Музичко-сценската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со балетската претстава „Либертанго“ што ќе ја изведе Националната опера и балет на Република Северна Македонија на сцената Долни Сарај со почеток во 22 часот.
„Либертанго“ на музика од Астор Пјацола е претстава која го покажува создавањето и патот на тангото. Уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето… На почетокот на минатиот век во Аргентина често има прилив на емигранти од Европа, а најмногу од нив биле Италијанци и Шпанци. Аргентина е новата ветена земја, земја што им давала надеж на сиромашните Италијанци, емигранти кои во почетокот на 20 век тргнале да бараат подобар живот. Оваа приказна ни го покажува патот на италијанското семејство Пјацола.
Ќе настапат Александра Мијалкова во улогата на мајката на Пјацола, Васил Чичијашвили како татко на композиторот, Марија Кичевска Шокаровска која ја игра улогата на танго-танчерката Мариа Ниевес, Игор Веланоски како танго-танчер, Саша Евтимова која ќе ја одигра улогата на првата жена на Пјацола и Наташа Јосифовска како последната жена на композиторот.
Кореограф на претставата е Италијанската Сабрина Боско, режисер и либретист Наташа Поплавска, сценограф и костимограф еАлександар Ношпал.
Балетската уметност како најмлада сценска уметност опстојува на македонските простори веќе 70 години.
Според генералниот директор на Националната Опера и Балет, м-р Васо Ристов, денеска со посебен респект може да се осврнеме кон оваа гранка на уметноста која, како што вели, пред сѐ ги асимилира европските достигнувања во овој театарски жанр и која на основа на тие цивилизациски достигнувања ја создава својата автохтона балетска традиција.
-Балетот е жива уметничка форма и всушност силата на традицијата е во нејзиниот развиток. Благодарение на создадената традиција од претходните генерации, балетски дејци, ние денеска можеме да го продолжиме исконското верување и респект што го носиме во себе кон македонскиот балетски театар и одржувајќи ја класичната балетска традиција да се вивнеме во новиот јазик на модерниот балет, вели м-р Ристов.
Во рамките на традиционалната Вечер на Европската унија што се одржува на фестивалот „Охридско лето“, вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи концерт на финскиот пијанист Оли Мустонен.
Овој голем уметник, виртуоз на пијано, започнува да учи пијано на само 5-годишна возраст, а негов учител бил еминентниот пијанист Ралф Готони. Само две години подоцна, започнува да учи композиција со еден од најпознатите фински автори на современа музика Еинојухани Рутаваара.
Како и неговиот сонародник Еса Пека Салонен, Оли Мустонен во светот е познат по неговите врвни интерпретации на пијаното, додека пак во родната Финска е многу ценет како композитор. Мустонен исто така е ангажиран и како диригент на Фестивалскиот оркестар во Хелсинки кој самиот го основа. Покрај тоа го предводи оркестарот Тапиола Симфониета и е уметнички директор на Музичкиот фестивал во градот Турку. Во 1991 година потпишува ексклузивен договор со издавачката куќа Дека за која снима ЦД со Прелудиуми од Шостакович и Алкан, издание кое е наградено од страна на списанието Грамофон за Најдобра инструментална изведба. Голем број од снимените материјали на Мустонен ги издава финската компанија „Ондине“. Како инструменталист е особено активен на концертните подиуми во Европа и Австралија, а композиторот Родион Шчедрин му го посветува Концертот за пијано и оркестар бр. 5
Издавачката куќа „Шот“ ги издава композициите на Мустонен, неговата Токата за пијано, гудачки квартет и контрабас од 1989 година го позиционира на композиторската сцена, по што тој пишува Три Мистерии за оркестар (2003), неколку концертни дела, дела за соло пијано и повеќе композиции за виолончело. На камерната сцена соработува со виолончелистите Стивен Исерлис и Данијел Милер Шот особено за изведбите на авторските дела. Неговата прва симфонија „Тури“ е порачка на Филхармонијата од Хелсинки, а веднаш по премиерата на делото во 2012 година, оркестарот бара од Мустонен да напише уште едно симфониско дело.
Триото „Пендерецки“ синоќа во црквата „Света Софија“ приреди концерт за паметење во рамките на Полската вечер на фестивалот „Охридско лето“.
Младите уметници, талентираниот пијанист Конрад Сколарски, виртуозот на виолина Јарослав Наджицки и извонредниот виолончелист Карол Марјановски изведоа пријано-трија од Јозеф Хајдн, Сергеј Рахмањинов и Клод Дебиси,а за одбраниот репертоар и за нивниот врвен артизам беа наградени со бурни аплаузи.
-Овој фестивал е еден од најдобрите на којшто сме настапиле од секој аспект. Прво, акустиката во црквата е перфектна, второ, публиката ја чувствувавме како да музицира со нас. Публиката на „Охридско лето“ не е монотона како онаа во големите концертни сали и не е дистанцирана, туку луѓето се придружуваат кон нашето уметничко патување. Организацијата, гостопримството, реакцијата од публиката, сето тоа кај нас остави силен впечаток, рече виолончелистот Марјановски.
Полската вечер на „Охридско лето“ е традиционална и секоја година се одржува под покровителство на Почесниот конзулат на Република Полска со седиште Охрид и Еуростандард банка.
Како што истакна почесниот конзул на Полска во нашата земја, Коста Костовски,и годинава настапија квалитетни уметници кои приредија прекрасен концерт што долго ќе се памети.
-Изведбата на уметниците што ги донесовме од Полска беше феномнална и публиката беше задоволна од тоа што го слушна и виде, така што помина уште една успешна Полска вечер со пијано триото Пендерецки. Со ова уште еднаш се потврдува квалитетот на полските уметници особено на оние кои фестивалот „Охридско лето“ ги носи во Македонија. Традицијата, се разбира дека ќе продлжи и натаму. Сепак, фестивалот има програмски селектор кој одлучува кој ќе настапува, но ние, секако ќе дадеме сугестии. Наредната година е јубилејна за „Охридско лето“ и ќе бидеме сигурно присутни носејќи ги најдобрите уметници, изјави почесниот конзул Костовски.
Тројцата уметници, Сколарски, Наджицки и Марјановски имаат и независна кариера во нивната земја и надвор, и долги години биле неразделни со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки и со неговиот творечки опус.
Загрепскиот младински театар од Хрватска синоќа во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ ја изведе театарската претстава „Хадерсфилд“ од Угљеша Шајтинец, а во режија на Рене Медвешек.
Претставата ja постави темната и многу трогателна приказна од реалноста, за една триесетгодишна генерација која тешко ги остава зад себе последиците од војната и не гледа подобра иднина. Во едни такви околности, во време на потполно распаѓање на моралните и материјалните вредности, дури и дождливото јоркширско предградие изгледа како ветена земја.
Еден од најперспективните млади балкански актери Дадо Чосиќ, ја игра главната улога во претставата, ликот на Рац, фрустриран млад човек што се враќа во родниот Карловац и таму ги убива деновите не работејќи ништо, освен пиењето алкохол, караниците со таткото и површниот љубовен однос со малолетната сосетка.
-Секој од нас има некој што замина. На пример и мојата мајка која е припадник на средната генерација замина. Но и многу млади масовно ги напиштаат своите родни земји во потрага за нешто подобро, нешто поубаво. „Хадерсфилд“ според мене, всушност е претстава за останувањето дома, за некаква перспектива. Во целиот јад и чемер што е втемелен во претставата, некаде на крајот има некаква светла перспектива, и на крајот, таа средба што би можела да се случи доколку ние кои остануваме инсистираме на тоа. Промените тргнуваат од самите нас и единствено така може да го промениме светот, театарот и се друго, вели Чосиќ.
Драмата завршува така што сите јунаци по низата долги и мачни ситуации и разговори, се собираат на масата.
Во „Хадерсфилд“ играат седуммина актери од кои двајца, Филип Нола и Дамир Шабан се доајени во театарот,а останатите, Дао Чосиќ, Адријан Пездриќ, Матео Видек, Бернард Томиќ и Тина Орландини се млади глумци.
Загрепскиот младински театар е угледен театар којшто е познат и признат и надвор од границите на Хрватска. Основан е во 1948 година, најпрвин како Пионерски театар,а во 1967 година го добива сегашното име.
Современиот српски драматург Угљеша Шајтинец е добитник на голем број награди вклучувајќи ја и Европската награда за литература, како и Стериина награда за „Хадерсфилд“ во 2005 година. Оваа претстава беше поставена и во Југословенското драмско позориште во Белград каде што со своето десетгодишно опстојување на репертоарот и гледаноста, стекна култен статус.
Во рамките на традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе се одржи целовечерен концерт на пијано-триото „Пендерецки“.
Ќе настапат Конрад Сколарски на пијано, виолинистот Јарослав Наджицки и виолончелистот Карол Марјановски кои ќе изведат дела од Јозеф Хајдн, Сергеј Рахмањинов и Клод Дебиси.
Клавирското трио „Пендерецки“ е креирано со голем ентузијазам од страна на тројца од најдобрите и најзначајни полски музичри на денешницата. Долги години тие биле неразделни со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки и со неговиот огромен творечки опус. Секој од членовите на ова трио – талентираниот пијанист Конрад Сколарски, виртуозот на виолина Наджицки како и сензационалниот виолончелист Карол Марјановски има независна кариера во нивната родна земја и во странство. Тие се лауреати на бројни интернационални натпревари, и имаат концертни настапи во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија. Како солисти и камерни музичари (двајцата гудачи до неодамна беа јадро на Квартетот „Мекоре“), сите членови на триото „Пендерeцки“ настапувале во познати концертни сали како Аудиториумот во Мадрид, „Вигмор хол“, „Кадоган хол“ и „Мењухин хол“ во Лондон, „Музиквераин“ во Виена, „Бозар“ во Брисел, Фрик Колекцијата во Њујорк, уникатниот „Полак“ хол во Монтреал, големата сала на Варшавската филхармонија, Големата сала на Московскиот конзерваториум, концертната сала „Арам Хачатуријан“ во Eреван, „Атенеум“ во Букурешт.
Иако постојано настапуваат или снимаат, секој од музичарите настојува да има независна кариера, па така, секој од нив остварува соработки со исклучителни музичари како: Алфред Брендл, Гунтер Пихлер, Герхард Шулц, Валентин Ербен, Хаиме Мулер, Павел Гилилов и квартетот „Артемис“. Како солисти настапуваат со реномирани диригенти меѓу кои: Кшиштоф Пендерецки, Михаил Јуровски, Џо Ан Фалета, Лукаш Борович, Валериј Гиергиев, Максим Венгеров, Кристијан Јарви, Џанкарло Гуерреро, Сергеј Смбатјан, Масимилијано Калди и Пол Гудвин. Настапуваат со врвни светски оркестри како Лондонската филхармонија, Кралската филхармонија од Лондон, МДР симфонискиот оркестар и оркестарот „Симон Боливар“ од Венецуела.
Добитници се на бројни награди на натпревари, но и нивните снимени изданија добиваат бројни признанија од стручната музичка јавност. Така добитници се на наградата „Суперсоник“ која ја доделува германското музичко списание „Пицикато“, наградени се со дури 5 „Златни дијапазони“ од страна на француското списание „Дијапазон“, а неколку пати се номинирани за полската награда „Фредерик“.
Образованието овие тројца уметници го стекнуваат на Високата школа за музика во Келн, на Бостонскиот конзерваториум, на универзитетот за музика „Фредерик Шопен“ во Варшава на Академијата „Падеревски“ во Познан каде сега се занимаваат со педагогија. Триото „Пендерецки“ има голема чест да го носи името на нивниот ментор, Кшиштоф Пенедерецки, еден од најзначајните живи полски композитори кој со своите дела и уметничка личност остава огромен белег врз културниот живот во Полска во минатиот, но и во овој век.
Традиционалната Полска вечер на „Охридско лето“ секоја година се одржува со огромна поддршка на Почесниот конзулат на Република Полска во Македонија и Еуростандард банка.
Загрепскиот младински театар од Хрватска вечерва на фестивалот „Охридско лето“ ја носи театарската претстава „Хадерсфилд“ од Угљеша Шајтинец, а во режија на Рене Медвешек. Драмата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
„Хадерсфилд“ е мрачна, потресна и духовита приказана за една триесетгодишна генерација која ги доживува последиците од војната и не гледа пред себе никаква иднина.
Со враќањето на еден од ликовите во родниот град од Западен Јоркшир во Зрењанин, а во хрватската верзија во Карловац, се прикажува можноста за поставување на оваа приказна во кој било град во јужниот дел на европските земји во транзиција и премин кон т.н капитализам. Со оваа промена ликовите веруваат дека започнува рај на земјата, а дочекуваат војни, тајкуни, криминал, невработеност и грчеви во стомакот. Од овие земји, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и други, илјадници млади луѓе денес секојдневно заминуваат не знаеме каде, не сакајќи да се свртат наназад, а оние што остануваат тука, живеат живот со постојани разочарувања и незадоволство.
„Гледаш, мене Хадерсфилд ми звучи сончево” – во оваа едноставна реченица, која при крајот на претставата како реплика ја изговара еден од протагонистите, сместен е цел брутален но неверојатно порозен свет.
Улогигите во драмата ги играат:Дадо Чосиќ, Адријан Пездриќ, Матео Видек, Дамир Шабан,Филип Нола,Бернард Томиќ иТина Орландини.
Адаптацијата и драматургија на претставата ги направи Томислав Зајец, сценографијата е навТања Лацко, а костимите ги изработи Дорис Крстиќ.
Угљеша Шајтинец е еден од најзначајните современи српски драматурзи, добитник на голем број награди вклучувајќи ја и Европската награда за литература, како и Стеријина награда за „Хадерсфилд“ во 2005 година. Наведената театарска претстава, исто така, беше поставена во Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград и со десетгодишното опстојување на репертоарот и гледаноста, стекна култен статус, како и истоимениот филм кој беше наградуван повеќепати.
Богата програма од класичниот репертоар , од романтизам, преку класицизам и веризам, понудија солистите и Оркестарот на Националната Опера и Балет(НОБ) од Скопје на гала концертот што се одржа синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“ под диригентската палка на извонредната Бисера Чадловска.
Примадоната на оперската сцена, Весна Гиноска Илкова, првенец на НОБ и редовен професор на Факултетот за музичка уметност заедно со нејзините колеги, солистите Благој Нацоски- тенор,Наде Талевска-сопран и Ирена Кавкалевска-мецосопран, во црквата „Света Софија“ пленија со своите раскошни гласови и внимателно одбраниот репертоар.
-Сметам дека јас и моите колеги, дадовме програма што беше задоволителна и респектабилна за самиот настап. Многу ми е драго што во прилично ист состав работевме и минатата година , па така и годинава. Поради нашите различни фахови, особено со Благој Нацоски, немаме многу често комуникација на сцена, но многу се радувам што на овој начин работиме заедно, истакна сопранот Ѓиноска –Илкова.
Според неа, настапите на „Охридско лето“ претставуваат репрезентативен елемент, како на националната установа од која доаѓа, така и за неа, како уметник-солист.
-Охридско лето како престижен фестивал од светски размери е добро обмислен во однос на програмата. Токму затоа, и ние дадовме програма која е на нивото на самиот реномиран фестивал, додаде Гиноска –Илкова.
Македонскиот тенор Благој Нацоски кој ги освојува сцените на најпрестижните оперски сцени во светот, смета дека за оперските пејачи многу важен детаљ кога е во прашање „Охридско лето“ е што фестивалот пред 59 години е отворен со оперски глас.
-Токму во овој амбиент, во оваа црква, на 4 август пред 59 години, првенката на Македонската Опера и Балет, Ана Липша Тофовиќ, го прогласи фестивалот за отворен. Можеби звучи нескромно, но за нас, оперските пејачи тоа е многу важно и предизвикува особено чувство и сатисфакција. Поради моите меѓународни обврски немам секогаш доволно време да го следам фестивалот, но она што го гледам во програмите, кој се’ настапува во изминатите години, сметам дека на „Охридско лето“бележи огромен растеж, изјави Нацоски кој за 10-тина дена настапува со рецитал на Сицилија, а во октомври и ноември и голема турнеја во Јапонија каде што со „Травијата“ ќе настапи во 14 претстави.
Солистите, диригентите и ансамблите на Националната Опера и Балет се редовни гости на „Охридско лето“ и за своите настапи секогаш се наградувани со бурни аплаузи од фестивалската публика.
Националната Опера и Балет на Република Северна Македонија вечерва во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе приреди Гала оперски концерт.
Концертот ќе се одржи во Предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Националната Опера и Балет опстојува во континуитет веќе 72 години. Основана е во 1947 година во рамките на тогашниот Македонски народен театар, кој сѐ до 2004 г. имаше три ансамбли: драма, опера и балет. Со акт на Владата на Република Македонија, официјализирана е како самостојна Национална установа во 2004г. со назив: Национална установа „Македонска опера и балет“, а од минатата година преименувана во Национална установа, „Национална Опера и Балет“, со седиште во Скопје.
Своите почетоци ги реализира со тогашните расположиви професионални кадри, надополнети преку аудиции со членови од аматерските оркестарски и хорски ансамбли.
Со доаѓањето на светски познатиот диригент Ловро Матачиќ, започнува подемот на операта. Се комплетираат оркестарот, хорот и солистичката екипа и почнува да се реализира разновидна репертоарска политика, со назнака на т.н. „железен репертоар“.
Овие услови овозможуваат развој и квалитет на ансамблот, што од друга страна придонесува за можност од претставување на истиот и надвор од границите на Македонија, во сите тогашни центри на поранешна Југославија (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад), исто така и во странство: Лоѓ (Полска), Нирнберг (Германија), Стразбур (Франција), Букурешт (Романија), Софија (Бугарија), Тирана (Албанија) и др.
Растот и развојот на Националната опера и балет придонесуваат за поголем интерес и посетеност од страна на публиката, што било потстрек во 1972 година да се востанови фестивалот „Мајски оперски вечери“. Овој фестивал е еден од ретките оперски фестивали во Европа. Годинава тој се одржа по 47. пат, што навистина претставува бројка за почит. На фестивалот, но и во тековниот репертоар на куќата, гостувале врвни оперски уметници од целиот свет.
На фестивалот „Охридско лето“ редовни гости се солистите, диригентите и ансамблите на нашата опера и балет. Впрочем, првиот настан на „Охридско лето“ на 4 август во далечната 1961 год. е солистичкиот концерт на нашата Примадона Aна Липша – Тофовиќ – мецосопран.Тој податок кажува доволно за посветеноста и респектот што ансамблите на „Националната Опера и Балет“ го имаат кон фестивалот „Охридско лето“.
Со долги и бурни овации и преполно гледалиште беше награден Симфонискиот оркестар на Бријанск од Русија кој синоќа под диригентската палка на маестро Едуард Амбарцумјан одржа концерт во црквата „Света Софија“ во рамките Руската вечер на „Охридско лето“.
Руските уметници на својот маестрален настап доловија композиции од Едвард Багдасарјан, Георги Свиридов, Лерој Андерсон и Александар Бородин, а мошне префинето ги изведоа и брамсовите „Унгарски танци“, штраусовата Увертира кон операта „Лилјакот“, како и Полонезата од операта „Евгениј Онегин“ од Петар Илич Чајковски.
На Руската вечер присуствуваше и амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин кој изрази голема благодарност до директорката на „Охридско лето“,Наташа Поповиќ, и до целиот тим на фестивалот, за, како што рече, прекрасната организација на овој, главен настан во културниот живот на земјава,но и за поддршката за одржувањето на Руската вечер.
-Виртуозната изведба на прекрасните музички дела на реномираните руски и европски композитори не остави рамнодушен никого од многубројната публика. Како амбасадор на Русија, задоволство ми е да потенцирам дека музичари од нашата земја традиционално заземаат значајно место во програмата на „Охридско лето“. Во рамките на фестивалот настапувале светски познати уметници како што се Мстислав Ростропович,Леонид Коган и неговиот син Павел Коган, Свајтослав Рихтер,Галина Вишњевскаја и Елена Образцова, Дмитри Хворостовски, Максим Вангеров, Вадим Репин, Борис Березовски и многу други. Ова е спектакуларна потврда за огромната популарност на руската култура тука, но и за заемното духовно привлекување на народите на нашите две земји. На фестивалот „Охридско лето“ му посакувам успешна работа,на неговите гости силни впечатоци од настапите на ѕвездите од светската уметност, а на самите уметници, им посакувам нови творечки успеси, истакна амбасадорот Баздникин.
Симфонискиот оркестар на Бријанск е формиран во 2011 година од страна на заслужниот уметник на Руската федерација Едуард Амбарцумјан кој е уметнички директор и диригент на ансамблот. Уметниците од овој симфониски оркестар изведуваат популарни, но и сложени дела од музичката литература.
Амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Бедникин, синоќа приреди свечен коктел во чест на Руската вечер што првпат се организира во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Во прекрасниот амбиент на Долни Сарај, покрај уметниците од Симфонискиот оркестар на Бријанск кои со својата виртуозна изведба приредија возбудливо уметничко доживување, присуствуваа и пратеници од Охрид во Македонскиот парламент, претставници на Општина Охрид и други гости.