиот виолинист кој на 25-годишна возраст стана најмладиот концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар.
И неговиот колега, пијанистот Ненад Ивовиќ кој во својот пијанистичкистички стаж е добитник на бројни награди и признанија, првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“.
-Немам зборови со кои ќе го опишам мојот прв престој во Охрид. Црквата е преубава, луѓето, градот и атмосферата се прекрасни, многу добро сме најавени и пречекани. Задоволство беше да се свири во Охрид. Ние сме добро изверзиран тандем веќе 15-тина години. Не настапуваме многу често заедно, но ваквите прилики како фестивалот „Охридско лето“ се добра можност да се сретнеме и да го дадеме најдоброто од нас. Она што го свиревме беа капиталните дела на Брамс за класична музика, најубавите, најтешките, и физички и емотивно. Нивната изведба бара една животна зрелост кај уметникот. Пред 10-тина години не ни помислуваме да ги свириме овие сонати, рече пијанистот Ивовиќ.
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на португалскиот пијанист Васко Дантас.
Двете пијана на „Охридско лето“ прозвучија совршено преку вештите раце на пијанистите Хајди Елзесер од Северна Македонија и Ненад Лечиќ од Србија.
Двајцата уметници соединети во клавирското дуо „Артворк“ вчеравечер одржаа концерт, приредувајќи незаборавна ноќ на публиката која ги наградуваше со громогласни аплаузи.
Пијанистката Хајди Елзесер концертира ширум светот како солист, но и како дел од различни камерни состави оставајќи силен печат преку својата интерпретација на дела од областа на класичната музика.
-Беше огромно задоволство, големо уживање да се свири оваа програма на „Охридско лето“, комбинацијата на класика од Моцарт, со француска музика и се разбира, македонска класична музика. Одлични инструменти, фантастична акустика, прекрасна публика што следеше со големо внимание. Сѐ беше инспиративно, рече Елзесер.
И маестро Ненад Лечиќ освен како солист настапува и како камерен музичар, а зад него стојат четири компакт-дискови со соло и камерен репертоар.
-Веќе долги години настапуваме како пијано дуо, со мала пауза во текот на последните месеци, и се трудиме да направиме интересна програма за публиката пред која настапуваме, истакна Лечиќ.
Двајцата врвни мајстори на пијаното отсвирија и две дела на македонски композитори, Сонатината за две пијана оп. 142 од Томислав Зографски и Четири става од циклусот „Стонога“ од Костадин Делиниколов.
-Последен пат Сонатината за две пијана на фестивалот е отсвирена во 2000 година од пијанистките Снежана Анастасова Чадиковска и Рита Трпчева. Ова беше убаво освежување на „Охридско лето“. Оваа сонатина, Зографски ја напишал многу рано и била помала, меѓутоа на неа се навратил последната година од својот живот. Дури неколку месеци пред неговата смрт е отпечатена од страна на професорот Јован Каровски. Јас го прашував Каровски дали има разлика од првичната верзија, но тој ми рече дека само „ја испеглал“. Не е изменета, туку е потсредена во негов стил. Оваа композиција станува се поомилена кај уметниците. Знам дека би бил среќен особено што се изведува на фестивалот „Охридско лето“ и во „Света Софија“, раскажа Панда Зографска, сопруга на истакнатиот македонски композитор Томислав Зографски.
Публиката на „Охридско лето“ синоќа уживаше во беспрекорната изведба и на дела од Цезар Франк, Волфганг Амадеус Моцарт, Морис Равел и Франсис Пуланк.
Музичката програма на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт за виолина и пијано на српските уметници Драган Средојевиќ и Ненад Ивовиќ што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот.
Драган Средојевиќ е еден од најеминентните српски виолинисти на денешницата кој постојано настапува на концертните подиуми ширум светот. Дипломец на познатиот московски конзерваториум „Чајковски“ од класите на Марине Јашвили и Едуард Грач- по завршувањето на студиите, а на покана на маестро Валери Гергиев тој станува член на оркестарот на театарот „Марински“ со кој настапува и како солист во Русија и на бројни турнеи. На само 25 годишна возраст, Средојевиќ е најмлад концерт мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар со кој настапува на турнеја низ Европа и одржува концерти пренесувани на Би-Би-Си радио.
Познат по неговиот препознатлив звук, техничка прецизност и храбра креативност, Средојевиќ гостува во концертни сали на сите континенти меѓу кои: Карнеги Хол во Њујорк, Сантори хол во Токио, театарот „Бољшој“ во Москва, Филхармонијата во Париз, центарот „Кенеди“ во Вашингтон, Миланската „Скала“, концертната сала „Волт Дизни“ во Лос Анџелес и многу други.
Покрај тоа што е лауреат на бројни национални и меѓународни натпревари, Средојевиќ е добитник на наградата „Белградски ангел“ за уметнички достигнувања доделена од страна на Министерството за култура на Р. Србија. Дел од своето време Драган Средојевиќ го посветува на одржување мајсторски курсеви, а педагошката дејност ја остварува и како асистент на Факултетот за музичка уметност во Белград каде истовремено е запишан на докторски студии под менторство на Марија Јокановиќ.
Средојевиќ свири на редок инструмент од 18 век- виолина изработена од Ф. Лупот која му е отстапена на користење од страна на приватен колекционер.
Пијанистот Ненад Ивовиќ дипломира на Универзитетот за уметности во Белград во класата на проф. Невена Поповиќ како најдобар студент во неговата генерација. Низ годините добитник е на награди и признанија на повеќе од 15 меѓународни натпревари меѓу кои прва награда на натпреварот „Чекор кон мајсторство“ во Санкт Петерсбург, Русија каде настапува и со Петербуршката филхармонија и втора награда на натпреварот „Ариане Катц“ во Тел Авив. По завршувањето на студиите во Белград, Ивовиќ поминува три години во „Бухман-Мехта“ школата за музика на Универзитетот во Тел Авив, Израел каде магистрира во класата на Емануел Красовски. Со рецитали настапувал во: Босна и Херцеговина, Русија, Холданија, Франција, Израел, Египет, САД како и во родната Србија. Учесник е на бројни мајсторски курсеви со еминентни професори како: Андрас Шиф, Дмитри Башкиров, Мишел Далберто, Владимир Фелтсман, Петер Франкл, Михаил Воскресенски, Питер Серкин, квартет „Емерсон“ и др. Во мај 2019 година, Ивовиќ магистрира и на Универзитетот „Јеил“ во САД во класата на Борис Берман, а од септември истата година е помлад соработник на катедрата за пијано на истиот универзитет.
Завршен концерт на учесниците од Меѓународниот семинар по виолина, виола и камерна музика се одржа вчера на фестивалот „Охридско лето“.
Семинарот се одржуваше изминатите денови во Основното музичко училиште „Методи Патчев“, а завршниот концерт по традиција се организира во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
Стекнатите вештини на музичките инструменти ги презентираа талентирани млади музичари од Србија, Бугарија, Австрија, Германија,Русија, како и тројца учесници од Република Северна Македонија, а за првпат годинава имаше и музичари од Украина.
Меѓународниот семинар за виолина, виола и камерна музика се одржува под уметничко раководство на познатиот виолинист и професор Емилио Перцан и пијанистката Тамила Гулијева.
Галерија:
Заедничката енергија и врвните музички вештини на македонската пијанистка Калина Мрмевска и на белгиската виолинистка Надја Неволович беа вистински празник за љубителите на класичната музика кои синоќа го проследија нивниот концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.