Драмски театар од Скопје вечерва на „Охридско лето“ премиерно ќе ја изведе театарската претстава „Несоодветно за на работа“ од Луси Кирквуд, а во режија на Доналд Ворен Мофет.
Драматург на претставата е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски,а асистент на сцеографот е Зоран Петровски. Костимографијата ја изработи Александар Ношпал, кореограф е Кренаре Невзати,а преводот од англиски јазик го направи Благоја Бошковски.
Во „Несоодветно за на работа“ што ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот, улогите ги играат Зоран Љутков, Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Дамјан Цветановски и Стефан Вијусиќ.
Низ серија екстремно луцидни и, за жал, на повеќето од нас толку познати и блиски сцени од корпоративното, во случајот, медиумско секојдневие, во „Несоодветно за на работа“ Кирквуд ни дава јасна слика за симптомите на едно метастазирано општество прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација која почнува, завршува или се прекршува врз женското тело. Како и вообичаено, и самите жени често се покорни и/или амбициозни соучеснички во борбата чија единствена цел е победа врз послабите и профит по секоја цена и во која единствената сатисфакција произлегува од продолжувањето на патријархално-капиталистичкиот тренд на концентрација и задржување на (парите) моќта и искачувањето по корпоративната вертикала.

Неколкуте искри на бунт завршуваат вешто и подло загушени од центрите на моќ (прикажани преку бескрупулозните уредници/чки) во комбинација со економските околности (класната положба) на ликовите принудени да живуркаат во постојана (полу)прекарна состојба, па и по цена и на последните ронки човечко достоинство. Конечно, исклучена е речиси секоја надеж за некакво алтернативно постоење или ослободување од стегите на системот кој успева да ги измолзи постојните и целосно да се прилагоди на новите форми на „генерирање профит“ без да изгуби од суровоста.

Во свет на неизбежна и целосна комодификација кога веќе ни е јасно дека сите имаме „своја цена“, нѐ остава со дилемата дали е само илузија тоа што понекогаш наивно се тешиме дека „барем некои работи не се на продажба“.
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на големите уметници, виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа и пијанистката Маја Кастратовиќ што ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“, во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот.

Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Потекнува од музичко семејство и со музиката се среќава уште на млади години. Високото образование го стекнува на престижниот Конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, најпрвин во Киев, со проф. Богодар Которович, а потоа и во Москва каде што дипломира и магистрира во класата на проф. Евгенија Чугајева.
Бадивуку кариерата ја гради на меѓународните концертни подиуми настапувајќи на „Охридско лето“, Денови на македонска музика, Фестивал за современа музика во Тирана, Фестивалот „Ремузика“ во Приштина, Музичкиот фестивал во Варна, „Интерфест“ во Битола, на реномирани фестивали во Италија и Шпанија. Одржува концерти во Албанија, Македонија, Италија, Шпанија, Турција, Бугарија, Германија, Русија, Финска, Ирска, Белгија, Украина, Литванија, Словенија, Канада, САД. Нејзиното огромно искуство годините наназад го пренесува на своите ученици, кои го продолжуваат нејзиниот успешен уметнички пат.
Од 2008 година, Бадивуку е професор на Државниот универзитет во Тетово, редовно е член на неколку жири на виолински натпревари. Таа е виолинист во ансамблите „Вивенди“, „Музика Балканика“ и „Стринг трио Косово“. Во 2011 година, Сихана Бадивуку го објавува цедето „Брамс сонати“ со пијанистот Јоуни Сомеро во Финска. Во 2000, пак, го основа Камерниот музички фестивал, а од 2003 се јавува како основач на Музичката фондација „Арс Косова“, а наедно е и уметнички директор на Музичкиот натпревар за млади „Арс Косова“ и на Камерниот фестивал во Косово. Соработката со Маја Кастратовиќ датира од 1994 па сè до денес.
Пијанистката Маја Кастратовиќ е родена во Скопје каде го завршува основното музичко училиште во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Слаѓана Јовановиќ, а го продолжува во Централното Московско музичко училиште во класата на проф С. И. Гаџиев. Во 1993 година дипломира на престижниот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ , а во 2002 година магистрира во Скопје во класата на проф. Борис Романов.
Како концертна пијанистка настапувала со оркестарот на Македонската филхармонија, а остварува и бројни солистички и камерни настапи на домашната сцена, но и надвор од неа во Русија , Велика Британија, Италија, САД, Чешка, Австрија, Шпанија, Црна Гора, Србија и Словенија. Добитник е на бројн и награди и признанија за нејзиното извонредно музицирање на пијаното. Од 2001 година живее и предава пијано и корепетиција во Словењ Градец и Словенске Коњице во Словенија. Нејзините ученици се добитници на бројни награди и признанија на меѓународни натпревари.
Елена Папандреу, една од големите грчки гитаристки со меѓународна кариера, синоќа приреди романтична вечер на фестивалот „Охридско лето“. Инструменталниот виртуозитет и нагласените емотивни бранувања создадоа амбиент на духовна релаксација кај публиката која ја награди оваа голема уметница со стоечки овации.
-По одржувањето концерт, секогаш сум уморна, но и среќна истовремено. Се радувам вечерва на возвратниот одговор од страна на публиката. Настапив во прекрасна црква што има совршена акустика.Чест ми е да бидам дел од „Охридско лето“ кој важи за најстар и најважен фестивал во Европа. Првпат настапувам овде и сум многу благодарна за поканата, изјави Папандреу по завршувањето на концертот кој ќе остане запаметен по врвен артизам на прекрасниот инструмент, гитарата, чии романтични звуци се разлеваа под сводовите на „Света Софија“.
Папандреу изведе дела од Манос Хаџодакис, Роланд Дајенс и Ариел Рамирез од кои најголемиот дел се аранжирани од Роланд Дајенс и Орестис Калампаликис и и’ се посветени токму неа.
-Голема чест е да имаш дела што се наменети за тебе. Тука е Ролан Дајенс(1955 – 2016) кој е звучно име во светот на гитарата. Од друга страна, тој многу ја сакаше музиката на Манос Хаџидакис, грчки композитор кој направи други аранжмани за група гитари. На некој начин јас го продолжувам сонот, идејата, да снимам музика на Хаџидакис аранжирана токму од Роланд Дајенс и Орестис Калампаликис, рече грчката уметница.
Елена Папандреу свири на гитара што е направена Игнасио Флета, еден од најголемите шпански изработувачи на жичани инструменти.
-Да, свирам на гитара што е направена од Игнасио Флета. Таа припаѓа на мојот сопруг Оскар, но тој неодамна се одлучи да ми ја подари мене и сум многу среќна заради тоа, додаде Папандреу.
Нејзината музичка кариера е многу богата. Настапува најпрестижните концертни подиуми во повеќе од 40 земји во светот. Соработува со признати музичари меѓу кои гитаристите: Оскар Гилиа, Алирио Дијаз, Роланд Дајенс, Никита Кошкин, Евангелос Будунис, виолинистот Леонидас Кавакос и виолончелистот Леонид Горохов. Настапува како солист со оркестри во Грција, Италија, Романија, Турција, Мексико и Сингапур.Елена Папандреу е професор на универзитетот во Солун, Грција.
Концертот го проследија и голем брoј стански туристи, а во публиката беше и конзулот на Република Грција во Република Северна Македонија , Николаос Каралекас.
Народниот театар од Битола синоќа на „Охридско лето“ со својата маестрална актерска игра го донесе Еврипид на сцената преку театарската престава „Бакхи-Краток преглед на распадот“ извонредно режирана и адаптирана на современиот свет под палката на Игор Вук Торбица.
Директорот на Битолскиот народен театар Иван Јерчиќ вели дека голема е честа, но и задоволството да се работи со еден ваков исклучително добар режисер.
-Бакхи –краток преглед на распадот е претстава на еден од најнаградуваните режисери во регинот во моментов, Игор Вук Торбица. Тоа се потврдува и со еден натпис што го прочитав за него дека во неговата биографија постојат повеќе награди отколку претстави што ги има изрежирано во неговата кариера. Затоа, јас и Илина Чоревска не се двоумевме да го поканиме и огромно е задоволството што тој прифати да работи во нашиот театар. Тоа на некој начин беше своевиден гарант за квалитетот на претставата и новото кон кое се стремиме ние во Битолскиот народен театар. „Охридско лето“ е еден голем, реномиран фестивал на којшто ни е задоволство да доаѓаме секоја година. Нашата идеја е секоја година да се претставуваме со што поквалитетна претстава, појаснува Јерчиќ.
Според Илина Чоревска, уметнички директор на Битолскиот народен театар и еден од актерите што игра во драмата, годинава овој театарски ансамбл на „Охридско лето“ го носи најдоброто, проект којшто, како што вели, го зближил актерскиот тим што работел на самата претстава.
-Бакхи-Краток преглед на распадот е претстава која кореспондира со светската театарска сцена и која во секој случај провоцира и поставува прашања. Станува збор за современ пристап на еден текст од Еврипид што само мајстор како Игор Вук Торбица може да го направи актуелен како денес. Ова е претстава на македонскиот, на балканскиот, на светскиот идентитет, претстава која зборува за оттуѓеноста на луѓето, за суровоста, која на крајот ќе каже дека и системот, и боговите се мртви. Игор Вук Торбица е режисер којшто треба да го посака секој театарски тим затоа што е исклучително интелигентен каква што е и претставата. Ние како тим се зближивме додека ја работевме претставата. Отворивме прашања секој кај себеси и општо како театарски ансамбл бидејќи тој многу провоцира во текот на работата и мислам дека станавме поголеми пријатели, а истовремено и поголеми актери, ако можам така да се изразам, бидејќи кога ќе осознаеш некои нови работи за себеси, тогаш отвораш и нова етапа во актерскиот занает, вели Чоревска.
Битолскиот народен театар е несомнено еден од најдобрите и најуспешните театарски ансамбли во Македонија, афирмиран и респектиран не само во поширокиот балкански регион, туку и подалеку. По гостувањето на „Охридско лето“, битолските актери ги очекува премиера на театарската претстава „Август во округот осејџ“, а потоа и учество на фестивалот „Град-театар“ што се одржува во црногорскиот град Будва.
Гитаристката Елена Папандреу од Грција вечерва ќе одржи целовечерен концерт во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Папандреу која американскиот дневен весник Вашингтон пост ќе ја нарече „поетеса на гитарата“ е родена во Атина во 1966 година. Студира гитара под менторство на Евангелос Будонис и Оскар Гилиа. Исто така, работи со Гордон Кроски на Кралскиот северен колеџ за музика во Англија стипендирана од Британскиот совет. Посетува мајсторски курсеви предводени од Алирио Дијаз, Џулијан Брим, Лео Брауер и Руџеро Кјеса. Победничка е на три меѓународни натпревари: „Марија Калас“ (Грција,1984), „Гарњано“ (Италија, 1985) и „Алесандрија“ (Италија, 1985), а носителка е на втора награда и наградата „Наксос“ на натпреварот на Фондацијата на гитаристи на Америка во 1995 година. Во моментов соработува со шведската издавачка куќа БИС, а во 1992 година и е доделено признанието „Спирос Мотсенигос“ од страна на Академијата во Атина, значајна награда која се доделува секои две години на исклучителни музичари.
Папандреу настапува во повеќе од 40 земји во Европа, Северна и Јужна Америка, а како една од уметниците на програмата „Нови ѕвезди“ на Асоцијацијата на концертни сали на Европа добива можност да настапува и во најпрестижните концертни сали во Европа: „Музикферајн“ во Виена, Филхармонијата во Келн, „Симфони хол“ во Бирмингем и концерната сала во Атина. Настапува и во концертната сала „Чајковски“ во Москва и салата „Кралица Елизабета“ во Лондон. Во 1998 година дебитира во „Карнеги хол“ во Њујорк. Соработува со признати музичари меѓу кои гитаристите: Оскар Гилиа, Алирио Дијаз, Роланд Дајенс, Никита Кошкин, Евангелос Будунис, виолинистот Леонидас Кавакос и виолончелистот Леонид Горохов. Папандреу настапува и како солист со оркестри во Грција, Италија, Романија, Турција, Мексико и Сингапур. Меѓу композиторите кои ѝ посветуваат дела се: Роланд Дајенс, Никита Кошкин, Никос Мамангакис, Гиоргос Кумендакис и Евангелос Будунис, а во моментов е професор на универзитетот во Солун, Грција.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
По успешниот старт на 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ со настапот на светската виолинистка Ванеса Меј, и серијата концерти на исклучително добри музичари, фестивалската програма вчеравечер донесе незаборавни мигови за публиката со концертот на познатиот руски виолинист Денис Шаповалов кој музицираше заедно со неговиот колега и сонародник, пијанистот Алекандер Вершинин.
Шаповалов на подиумот во „Света Софија“ покажа неверојатна техника на музицирање и исклучителна експресивност.
-Првпат настапувам овде. Порано сум одржал концерти во поранешните југословенски републики, во Хрватска, Србија, во Црне Гора и Словенија, но среќен сум што сум и тука. Македонија и Охрид ги чувствувам со срцето. Што се однесува до мојот настап, можам да кажам дека имавме прекрасен концерт насловен како „Магичната душа на челото“. Се испреплетоа прекрасни гласови, бои, тонови, дела од Чајковски, француска музика од Дебиси, италијанска музика, и сите композиции се обидовме да ги навеземе хит, по хит, изјави виртуозот на виолончело, Денис Шаповалов.
Вчерашната вечер што долго ќе се памети започна со Соната број 6 А-дур од Луиџи Бокерини, следуваа Концертните варијации на Феликс Менделсон, потоа Варијациите на тема од Росини од Бохуслав Мартину,а вториот дел од концертот публиката уживаше во маестралната музичка интерпретација на делата Пецо капричиозо и Ноктурно од Пјотр Илич Чајковски, Унгарскиот танц од Јоханес Брамс, Вокализа, Прелудиум Г-дур од Сергеј Рахмањинов, во валцерот „Прекрасна вечер“ од Клод Дебиси. Музичката вечер на „Охридско лето“ беше заокружена со Скерцо од сонатата зан виолончело од Дмитри Шостакович и Марш од операта „Вљубен во три портокали“ од Сергеј Прокофјев.
Покрај како солист, Денис Шаповалов, гради кариера и настапува и како диригент, одржува мајсторски курсеви и компонира. Неговите дела се одлично примени од страна на критиката и публиката. Репертоарот на Вершинин пак, вклучува музика од различни жанрови, од класични дела се до џез импровизации. Особено внимание посветува на опусот на Александар Скрјабин,неговите последни дела, пет сонати и делницата за пијано од симфониската поема „Прометеј“.
Народен театар Битола ja носи на „Охридско лето“ театарската претстава „Бакхи- Краток преглед на распадот“ по Бакхи од Еврипид, а во режија на Игор Вук Торбица. Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
Според режисерот Игор Вук Торбица, меѓу преостанатите и сочувани грчки трагедии на Еврипид, Бакхи се издигнува заради неколку тематски и формални причини, но, како што вели, можеби најважна е таа што Бакхите ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ и нашето цивилизациско сознание, моќта на раскажување приказни.
-Текстот е длабока загатка за релативноста и променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа, „божественото“ доаѓа во облици кои не сме подготвени да ги прифатиме и да ги препознаеме.Но, можеби нај интересното прашање со кое се занимаваме во нашата претстава е: зошто нашиот идентитет, наместо во вредностите кои ги делиме и за кои се бориме, пред се’ е конституиран „со она другото“ – непријателство спрема „надворешниот противник“? Дали на тој начин криеме дека вистинскиот „непријател меѓу нас – сме самите ние?“,дека сме вистински странци себеси и едни на други, односно дека ништо не не саботира повеќе отколку општествените препреки коишто самите си ги наметнавме, вели Вук Торбица.
Во претставата „Бакхи – Краток преглед на распадот“ играат Маја Андоновска – Илијевски,Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Мартин Мирчевски, Васко Мавровски, Викторија Степановска – Јанкуловска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска и Анастазиа Христовска.
Драматургијата е на Билјана Крајчевска, сценографијата ја изработи Валентин Светозарев, а костимите се на Благој Мицевски. Автор на музиката во драмата е Александар Димовски.
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на руските уметници, виолончелистот Денис Шаповалов и пијанистот Александар Вершинин што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Она што го издвојува Шаповалов од останатите надарени виолончелисти во светот е неговото комплексно продирање во суштината на делата кои ги изведува, неверојатната техника и исклучителна експресивност.
Настапува на значајни интернационални фестивали во Русија, Франција, Италија, Германија, Австрија, САД, Јапонија и Кина, а соработува и со истакнати оркестри како Симфонискиот оркестар „Чајковски“, Симфонискиот оркестар во Санкт Петербург, камерните оркестри „Московски виртуози“ и „Московски солисти“, оркестарот на Баварското радио, Холандската филхармонија, Лондонскиот симфониски оркестар, Лондонската филхармонија, оркестрите во Балтимор, Токио, Братислава, Макао и др. Настапува под диригентските палки на Лорин Мазел, Јука – Пека Сарасте, Владмир Федосејев, Јутака Садо, Јоел Лев, Ендрју Литон, Владимир Спиваков, Јуриј Башмет, Валери Полјански, Томас Сандерлинг, Џанандреа Нозеда и многу други.
Покрај како солист, Денис Шаповалов, гради кариера и настапува и како диригент, одржува мајсторски курсеви и компонира. Неговите дела се одлично примени од страна на критиката и публиката.
Рускиот пијанист Александер Вершинин е роден во 1965 година во Москва. Дипломира и магистрира со почести на Московскиот конзерваториум по што му е доделено професорско место, а од 2009 година има своја класа на Универзитетот Сакујо во Јапонија.
Репертоарот на Вершинин вклучува музика од различни жанрови, од класични дела се до џез импровизации. Особено внимание посветува на опусот на Александар Скрјабин,неговите последни дела, пет сонати и делницата за пијано од симфониската поема „Прометеј“. Од 2001 година Вершинин е член на Фондацијата „Скрјабин“. Со педагогијата како негов примарен повик, Вершинин одржува мајсторски курсеви во Русија и надвор од неа, но успешно ги комбинира со неговите настапи на интернационални фестивали и турнеи во Франција, Германија, Јапонија, САД, Јужна Кореја и др.
Тој е основач и уметнички директор на различни проекти меѓу кои крос-овер фјужн проекстот „Индија во Сино“, „Класика и џез“, како и серијата класични концерти со наслов „Историски концерти“. Неоговото авторско дела „Свита Бајки“ за соло глас, саксофон, џез пијано трио и гудачки оркестар се здобива со одличен прием кај публиката но и кај стручната музичка јавност во Русија.