Познатиот македонски актер Љупчо Тодоровски –Упа синоќа создаде совршен остров за одмор на душата преку проектот „Парче душа“ што го изведе во рамки на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“.

Во прекрасниот амбиент во предворјето на црквата „Света Софија“, актерот и носител на проектот Тодоровски-Упа заедно со неговите пријатели и соработници, актерите Гордана Енроска и Симеон Дамевски, Симон Трпчески како и кавалџијата Сашо Митев,  кај публиката поттикнаа чувства, спокојство, мир, и ја оддалечија за миг од секојдневните грижи. Истовремено, тие му оддадоа почит на великанот на македонската книжевност и пред се’ , еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

-Јас и моите пријатели му оддадовме почит на великанот наш и темелот наш, Блаже Конески, за којшто јас, упорно, дваесеттина години го говорам односно го рецитирам овој проект како сценски приказ. И не случајно е даден назив „Парче душа“,  јасно е зошто е парче душа. „Охридско лето“  е на висина на задачата, па првпат од нашата македонска независност, официјално или службено е прифатено рецитирањето на еден национален фестивал, вели актерот Тодоровски –Упа.

Тој додава дека великанот Конески е еден од ретките кои допреле до корените на чувствата и му помага на човекот да дојде до многу едноставни, а сепак, големи сознанија.

-Секогаш кога не ќе сум можел да се изразам себе си – сум го говорел него. Го мислам и ќе го имам до – секогаш. Како дел од мене. Затоа што како и секој гениј, неговото дело го  доживуваме како да се однесува за нас лично. Зашто тој спаѓа во ретките благословени од боговите кои ги допреле корените на чувствата, ги сфатиле длабочините на душата и кои ни помагаат да дојдеме до толку едноставни а големи сознанија,  затоа што ни предочуваат прекрасните созерцанија на животот и човекот. Пред се’, нашиот, македонскиот човек. Затоа е Блаже и сечовечки – оти е најпрво свој, наш, појаснува актерот Упа.

Според него, единствено преку едноставноста може да се приближи поезијата до луѓето и како што појаснува, токму Блаже Конески е поет на мудроста, на големиот и убав македонски збор, и пред се’, на едноставноста.

-Единствено на овој начин, преку изведбата на актерите, чијашто должност е да ги пренесат состојбите на душата и чувствата што произлегуваат од секоја песна, поезијата може да допре до луѓето  многу поедноставно. Луѓето се откажуваат од поезија, прво, затоа што читаат веројатно погрешна поезија, а погрешна поезија е секоја онаа којашто користи сложености за да допре до душата бидејќи  душата е многу едноставен механизам. Сакам да кажам дека ако читате погрешна поезија, сложена, набабрена, со премногу метафори кои ја оптоваруваат првата функција на поезијата, таа нема да допре до луѓето, вели авторот на проектот „Парче душа“.

Љупчо Тодоровски –Упа  покрај со актерство, се занимава и со театарска режија, филмска и ТВ продукција и пишување сценарија. Глумел на осум јазици во над 30 филмови и ТВ серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како  и безброј разни други сценски настапи.Воден од творечкиот немир на двапати по десетина години работи во Белград и Љубљана. Сѐ до денес успева да опстане како слободен уметник и да го задржи привидот на поголема лична и творечка слобода.

 

 

Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална и се одржува секоја година со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје.

Синоќешниот концерт  во рамките на оваа вечер  го проследи и Емануел Рембер, советник за култура и соработка при Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија и директор на Францускиот институт во Скопје.

-Синоќа имавме прилика да проследиме еден прекрасен концерт со двајца млади солисти, прекрасниот кларинетист Жо Кристоф и исто така извонредниот пијанист Вансан Мусат  коишто првпат оформија дуо. Навистина беше прекрасно и за нив може да се каже дека се идни виртуози. Навистина сме среќни што сме присутни на овој фестивал којшто постои речиси 60 години. Среќни сме заради француската вечер на фестивалот што се изведува по 13-ти пат. Се разбира дека ќе бидеме присутни повторно и следната година, рече Рембер.

На Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ досега настапиле звучни имиња од француската класична музика меѓу кои големиот виртуоз на хармоника Ричард Галијано, триото „Вандерер“, врвните пијанисти Уго Леклер и Елен Котино-Коен, еден од најреномираните камерни ансамбли,квартетот „Ардео“, а минатата година фестивалската публика уживаше во концертот за четири раце на пијано што го приредија Мишел и Николас Буронкле.

На 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ публиката проследи уште еден возбудлив концертен настап на двајца млади и шармантни музичари од Франција. Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот синоќа настапија кларинетистот Жо Кристоф и пијанистот Вансан Мусат.

Вечерта исполнета со пријатните звуци на пијаното и кларинетот започна со соната за овие два инструменти од францускиот композитор и пијанист Франсис Пуланк,а потоа прозвучија префинети хармонски и звучни бои од Првата рапсодија на Клод Дебиси. На вчерашниот репертоар се  најдоа и шесте пиеси за пијано „По брановите“ од Анри Дитје. Одличната програма беше заокружена со Фантастичните пиеси на Роберт Шуман и Соната за кларинет и пијано број 1 од Јоханес Брамс.

-Имавме долга програма, но уживавме во сите дела што ги отсвиривме. Црквата „Света Софија“ е навистина прекрасна и акустиката беше одлична. Ни беше огромно задоволство што свиревме тука. Со Жо сме пријатели целиот живот, но првпат се соединуваме во дует и се надевам дека повторно ќе имаме прилика повторно да свириме заедно, изјави пијанистот Мусат.

Кларинетистот Жо Кристоф освен што музицираше заедно со Мусат, вчеравечер мошне виртуозно го долови и  Омажот на Клод Дебиси за кларинет соло.

-Навистина уживавме при нашиот настап на фестивалот. Публиката беше одлична и многу приемчива, рече Кристоф.

Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална и се одржува секоја година со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје.

Фестивалот „Охридско лето“ синоќа на сцената „Долни Сарај“  ја донесе театарската претстава  „Буре Барут“ на Дејан Дуковски, во режија на Јилдирај Шахинлер а во изведба на актерите на на Народниот театар Истанбул.

Турскиот драмски ансамбл покажа дека  „Буре-Барут“ , хипер-реалната алегорија на балканскиот социо-културен стереотип е всушност карактеристична и за останатиот дел од светот, па и за Турција.

Идејата на Дуковски е да го прикаже Балканот преку метафоричната синтагма: буре барут; и „сите сакаат да фатат џаде“. Оттука започна и мотивацијата на ликовите, на нивните постапки: убиства, осакатување, неверства, заговори, обиди секогаш безуспешни. Тие маргиналци се непредвидливи, фрустрирано понесени кои или завршуваат со само/убиство или продолжуваат во ќорсокак резигнирани и носталгични; типови кои немаат поим како да се вратат во некаква нормала, носени од (некаков) балкански во ген пишан рецепт за животот.

Секоја од вкупно 11-те сцени во „Буре барут“ беше самостојна и секогаш еден од ликовите од претходната го имаше и во следната сцена, при што тие ликови-провлекувачи, како да обединуваа една виртуелна целина.

Како што појасни режисерот, Шахинлер, кое е и актер во „Буре Барут“, но и уметнички директор на Народниот театар Истанбул, со цел да се долови приказната, направена е и мала инпровизација, како што рече, со дозвола од драматургот и од самите актери.

 „Буре Барут“ на Дејан Дуковски е претстава што е прикажана во многу европски земји и пошироко.

Танци од времето на Шекспир до денес беа изведени синоќа на фестивалот „Охридско лето“ преку извонредниот настап на дрвениот дувачки квинтет „Пилекадоне“ кој донесе свежина и го разбуди чувството за естетика и уживање кај фестивалската публика.

Единствената дама во квинтетот, флејтистката Мила Павлова не го криеше задоволството што е првпат на фестивалот „Охридско лето“ и вели дека амбиентот каде што настапија е совршено место за музицирање.

-Првпат учествуваме на фестивалот „Охридско лето“. Многу ни се допаѓа Охрид, еве, имавме можност да ја видиме и црквата „Света Софија“ која е прекрасна. Исто така внатре ја почувствуваме и акустиката.Уште на генералната проба ги планиравме местата од каде што ќе звучиме најдобро, вели флејтистката  Мила  Павлова.

Кларинетистот Венелин Пиперов  појасни дека квинтетот „Пилекадоне“  настојува да го задржи вниманието на публиката и да и’ овозможи да ужива во нешто што е поразлично и што не се слуша често.

-На концертот свиревме музика од различни епохи од 15-от до 21-от век, поточно композиции кои се специјално аранжирани за нас. Нашите планови се секогаш поврзани со тематски проекти, како „Танци“, „Шекспир“ и слично. Сакаме да бидеме поразлични, да бидеме препознатливи и да и’ донесеме на публиката нешто што не го слуша често, појаснува Пиперов.

Овој музички ансамбл кој синоќа со својот настап ја воодушеви фестивалската публика во Охрид  постои 25 години и за тоа време има испишано богата биографија со настапи.

-Како квинтет функционираме веќе 25 години и за тоа време ние, освен колеги, станавме и добри пријатели, вели Павлова.

Дрвениот дувачки квинтет „Пилекадоне“   е уникатен  поради тоа што нивниот израз ги надминува  границите на традиционалниот класичен концертен пристап, честопати преплетувајќи се  со нови форми како мултимедија, концептуална уметност, соработка со актери и танчери, како и со хорот на Софиските момчиња.

По концертот на „Охридско лето“ , во септември, ансамблот го очекува турнеја во Италија,како и учество на фестивал во Габрово.

Фестивалот „Охридско лето“ освен што ја негува класичната музика и драмската уметност,  простор отстапува и за останатите видови уметност. Дополнителната програма на фестивалот утревечер од 22 часот во Предворјето на црквата „Света Софија“ ќе донесе  сценски приказ  на поезијата на Блаже Конески преку проектот „Парче душа“ на актерот Љупчо Тодоровски –Упа.Со години изведуван ширум Македонија проектот стана препознатлив, а Упа, некако природно се врзува, се поистоветува со Блажe Конески.Насекаде наидува на искрена човечка возбуда и благодарност, неретко доведени до по некоја солза. И точи мир. Мир и спокојство во душата.

„Парче душа“ е метафоричен приказ на еден човечки живот испреплетен со историјата на нашата татковина. Сликослед од крајолици, луѓе и настани од нашиот, македонски живот. Реализирате голем проект со кој всушност ја возобновивате малку подзаборавената навика на рецитирање и читање поезија. За каков проект станува збор?

УПА: Проектот е составен од: државен натпревар во рецитирање со предвидено учество на над 7.000 учесници и над 100.000 посетители, снимање на носач на звук на 100-те најголеми македонски поетски песни во изведба на водечки актери,ТВ серија од 15 епизоди за големите македонски поети како прв дел на поголем проект наречен „Столбовите на Македонија“, интерактивна обработка на методски единици „Поети“ и изведба на нивните песни преку актерски настапи за средните училишта.  Исто така подразбира и мапирање  и обележување на сите спомнати од Конески во неговите песни топоними и историски личности и настани со текст на песната и достап до изведбата на таа песна преку мобилни телефони, вели Тодоровски Упа.

Зошто овојпат се одлучивте за Блаже Конески?

Блаже е нераскинлив дел од мене и мојот живот. И моето творештво. Толку стана мој како да ми е отсекогаш.Секогаш кога не ќе сум можел да се изразам себе си – сум го говорел него. Го мислам и ќе го имам до – секогаш. Како дел од мене. Затоа што како и секој гениј, неговото дело го  доживуваме како да се однесува за нас лично.Зашто тој спаѓа во ретките благословени од боговите кои ги допреле корените на чувствата, ги сфатиле длабочините на душата и кои ни помагаат да дојдеме до толку едноставни а големи сознанија; затоа што ни предочуваат прекрасните созерцанија на животот и човекот. Пред се нашиот, македонскиот човек. Затоа е Блаже и сечовечки – оти е најпрво свој, наш. Оттаму огромната моќ на неговата поезијата.Оттаму мојата втренчената очараност од Блажета…

Затоа што не се сложувам со тоа како се однесуваме кон неговото творештво, затоа што го забораваме и зафрламе по зафрлени ќошиња на помнењето и почитувањето, поточно, ја презирам таа неблагодарност, и народна, и државна. Сега кон него се однесуваме како да е од никогаш. Се однесуваме како овие 2- 3 милиона души наречени Македонци да ќе раѓаат секои педесет години по еден великан од светско значење. Оти тој е тоа – еден од најголемите и најмоќните поети на сите времиња. Молам, кој не верува – да го препрочита. Или, уште поарно, нека слуша некој актер кој што го говори.

Кон него се однесуваме како неук, неопитен човек кој по божје провидение падната му во раце Бержеовата непроценливо вредна, восхитувачки убава ракотворба од бесценети камења, не сфаќајќи ни убаво ни вредно, отфрлајќи се што не е за „во себе, на себе и под себе“ наменето за него и неговото тело – ја зафрлил меѓу џиџињата купени на последниот панаѓур.

Блаже ми е како отсекогаш. Кога не ќе сум можел да се изразам себеси – сум го говорел него. Затоа што, како и секој гениј, неговото дело го доживуваме како да се однесува за нас, и само за нас. Го доживувам, живеам и ќе го имам за – до секогаш. Како јас, самиот себеси. И го преточувам преку себе во гледачите. Го болам и воскликнувам за секој од нив посебно и за сите нас заедно…

Го реализирате овој проект шурум државата веќе подолго време. Каков е одзивот кај аудиториумот?

Луѓето сакаат убав збор, моќно чувство, возбудлива состојба, слики.

Мир и спокојство, убав збор, блискост; длабоки и искрени чувства, мечтање и сонување. Луѓе со воздржан здив…Ете тоа е рецитирањето.

И давам предност на училиштата, кај младите оти тие се идните читачи, идните посетители на театар, добри граѓани, чесни домаќини, грижни родители. Всушност, како што си беше. И како што треба да биде на овој свет и овој век.

Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот „Охридско лето“  вечерва  ќе настапат кларинетистот Жо Кристоф и пијанистот Ванесан Мусат.

Концертот на француските уметници ќе се одржи во црквта „Света Софија“ со почеток во 20 часот.

Жо Кристоф ги започнал студиите на Националниот конзерваториум за музика и танц во Париз во 2015 во класата на Филип Берод-прв кларинетист на Оркестарот во Париз, како и кај неговиот асистент и колега Арно Лерој. Во моментот е на пост-дипломски  студии по камерна музика под менторство на Мишел Морагес.

Победник е на повеќе натпревари меѓу кои Есенскиот фестивал на млади изведувачи во 2017, и често е ангажиран од страна на значајни ансамбли како Оркестарот во Париз, Националниот француски оркестар, операта во Лимож, оркестарот во Стразбур, а како солист настапува со оркестарот „Пасделуп“, Новиот Европски камерен оркестар, како и со ансамблот на националната полиција.

Во последните неколку години, настапите го водат во концертните сали на  Филхармонијата во Париз, Аудиториумот на Радио Франција, операта „Гарние“, „Концертхаус“ и  „Музикферајн“ во Виена, „Курхаус“ во Мерано, Фестивалскиот театар во Баден-Баден, Филхармонијата во Келн, Националниот форум за музика во Вроцлав, Филхармонијата и Концертната сала во Берлин, како и концертната сала во Токио, имајќи можност да настапува со извонредни диригенти како што се:  Дејвид Цинман, Алан Алтиноглу и Сер Сајмон Ратл.

Жо Кристоф ужива во различноста на музичките жанрови, па изведува џез, современа музика, ориентална и клецмер музика со октетот „Сирба“ кој е познат ансамбл за еврејска музика. Добитник е на првата награда од Фондацијата „Шафран“ во 2018 година со едногласна одлука на жирито и настапува како солист, но и во дуо со Пјер Генисон, придружуван од оркестарот на Француската национална гарда.

Благодарение на импровизацијата и развојот на слухот, Вансан Мусат покажува интерес за пијаното од многу рана возраст. По неколку години поминатин на конзерваториумот во Тулуз, тој е едногласно примен да студира на Конзерваториумот Супериор нво Париз во 2014 година. Истата година ги отвора личните уметнички хоризонти преку повеќе размени и резиденции во парискиот„Cite Internationale des Arts”. Мусат имал особен интерес за историските практики на интерпретација поради што во катедралата Ројамон работи на стари инструменти и инструменти од романтичната ера. Како солист настапува со Новиот Европски камерен оркестар, со ансамблот „Апасионато“ на затворањето на фестивалската академија на Филип Јаруски. Учествува на чествувањето на 100 годишнината на композиторот Анри Дитје  за време на фестивалот „Млади таленти“ во 2016 година во Париз. Винсент настапува на повеќе фестивали во Франција меѓу кои Фестивалот на Радио Франција во Монпелје,  „Сина сезона“ во Тулуз,  фестивалот „Мел Бонис“ во Виена, фестивалот за млади музичари во Берлин и др.  Како камерен музичар често настапува со музичарите од операта во Ница, а дуото кое го формира заедно со виолончелистот Жереми Гарбаг е лауреат на FNAPEC  асоцијацијата. Во 2019 година Вансан Мусат е номиниран за наградата „Откритие на класичната музика“ од страна на АДАМИ организацијата на уметници.

 

Во Предворјето на црквата „Света Софија“, а во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“,  вечерва од 22 часот ќе се одржи сценски приказ на поезијата на Блаже Конески преку проектот „Парче душа“ на актерот Љупчо Тодоровоски –Упа.

Со години изведуван ширум Македонија проектот стана препознатлив, а Упа, некако природно се врзува, се поистоветува со Блажe Конески.Насекаде наидува на искрена човечка возбуда и благодарност, неретко доведени до по некоја солза.

-„Парче душа“ е метафоричен приказ на еден човечки живот испреплетен со историјата на нашата татковина. Сликослед од крајолици, луѓе и настани од нашиот, македонски живот…Но пред сѐ и над сѐ,  најважното, тој е – изблик  на  чувства! Чувства! И душевни состојби…Тука ќе ги „видите“: епските Марко Крале, Св. Спиридон и Болен Дојчин; Тешкото и Стерната. И нежните Виј, Круша, Пресадување… Ангелот на Св. Софија, Убавите жени, Нежност…па Тетин Ристе, Белата тетка…и ќе ја доживеете својата и душата на својата татковина, вели актерот Љупчо Тодоровски –Упа.

 Покрај актерство, Тодоровски –Упа се занимава и со театарска режија, филмска и ТВ продукција и пишување на сценарија… Глумел на 8 јазици во над 30 филмови и ТВ серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи низ цела бивша Југославија и безброј разни, други сценски настапи.Воден од творечкиот немир на двапати по десетина години работи во Белград и Љубљана. Сѐ до денес успева да опстане како слободен уметник и да го задржи привидот на поголема лична и творечка слобода.

 

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Буре Барут“ на Дејан Дуковски, во режија на Јилдирај Шахинлер што на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот ќе ја донесат актерите на Народниот театар Истанбул.

 „Буре Барут“ на Дејан Дуковски е претстава што е прикажана во многу европски земји и пошироко. Ремек-делото, е составено од 11 различни приказни поврзани во форма на една целина.

Како што истакна на денешната прес-конференција директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, „Буре барут“ претставува хипер-реална алегорија на балканскиот социо-културен стереотип.

– Ремек-делото, е составено од 11 различни приказни поврзани во форма на една целина.Секоја сцена во „Буре барут“е самостојна и секогаш еден од ликовите од претходната го има и во следната сцена, при што тие ликови, провлекувачи, како да обединуваат една виртуелна целина. Така, во првата и последната сцена се појавуваат истите имиња, но двете се разликуваат и по времето и по просторот: сон/јаве, по целиот амбиент и по постапките на ликовите, појасни Поповиќ.

Режисерот на претставата, кој наедно е и директор на Народниот театар Истанбул, но и дел од актерската екипа што вечерва ќе излезе на сцената „Долни Сарај“, Уилдирај  Шахинлер вели дека е почестен што е дел од фестивалот „Охридско  лето. Охрид, според него е прекрасен град, град на културата а тоа, како што рече, се гледа од архитектурата, но и од возбудата кај луѓето што го подготвуваат фестивалот.

 -Пред да ја работиме претставата, најпрво го гледав филмот . Еден од моите пријатели ми кажа дека постои сценарио коешто е напишано за театарски изведби и решив да го преведам од англиски јазик. Претставата ја изведовме во Истанбул бидејќи приказната од „Буре Барут“ одговара и за Турција. Како режисер практикувам импровизација, но се разбира, со дозвола на драматургот и засега тоа резултира со прекрасни изведби. Вечерва ќе видите турска игра на „Буре Барут“, но сигурен сум дека ќе ја препознаете и македонската „Буре Барут“, рече   Шахинлер.

Башак Гумулџинелиоглу е една од актерките која игра во театарската претстава и според неа „Буре Барут“ ги зближила актерите и направила да се чувствуваат како едно семејство.

-Претставата  „Буре Барут“ пренесува една универзална и безвременска порака која одговара во кое било време особено за овие простори. Ја  играме три години и веќе станавме едно семејство, истакна Гумулџинелиоглу.

Нејзиниот колега, актерот  Еркан Џан рече дека вечерва публиката ќе види прекрасна игра на турските актери.

-Вашата земја е прекрасна. Знам дека повторно ќе се вратиме овде со друга игра, рече Џан.

Иницијаторот којшто ја донесе театарската претстава „Буре Барут“ и турските актери на фестивалот „Охридско лето“ е Илијас Балта.

-Интересено е, како може некој да пишува нешто и да предвиди што ќе се случи по повеќе од 30 години . Тие што ќе дојдат вечерва на претставата ќе видат дека Дејан Дуковски  напишал нешто пред повеќе од 30 години и тоа се случува и денес. Оваа приказна, Уилдирај Шахинлер ја има оспособено да се игра во Македонија на турски јазик, рече Балта.

Како што нагласи на денешната прес-конференција, директорката на „Охридско лето“,  Наташа Поповиќ, фестивалот во подготвителниот период имаше прилика да се промовира во Истанбул, и како што додаде, тоа резултира со бројни гости од Турција кои го посетија ова 59-то фестивалско издание.

Вкусен спој на различна музика што ја соедини публиката на фестивалот „Охридско лето“ направи синоќа Дуке Бојаџиев кој одржа концерт на Долни Сарај.

Овој извонреден музичар кој настапува на најпрестижните концертни подиуми ширум светот меѓу кои и Карнеги Хол во Њујорк, е секогаш скромен и  со позитивна енергија што мошне лесно и’ ја пренесува на публиката. Така беше и синоќа кога неговата музика допре до срцата на луѓето и ги поведе во едно духовно патување под ѕвезденото небо над „Долни Сарај“.

Една по една се редеа нумерите и заедно со добро осмислената нарација создадоа неповторливо доживување за посетителите. На репертоарот беа нови теми работени во текот на последниот период, нови обработни на стара македонска музика од 70-те, и како што вели Бојаџиев, тоа беше концерт поразличен од досегашните.

Настапите во Охрид, за него се секогаш возбудливи затоа што како што објаснува музичарот, во Охрид се чувствува посебна позитивна енергија.

-Потекнувам од Скопје, но уште од дете, повеќе се чувствувам како дома во Охрид отколку во Скопје. Охрид е срцето на Македонија. Настапувањето во Охрид секогаш претставува голема возбуда за мене затоа што чувствувам некаква енергетска поврзаност со езерото, со градот, па и со луѓето бидејќи имам огромен број пријатели овде, и тоа пријателства што ги негувам уште од детството, вели Дуке Бојаџиев.

 По диплома доктор на медицински науки, но и по дипломирањето, музиката е неговата најголема и најсилна љубов.

-Има многу медицинари, доктори кои се врзани со некаква уметност, музика, сликарство, поезија. Можеби има некоја племенитост во медицината што ја има и во уметноста. Во мојот случај, татко ми, Тодор Бојаџиев, беше композитор и доктор, но доктор по професија, а композитор по хоби. Јас, откако дипломирав, решив да ги свртам поинаку работите. Сфатив дека што било друго да работам освен музиката, би било изгубено време, додава Уметникот.

Во моментов, Дуке Бојаџиев работи на повеќе полиња. Насочен е кон  телевизиските проекти, а од филмските, работи на  музиката на  хрватски филм од легендарниот југословенски режисер Вељко Булаиќ којшто се уште работи. На почетокот од следната година, Дуке Бојаџиев најавува и  концерт во Скопје.