Пред преполн Антички театар, во магична атмосфера, големите виртуози на гитара Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ приредија  прекрасен роденденски концерт за 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Публиката што ја имаше од сите генерации, уживаше во беспрекорната изведба на двајцата уметници со светско реноме, а  пеејќи ги песните што се изведуваа, ги наградуваше Стефановски и Тадиќ и со бурни аплаузи. Посетителите на Античкиот театар  уживаа во извонредните интерпретации на  Македонско девојче, Касапско оро, Ајде дали знаеш дали паметиш Милице, Бог да ги бие Дебрани, Јовано Јованке, и многу други по кои Влатко ќе остане запаметен како одличен изведувач.

Посакувајќи му на фестивалот уште многу години успешна работа, Влатко Стефановски кој растел следејќи го, а потоа и учествувајќи како уметник на фестивалот, рече дека „Охридско лето“  е фестивал којшто треба да биде пример за сите останати фестивали.

-Огромна е честа да се биде дел од одбележувањето 59 години од еден голем фестивал како што е „Охридско лето“ кој може да биде ментор и учител на многу други фестивали во регионот и во светот. Тоа што настапувам во Охрид е секогаш одново и одново и предизвик, и задоволство, и привилегија, рече Стефановски.

Музичката одисеја на Влатко Стефановски со Мирослав Тадиќ трае 22 години. Не музицираат често но секој нивни концерт е ексклузива за публиката.

-Постои некоја резонанца над нас која е на несвесно ниво и музиката само ја пуштаме да тече, а ние сме тука само двајца работници кои и дозволуваат на таа музика да дојде од некаде, да помине низ нас  и да продолжи, додаде Стефановски.

Амбиентот во којшто се одржа концертот соодветствуваше на одбележувањето на  роденденот на нашата најголемата музичко –сценска манифестација која догодина ќе го одбележи и јубилејот, шест децении од постоењето.

 

Со торта и роденденската „happy birthday“ заедно со бројните љубители на уметноста, пријатели на Фестивалот и врвните гитаристи Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, кои имаа незаборавен концерт на Античкиот театар,  „Охридско лето“  вчеравечер во прекрасна атмосфера во елитниот хотел „ Лаки“ го прослави својот 59-ти роденден.

Фестивалот „Охридско лето “официјално својот почеток го бележи со концерт одржан на 4 август во далечната 1961 година, со настапот на оперската певица Ана Липша Тофовиќ. Од година во година „Охридско лето“се развива по нагорна линија, прераснувајќи во манифестација која претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал. „Охридско лето“ се одржува секоја година од 12 јули до 20 август. а од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите.

Денес, Фестивалот „Охридско лето“ претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Република Северна Македонија. Манифестација  која ја има поддршката од страна на Владата на РМ преку Ресорното министерство за култура, Претседателот на државата кој воедно е и Покровител на Фестивалот, а исто така и значајната поддршка од стопанството преку одделни фирми и претпријатија кои финансиски го помагаат фестивалот.

 

Фото галерија:

 

 

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“, вечерва ќе биде отворена самотојна изложба на слики под наслов „Бранови и мисли“ од Наташа Попоска Карче.

Изложбата ќе биде отворена во Предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 19 часот.

Д-р Наташа Попоска Карче е родена 1972 година во Охрид. Стоматолог по професија, од 2013 година, почнува да го моделира и создава својот ликовен и интимен сензибилитет создаваќи реални но и имагинарни пејзажи кои го отсликуваат нејзиниот динамичен и исполнет живот.

Длабоко во нив, помеѓу четката и платното можеме да следиме сенки, да го допреме дното, да ја чуеме тајната на езерото…

Во август 2016 година, ја одржува самостојната изложба во Охрид на Терасата во Аквариус, а во јули 2017 година, учествува на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца .

Големиот словенечки кларинетист со меѓународно реноме, Дарко Брлек,  синоќа настапи на „Охридско лето“ одржувајќи концерт заедно со гудачкиот квартет „Дисонанс“ од Словенија.

На концертниот подиум во црквата „Света Софија“, освен солистот Брлек,  настапија првата виолина Јанез Подлесек, Матјаж Поровне-втора виолина, Оливер Диздаревиќ на виола и виолончелистот Клемен Хвала.

На репертоарот беа  дела од Мариј Когој, Дмитриј Шостакович и Волфганг Амадеус Моцарт. Познатиот Брлек изведе композиција на Моцарт.

-Синоќа настапив со гудачкиот квартет „Дисонанс“ изведувајќи го моцартовиот Квартет за кларинет и гудачки квартет. Сметам дека вториот став е еден од најдобрите во музичката историја, вели кларинетистот Брлек.

Инаку тој не учествува првпат на „Охридско лето“, но како што вели, многу добро се сеќава на неговиот прв настап во црквата „Света Софија“.

-Мислам дека по 10-ти пат сум на фестивалот „Охридско лето“. Првпат настапив во 1986 година со Камерниот оркестар „Урош Лајовиќ“. Оттогаш поминаа 33 години, но јас многу добро се сеќавам на првиот настап. Го свиревме Моцарт и други композиции. Дојдовме со чартер лет попладнето и  се вративме назад веднаш по концертот, се присетува Брлек.

Годинава, словенечкиот уметник на „Охридско лето“ доаѓа заедно со музичкиот состав за гудачки инструменти „Дисонанс“ за кој вели дека е исклучително добар квартет и составен од врвни музичари.

-Со нив свирев во Трст и во Словенија. Тоа се концерт –мајстори  во Словенечката филхармонија,а  тука е и директорот на Филхармонијата, Клемен Хвала. Во Словенија има уште еден  одличен гудачки квартет, „Тарантини“. Тоа е добра традиција на камерното музицирање. Тие се всушност јадрото  на камерниот оркестар на Словенечката филхармонија со кој  сум свирел јас, но и многу други големи ѕвезди како што се виолинистките Ванеса Меј и Сара Чанг, појаснува Дарко Брлек.

Иако по професија е кларинетист, тој е и директор на интернационалниот Љубљанскиот фестивал, но успева да ги синхронизира музицирањето и културното менаџирање.Во насока на проширување на соработката со институциите од областа на културата и надвор до границите на матичната земја, Дарко Брлек во октомври минатата година оствари и работна средба со директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

-„Охридско лето“ е многу важен фестивал, не само за Охрид, туку и за целиот регион и Европа, и треба да ја има поддршката од сите страни. Сигурно ќе имаме заеднички копродукции, но би било убаво, овде  повторно да дојде Камерниот оркестар на Словенечката филхармонија, а можеби и сите членови на Филхармонијата доколку се обезбедат средства за тоа, зашто сепак се работи за состав од сто члена, додава Брлек.

За Дарко Брлек културниот менаџмент е повеќе од професија, но тој истовремено активно се занимава и со неговата прва љубов-кларинетот настапувајќи во Словенија и на меѓународните концертни подиуми.

Фестивалот „Охридско лето“ утре ќе одбележи 59 години од своето постоење. Директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција посветена токму на роденденскиот концерт  што ќе се одржи утревечер, истакна дека е огромна е  честа  да се биде дел од тимот што го подготвува и реализира годинешново фестивалско издание и потсети дека многу луѓе оставиле свој белег на фестивалската сцена  и се заслужни за успесите на „Охридско лето“ низ годините назазад.

-Четврти август, денот кога започна „Охридско лето“ изминатите години стана симбол за неповторлив настан. Ден кога изразуваме огромна благодарност   на првенката на македонската опера, Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 година со првиот концерт во црквата Света Софија најави дека се раѓа Фестивал кој  трае до ден денес.Секоја година, во традиционалниот термин 12 јули – 20 август,  се случува магијата наречена „Охридско лето“.  Повеќе од половина век оваа наша најголема музичко сценска манифестација зад себе испишува богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвните  театарски креации. Секоја година 40- те фестивалски денови се празник на уметноста. Охридско лето носи околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот. Над 20 000 посетители, љубители на уметноста, од целиот свет доаѓаат да уживаат на врвните музички и театарски настани..  Тоа е доволен показател дека нудиме квалитет во градењето на успешните фестивалски изданија, рече директорката Поповиќ.

Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Васо Ристов, истакна дека  фестивалот  претставува големо достоинство и исклучителчна  културна придобивка за Охрид  и Република Северна Македонија, и како што рече, со долгата традиција од 59 години, остварува универзална и благородна мисија на рамноправен натпревар на сите врвни  уметнички вредности.

-Утре, 4 август, на роденденот на фестивалот, ќе имаме чест да ги слушнеме големите светски имиња, виртуози на гитара, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ. До крајот на  ова, 59-то фестивалско издание остануваат уште 14 фестивалски вечери во музичкиот дел. Како и лани, и оваа година, музичкиот дел на 19 август го затвораме со македонски автор, професорот Томислав Зографски, одбележувајќи 85 години од неговото раѓање на кој ќе настапат македонски докажани солисти, рече Ристов.

Врз досегашната драмска програма на годишеното фестивалчско издание, се осврна селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Александар Поповски кој нагласи дека фестивалот е од непроценливо богатство и заслужува да се грижиме за него повеќе и на посебен начин.

-Годинава донесовме специфични и посебни претстави со кои на некој начин сакавме да покажеме што е она што оваа година го карактеризира овој фестивал. Со голема радост го чекам затворањето и „Одисеј“ на Горан Стефановски зашто речиси беше невозможно на почетокот, таа посебна претстава на Горан да ја донесеме тука бидејќи сите нејзини чинители заминале на некои други острови, отпатувале на некои други мориња и ова беше како да собираш камчиња по брегот на еден цел океан. Задачата ни успеа и ќе ги собереме сите тие луѓе. Го прославуваме 59-от роденден  и веднаш започнуваме со подготовки на 60-тото издание на фестивалот, рече селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Поповски.

Роденденот на „Охридско лето“ ќе биде одбележан со голем концерт на светските виртуози на гитара, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ што ќе се одржи утревечер, на АНтичкиот театар, со почеток во 21 часот.

Според големиот виртуоз на гитара, Влатко Стефаноски, огромна е честа да се биде дел од одбележувањето 59 години  од еден голем фестивал како што е „Охридско лето“ кој како што рече, може да биде ментор и учител на многу другио фестивали во регионот и во светот.

-Сум растел заедно со овој фестивал, сум бил многу често во Охрид кога се случувал фестивалот, сум доаѓал од Скопје за да го гледам Рави Шанкар пред 30 години, исклучително име од индиската музика. Исто така сум учествувал на фестивалот и знам колку е тешко да се организира еден ваков обемен фестивал со многу учесници и гости, сместувања, тонски проби, простори, озвучувања, публика, столчиња, дождови, ветрови, сонца.Тоа што настапувам во Охрид секогаш ми е, одново и одново , и предизвик, и задоволство, и привилегија. Верувам дека ќе има доволно апетит за овој наш концерт што го свириме со Мирослав Тадиќ. Оваа наша одисеја со Мирослав трае цели 22 години. Почна во Крушево 1997 година и трае до ден денес. Ние не свириме многу, но секој наш концерт е ексклузива.

Големиот гитарист Мирслав Тадиќ, на денешната прес-конференција изјави дека иако веќе четири децении живее во Соединетите Американски држави, сепак, неговата уметничка татаковина е токму Република Северна Македонија.

-Посебно ми е драго што сум повторно во Македонија. Роден сум во Југославија, заминав во САД пред 40 години и таму станав некаков Американец, но мојата уметничка татаковина е Македонија. Веќе 40 години откако заминав на студии во САД и станав професор таму, најмногу се занимавам со македонска музика. Таа, според мене е голем извор на инспирација, голем избор на интересен музички материјал и можам да се пофалам дека генерации студенти од целиот свет кои преку мене ја открија македонската музика со мене, многу добро владеат со комплексните македонски ритми, прекрасните мелодии и хармонии, рече Тадиќ.

Фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите. Се одржува со финансиска поддршка од  Министерството за култура на Република Северна Македонија,  а под покровителство на претседателот на државата.

 

  

Романтичната комедија „Сон на летната  ноќ“ напишана од перото на големиот англиски драмски алхемичар Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел синоќа беше одиграна на сцената „Долни Сарај“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Една од најиграните шекспирови комедии играна ширум светот  пред фестивалската публика ја одиграа актерите на Рускиот драмски театар Станиславски од Караганда, Казахстан.

„Сон на летната ноќ“ ги прикажува авантурите на четири млади атински љубовници и група аматерски актери, нивното дејствување со кралот на Атина, Тезеј, кралицата на амазонките, Хиполита и со самовили кои населуваат една месечево осветлена шума. Претставата е една од најпопуларните Шекспирови дела за сцена и е широко изведувана насекаде низ светот.

-Претставата  е  развиена и базирана  на  пластичен вокабулар  помешан  со  модерна  музика, стил, игра, костимографија , романса во самата  игра, комедија  на играта , длабока психологија како и некои темни аспекти .Ова не е само клише  или  едноставен хумор, туку има  и подлабоки психолошки импликации, вели режисерот Блондел.

Според него, има неколку работи што играат улога тој да се враќа повеќепати во Македонија и тоа со делата од Шекспир.

-Прво  Шекспир  по мене  претставува и постана  еден заеднички јазик за  сите , потоа ги познавам  делата на Шекспир , сум гостувал во Албанија, овде во Македонија, во Казахстан , театарот  ме  ангажира    поради моите специфични искуства, така што  во лето,  секогаш  Шекспир  е актуелен, луѓето  го знаат ова  место, го сакаат ова место, и токму на  овој јазик со  овој режисер и оваа публика се случи нешто прекрасно. Од друга  страна  Шекспир  секогаш  е  голем предизвик и уживање,  секогаш  неговите дела предизвикуваат интерес , самата  игра  нуди  прекрасни сцени , дијалози , игра, при што  се  трага  по нови  околности  и уживања.Освен тоа  за овој театар   ова  е  првпат да ја изведува „Сон на летната ноќ“ од  Шекспир овде, и тоа  предизвикува  возбуда. Инаку ова е шести пат да го режирам ова дело но  пред  казахстанската  публика и за мене секако беше  едно  ново искуство, додава Блондел.

Самото дејство во претставата „Сон на летната ноќ“ се одигрува во Атина. Во атарот на Атина акцентот е ставен на бракот што допрва треба да се случи. Сите сцени на мајсторски начин се отсликани и претставуваат јасна визија на една пиеса којашто е излезена од перото на големиот Шекспир.

Ликовите се градени во типично Шекспиров стил. Од лик до лик има дијаметралности кои што со своите заплети и интриги ѝ даваат на пиесата една грандиозна идеја за типична приказна која преку своите идеали успева да допре до секој гледач.

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе се одржи концерт на гудачкиот квартет „Дисонанс“ од Словенија. Солист на вечерта ќе биде кларинетистот Дарко Брлек.

Квартетот „Дисонанс“ го сочинуваат Јанез Подлесек-  прва виолина,Матјаж Поровне- втора виолина, Оливер Диздаревиќ-виола и Клемен Хвала- виолончело.

Музичарите од гудачкиот квартет „Дисонанс“ за прв пат се собрале поради изведба на дело за гудачки квартет од словенечкиот композитор Лојзе Лебич во 2014 година. Тоа било премиера на делото кое било напишано 30 години порано. Изведбата на квартетот била одлично примена од стручната публика, а музичкиот критичар д-р Грегор Помпе за дневниот весник Дневник ќе напише: „овој ад-хок составен квартет за изведба на делото од Лебич беше вистинско изненадување. Станува збор за дело кое е бескомпромисно модерно, поради што веројатно досега не се нашле домашни музичари кои би го  извеле, но затоа детерминираноста на младите музичари од Словенечката филхармонија длабоко навлезе во звучните каскади и придонесе кон возбудлива изведба. Би било навистина одлично кога овие музичари би креирале постојан ансамбл“. По ваквиот прием, членовите на „Дисонанс“ навистина одлучиле да останат присутни на класичната музичка сцена, именувајќи го ансамблот со името на Моцартовиот гудачки квартет во  C-dur, KV 465.

Од основањето, па до денес, квартетот „Дисонанс“ настапува во концертното ателје на Сојузот на словенечките композитори, на Светските музички денови во 2015, на фестивалот „Собошки денови“ во 2016, на фестивалот во Марибор, на интернационалното биенале за современа музика во Копер и др. Во соработка со италијанскиот кларинетист Микеле Марели  квартетот настапил на летниот фестивал во Акви Терме, Алесандрија во 2015 година, а го реализира и проектот „Деконструиран Моцарт“ во рамките на интернационалниот циклус „Симфониски гласови“ во Копер. Според членовите на ансамблот, името на квартетот ја отсликува нивната тенденција покрај класичната музичка литература, посветено да изведуваат и современа музика, особено напишана од словенечки композитори.

Дарко Брлек е генерален  и уметнички директор на Интернационалниот фестивал во Љубљана. Во 1991 е најмлад именуван директор на Словенечката национална опера и балет во Љубљана, а само една година подоцна застанува на чело на „Љубљана фестивалот“ како негов уметнички директор, функција која ја обединува со позицијата на генерален директор во 1995. Како профилиран културен работник, Дарко Брлек е на бројни клучни културни позиции во Словенија.  Меѓу другото основач е на Културната комора на Словенија, а бил и дел од управните одбори на театарот во Марибор и на Аудиториумот во Порторож. Од 2005-2017 година е претседател на Еврпската асоцијација на фестивали, по што е прогласен за нејзин почесен член, а истовремено е и директор на Фестивалската академијата за млади менаџери во културата која е иницијатива на Европската асоцијација на фестивали.  За неговите залагања во културата добитник е на бројни државни награди и признанија меѓу кои и наградата „Отон Жупанчич“-највисока награда која ја доделува градот Љубљана за високи достигнувања во областа на уметноста и културата, а на 4 јули 2018 година, Дарко Брлек беше одликуван со орден за заслуги од страна на Престседателот на Република Словенија за особен придонес во словенечката култура.

За Дарко Брлек културниот менаџмент е повеќе од професија, но тој истовремено активно се занимава со неговата прва љубов, музиката – настапувајќи како кларинетист во Словенија, но и на меѓународните концертни подиуми.

 

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на квартетот гитари „Аигета“ од Монте Карло.

Во црквата „Света Софија“, во стандардниот фестивалски термин од 21 часот ќе настапат Франсоа Соњи, Александер Дел Фа, Филип Лоли и Оливије Фаутрат.

Гитарскиот квартет „Аигета“ е основан во 1979 година во Монте Карло и првиот јавен настап го има во 1980. Сепак, интернационалната кариера членовите  на квартетот ја започнуваат со изведбата на Андалузискиот концерт за четири гитари и оркестар од Родриго со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло во 1982. Следат турнеи во Франција, Англија, Италија, Унгарија и Германија како и радио и телевизиски преноси на нивните настапи. Квартетот не бил интересен само поради невообичаениот состав,  туку поради посебните звучни квалитети кои ги поседувал. Во 1987 година членовите на „Аигета“ го снимаат првиот албум, а потоа во студио снимаат омаж за Бил Еванс заедно со џез гитаристот Џон Меклофлин, го снимаат комплетниот опус на дела за квартет гитари од Eнтони Бурџес, како и албум со нивните авторски композиции насловен „Акустичен свет“.

За нивниот музички формат и стил добиваат позитивни реакции од некои од најзначајните диригенти и уметници како: Хенрик Шеринг, Ѓорги Цифра и Рикардо Шаји што придонесува кон нивниот континуиран ентузијазам и кон повеќе од 30-годишно посветено концертирање пред различна публика во некои од најпрестижните концертни сали.

Редовни гости се на алтернативните сцени во театрите во Бон, Штутгарт и Луцерн. Фестивалските настапи ги водат во Франција, Италија, Белгија, Шпанија, а особено се значајни нивните гостувања на гитарските фестивали како на пр: фестивалот „Андреас Сеговија“ во Линарес, гитарските фестивали во Барселона и Мурсија во Шпанија, интернационалниот гитарски фестивал во Париз, фестивалот во Бат во Англија, фестивалот „Гитарска пролет“ во Шарлерои во Белгија, како и фестивалите во Рим, Нојтинг и Херсбрук во Германија. Во Дорфен, Германија се добитници на наградата „Златна Соафа 97“ за музички настан на годината.

Квартетот  „Аигета“  соработува со музичари и композитори со различни жанровски определби, често изведуваат премиерни дела за ваков состав меѓу нив и два концерти за квартет гитари и оркестар, а стилските определби не ги задржуваат само на класика, туку навлегуваат и во џезот каде имаат поголема слобода за импровизација.

Предворјето на црквата „Света Софија“ синоќа беше совршениот амбиент за настап на дуото „Австрија“, Тимна Брауер, вокал и гитара и клавијатуристот Елијас Меири.

Двајцата австриски уметници со израелско потекло на публиката и’ доловија еврејска музика, но и дел од традиционалната музика на Евреите. За нивната изведба беа наградени со долги овации, но ги примаа и честитките на посетителите по завршувањето на концертот.

Тимна Брауер која магистрирала музикологија на престижната Сорбона во Париз,  вели дека првпат настапува во Охрид и на „Охридско лето“ и е задоволна од флуидот што го воспостави дуото синоќа со посетителите на фестивалот.

-Моите импресии се огромни, особено кога настапувам на место кадешто никогаш досега не сум била. Ме радува што имав прилика да ги пренесам мојата енергија и чувствата на публиката.Кога настапуваме во Источна Европа, го чувствуваме близок регионот бидејќи балканската и еврејската музика има многу слични работи. Тоа ме прави овде да се чувствувам како да сум дома иако настапив првпат. Ја почувствував цврстата врска со публиката, вели Брауер.

Најголемиот дел од композициите беа изведени на еврејски јазик, но се пееше и на јудаитско-еврејски јазик којшто е карактеристичен за Евреите што живеат во Европа.

-Изведовме традиционална еврејска музика, но не само европска еврејска музика, туку и ориентална еврејска. Она што е за одбележување, е што земаме фолклорни елементи и ги преработуваме, посебно со пијанистот Елиот кој е џез музичар и правиме добра обработка на делата, додава Брауер.

Дуото „Австрија“ е формирано во 1985 година и досега настапувале на концертните сцени ширум целиот свет. Изведуваат светска музика, шансони, детски концерти но, пред сѐ еврејска музика со целиот нејзин раскош и разновидност. Нивниот последен заеднички проект е ЦД-то со наслов „Песни за мир“  издадено од Дојче Грамофон во 2015 година.

Концертот на дуото „Австрија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“ беше поддржан од Австриската амбасада во Република Северна Македонија, а на него присуствуваше и австриската амбасадорка Ренате Коблер.

 

„Охрид е неверојатно убав град,  кој изобилува со посебна позитивна енергија“, вели оперската дива Инва Мула.  Шетајќи низ стариот дел на Охрид со туристичкиот водич на Охридско лето, вчера Мула се запозна со уникатноста на градот, културата, историјата и традицијата на градот.

-Сум била пет или шест пати во Охрид, секогаш кога ќе сум била овде сум чувствувала некоја посебна позитивна енергија. После оваа прошетка и сите овие факти и приказни кои ми ги раскажа туристичкиот водич,  ми е јасно зошто сум се чувствувала толку посебно во Охрид, вели Мула.

Воодушевен од старата охридска архитектура, древните цркви  и синото Охридско езеро беше и нејзиниот колега пијанистот Генц Тукичи, кој прв пат  го посети Охрид.

-Совршено. Многу сум среќен што имам ваква прилика да бидам  во Охрид во црквата каде мојот татко во 1970 година имаше музички концерт. Воедно сум пресреќен што имав ваква прилика да се запознаам со  културно историското богатство на градот Охрид. Акустиката во црквата Света Софија е неверојатно совршена. Благодарам на фестивалот Охридско лето за оваа прилика , рече Тукичи.

Во прошетката низ стариот дел на Охрид ги придружуваше и познатата сопранистка  Дешира Ахмети, која исто така уживаше во неповторливата убавина на тесните калдрмени улици,  белите автентични куќи и раскошот на средновековните цркви.

Фестивалот „Охридско лето“ е амбасадор на  земјава и градот Охрид. Најуспешната реклама за една туристичка дестинација се  незаборавните спомени, кои гостите ги понесуваат и пренесуваат ширум светот.