Врвен изведувачки артизам на солисти, префинети вокалитети, креативен сензибилитет донесе синоќешниот концерт на „Охридско лето“ на светски познатата оперска певица Инва Мула, сопранот Дешира Ахмети и тенорот Ѓорѓи Цуцковски кои настапија во пијано придружба на големиот пијанист и композитор, Генц Тукичи.
Импресивната изведба на оперските пејачи и пијанистот беше наградена со долги и бурни овации, нешто што може најмногу да посака еден уметник.
Раскошниот глас на албанскиот сопран Инва Мула уште еднаш во Охрид ги потврди високите естетки позиции што ги има певицата во светот на класичната музика и ја воодушеви публиката од различни генерации. Мула со порака од Охрид, да се приближи класичната музика до младите, но истовремено да се сочуваат нејзините вредности.
-Ние уметниците мора да се приспособуваме и на младата публика, да најдеме начин како да им ја приближиме бидејќи светот на класичната музика е доста затворен. Она што се слушало пред двесте или 300 години морало да биде изведено до перфекција, до совршенство. Се разбира дека не сум поборник да се земе некое класично дело и да се изведе на комерцијален начин бидејќи сметам дека на тој начин се губи вредноста на класичната музика. Сепак, мора да најдеме начин, класичната музка да се приближи до младата публика. Таа нема трпение да ја следи класиката како што сме ја следеле ние и затоа, мора да внимаваме како им ја приближуваме. Прв којшто ги отворил вратите класичната музика да се приближи до широката публика е Павароти. Ние сега треба да ги држиме тие врати отворени, а истовремено да ги сочуваме вредностите на класичната музика, вели сопранот Инва Мула.
Македонската оперска певица Дешира Ахмети и нејзиниот колега, тенорот Ѓорѓи Цуцковски кои со својата префинетост и совршено пеење брилјираа на концертниот подиум, најавија дека соработката со Мула ќе продолжи како и досега.
Програмата што беше синоќа на репертоарот на „Охридско лето“, ариите од оперите, оперската дива Инва Мула ја избра специјално за учеството на фестивалот.
Синоќешниот концерт го следеше и бројна публика од поширокиот регион,а дел од нив дојдоа во Охрид специјално само за да проследат несекојдневното уметничко доживување во црквата „Света Софија“.
Особено ми значи што сум дел од 59-тото по ред издание на фестивалот „Охридско лето“, што подразбира дека станува збор за еден сериозен фестивал којшто навистина се грижи за уметниците и за доловувањето на уметноста.
Ова денеска на прес-конференција го изјави светски познатата оперска певица, сопранот Инва Мула од Албанија која вечерва, заедно со нејзините гости, сопранот Дешира Ахмети и тенорот Ѓорѓи Цуцковски, како и пијанистот Генц Тукичи ќе одржат концерт на „Охридско лето“.
-Благодарам на поканата да бидам овде, во ова уникатно место во Европа. Пред повеќе години учествував неколкупати на фестивалот и се’ уште се сеќавам на магичниот амбиент на црквата „Света Софија“ во која настапував. Посебно ми е мило што нема да се претставам сама вечерва, туку со моите колеги, Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски. Добро е енергијата што ја поседувате да ја споделувате и да направите убава синергија со другите гласови, изјави Инва Мула.
Заедно со неа, вечерва доаѓа и нејзиниот колега и сонародник, пијанистот Генц Тукичи со кого соработува веќе три децении.
-Двапати сум бил во Скопје, но во Охрид настапувам првпат. На „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ учествувал и мојот татко во далечната 1970 година, и има големи импресии од тој настап. За мене тоа е посебно доживување, да ја продолжам традицијата што ја негуваше татко ми, рече пијанистот Тукичи.
Големиот македонски тенор, уметникот Ѓорѓи Цуцковски е гостин на вечерашниот концерт со три нумери, но како што рече, кај него е голема возбудата што настапува со Инва Мула и токму на фестивалот „Охридско лето“ .
– За мене како македонски уметник, Охрид и „Охридско лето“ имаат навистина специјално значење и морам да истакнам дека сум многу повеќе возбуден денес отколку кога настапувам на реномираните светски сцени. Вечерва во публика ќе ги имаме нашите престижни македонски уживатели на сериозната музика, а имаме многу пријатели коишто ќе дојдат да ја проследат спекракулатната Инва Мула, рече Цуцковски.
Соработката на македонските уметници, тенорот Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Ахмети од Националната опера и балет на Република Северна Македонија со големата дива Инва Мула, ќе продолжи и во иднина, најави сопранот Дешира Ахмети.
-Јас и Ѓорѓи сме многу среќни што веќе неколку години соработуваме со Инва Мула. Имавме прекрасен концерт во 2012 година со Оркестарот на Националната опера и балет на нашата држава, а исто така, Инва беше поканета и на Мајските оперски вечери. Што се однесува до нашиот вечерашен концерт, јас првпат настапувам на магичната сцена во црквата „Света Софија“. Покрај настапот на прекрасната Инва, ќе имаме многу убави дуети, избор што таа го направи за вечерашниот репертоар на фестивалот, најави Дешира Ахмети.
Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Васо Ристов истакна дека Инва Мула е еден од најголемите сопрани во светот, позната од филмот „Петтиот елемент“.
-Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Улогата на Виолета во „Травијата“ претставува еден вид уметнички потпис, па така, истата ја повторува во Виена, Милано, Лондон, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид. Нејзините сценски парнери се некои од најпознатите тенори на нашето време како Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго Виторио Григоло.Како голем уметник редовно е поканета да одржува семинари на академиите во Париз и Санкт Петербург. Учесници на вечерашниот концерт вечерва ќе бидат и моите драги колеги од Националната опера и балет на Република Северна Македонија, Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски.Вечерва ќе имаме едно посебно доживување во црквата „Света Софија“, рече селекторот Ристов.
Директорката на фестивалот „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција најави дека интересот за вечерашниот концерт на светски позната оперска певица Инва Мула и нејзините гости на вечерта, Дешира Ахмети, Ѓорѓи Цуцковски и Генц Тукучи кај публиката е огромен.
-Не’ радува фактот што има голема заинтересираност за вечерашниот концерт, не само од локалните посетители, туку и од гости од поширокиот регион, нагласи Поповиќ.
Концертот на големите уметници ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
v
Светски познатата оперска дива Инва Мула од Албанија вечерва ќе биде дел од музичката програма на фестивалот „Охридско лето“. Концертот на кој ќе настапат и сопранот Дешира Крлиу, тенорот Ѓорѓи Цуцковски и пијанистот Генц Тукичи ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Родена во Тирана, започнува да учи пијано на петгодишна возраст, а пеење на 16 години, најпрво со нејзината мајка, а потоа и на Универзитетот за уметности во Тирана на кој и дипломира. Првата улога на сцената и е Виолета во операта „Травијата“ која и ѝ ги отвора вратите на операта во Тирана каде настапува во текот на следните 5 години. Триумфира на првиот натпревар организиран од тенорот Пласидо Доминго во 1993 година, по што нејзината интернационална кариера ќе започне да се движи во нагорна линија со настапи во оперските куќи во Авињон, Лос Анџелес, Бон, Вашингтон, Лирската опера во Чикаго како и „Метрополитен“ операта во Њујорк каде настапува во продукцијата на операта „Боеми“. Во 1997 година со голем успех настапува во „Риголето“ како Џилда заедно со Лео Нучи во операта во Марсеј. Значаен момент во нејзината кариера е нејзината вклученост во филмот „Петтиот елемент“ на Лук Бесон каде го позајмува гласот за Дивата „Сина Лагуна“. Овој проект и носи интернационална слава и надвор од кругот на строгите оперски фанови.
Сопранот Дешира Ахмети е родена во Дебар. Дипломира на Академијата за уметности во Тирана во 1998 година, а подоцна во 2012 година магистрира на Музичката академија во Скопје. По студиите станува член на ансамблот на Макдонската опера и балет дебитирајќи на сцената со улогата на Микаела во операта „Кармен“ во 2005 година. Потоа следат повеќе водечки улоги на сцената како Памина во „Волшебната флејта“, Неда во „Палјачи“, Сантуца во „Кавалерија Рустикана“, Лиу во „Турандот“, Леонора во „Моќ на судбината“, Антонија во „Хофманови приказни“, додека пак во Албанската опера во Тирана ја исполнува улогата на Доника во операта „Скендербег“ од Пренк Јакова. Подеднакво активна на концертниот подиум Дешира Ахмети настапува со рецитали и на концерти со оркестар во Скопје, со Македонската филхармонија и оркестарот на операта под диригентсво на Александар Лековски. Во Тирана настапува со Оркестарот на РТВ Албанија, а во Приштина со Косовската филхармонија. Настапува во Хамбург и Берлин, Сплит и Шибеник, Тел Авив, Равена и Њујорк.
Македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а специјализира кај проф. Оливера Миљаковиќ во Виена. Магистрира соло пеење во класата на Борис Трајанов на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.Неговите меѓународни претставувања со бројни улоги се на сцените во Италија во Козенца, Лече и Бриндизи, во Јапонија во операта во Осака каде што настапува како Алфред во „Травијата“, во Токио како солист во Симфонијата бр. 9 од Бетовен, во Националната опера во Белград, на оперскиот фестивал во Аспендос, Турција, како солист во Моцартовиот „Реквием“ со Софиската филхармонија. На различни оперски гала-концерти, Цуцковски настапува со Филхармонијата во Дубровник, со Сливенската филхармонија во Бугарија, во Џакарта како солист при гостувањето на оркестарот на Македонската опера и др. Во изминатите неколку сезони е чест гостин во оперските куќи во Италија- настапува на гала концерт на Фестивалот посветен на Белини во Античкиот театар во Таормина, настапува како Пинкертон на Фестивалот „Пучини“ во Торе дел Лаго, одржува солистички рецитал во Авелино, а ги пее тенорските улоги во „Набуко“ и „Мадам Батерфлај“ во Лече и Бриндизи. Во 2017 година со рецитал настапува во Шангај и е награден со златен медал на Фестивалот „Хшиан“ во Кина. Со рецитали се претставува во Њујорк, Виена и на фестивалот „Епидаурус“ во Хрватска.
Цуцковски остварува гостувања во: Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Русија, Португалија, Германија, Швајцарија, Италија, Албанија, Австрија, Индонезија, Јапонија, Кина, Кореја, Хрватска и др. Цуцковски е првенец на Македонската опера, а предава пеење на ЕСРА-Интернационален универзитет за аудио-визуелни уметности во Скопје.
Албанско-францускиот пијанист и композитор Генц Тукичи редовно настапува со Инва Мула, а како композитор има напишано бројни дела за соло пијано, пијано и оркестар, како и неколку парафрази на оперски теми од Пучини, Верди и Офенбах.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Северна Македонија „Саша Николовски –Ѓумар“ во рамките на „Охридско лето“ синоќа го одржа традиционалниот концерт со младите и талентирани солисти, виолинистката Софија Никоска и саксофонистот Иван Трајановски.
Изведбата на младите уметници, како солистите, така и членовите на оркестарот предизвика експлозија од восхит кај присутните во црквата „Света Софија“ кои ги имаше од различни генерации. Концертниот репертоар беше составен од внимателно одбрана програма, како што тоа впрочем се прави секоја година специјално за учеството на фестивалот.
-Како што знае и публиката на „Охридско лето“ што доаѓа на нашите концерти, секоја година ние избираме различен стил односно програма. Годинава со маестро Олег Кондратенко, нашата екипа избра мошне интересна програма во која ужуваа сите. Програмата ја започнавме сосеренада од композиторот Макс Брух, потоа нашата виолинистка Софија Никоска настапи со Шуберт и продолживме со нова нечуена композиција од чешкиот автор Едуард Направник за да продолжиме со композиторот Хектор Вила-Лобос и концерт за камерен окрестар и алт саксофон односно сопран саксофон. Заваршивме со „Паладио“ од Карл Џенкинс , композиција што досега сме ја изведувале само во еден мал дел, поточно само првиот став, вели претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски.
Според него, сите композиции се практично праизведби на „Охридско лето“ и затоа концертот беше наречен премиера.
Музичката младина на Македонија веќе 33 години е дел од фестивалската програма на „Охридско лето“ и секоја година носи млади, но исклучително талентирани млади уметници.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но и гости музичари од други земји. Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините се наметна на музичката јавност, не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.
Како што знае и публиката на „Охридско лето“ што доаѓа на нашите концерти, секоја година ние избираме различен стил односно програма. Годинава со маестро Олег Кондратенко, нашата екипа избра мошне интересна програма во која ужуваа сите. Програмата ја започнавме со серенада композиторот брух, потоа нашата виолинистка Софија Никоска настапи со Шуберт и продолживме со нова нечуена композиција од чешкиот автор Направник за да продолжиме со композиторот Вилол Лобос и концерт за камерен окрестар и алт саксофон односно сопран саксофон. Заваршивме со Паладио од Карл Џенгис, композиција што сме ја зиведувале само во еден мал дел, сам о првиот став.
Сите композиции се практично праизведби на „Охридско лето“ и затоа концертот го нарековме премиера.
Овде го имавме цветот на младоста во областа на музиката, најдобрите членови на камерниот оркестар, но и најдобрите солисти.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Република Северна Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ вечерва ќе одржи концерт во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. Под диригентско раководство на Олег Кондратенко, како солисти на вечерта ќе настапат виолинистката Софија Никоска и саксофонистот Иван Трајановски.
Камерниот оркестар на Музичката младина постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на ФМУ- Скопје, но и гости музичари од други земји. Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините се наметна на музичката јавност не само како неопходност туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.
Виолинистката Софија Никоска е родена во 1991 година во Прилеп, каде го започнува своето музичко образование. Средното музичко училиште го завршува во Скопје, после кое се запишува на Факултетот за Музичка уметност во Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко на само петнаесет години и станува најмладиот бруцош воопшто на ФМУ. Дипломира со највисока оцена – Cum Laude, а потоа ги завршува и магистерските студии на ФМУ. Од 2011-2017 година е студент во класата на реномираниот проф. Захар Брон во Кралскиот колеџ за Музика во Мадрид, Шпанија, како стипендист на фондацијата „Албениц“.
Саксофонистот Иван Трајаноски (1995, Скопје) своето музичко образование го започнал на десет години во својот роден град. Во 2013 година матурира во класата на проф. Владимир Трајаноски. Своето образование го продолжува на музичката Академија во Љубљана во класата на проф. Матјаж Древеншек, а го надградува кај еминентни професори и истакнати саксофонисти како што се: Филип Гајс, Жан Дени Мишат Миха Ргина, Николас Прост, квартетот „Сигнум“ и др.
Добитник е на највисоки награди и признанија како солист и како дел од камерни состави (Белград, Смедерево, Пожаревац, Скопје, Струга, Битола, Толмин …) Со саксофонскиот квартет ‚‚Еутерпа ‘‘ на државниот натпревар “TEMSIG” во Словенија (2015г.) ја добиваат златната плакета и специјалната награда од “EMCY”.
Како солист или дел од камерен ансамбл има настапувано во: Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Италија, Австрија, Германија.
Украинската уметница Божена Корчинска со својата надолжна флејта и хармоникашот Богдан Кожушко синоќа во „Света Софија“ донесоа разновидна екстраваганција во музичката кошница што ја донесоа на „Охридско лето“.
Двајцата млади уметници на концертот во рамките на традиционалната Украинска вечер на фестивалот, се претставија со дела од Јохан Себастијан Бах, Феофан Прокопович, Дмитри Бортањски, Доменико Скарлати,Жан Филип Рамо, Георг Фридрих Хендл, Џовани Басано, како и од композиторите Никола Матеис, Михала Петри, Вјачеслав Семенов и Ладислав Купкович.
-Првпат сме во Охрид и Македонија. Многу сме задоволни од настапот на реномираниот фестивал „Охридско лето“ пред ваква прекрасна публика. Имавме многу разновидна програма на репетроарот. Кога ќе се соберат сите тие дела можеби не се поврзани на некој посебен начин, но се многу колоритни и даваат едно големо разнообразие. Доловивме и композиции кои не се често застапени, вели Корчинска.
Божена Корчинска е една од виртуозните изведувачи на надолжна флејта, наследничка на професионалната уметност на свирење на украинскиот кавал, основана од нејзиниот татко Mирослав Корчинскиј.
-Мојот татко е основач на школата за свирење на овој инструмент во Украина и затоа, јас немав голем избор, па се одлучив украинската надолжна флејта да ја земам како мој главен музички инструмент. Овој инструмент во Европа е познат како блок-флејта, но украинската надолжна флејта се разликува по тоа што има различна апликатира и дава потопол тон, додава Корчинска.
Дуото Корчинска – Кожушко се редок инструментален состав – украинската надолжна флејта и хармоника. Страсниот ентузијазам на музичарите за малку познатите ремек-дела од жанрот на музичките минијатури, виртуозната музика за флејта и свежиот звук на барокните хитови на хармониката ќе ги предизвика сетилата на слушателите пред сѐ поради спецификите на инструментите и изборот на програмата која хармонично ги обединува во себе делата на древните епохи и музиката на XX век.
Коричинска соработува со мајсторите за оптимизирање на конструкцијата на инструментот, а исто така го проширува репертоарот и отвора нови можности на инструментот. Од 2000 година таа е организатор на Отворениот натпревар на кавалџии и блок флејтисти во Украина. Соработува со бројни ансамбли и солисти.
Лесна и приемчива театарска претстава, но со повеќеслоен текст кој во себе крие приказни и отвора многу прашања, донесоа премиерно актерите на Драмски театар Скопје, синоќа во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“.
Премиерната изведба на театарската претстава „Несоодветно за на работа“ од Луси Кирквуд, во режија на големиот холивудски актер и режисер Доналд Ворен Мофет прикажа серија екстремно луцидни и на повеќето од нас толку познати и блиски сцени од медиумското секојдневие.
Драмата долови јасна слика од секојдневието во едно местастазирано општество, прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација која почнува, завршува или се прекршува врз женското тело.
Демонстрацијата на моќ, отсекогаш била поврзана со родовите прашања. „Несоодветно за на работа“ покажа колку малите луѓе можат да бидат ставени во позиција да немаат избор и како човекот живее во свет во кој се обидува да негува надеж дека сепак, има нешто што не е на продажба.
Современата британска драматургија е карактеристична по отвореноста кон различните тематски дискурси, и без исклучок инсистира на тематска поврзаност со актуелни општествени прашања и превирања. Тематското покривање на проблемите и прашањата на маргинализираните општествни групи во современиот театар е сеприсутно од повеќе причини, потребата од општествено ангажиран театар кој има за цел да поттикне на размислување и да провоцира јавно мислење и став за прашања блиски до маргинизираните општествени групи.
Авторката на драмскиот текст „Несоодветно за на работа“, Луси Кирквуд, е претставничка на современата британска драматургија. Во ова дело се истакнува, критикува и потенцира присутноста на објективизацијата на женското тело и жената воопшто, генерациски проблем со којшто се соочува женската популација.
Драмскиот текст „Несоодветно за на работа “ е напишан во 2012 година, а е праизведен во Royal Court Theatre.
„Разновидна екстраваганција во музичката кошница“ е насловена музичката програма на традиционалната Украинската вечер што ќе се одржи на „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ , денеска од 21 часот.
Ќе настапат Божена Корчинска на украинска надолжна флејта и Богдан Кожушко на хармоника.
Дуото Корчинска – Кожушко ќе изведат несекојдневна програма насловена како: „Разновидна екстраваганција во музичката кошница“. Тие се редок инструментален состав – украинската надолжна флејта и хармоника. Страсниот ентузијазам на музичарите за малку познатите ремек-дела од жанрот на музичките минијатури, виртуозната музика за флејта и свежиот звук на барокните хитови на хармониката ќе ги предизвика сетилата на слушателите пред сѐ поради спецификите на инструментите и изборот на програмата која хармонично ги обединува во себе делата на древните епохи и музиката на XX век.
Божена Корчинска е една од виртуозните изведувачи на надолжна флејта, наследничка на професионалната уметност на свирење на украинскиот кавал, основана од нејзиниот татко Мирослав Корчинскиј.
Коричинска соработува со мајсторите за оптимизирање на конструкцијата на инструментот, а исто така го проширува репертоарот и отвора нови можности на инструментот. Од 2000 година таа е организатор на Отворениот натпревар на кавалџии и блок флејтисти во Украина. Соработува со бројни ансамбли и солисти.
Дипломирала на Лавовската Национална музичка академија „М.Лисенко“, а исто така на Киевската Национална музичка академија „П.И. Чајковски” на катедрата за барокна музика. Побдник е на Меѓународниот натпревар на изведувачи на народни инструменти „Г. Хоткевич” во Харков, 1998 година.
Денес Божена Корчинска води сопствена класа на Лавовската Музична академија „М.Лисенко”. Божена Корчинска ја посветува својата активност на потврдувањето на украинскиот хроматичен кавал како уметнички, концертен инструмент, преку своето творештво и изведувањето на нејзините студенти, формирајќи го новиот стандард на звук на овој уникатен национален украински изум.
Во 2017 година ја одбрани докторската дисертација посветена на овој инструмент прва од ваков вид во историјата.
Богдан Кожушко студира на Националната музичка академија „М. Лисенко“ во Лавов во класата по хармоника на проф. Јарослав Олекскив. Во 2018 година започнува да учи и оргули во „Халациана школа Канторум“. Учесник е на бројни натпревари и фестивали и се закитува со награди на повеќе од нив како: прва и втора награда на натпреварот „Провесин“ во Кривоград, Украина, втора награда на Интернационалниот натпревар во Ланчано, Италија, прва награда на интернет натпреварот во Белград, прва награда на меѓународниот натпревар „Перпетум мобиле“ во Дрохобич, Украина и др.
Учествува на семинари кај чембалиската Даниела Долчи во Швајцарија, кај полскиот чембалист и оргулист Марек Топоровски во Полска, кај познатиот полски хармоникаш Клаудиуш Баран итн. Нстапува како солист во Украина, но и надвор од неа во Полска, Германија и Литванија. Соработува со повеќе ансамбли во Украина и настапува на бројни фестивал во родната земја и во странство.
Звучните уметнички имиња во светот на класичната музика, виолинистката Сихана Бадивуку и пијанистката Маја Кастратовиќ, по четири години повторно се вратија заедно на фестивалот „Охридско лето“, музицирајќи синоќа на концертниот подиум во црквата „Света Софија“ .
И двете поседуваат дарба да го пренесат волшепството на музичкото дело до публиката, споделувајќи ги со неа емоциите.
-Голема е честа повторно да настапиме како дуо и оваа година. Секогаш е незимерно задоволството што сме овде. Овој храм на музиката буди неверојатно силни емоции и звукот е божествен. Можноста да го споделиме нашиот свет со ценетата охридска публика има неизмерно значење за мене и Сихана, вели пијанистката Маја Кастратовиќ.
Репертоарот со кој настапија Бадивуку и Кастратовиќ на „Охридско лето“ беше специјално одбран за фестивалот, а содржеше и дела од Клара Шуман, со што уметниците се вклучија кон одбележувањето 200 години од раѓањето на големата композиторка.
– Вечерта ја започнавме со четвртата соната од Бетовен, ја продолживме со трите романси на Клара Шуман, потоа со скерцо од Брамс. Во вториот дел изведовме соната од Цезар Франк и композиција од Родион Шедрин. Избравме програма така како што се чувствуваме сега, и тоа сакавме да го споделиме со публиката, додава Кастратовиќ.
И впечатливата виолинистка Сихана Бадивуку, како и нејзината колешка, Маја Кастратовиќ во својата професионална биографија бележи бројни настапи на фестивалот „Охридско лето“ низ годините наназад.
-По четири години, повторно имаме заеднички рецитал со Маја. Многупати сме учествувале на фестивалот „Охридско лето“ и секогаш се сеќаваме на големите аплаузи. Со фестивалот сум врзана уште како млад уметник во рамките на Подиумот на млади и можам да кажам дека охридската публика е феноменална.Задоволството од претходните настапи на „Охридско лето“ и од вчерашниот концерт е уште поголемо бидејќи не’ следи не само домашната публика, туку и публика од целата држава и од странство. Амбиентот во кој музицираме, не’ мотивира да го дадеме нашиот емоционален максимум, вели Бадивуку.
Двете уметници, Сихана Бадивуку и Маја Кастратовиќ музичко образование го завршиле на престижниот Конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ во Русија, годинава одбележуваат 25 години заедничка професионална соработка. Јубилејот го започнаа со заеднички концерти во Словенија, а по рециталот на „Охридско лето“, најавија уште неколку заеднички рецитали што би требало да се одржат до крајот на годината.