Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на симфонискиот оркестар на Бријанск од Русија.

Руската вечер ќе се одржи во предворјето на црквата Света Софија со почеток во 21 часот.

Симфонискиот оркестар на Бријанск е основан во 2011 година од страна на Едуард Амбарцумјан –заслужен уметник на Руската Федерација кој е уметнички директор и диригент на ансамблот.

Од првите денови на постоењето, овој оркестар започнува интензивна концертна активност исполнувајќи популарни, но и сложени дела од музичката литература. Настапува на значајни фестивалски празнувања во Бријанск, настапува во Москва, официјален оркестар на меѓународниот натпревар за пијанисти „Т. П. Николаева“, гостува во Франција на фестивалот во Савој, во Полска  итн. За време на своето постоење оркестарот настапува со значајни диригенти и солисти меѓу кои пијанистите: Николај Петров, Николај Гиндин, Валентина Игошина, Иван Рудин, Андреј Гугнин, Арсениј Тарасевич-Николаев,  виолинистите: Данил Коган, Надежда Токарева, Гајк Казазјан, како и со диригентите: Џонатан Брет (В. Британија), Карло Голдстаин (Италија), Константин Бараков и други.

Словенечкото народно гледалиште „Драма“ од Марибор синоќа ја отвори драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ носејќи ја претставата „Самрак на боговите“ во  режија на еден од најпродуктивните хрватски режисери Далибор Матаниќ.

„Самрак на боговите“ обработува исклучително тешка тема, фашизмот и безнадежнните позиции и страдања на човекот во тоа време,  но и покрај тоа, актерите со својата извонредна театарска игра, на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ создадоа автентична театарска магија што беше наградена со бурни аплаузи.

Преку спротивставеноста на политиката и интимните манипулации, особено во поглед на меѓучовечките односи, претставата „Самрак на боговите” покажува колку детално нацистичката влада манипулира со своите граѓани години пред официјалното започнување на Втората светска војна. Актерската екипа беспрекорно ги долови случувањата непосредно врзани за двете судбоносни вечери, палењето на Рајстагот во 1933 година и Ноќта на долгите ножеви, неколку месеци подоцна. Дејствијата се случуваа во куќата на имотното семејство фон Ешенбек кое припаѓа на самиот врв од елитното германско општество. Двете ноќи кобно влијаат врз животот на целото семејство, на целокупното германско општество, но и на европскиот и светскиот поредок.Семејството ги убива сопствените водачи додека не се уништи самото, и тоа поради единствена причина – бидејќи подлегнало на идеите за подобра држава.

Според селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Александар Поповски, Мариборската „Драма“ е интересен ансамбл којшто е во голем подем, а има и многу млади квалитетни актери кои успешно ја градат својата кариера.

-Оваа претстава не случајно е тука. Повикана е на неколку фестивали, веќе освои награди, и не случајно ја покануваат бидејќи обработува една посебна тема, доаѓањето на фашизмот во Германија и случувањата во тоа време преку приказната на едно семејство. Сметам дека има толку многу работи што личат на денешно време и публиката може да го препознае тоа, вели Поповски.

Театарската претстава „Самрак на боговите“ во март годинава ја освои наградата за најдобра претстава на првиот Фестивал на балканските културни простори „Театар на крстопат“ во Ниш. Словенечкото народно гледалиште „Драма“ на овој фестивал доби режисерско признание, за најдобар сценограф,  а Петју Лабовиќ беше прогласен за најдобар млад глумец. Наташа Матјашец Рошер ја доби наградата за најдобра женска улога за улогата на бароницата Софи фон Ешенбек, која и синоќа, на „Охридско лето“,  уште еднаш покажа фасцинантна актерска зрелост и ја насочуваше енергијата на целиот театарски ансамбл.

Претставата е направена според сценариото на Лукино Висконти, Енрико Медиоли и Никол Бадалуко.

Драмскиот дел на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ започнува вечерва со театарската претстава „Самрак на боговите“  што ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

Претставата е направена според сценариото на Лукино Висконти, Енрико Медиоли и Никол Бадалуко, во режија на Далибор Матаниќ,а во продукција на СНГ Драма од  Марибор, Словенија.

Една од главните теми на филмот „Падот на боговите” на Висконти е тесната врска помеѓу капитализмот и фашизмот, кој е вкоренет длабоко во германското тајкунско семејнство Фон Есенбек. По смртта на семејниот патрон, во прашање е неговото наследство и неговото преземање од различни страни, иако наследниците сé уште не сфатиле дека се земени како заложници од помоќна политичка машинерија со нивната алчност и ситни декадентни индулгенции. Серијата на семејни расправии го расцепува наследството на моќната династија, обелоденуваќи ја здодевната  патолошка состојба и перверзност, како и бескомпромисните егоистички интереси на членовите. Севкупно, ова ново поставување е голема фреска која сé уште е изненадувачки актуелна.

Преку спротивставеноста на политиката и интимните манипулации, особено во поглед на меѓучовечките односи, претставата „Самрак на боговите” покажува колку детално нацистичката влада манипулираше со своите граѓани години пред официјалното започнување на Втората светска војна. Семејството ќе ги убие сопствените водачи додека не се уништи самото. А само поради единствена причина – бидејќи целото семејство подлегнало на идеи за подобра држава.

Хрватскиот филмски и театарски режисер Далибор Матаниќ 1975 год. дипломирал филмска режија на академијата за Драмски уметности во Загреб. Неговиот филмски првенец „Касиерката сака да оди на море“ ( 2000 год. ) бил успешен хит на фестивалот на хрватскиот филм „Пула 2000“, награден со 3 златни арени а Матаниќ е награден како најдобар режисер -дебитант. Во 2002 г. го режираше популарниот филм „Фини мртви девојки“ кој освои 7 награди на фестивалот во Пула во 2002 година. Исто така, снимил повеќе одлични документарни филмови. Матаниќ при пишувањето на сценаријата соработува со угледни хрватски писатели и драматурзи, член е на Европската филмска академија, и припаѓа меѓу најуспешните и најпродуктивните режисери на средната генерација.

Театарската претстава „Самрак на боговите“ во продукција на СНГ Драма од Марибор, Словенија наместо на сцената „Долни Сарај“  каде што беше предвидена, ќе се одигра во центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

Причината за промената на локацијата, е најавата за лоши временски услови во текот на вечерта.

„Самрак на боговите“  во режија на Далибор Матиќ, е претстава што зборува за  сппротивставеноста на политиката и интимните манипулации, особено во поглед на меѓучовечките односи.

Со спектакуларен концерт на светски познатата виолинистка, Британката Ванеса Меј синоќа во преполниот Антички театар беше отворено 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Прогласувајќи го за отворен,  претседателот на Република Северна Македонија и покровител на фестивалот,  Стево Пендаровски, истакна дека во наредните 40 дена ќе бидеме граѓани на уште една заедничка татковина во која, како што рече, има место за секого, и за ранливите, и за исклучените и за обесправените , и во која се зборува на универзален јазик .Таа татковина, подвлече претседателот, е уметноста, која постои од почетокот на човештвото и нејзините граници се исцртани од човековата креативност.

-Музиката на Ванеса е гласно сведоштво дека наместо да се исклучуваат, различните културни влијанија можат да се надополнуваат создавајќи поголема вредност. И можеби токму затоа, нејзината музика помирува и поврзува милиони луѓе од разни нации и генерации, рече претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски нагласи дека уметноста треба да не’ инспирира на храбри потфати.

-Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни традиции, тука, во Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност за природата што ни е доверена на чување. Ова особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство на регионот на Охридското Езеро. Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го зачуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. Да правиме простор за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други и заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор, порача претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, прогласувајќи за отворено го 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Министерот за култура на Република Северна Македонија Хусни Исмаили во своето обраќање рече дека фестивалот „Охридско лето“  е најголемиот амбасадор на културата во нашата држава.

-И годинава еве нѐ овде во грандиозниот Антички театар каде што и пред  два милениума се ширела уметноста.  Денешните уметници исправени пред нови предизвици на современото време, гордо ги продолжуваат традициите, ги кршат табуата, ги надминуваат предрасудите, и на најуниверзалниот јазик на човештвото извикуваат – „уметноста е слобода“.„Охридско лето“, како најголем амбасадор на културата и уметноста на Северна Македонија во светот, покрај афирмацијата на светските вредности, дава силна поддршка и на домашната сцена која со секоја своја изведба потврдува дека е дел од европската перспектива на земјава и најсилното оружје кое лесно ги дофаќа европските височини, истакна министерот Исмаили.

Уметничката порака  на фестивалот „Охридско лето“ годинава ја испрати театарскиот и филмски режисер Александар Поповски кој своето обраќање го посвети и на неодамна починатиот драмски писател Горан Стефановски кој веќе е вграден во фестивалската историја.

– Не се живее вака. Милиони живеат во бункери. Sиркаат надвор низ нишан од снајпер. Нема живот ако човек мисли дека сите се против него. Дека светот е една голема завера. Во светот има и љубов и добрина и чесни луѓе. Ние мислиме дека ни е тешко. На сиот Свет му е тешко. На сите нешто им недостасува. Сите се чувствуваат опколени од непријатели.Југот не го сака север, исток – запад, Европа не ја сака Америка, Ирска -Англија, Прилепчани не се мирисаат со Битолчани, во ист град не се поднесуваат две маала, во едно маало- две згради, во една зграда закрвени се два влеза, во еден влез – два стана, во еден стан-две фамилии, во една фамилија двајца луѓе, а и тие двајцата се мрзат сами себе. Каде води тоа? Ако е така, нема спас. А без спас, нема живот. А без живот…нема ништо. Има смрт, рече Поповски.

Пред преполниот Антички театар, уметницата од светски калибар  ја покажа својата виртуозност и оригинален пристап на свирење на виолина  приреди фузија  од класика со џез и електроника, притоа, доближувајќи ја класичната музика  до пошироката публика. На свеченото отворање присусуствуваа претставници од државниот врв во земјава, министри, пратеници, амбасадори, како и огромен број домашна и публика од странство.

Од денеска сите патишта водат кон Охрид. Со мега популарната британска виолинистка Ванеса Меј, вечерва на Античкиот театар ќе биде отворено 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Од фестивалската дирекција велат дека се’ е подготвено за уште едно издание кое ќе се памети долго по квалитетот на програмата и уметниците што ќе застанат на фестивалските сцени.

Концертот за свеченото отворање за кој се бара карта повеќе, ќе започне во 21 часот, а уметницата со светско реноме ќе приреди незаборавно музичко доживување за посетителите на Античкиот театар, доближувајќи ја класичната музика до пошироката публика.

Ванеса Меј со својот тим пристигна во Охрид пред два дена, а одвои и време да ужива во убавините на градот.

Таа е родена во Сингапур на истиот ден со виртуозот на виолина Николо Паганини. На четиригодишна возраст се сели во Лондон и  започнува да учи виолина за на 8 години да замине во Пекинг.  Таму ги развива талентот и виртуозноста во класата на Лин Јао Џи.  Во Лондон се враќа  да ги продолжи студиите по виолина на Кралскиот колеџ за набргу во 1998 година да дебитира на Фестивалот Шлезвиг-Холштајн  со одличен прием кај светската музичка јавност,  а на само 11 години дебитира со оркестарот „Филхармонија“ во Лондон по што веќе нема запирање за кариерата на Меј која од тој миг натаму  е во постојан подем.

„Охридско лето“  е еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во семејството на Европската  Асоцијација на фестивали(ЕФА).Во текот на 40-те фестивалски денови, според најавите на директорката на фестивалот Наташа Поповиќ и селекторите на музичката и драмската програма, Васо Ристов и Александар Поповски ќе се слави врвната уметност.

Во пресрет на вечерашниот голем настан во Охрид, свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ на Античкиот театар во Охрид, од фестивалската дирекција информираат дека во стариот дел на градот попладнево ќе има привремен режим на сообраќај.

Во овој дел на градот каде што гравитира Античкиот театар, ќе биде забрането движење на возила, така што публиката која вечерва ќе биде присутна на Античкиот театар  ќе може да пристигне пеш или со такси возило.

На приодите кон Античкиот театар ќе има присуство на полициски службеници кои ќе вршат обезбедување и ќе овозможат непречено движење на такси возилата, но и на другите  возила со приоритет.

Од „Охридско лето“ им се заблагодаруваат на граѓаните за трпението и повикуваат заеднички да се проследи уште едно свечено отворање со светски познатата уметница Ванеса Меј.

Инаку, од фестивалската дирекција, ги информираат  посетителите кои вечерва ќе бидат присутни на овој незаборавен настан, да дојдат на Античкиот театар до 20 часот и 30 минути, бидејќи вратите на влезовите ќе бидат затворени пред 21 часот, кога е и почетокот на фестивалското отворање.

Младата флејтистка Јана Каевска во пијано соработка со Ивана Јанаќиева и пијанистот Арда Мустафаоглу синоќа настапија во рамките на Подиумот на млади што се одржува во црквата „Света Софија“  како предвесник на фестивалот „Охридско лето“.

Јана Каевска ( 1999 Скопје) музичкото образование го започнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Николина Ефтимова Тодоровска. Во моментов е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје како дел од класата по флејта на проф. м-р Страшо Темков. Како ученик, а потоа и студент редовно настапува на училишните концерти и циклусот концерти Musica viva на ФМУ. Добитник е на бројни награди по флејта и камерна музика на државно и меѓународно ниво. Од посебно значење се годинешните настапи на фестивалот “Flute & me” во Загреб, настапот на чествувањето на 70-годишнината на УКИМ како солист, заедно со балетски ансамбл и настапот како солист со Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Борјан Цанев.

Арда Мустафаоглу (2002, Скопје) oд својата седумгодишна возраст освојува награди на државни и меѓународни пијанистички натпревари. Настапува ширум Европа од кои како најзначајни ги издвојуват концертите со Софиската синфониета, Македонската филхармонија, ЕОС квартетот, Мармара квартетот, солистичките рецитали во Модане и Париз (Франција) и настапите во Италија, Германија, Турција, Бугарија, Србија, Грција… Неговиот исклучителен придонес во афирмацијата на градот Скопје во светот, во ноември 2018 година е вреднуван со наградата „13 Ноември“.

Проектот „Подиум на млади“ кој е заедничко чедо на Музичката младина на Македонија и фестивалот „Охридско лето“ ќе биде заокружен вечерва  во 20 часот  во „Света Софија“ со концерти на младата виолинистка Наоми Георгиевска која ќе настапи во пијано придружба на Доминика Робе и сопранистката Мила Јаневска  во пијано соработка со Билјана Петровска.

Националната установа Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид во соработка со Националната установа „Охридско лето“  ја реконструира сцената на Античкиот театар.

Станува збор сцена со површина од 270 метри квадратни која поради дотраеност беше  во исклучително лоша состојба. Градежните зафати ги извршија екипи на јавното локално претпријатие „Градски гробишта “ и технички лица вработени во Завод и Музеј – Охрид, кои неуморно работеа во текот на изминатите осум дена.

Директорот на претпријатието „Градски гробишта“ , Ванчо Костоски вели дека  сцената е комплетно реконструирана и сите настани што се закажани на Античкиот театар можат да започнат непречено.

-Како и во текот на изминатите години, нашето претпријатие помага во активностите на фестивалот „Охридско лето“ и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. На сцената на Античкиот театар комплетно го заменивме дрвениот под со ново и квалитетно дрво, поставивме соодветна изолација, а во најгорниот слој е ставена водоотпорна иверка, појаснува Костоски.

В.д. директорката на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј -Охрид, Елеонора Новаковска потсетува дека претходно, оваа национална установа ги префарба платформите и пристапните скали до платформите на Античкиот театар, кои беа целосно реконструирани пред почетокот на минатогодишната сезона .

-Целосната обнова на сцената на Античкиот театар се одвиваше во соработка помеѓу двете национални установи, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј  и Охридско лето, вели Новаковска.

Според неа, за ваквите зафати врз културно-историските добра е особено важна соработката, не само помеѓу институциите од областа на културата, туку и со Локалната самоуправа која, како што вели, излегува во пресрет преку ангажирање на јавните локални претпријатија.

-На тој начин се придонесува, не само за  афирмација и промоција на нашето културно наследство, туку и за јакнење на јавната свест за неговите вредности и значење. Ваквиот начин на работа и воспоставување на соработка е многу е важен и за одржливиот развој. Ние како институција инвестираме, но со издавање на објектите, парите се враќаат назад и повторно ги користиме за одржување на објектите и локалитетите кои се под наша надлежност.Така, сите интервенции околу сцената,  платформите и скалилата на Античкиот театар  ги правиме со средства од сопствената сметка, поточно од сметката на нашата институција, додава Новаковска.

Новата сцена на Античкиот театар, како што објаснува директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ ќе биде од исклучително значење за уметниците коишто настапуваат на овој археолошки локалитет, особено за отворањето на оваа најголема музичко-сценска манифестација во Македонија кое по традиција, секоја година, на 12 јули  се одвива токму на Античкиот театар.

-Реконструкцијата на сцената на Античкиот театар значи многу за нас, како национална установа која ги носи најзвучните светски имиња од светот на музиката и театарот. Ние, заедно со мегапопуларната британска виолинистка Ванеса Меј, ја имаме честа први да застанеме на обновената сцена на овој наш најголем археолошки локалитет.  Ванеса Меј на 12 јули на Античкиот театар ќе го отвори 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ , вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Педесет и деветтото издание на фестивалот „Охридско лето“  свечено ќе биде отворено в петок на Античкиот театар, со почеток во 21 часот.

 

Како предвесник на фестивалот „Охридско лето“, синоќа во црквата „Света Софија“ започна „Подиумот на млади“ во организација на Музичката младина на Македонија.

Според претседателот на Музичката младина на Македонија Александар Герасимовски, станува збор за проект којшто се враќа на фестивалската сцена по подолга пауза, со концерти на млади домашни музичари.

-Проектот траеше 22 години, а потоа од некои причини беше прекинат. Годинава, а се надевам и во текот на следните години,  „Подиумот на млади“ ќе биде заедничко чедо на Музичката младина на Македонија и на фестивалот „Охридско лето“  како што беше и претходно. Производ на таа љубов се фантастични концерти на млади музичари . Годинава сите се од нашата земја. Имаме пресек на актуелниот момент на македонското младинско музичко творештво, вели Герасимовски.

На подиумот во црквата „Света Софија“ синоќа настапија младата и талентирана пијанистка  Инес Неделковска, како и кларинетистот Рикардо Хуна кој настапи во пијано-придружба на Билјана Петровска.

– Искрена благодарност до дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“ и  Музичка Младина на Македонија за поканата да настапам на овој престижен фестивал,  во рамките на Подиум на млади.Голема чест и привилегија е да се настапи на овој реномиран европски фестивал, а одговорноста е уште поголема.Од најмала возраст сум присутна на концертите на големите светски уметници што настапуваа во црквата „Света Софија“, а сега чувството е навистина прекрасно и јас да настапам во овој простор и да свирам на истиот клавир на кој свиреле Соколов,Березовски, Лугански, Мацуев , Володос и многу други светски пијанисти. Благодарение на големата посветеност на мојата професорка Нина Костова, како победник на повеќе  меѓународни натпревари по клавир, имам настапено во најистакнатите светскиконцертни сали, како што се: Карнеги Хол и КауфманЦентарот во Њујорк, Ројал Алберт Хол во Лондон, Театарот Росини во Италија, Филхармонијата во Париз и многу други, но концертот на „Охридско лето“ е исполнување на мојот сон од детството, вели младата Неделковска.

Кларинетистот Рикардо Хуна е ученик во втора година, во ДМБУЦ „ Илија Николовски – Луј“ , во класата на проф. м-р Б. Трајковски. Со свирење кларинет почнува од 2012-2013 година. Во текот на последните години Хуна со своето музицирање достојно се претставува себеси и своето училиште не само во државата, туку и надвор од неа.

-За мене е голем успех и поттик да свирам повеќе и да освојувам поголеми успеси. Голема е честа да се настапува на „Охридско лето“. Неодамна освоив гран-при на фестивалот „Охридски бисери“. Ја освоив и Ем-си наградата  и ќе престојувам во Германија каде што ќе имам мастер-клас, а следуваат и концерти низ Германија и Холандија, вели Хуна.

Во рамките на „Подиумот на млади“, вечерва од 20 часот во црквата „Света Софија“  концерти ќе одржат флејтистката Јана Каевска во пијано соработка со Ивана Јанаќиева и младиот пијанист Арда Мустафаоглу.  Проектот ќе биде заокружен утревечер со настап на виолинитската Наоми Георгиевска во пијано соработка со Доминика Робе и сопранот Мила Јаневска во пијано соработка со Билјана Петровска.