Репертоарот на класична музика во рамки на 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе го збогати младиот и талентиран пијанист Димчо Величков од Бугарија.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“, во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот.

Димчо Величков е роден во 1987 година во Стара Загора, Бугарија во семејство на музичари. Започнува да свири пијано на шестгодишна возраст, а само една година подоцна започнува да учи во класата на неговиот татко во музичкото училиште во родниот град. На девет години ја добива наградата „Млади надежи “ на IV Интернационален натпревар „Музиката и земјата“ во Софија.

Во 2002 година, Величков настапува во салата „Бугарија“, а една година подоцна е солист со оркестарот на Државната опера во Стара Загора. Во 2005 година ги започнува студиите на Универзитетот за музика и уметности во Виена во класата на проф. Франц Цетл, а дипломира во 2011 година во класата на проф. Маркус Праусе. Концертно настапува во Бугарија, Полска, Кореја, Русија и Словачка. Во 2013 година на покана на бугарската амбасада и Културниот центар на Бугарија во Москва настапува на прославата на бугарската култура во главниот град на Русија. Димчо Величков настапува солистички, но и како дел од различни камерни состави соработувајќи со Клара Шуман-флејта, Улјана Левит-сопран, Фулвио Бертосо и Ина Петкова-виолончело, Маико Еномото-виолина, Михо Јамамура-пијано.

Од 2017 година е ангажиран како професор по пијано на Конзерваториумот „Франц Шуберт“ и на приватната музичка школа „Шмид и Цетлман“во Виена.

 

 

 

Младиот пијанист Александар Гаџиев со своето маестрално музицирање ја воодушеви публиката на фестивалот „Охридско лето“ синоќа во црквата „Света Софија“, покажувајќи врвен пијанистички артизам .

Уметникот чии родители се професори по пијано, со брилјантната техника на музицирање, нагласениот музички сенс, како и со својата креативна фантазија го освои концертниот аудиториум уште на почетокот од вчерашната програма.

-Охридско лето е фестивал со долга традиција каде настапуваат големи имиња од светот на музиката. Затоа сум почестен што настапувам овде. Инаку доаѓам првпат во Македонија.Мојот концерт во кој се надевам уживаше публиката го започнав со сонатата „Валдштајн“ од Лудвиг Ван Бетовен, а потоа следуваше сонатата „Данте“ од Франц Лист, вели младиот виртуоз на пијано Гаџиев.

Во прекрасниот амбиент во црквата „Света Софија“, во вториот дел од концертот тој долови композиции од руски композитори. Публиката уживаше во фасцинантната изведба на „Варијациите“ од Петар Илич Чајковски, како и во Сонатата број 6 оп.82 во А-дур од Сергеј Прокофјев.

-Ме чека реализација на многу проекти, особено во Велика Британија каде што сум избран во новата генерација млади  уметници  од страна на Би Би Си. Живеам во Германија, па така, ќе одржам концерти и таму. Планирано е да музицирам и во Париз, Лондон, Братислава, Љубљана, најавува младиот уметник Александар Гаџиев кој синоќа приреди прекрасно музичко патување за публиката на „Охридско лето“.

Александар Гаџиев  е роден во Гориција, Италија, природен крстопат на бројни култури и јазици, и уште од детството е задоен со квалитетите на централно-европската култура и поднебје. Пијано започнува да учи под менторство на неговиот татко, познат руски професор, и првиот настап со оркестар го има на деветгодишна возраст, а солистички рецитал остварува на 10 години. Во 2013 година настапува на 30 –от јубилеен натпревар „Премио Венеција“, на кој се натпреваруваат најдобрите млади пијанисти од Италија и го освојува првото место. Оваа победа му овозможува бројни рецитали низ Италија но и во Лондон, Париз, Мадрид, Даблин.

 

 

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“продолжува вечерва со концерт на младиот пијанист Александар Гаџиев што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Александар Гаџиев, потекнува од семејство на музичари, неговите родители се професори по пијано.  Роден е во Гориција во Италија, природен крстопат на бројни култури и јазици, и уште од детството е задоен со квалитетите на централно-европската култура и поднебје. Пијано започнува да учи под менторство на неговиот татко, познат руски професор, и првиот настап со оркестар го има на деветгодишна возраст, а солистички рецитал остварува на 10 години. Во 2013г. година настапува на 30 –от јубилеен натпревар „Премио Венеција“, на кој се натпреваруваат најдобрите млади пијанисти од Италија и го освојува првото место. Оваа победа му овозможува бројни рецитали низ Италија но и во Лондон, Париз, Мадрид, Даблин.

Само две години подоцна, во 2015 година на престижниот натпревар Хамаматсу во Јапонија, жирито составено од: Марта Аргерич, Акико Еби и Сергеј Бабабјан меѓу останатите му ја доделува првата награда, а истовремено ја добива и наградата од публиката по што е редовно канет концертно да настапува во Јапонија, и на значајни фестивали како фестивалот Вербие, „МиТо“ фестивалот во Торино, „Шопен“ фестивалот во Душники, Интернационалниот фестивал „КлавиКелн“ во Дизелдорф, фестивалите во Кордоба, Љубљана, Болоња, Виченца, Париз,  Равена и фестивалот за камерна музика во Салцбург.

Во октомври 2018 година Гаџиев само го потврдува своето место на интернационалната музичка сцена победувајќи на натпреварот за пијанисти во Монте Карло на кој шанса да се натпреваруваат имаат само лауреати на светски натпревари. Претседателот на жирито Филип Ентремонт му ја доделува наградата „Принц Рение III“ која му обезбедува бројни концерти во Франција и низ Европа. Гаџиев настапувал во некои од најзначајните концертни сали во Италија, но и во Токио, Осака, Сапоро, Париз, Москва, Солт Лејк Сити, Истанбул, Барселона, и со оркестри како Симфонискиот оркестар во Токио, оркестрите во Кјото и Нагоја, Прашкиот симфониски оркестар, Оркестарот во Ерусалим, како и оркестарот на Централна Европа. Имал привилегија да соработува со исклучителни диригентски имиња како што се: Јуриј Темирканов, Казуки Јамада, Марек Пијаровски, Антон Нанут, Ен Шао, Џанлука Мартиненги, Тицијано Северини и многу други.

Неговото следно снимено издание со наслов „Литературни фантазии“ ќе биде објавено во септември и содржи дела од Шуман и Лист.

Александар Гаџиев моментно студира со Павел Гилилов на престижната академија „Моцартеум“ во Салцбург, а се усовршува на мајсторски курсеви на Епан Пијано Академијата и на академијата која е дел од фестивалот Вербие во Швајцарија.

Хрватскиот октет „Игњац Фукс“ прозвучи прекрасно и со својата романтична мелодиозна интерпретација, поетика и емотивни бранувања создаде  релаксирачна атмосфера вчеравечер вo црквата „Света Софија“.

Овој ансамбл не е првпат на „Охридско лето“, но секој нивни настап  е празник за фестивалската публика.  Блескавото музицирање избиваше од длабочината на  осумтемина музичари кои и годинава изненадија со изборот на програмата со која се претставија во акустичната црква. Тие го избраа првиот романтичен композитор, Франц Шуберт(1797-1828), кој во својот кус животен век од 31 година напишал околу 600 соло песни,симфонии и камерни дела  од голема уметничка вредност.

-Годинава доаѓаме во состав на октет и го отсвиривме Октетот на Шуберт во ф-дур Д 803 кое е едно од најмонументалните дела во камерната класична музика. Станува збор за многу познто дело во класичните кругови што траеше час и половина. Шуберт е еден од најголемите композитори на класична музика и со големо задоволство го изведовме Октетот, вели познатиот македонско-хрватски контрабасист Илин Диме Димовски, иницијатор за формирање на ансамблот „Игњац Фукс“ и негов уметнички раководител.

Минатата година овој музички состав настапи на „Охридско лето“ како квинтет со дела од класичната и неокласичната музика.

-„Игњац Фукс“ е мешовит камерен ансамбл. По потреба, поради концерти, турнеи и проекти, ние го менуваме составот на ансамблот, односно бројот на членови,но основните членови секогаш се трудиме да ги задржиме, додава Димовски.

Ансамблот „Игњац Фукс“ е формиран во јуни 2016 година по иницијатива на контрабасистот Димовски и на српскиот кларинетист Александар Тасиќ, кога на нивно гостување во Макао со театарско-оперската група “Third World Bunfight” им се укажува можност за дополнителен концерт на камерна музика во соработка со Хонгконгшката пијанистка Жаклин Леунг.

Оттаму се јавува идејата за флексибилен ансамбл во кој членуваат најистакнатите класични музичари од бившите југословенски простори, како што е и случајот со ансамблот на “No Borders Orchestra”, каде што Тасиќ и Димовски се запознаваат. Во исто време, флексибилен ансамбл значи поголема уметничка слобода во креирањето на програмата за еден концерт и помага во промовирањето на камерната музика, која е врвот на западно-класичниот музички израз.

Следната година „Игњац Фукс“ го очекува голема балканска турнеја во овој состав, гудачки квинтет и дувачко трио со кларинет, фагот и хорна. Името на ансамблот е  всушност првото има на познатиот хрватски композитор Ватрослав Лисински.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на октетот „Игњац Фукс“ од Хрватска што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Ќе настапат Костадин Богданоски-прва виолина, Фросина Богданоска-втора виолина, Хивоте Тадезе-виола, Никола Јовановиќ-виолончело, Александар Тасиќ-кларинет, Виктор Кирченко-хорна, Жарко Перишиќ-фагот и Илин – Диме Димовски на контрабас.

Мешовитиот Камерен Ансамбл “Игњац Фукс” е формиран во јуни, 2016 по иницијатива на македонско-хрватскиот контрабасист Димовски и на српскиот кларинетист Александар Тасиќ, кога на нивно гостување во Макао со театарско/оперската група “Third World Bunfight” им се укажува можност за дополнителен концерт на камерна музика во соработка со Хонгконгшката пијанистка Жаклин Леунг.

Оттаму се јавува идејата за флексибилен ансамбл во кој членуваат најистакнатите класични музичари од бившите југословенски простори, како што е и случајот со ансамблот на “No Borders Orchestra”, каде што Тасиќ и Димовски се запознаваат. Во исто време, флексибилен ансамбл значи поголема уметничка слобода во креирањето на програмата за еден концерт и помага во промовирањето на камерната музика, која е врвот на западно-класичниот музички израз.

Името на ансамблот е всушност првото име на познатиот хрватски композитор Ватрослав Лисински кое е воедно и името на концертната сала во која секојдневно работат некои од членовите на ансамблот во Загреб.

Костадин Богданоски е прва виолина и работи како концерт мајстор во Операта „Лисеу“ во Барселона. Фросина Богданоска е член на филхармонијата во Клагенфурт, Австрија и водач на вторите виолини во „Но Бордерс“ оркестарот. Хивоте Тадезе е заменик водач на виолите во оркестарот на Загрепската филхармонија и соло виолист на Хрватскиот барокен оркестар. Никола Јовановиќ е заменик-водач на секцијата на виолончела во Бамбергшкиот оркестар од Германија и водач во „Но Бордерс“ оркестарот. Александар Тасиќ е професор по кларинет на академијата во Нови Сад и тутор и постојан член на Фестивалскиот камерен оркестар во Вербие, Швајцарија. Виктор Кирченко е прв солист на хорна во Загрепската филхармонија, а Жарко Перишиќ е професор на академијата во Загреб и соло фагот на Симфонискиот оркестар на ХРТ.

Илин-Диме Димовски е постојан член на Загрепската филхармонија, прв контрабас на „Но Бордерс“ оркестарот и уметнички раководител на ансамблот „Фукс“.

 

Незаборавно музичко патување со четири гитари приреди синоќа италијанскиот квартет „Апеирон“ за многубројната публика на фестивалот „Охридско лето“.

Врвните гитаристи од овој ансамбл, Влатко Боцевски, Вјекослав Црнобори, Микеле Амбрози и Рафаеле Пизано кои се звучни имиња на европската класична сцена, придонесоа и синоќешната фестивалска вечер како и претходните, да биде исполнета до последно место, а вљубениците во класичната музика да поминат прекрасни мигови кои ќе ги паметат долго.

Во овој европски гитарски квартет членува и извонредниот македонски уметник Влатко Боцевски кој не го криеше задоволството што по многу години поминати како слушател на концертите на „Охридско лето“, годинава првпат доаѓа, но како гитарист на концертниот подиум.

 -Првпат сме на „Охридско лето“ и мислам дека подобра шанса за настап во Македонија од оваа нема. Израснав тука, гледајќи ги концертите на фестивалот, така што ми е многу мило што сум дел од овој фестивал. На вчерашниот концерт се претставивме со  композиции од 20-от век, напишани оргинално за четири гитари, Лео Бровер, Хосе Антонио Чик и Паоло Белинати. Единствените две транскрипции беа Морис Равел со  „Павана за мртвата принцеза“ и Хеитор Вила Лобос, вели Боцевски.

На вчерашниот репертоар беше изведена и композицијата „Двоен стандард“ од Дејвид Досет што е напишана специјално за квартетот „Апеирон“.

– Гледаме секогаш да се прилагодиме на публиката. Бидејќи „Охридско лето“ е летен фестивал, внимававме на тоа да свириме соодветни композиции кои се достапни и приемчиви за сите и да воспоставиме комуникација со публиката што се надевам и успеавме, вели Црнобори.

Според него, иако уметниците од овој ансамбл доаѓаат од различни земји, сепак, ги обединува љубовта кон музиката.

 -Базата на квартетот е во Трст. Јас сум од Хрватска, имаме двајца Италијани, Влатко е од Македонија и всушност, тоа е една убава приказна што му дава потполно друга димензија на квартетот. Секој од нас доаѓа од различна култура, со различни идеи, и токму тоа е интересно зашто сме различни, а делиме едно исто, љубовта кон музиката која е основата да свириме заедно, додава Црнобори.

Квартетот гитари „Апеирон“ е присутен на музичката сцена повеќе од 18 години и нивните концертни активности се насочени кон откривање и промовирање на оригинален репертоар за четири гитари, истовремено мотивирајќи ги композиторите да пишуваат дела за ваква музичка формација.

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчера во црквата „Света Софија“ се одржа Завршен концерт од Меѓународниот семинар по  виолина, виола, клавир, барокна и камерна музика.

Семинарот се одржа под уметничко раководство на реномираните професори виолинистот Емилио Перцан и пијанистката Тамила Гулијева.

-Годинава имаме вкупно 16 учесници од Ирска, студенти од Белградскиот факултет, од Факултетот во Сараево, од Академијата во Загреб, исто така имаме и шест учесници од Москва, поточно од Конзерваториумот „Петар Илич Чајковски“. Имаме учесници и од Факултетот за уметност во Грац каде што работам и јас, вели Перцан.

Според него, за одбележување е што и годинава составот на младите уметници е различен. Сите доаѓаат од различна средина, се на различно ниво, но како што вели, го дадоа максимумот.

-Имавме мошне интензивен семинар. Секоја година работата е доста интензивна, но годинава ми е посебно драго што имаат толкава шанса да ги подобрат и знаењето и способностите. За семинарот се слуша надалеку што ми е посебно мило. Токму затоа секоја година ги прошируваме неговите рамки, додава Перцан.

Меѓународниот семинар по  виолина, виола, клавир, барокна и камерна музика постои од 2009 година и во првите три години од постоењето се одржуваше на Истра во Хрватска. Од 2013 година се одржува во Охрид, а завршниот концерт е дел од програмата на „Охридско лето“.

 

Квартетот гитари „Апеирон“ вечерва ќе одржи концерт во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Во црквата „Сцвета Софија“, во стандардниот фестивалски термин, 21 часот, ќе настапат гитаристите Микеле Амбрози, Влатко Боцевски, Вјекослав Црнобори и Рафаеле Пизано.

Присутен на светските музички сцени повеќе од 15 години, гитарскиот квартет „Апеирон“ ја изведува својата концертна активност со цел да го открие и сподели оригиналниот репертоар за четири гитари, притоа инспирирајќи ги и мотивирајќи ги композиторите да пишуваат за овој ансамбл.

Носејќи го овој проект напред, „Апеирон“ има воспоставено неколку значајни соработки, вклучувајќи ја и работата со Иван Шуран, Маркос Винициус, Дејвид Досет, Даниел Кеснер, Дезмонд Кларк и Пол Мортила. Во 2013 година, тие учествуваа на XXVI гитарски конгрес во Санремо, Италија. Во следната 2014 и 2015 година, како резидентен квартет (quartet in residence), ја изведоа премиерата на дваесетина музички композиции на „Highscore Music Festival“  во Павија, каде што почесни гости беа Стивен Макеј и Хелмут Лахенман.

Квартетот има настапено во Италија (Вила Манин ди Пасариано, на Меѓународниот фестивал “Nei suoni dei luoghi”, во замокот Мирамаре во Трст, Концертен преглед “Енрико Меркалали”, Асоцијација „Мауро Џулијани“, Гориција, на фестивалот “Nuovi Spazi Musicali” во Асколи) и во странство (Чешка, Романија, Хрватска, Словенија и Замбија).

Во 2006 година го издадоа својот прв албум “Ápeiron” со музика составена од Јорк, Дуарте, Броувер, Лорен, Милетиќ, Рак и Белинати. Во 2010 година, квартетот учествуваше во изработката на ЦД “Playing Marcos Vinicius”,  издадена од Сонитус. Нивните концертни снимки се емитувани од различни радио станици, како Раи 3 (Италија), Радио Белград (Србија) и Чешкото национално радио.

Концерт што долго ќе се памети приреди Бенсман саксофон квартетот кој синоќа настапи на „Охридско лето“  со маестрално музицирање и со внимателно одбран репертоар.

Вечерта на саксофони во црквата „Света Софија“ која и покрај исклучително топлото време беше исполнета до последно место, започна со „Уметност на фугата“ од Јохан Себастијан Бах, а продолжи со дело од Рејмонд Мулер, Детлеф Бенсман и Николас Шаубле. На програмата беа и македонските композитори, Вања Николовски -Ѓумар и Панде Шахов, но како што велат светски познатите саксофонисти, македонските композиции не се специјално застапени само на нивниот концерт во Охрид, туку ги има на редовниот репертоар на квартетот.

Публиката по завршувањето на концертната програма со бурни овации ги врати уметниците повторно на подиумот, по што тие го отсвирија Хорхе Лопез Марин со композицијата „Ел медико де пијанос“, милозвучни ноти, напишани токму за саксофон квартет.

Основачот на овој музички состав кој беше вистинско летно освежување на фестивалот „Охридско лето“ е Детлеф Бенсман докажан педагог чии ученици биле членовите на квартетот.

-Публиката уживаше и беше мошне сконцентрирана на нашата изведба, и токму затоа се чувствував прекрасно. И публиката, и црквата, и акустиката внатре беа волшебни. Уметниците со кои настапив беа мои ученици, а сега ми е се колеги. Работиме заедно и се чувствуваме многу блиски преку музиката, рече маестро Бенсман по завршувањето на концертот.

Познатиот македонски саскофонист Нинослав Димов кој е дел од овој квартет досега има настапено неколкупати на фестивалот „Охридско лето“, како солист и во камерни состави, но првпат заедно со Бенсман саксофон квартетот. Тој и неговиот професор се основачи на овој ансамбл.

-Предизвикувачки е да се музицира заедно со  професорот од кого сте учеле. Сепак, задоволството е големо бидејќи крајниот продукт е она што стремиме да биде совршено. Самото тоа што тој ме одрбрал мене да бидам дел од екипата, е доволен показател дека мојата работа оди во правилна насока, вели младиот саксофонист со богата музичка кариера Нинослав Димов.

Бенсман саксофон квартетот е формиран во 2007 година, и оттогаш до денес, има остварено низа успешни концерти и настапи на врвни  музички фестивали во Европа, а во биографијата на ансамблот се вбројуваат и големи концертни турнеи во Соединетите американски држави и во Кина.

Фестивалската програма на 59-тото „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на Бенсман Саксофон Квартетот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Ќе настапат Детлеф Бенсман- сопран саксофон, Тианхонг Ву- алт саксофон, Лиу Паи- тенор саксофон и Нинослав Димов- баритон саксофон.

Бенсман Саксофон Квартетот дебитира на концертниот подиум во 2006-та година со премиерна изведба на Брехтовата „Badener Lehrstuck” за хор, солисти, саксофон квартет, пијано и перкусии од Карлос Фаринас и Итај Двори, по што следи продукција за Германското радио.  По успешната премиера како на делото, така и на ансамблот, произлегува и идејата на Детлеф Бенсман да ја заврши својата кариера во Берлинскиот квартет саксофони во кој како примариус успешно работел повеќе од 20 години, и да се посвети на неговата кариера како солист, диригент, композитор, и наедно на развивањето на овој „млад“ квартет во кој членуваат исклучиво уметници кои студирале кај самиот Бенсман.

Во периодот од 2007 година, па сe’ до денес, може да се вбројат низа успешни концерти и настапи квартетот на врвни музички фестивали како низ Германија, така и во цела Европа, и три концертни турнеи во Соединетите американски држави и во Кина.