Црногорското дуо гитари, Срѓан Булатовиќ и Дарко Никчевиќ вчеравечер настапија во рамки на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ одржувајќи целовечерен концерт во црквата „Света Софија“.
Двајцата меѓународно признати гитаристи се претставија со нивни авторски дела создавани во изминатите три децении и издадени на носачи на звук.
-Изведовме композиции што ги компониравме ние двајца и кои ги изведуваме со децении во Европа и ширум светот. Дел од композициите се инспирирани од традиционалната музика на Црна Гора, а останатите се инспирирани од географијата на нашиот Балкан. На програмата беа неколку композиции што треба да излезат наредната година за нашиот трет компакт-диск, рече фламенко гитаристот Дарко Никчевиќ.
Според него, од настап на една гитара, подобри се изведбите со две гитари зашто како што кажа, тоа е меѓусебно надополнување и претставување на досегашните техники и искуства на двајца уметници.
-Ние веќе 30 години свириме заедно и ова наш четврти концерт во земјава, но никогаш во Охрид. Од една гитара, поубави се две гитари. Постојано се надополнуваме. Колегата Срѓан е доктор на класична гитара, јас сум фламенко гитарист и заеднички го применуваме сето она што го спознававме и стекнувавме со децении. Ги користиме сите искуства и техники што сме ги стекнале за да ја изразиме нашата музика на најдобар начин и да креираме автентичен израз како дуо гитари, смета Никчевиќ.
Црногорското дуо Булатовиќ-Никчевиќ годинава одбележува јубилејни три децении од првиот заеднички концерт.
-Годинава одбележуваме јубилеј, 30 години од нашиот прв заеднички концерт. Тоа е долг пат низ кој поминавме, каде наслушувавме што да правиме, каде да се движиме. Почнавме со изведба на туѓи дела од областа на класичната гитара и фламенко-гитарата, но потоа со синергијата и искуствата што ги имавме стекнато одделно, но и со храброста да нурнеме во некои други правци, дојдовме до нешто што денеска е најдрагоцено –сопствена музика. Ние сме најпрво автори, а потоа и изведувачи на сопствената музика, додаде Булатовиќ.
Музиката на ова дуо е спој на медитеранска убавина и мистичност на ориентот која ги однела двајцата уметници во најпрестижните светски концертни сали.
-Црногорскиот фолколор е нашето сидро. Тоа е земја од која заминуваме во светот и во која се враќаме, музиката која е во нашите гени и со која расневме. Сето тоа влијаеше да почнеме да пишуваме наша музика и еве, веќе десет години се претставуваме исклучиво со наша сопствена музика. Таа авторска музика не одведе насекаде во светот, двапати во прочуената њујоршка концертна сала Карнеги Хол и нѐ поврза со големиот издавач Наксус рекордс, истакна гитаристот Булатовиќ.
Во април 2022 година треба да излезе новиот компакт диск на црногорското дуо Булатовиќ-Никчевиќ со 14 нови нумери. Освен музиката по физички и електронски пат, ќе бидат понудени и нотни записи за сите композиции, така што, компоизициите на овие двајца црногорски уметници ќе бидат достапни за гитаристите кои сакаат да ја изведуваат нивната музика.
Музичката програма во рамките на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на дуото гитари Булатовиќ-Никчевиќ од Црна Гора.
Гитарското дуо кое го сочинуваат двајца меѓународно признати гитаристи од Црна Гора – Срѓан Булатовиќ (доктор од областа на изведувачките уметности и класична гитара) и Дарко Никчевиќ (фламенко гитарист и дипломиран стручњак од областа на аудио технологијата) повеќе години ја освојува музичката јавност со нивната виртуозност и возбудлива интерпретација. Нивните два настапи во Карнеги хол (во 2016 и 2017 година) ја докажуваат уникатноста на овој гитарски ансамбл која е спој на медитеранската убавина и мистичноста на ориентот. Повеќе од 25 години, ова гитарско дуо настапува пред домашната публика во Црна Гора, но и надвор од неа: САД, Русија, Велика Британија, Германија, Италија, Франција, Португалија, Полска, Обединети Арапски Емирати, Белгија, Холандија, Грција, Унгарија, во земјите од поранешна Југославија, Албанија, Азербејџан итн. Нивните настапи на кои изведуваат лична авторска музика ги одликува специфичен музички јазик во кој се испреплетуваат техниките и стиловите на класичната и фламенко гитарска интерпретација, а ги спојува нишка на традиционални црногорски мелодии и ритми, теми од филмска, популарна музика итн.
Заеднички имаат издадено девет носачи на звук за различни издавачки куќи, а последните два албуми (во 2018 и 2020 година) ги издаде светски познатата компанија „Наксос“.
Концертот на дуото Булатовиќ-Никчевиќ ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Звуците на флејтата и пијаното што вчеравечер одекнуваа во катедралната црква „Света Софија“донесоа нова и возбудлива вечер. Грчките уметници, флејтистот Захаријас Тарпагос и пијанистката Валерија Харитиду ја воодушевија публиката на „Охридско лето“ со својот специјално избран репертоар за фестивалот и вештината со која владееја на своите инструменти.
И двајцата настапија првпат на фестивалот, но како што рекоа, се изненадени од нивниот престој во Охрид.
– Ова е прв концерт како рецитал после периодот кога бевме затворени заради пандемијата, но интимноста и помалиот број публика направија да се чувствуваме толку многу посебно.Почестен сум и многу изненаден од организираноста на овој фестивал. Од висококвалитетната организација, до врвните уметници, се е на време, што многу ни олеснува нам. Просторот каде што ги одржавме пробите и настапивме е исто така извонреден. Плени црквата „Св. Софија“ која е стара околу илјада години и која преку фреските на ѕидовите раскажува приказни од минатото. Што се однесува до акустиката, таа е прекрасна и е еден вид на магија, во склоп со енергијата и вибрациите кои ги дава оваа црква. Си замислувам црква стара 1000 години низ неа поминале илјадници луѓе, 1000 приказни, молитви, голема историја, рече флејтистот Захаријас Тарпагос.
И за пијанистката Валерија Харитиду, концертот во рамки на фестивалот „Охридско лето“ беше ново патување во светот на класичната музика, како што рече, во незаборавен амбиент.
-Многу сум возбудена поради ова волшебно место, оваа прекрасна црква.Многу сме среќни што сме тука и што во духот на оваа црква ќе можеме да ја свириме нашата прекрасна музика.Имавме многу концерти низ светот но поради здравствената пандемија се се прекина. Се уште немаме некои конкретни планови за во иднина, но сме отворени за сите добри понуди, истакна Харитиду.
Според флејтистот Тарпагос, делењето позитивна енергија и добри вибрации во живо не може да се спореди со она што доаѓа преку јутјуб или другите интернет алатки.
-Споделувањето е најважната работа.Има многу информации кои доаѓаат и си одат, но ако ги слушате овие дела по 100 пати на јутјуб или спотифај , апсолутно не се споредува со тоа колку е ценето од страна на публиката кога се изведува во живо, додаде младиот флејтист.
Двајцата уметници кои допатуваа од Грција приредија волшебен микс на класична музика од различни столетија, од периодот на доцниот барок со Јохан Себастијан Бах, потоа изведоа дело до синот на овој голем компоизтор, исто така одличен автор на класични дела, Карл Филип Емануел Бах од кого беше отсвирена Сонатата за флејта во d-dur, потоа следуваше Моцартовата Соната во –moll.
Во вториот дел од концертот преовладуваше романтичната музика преку Сонатата за флејта и пијано „Удине“ од Рајнеке која ја донесе прекрасната приказна за духот што излегува од вода и за заљубува во човек, заколнувајќи се дека нема да го бакне за да остане над водата, но сепак бива предаден од страна на човекот и останува засекогаш во водата. Крајот на прекрасната вечер на класична музика беше заокружен со дела од Сибелиус и Брамс.
Во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе настапат грчките уметници Захаријас Тарпагос на флејта и Валерија Харитиду на пијано.
Захаријас Трапагос е постојан флејтист на Грчката национална опера во Атина, а неговите солистички настапи го водат во најпрестижните концертни сали во светот како салата „Чајковски“ во Москва, Симфони хол во Бостон, салата „Квин Елизабет Хол“ во Лондон, салите во Атина, Солун, Токио, салата на фондацијата Оназис и многу други. Како еден од членовите на составот „Армониа атенеа“ и „Камерата мјузик“ има остварено снимки за Дојче грамофон и Дека Класикс свирејќи на барокна и класична флејта, а со овие ансамбли настапува на светски познатите фестивали во Лондон (Би Би Си Промс), Бајројт и Салцбург. Како камерен музичар често настапува надвор од Грција, и низ светот, а гостувал и во „Сантори хол“ во Токио. Музичките критичари неговите изведби ги оценуваат како „прекрасно деликатни“… „со неверојатно чист тон“. Зак е голем поборник за стабилно музичко образование на деца кои живеат во екстремни услови на сиромаштија, социјална дикриминација или каква било неповолна средина во Грција и надвор од неа, надевајќи се на подобрување на нивните животи преку музика, образование и дружење.
Родена во Грузија, Валерија Харитиду учи пијано со Инеса Човребашвили и ги завршува студиите во Експерименталната школа за музика во Тбилиси. Продолжува да студира на Националниот конзерваториум во Солун, во класата на Викторија Вкторату каде со највисоки оценки дипломира во 2007 година. Учи и во Леувен, Белгија во класата на Јооп Целис, а посетува мајсторски курсеви кај Дора Бакопулу, Бернард Рингаисен, Ана Куликова и Џорџ Емануел Лазаридис.
Настапува со сите значајни оркестри во Солун, со Медитеранскиот симфониски оркестар, со Симфонискиот оркестар на Елче, а активна е и со изведба на рецитали и како камерен уметник со настапи во Грузија, Грција и Кипар. Освојува награди на неколку натпревари во Грција, а постојано е барана да настапува како пијано придружник на разни вокални ансамбли, солисти и др. Неодамна, Валерија Харитиду е избрана за професор по пијано на Општинскиот Конзерваториум во Солун, и за корепетитор на Држвниот конзерваториум во истиот град.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Прекрасна музичка разгледница со контрабас и пијано донесоа на „Охридско лето“ извонредните македонски уметници Ѓорѓи Цинциевски и Марија Вршкова вчеравечер, со нивниот концерт во црквата „Света Софија“.
Програмата ја започна контрабасистот Цинциевски со делото „Инвокација за соло контрабас“ од чешкиот композитор М.Гајдош, а потоа следуваше премиерна изведба на „Сонатата за контрабас и пијано“ од К.Рајнер, историски интересно дело пишувано во концентрационен логор, истовремено мрачно и динамично. Беа отсвирени нови дела од македонскиот композитор Дамјан Темков, премиерна изведба на македонската верзија за соло и контабас на композицијата „Охридска пастрмка“, како и делото „Тешкото“. Премиерно беше донесена и свитата „Кармен фантазија“од американскиот композитор Франк Прото. Синоќа за првпат пред публиката на „Охридско лето“ беше претставена композиција на Цинциевски, варијации на тема од „Бор садила мома Евгенија“, како и негова транскрипција на делото „Елегија“ од Рахмањинов, оригинално напишана за клавир а во изведба на контрабас и пијано.
-Честа да свириме на „Охридско лето“ е огромна. Програмата е репертоар од 20-ти и 21 век што значи помодерна класична музика.Изведовме и мои дела. Компонирам, не би се нарекол композитор но сакам да експериментирам на тоа поле. Уште од самиот почеток кога ја добив поканата да учествувам на фестивалот „Охридско лето“, моја најголема желба беше да свирам со професорката Марија Вршкова. Ми е чест и задовослтво да свирам со неа зашто таа е фантастичен музичар и уметник. Се чувствува таа енергија на поддршка, вели контрабасистот Ѓорѓи Цинциевски.
Извонредната македонска пијанистка, Марија Вршкова која плени со својата виртуозност на пијаното, но и со својата скромност, признава дека тремата и по долги години на сцената, кај неа како уметник е секогаш присутна.
-Апсолутно, тремата е секогаш присутна. Не можам да кажам дека ако е помал концертот, помала е и тремата или обратно. Мислев дека со годините сето тоа ќе спласнува, но напротив, тоа се наголемува, но нормално во текот на сите концерти успевам да ја канализирам во убава енергија.
Чест ми е што при секој настап на „Охридско лето“ соработувам со најдобрите уметници и кога заедно со нив се прави убава музика, особено во фантастичната „Света Софија“ задоволството е секогаш огромно. Самата тежина на фестивалот „Охридско лето“ си го прави своето и не е толку едноставно да се излезе и да се свири, признава пијанистката Вршкова.
Дуетот со Цинциевски за Вршкова е нешто ново бидејќи, како што вели, со контрабас има малку соработувано и програмата е комплетно нова за неа.
„Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт за флејта и пијано со грчките уметници Захаријас Тарпагос и Валерија Харитиду.
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ синоќа донесе извонреден концерт за контрабас и пијано со романско-германскиот контрабасист Петру Иуга и романскиот пијанист Хориа Михаил.
Музичкото доживување што го приреди ова дуо започна со Шубертовата соната „Апреџоне“ во а-moll, а потоа со романските танци на Бела Барток со што на публиката ѝ беше претставена и дел од романската класична музика. Во вториот дел од концертот, романските уметници ги отсвирија Сонатата за виола во d-moll од Глинка и Варијациите на Рококо тема од Чајковски.
Иуга и Михаил првпат доаѓаат во Охрид, но заминуваат со многу позитивни импресии.
–Првпат сум во Охрид, дури и воопшто во Северна Македонија.Многу сум импресиониран од убавината на природата и луѓето кои се многу пријатeлски настроени. Ова е прекрасен фестивал судејќи по имињата кои настапувале, па затоа честа и задоволствoто се огромни што можам да настапувам овде токму на „Охридско лето“. Исто така и убавината на црквата, особено ми е интересно бидејќи првпат свирам во православна црква, а доаѓам од Романија. Ме плени нејзината акустичност, рече контрабасистот Иуга.
Двајцата уметници имаат свои извонредни соло кариери и се познаваат од одамна, но нивната работа ги однела на различни страни во светот.
-Со Хориа се знаеме одамна, но го замолив да учествува со мене бидејќи е извонреден уметник кој студирал во Бостон и знае да се организира при вакви настани. Преку нашиот настап во Охрид всушност нашето минато го поврзавме на сцената, додаде Иуга.
И за пијанистот Хориа Михаил исто така е голема честа и задоволството што вчеравечер музицираше на најголемата музичко-сценска манифестација во земјава и регионот, фестивалот „Охридско лето“.
–Голема е честа што се наоѓам овде во Охрид на овој доста познат и ценет фестивал што го организирате секоја година. Вчудоневиден сум од убавината на стариот град од езерото. Петру живее во Германија јас во Романија но убаво е што се соединивме токму овде. Директор сум на еден голем фестивал во Романија што ќе се одржи наредниот викенд, па после концертот ќе патувам за Букурешт за да се погрижам за организацијата на фестивалот каде ќе имаме над 500 уметници и 60 концерти. Идната година ветува многу, се надевам дека ќе биде без коронавирусот. Потоа резмислувам за одмор па би сакал пак да се вратам во Охрид, но овојпат како турист, кажа пијанистот Михаил.
Фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва исто така со концерт за контрабас и пијано, но публиката ќе има можност да ужива во изведбата на македонските уметници Ѓорѓи Цинциевски и Марија Вршкова.
Македонските уметници, контрабасистот Ѓорѓи Цинциевски и пијанистката Марија Вршкова вечерва ќе одржат концерт во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот како дел од музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Контрабасистот Ѓорги Цинциевски ги завршува студиите на Кралскиот колеџ за музика во Манчестер. Таму дипломира и магистрира во класата на проф. Јиржи Худец и е назначен за негов асистент. Цинциевски е прв помлад асистент во класата за контрабас на овој факултет.
Соработува со некои од водечките музичари на денешницата како: Валери Гергиев, Бернард Хаитинк, Курт Мазур, Фабио Луизи, Сер Марк Елдер, Даглас Бојд и многу други, а свирел и во престижните оркестри: Филхармонијата на Би Би Си, оркестарот „Хале“, Филхармонијата во Малме, Радио-симфонискиот оркестар во Виена, Лондонските „Моцарт плејерс“, финската Лиепаја Филхармонија и многу други. Ангажманите како соло контрабасист и оркестарски музичар го носат на бројни престижни фестивали во Европа и Азија. Покрај неговата активност како солист и водач на секцијата контрабаси на филхармонијата во Малта, Ѓорги е активен и како педагог одржувајќи бројни мајсторски курсеви, работилници и соло концерти во Велика Британија, Кина, Германија, Франција, Тајланд, Латвија, Куба, Италија, Полска и Малта. Неговите интерпретации се високо оценети од музичката критика поради техничката виртуозност, но и поради исклучителната музичка експресија и страст со која тој му приоѓа на инструментот, а која резултира и со бројни аранжмани и транскрипции на дела за контрабас и камерни ансамбли. Неговите транскрипции на „Голдберг варијациите“ од Ј.С. Бах за гудачко трио (виолина, виола и контрабас) се сметаат за први и единствени за оваа камерна формација во светот и се наградени за Најдобра транскрипција на престижното Европско биенале за контрабас одржано во Холандија во 2014 година. Оваа транскрипција, како и други дела на Цинциевски ексклузивно ги издаде издавачката куќа „Хофмајстер“- една од најпрестижните издавачи на дела од областа на класичната музика. Снимката токму на Баховите „Голдберг варијации“ му носи извонредни критики кои меѓу останатото велат „неверојатно успешно дело кое ќе остави печат во светската музичка историја“.
Ѓорги Цинциевски е основач и уметнички директор на фестивалот Меѓународни денови на контрабас кој се одржува во Валета, а од 2014 година е уметник-солист спонзориран од компанијата „Пирастро“ која изработува жици за гудачки инструменти.
Марија Вршкова е родена во Битола, таму го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена cum laude во класата на проф.Т.Светиев и на истиот факултет ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието добитник е на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а најзначајна е третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим – Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на земјава во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници: Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков, во 2010, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во: Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните македонски фестивали: Охридско лето, ДММ, Златна лира, Есенски музички свечености. Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на интернационалниот натпревар „Охридски бисери“ во 2009 година, како и трите награди „Виртуози“ една за најдобар музички изведувач во 2013 година и две награди во категоријата најдобар.
Целовечерен концерт во рамките на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе одржат романско-германскиот контрабасист Петру Иуга и романскиот пијанист Хориа Михаил.
Тие ќе настапат вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Романскиот контрабасист Петру Иуга е еден од најуспешните музичари од неговата генерација. Уште за време на студиите во Романија е забележан од Јехуди Мењухин и Алберто Луси кој го пријавува на Интернационалната музичка академија „Мењухин“ во Гштаад (Швајцарија). Студиите ги продолжува на Високата школа за музика и уметност во Берлин и на Конзерваториумот во Париз каде станува член на Парискиот камерен ансамбл и набргу потоа прв контрабасист на Минхенскиот камерен оркестaр. Петру Иуга е носител на бројни признанија од светските натпревари за контрабас што му овозможува светска кариера и гостувања како солист со престижни европски оркестри меѓу кои и Лондонскиот симфониски оркестар. Работи како професор на Универзитетот во Манхајм и е гостин предавач на Високата школа за музика во Лозана (Швајцарија). Одржува бројни мајсторски курсеви низ целиот свет во Русија, Италија, Португалија, Израел, Јапонија, Уругвај, Кина и Канада. Снима неколку ЦД-а како камерен музичар и често соработува со врвни музички имиња. Неговиот изум „Ерго бас“ го користат многу музичари во светот и тој е еден вид потпора за контрабасистите кој им помага да свират во ергономска и физички подобра позиција.
Пијанистот Хориа Михаил дебитира со оркестар на 10 годишна возраст во неговиот роден град Брашов, а до денес настапува како солист со сите оркестри во Романија вклучително и Филхармонијата „Жорж Енеску“ и оркестарот на Романското радио. По студиите на Музичката академија во Букурешт во класата на Константин Јонеску-Вову, тој заминува во САД каде ги завршува магистерските студии на Универзитетот во Илиноис работејќи со Иан Хобсон. Во 1999 година добива диплома и на Универзитетот во Бостон каде студира под менторство на Антони ди Бонавентура.
Покрај студиите по пијано, тој е дипломец и на Колеџот за математика и физика во Брашов. Победник е на бројни натпревари, и стипендиран е во целост на сите институции за високо образование кои ги посетува. Настапите го водат во повеќе од 24 земји на 4 континенти, а истите се пренесувани на радио и ТВ во Романија, Белгија, Англија, Данска, Унгарија и САД.
Откако поминува три години во Бостон како предавач на универзитетот во овој град, Хориа Михаил се враќа во Романија каде во 2009 година е назначен за пијанист-солист на Националниот радио оркестар. Во моментот делува како Уметнички директор на Филхармонијата во Брашов, советник за култура на градоначалникот на Брашов и директор на фестивалот ТАМТАМ.
Силни инспиративни импулси ѝ пренесоа на публиката членовите на познатиот ZZ Quartet кои вчеравечер музицираа во предворјето на црквата „Света Софија“ во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
На репертоарот беа оригинални композиции на гитаристот во составот, Ратко Зјача, кој е еден од најнаградуваните хрватски гитаристи и композитори. Освен него, настапија и Вид Јамник на удиралки, Мартин Ѓаконовски на акустичен контрабас и тапанарот Јоже Задравец.
-Изведовме музика од моите најрани албуми, еден пресек на мојата работа во изминатите 10 години. Зад нас како квартет стојат снимени четири албуми со авторска музика. Најновиот лајф албум излезе пред еден месец а беше снимен пред пандемијата на два фестивала во Италија, рече познатиот и најнаградуван хрватски гитарист и композитор Ратко Зјача.
Музичкиот идентитет на овој квартет рефлектира и апсорбира различни музички стилови, а една од неговите најважни карактеристики е индивидуализмот и неверојатната умешност на неговите членови да ја избришат границата помеѓу нотираната музика и импровизацијата.
-Музиката за мене е рефлесија на животот. Каков живот живееш, таква музика имаш, што значи дека мора да се научи човек да имповизира во животот. Тоа се пренесува и во музиката, но бара многу трпение и вежбање. Во еден момент станува дел од животот.Како музичар, секојдневно и на секој концерт сакаш да примениш нешто што и тебе и на публиката ќе ѝ биде интересно, да научиш нешто ново. Мене тоа ми е мото во музиката, да се излезе од комфорната зона зашто ако се свири постојано едно исто нема напредок ни за уметникот, ниту за околината. Така беше и вчеравечер, излеговме од комфорт-зоната, појасни Зјача.
Кај него, се уште се свежи сеќавања од настапот на овој музички состав на „Охридско лето“ пред 18 години.
-На истото ова место свиревме во 2003 година и концертот ми остана во незаборавно сеќавање со атмосферата, публиката, градот и гостопримството на луѓето. Години мислев на тоа. Претходната зима дојдов во контакт со фестивалот, и еве, имавме среќа концертот во Охрид да го вклопиме како дел од нашата летна турнеја, кажа познатиот хрватски гитарист и композитор Ратко Зјача.
Концертот на членовите на ZZ Quartet што се одржа на фестивалот „Охридско лето“ беше дел од нивната летна турнеја со која настапуваат во Унгарија, Италија, Хрватска, Словенија, Србија….