Со дела за флејта и пијано од познати светски композитори синоќа во црквата „Света Софија“ во рамките на фестивалот „Охридксо лето“ настапија истакнатите уметници Елвис Руди и Марин Ѓолма од Република Албанија.

-За настапот на „Охридско лето“ одбравме две француски сонати од периодот на импресионизмот kако што е втората соната од Филип Гобер и Пјер Санкан, а помеѓу двете сонати  свиревме една голема концертна соната од Фридрих Кулау.Се работи за светсски репертоар а исто така и композиторите се светски, вели познатиот флејтист Елвис Руди.

Според него, голема е честа да се настапува на фестивал којшто има долга традиција и чии сцени настапиле плејада звучни имиња од светот на музиката.

-„Охридско лето“ е фестивал со богата историја која датира од 1961 година и голем европски настан во полето на културата. Тоа многу ни значи нам кои настапуваме на оваа сцена и ни претставува голема чест што можеме да настапуваме на еден ваков голем фестивал кој е поддржан и од самата држава, вели Руди.

И неговиот колега, пијанистот Марин Ѓолма е восхитен од амбиентот на самата црква каде што настапија, а особено важна, според него е акустичноста на просторот каде што музицираа синоќа.

-Акустиката во црквата е прекрасна и секогаш зависи како го ние го восприемаме звукот од инструментите на кои свириме и како публиката го слуша истиот тој звук. За акустични инструменти, секако сметам дека  е извонредна, додава Ѓолма.

Ова е трет концерт на кој Елвис Руси и Марин Ѓолма настапуваат како дуо. Нивниот репертоар  со композиции за флејта и пијано со високи уметнички перформанси, ја воодушеви публиката која синоќа го следеше нивниот настап на 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

     

 

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на „Балкан Нуево“ од Словенија и Гудачкиот квартет од Македонија што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

 

Проектот „Потполно нешто друго“ што ќе биде претставен пред фестивалската публика ги опфаќа композициите „Балкански циркус“, „Импресија”, „Подемот”,„Грешка”,„Прелудиум за југ”, „Зајди зајди” ,македонска народна песна во аранжман на Горан Бојчевски, „Танцот”,„Клезмер за 2”, „Мементо мори” и „Валцерот на седумте велови”.

 

Словенечкиот состав „Балкан Нуево“ го сочинуваа кларинетистот Горан Бојчевски, хармоникашот Томаж Марчич, контрабасистот Јошт Лампрет и Јан Север на клавир. Во Гудачкиот квартет Македонија членуваат Владимир Цветковски – прва виолина, Диана Мирчевска – втора виолина, Илза Бафтиари- виола и Димитар Ангелов – виолончело.    Во рамките на „Охридско лето“, со овие два состави ќе настапи и Димитар Михајловски – соло виолина.

 

Горан Бојчевски го вбројуваат меѓу најдобрите кларинетисти во светот. Своето школување го започнува во Македонија, додипломските студии ги завршува во Љубљана, а постдипломските на Универзитетот „Моцартеум“ во Салзбург. Како солист успешно соработува со врвни музичари и институции ширум светот. Изумител е на музичкиот стил „балкан нуево“, кој се потпира на македонската традиционална музика, модернизирана со елементи од класичната и танго музиката.

 

Јан Север е еден од најпознатите словенечки пијанисти на својата генерација. Редовен гостин е на концертни циклуси и фестивали во Словенија, Германија, Португалија и Бразил. Постојан член е на триото Славко Остерц, чија специјалност е изведба на дела на словенечки композитори од 21-ви век. Добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари, меѓу кои и „Прешерновата награда“ во 2004 година, која претставува највисокото уметничко признание во Словенија.

 

Томаж Марчич своите дипломски и постдипломски студии по хармоника ги завршува во Германија, во класата на видни професори. Неговата концертна дејност се протега низ повеќе европски земји: Германија, Швајцарија, Франција, Хрватска, Австрија, Италија. Како солист и камерен музичар соработувал со значајни музичари и ансамбли за современа музика. Покрај хармониката, негова страст е и хорското диригирање.

 

Јошт Лампрет е словенечки контрабасист, кој во својата солистичка дејност ги впишува настапите со Оркестарот на словенечката филхармонија, Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија, а соработувал и со Медитеранскиот младински оркестар. Моментално е на додипломски студии на Музичката академија во Љубљана.

Хрватските глумци од ПУК-Патувачки театар и Младински центар „Рибњак“ – Сцена синоќа во предворјето на црквата „Света Софија“ во рамките на драмската програма на  „Охридско лето“ ја донесоа театарската претстава „Во Агонија“ од Мирослав Крлежа.

Станува збор за драма која говори за тројца  животни бродоломци, тројца несреќни луѓе кои се вртат во еден љубовен и брачен триаголник.

Со претставата е опфатена пропаста на една генерација во австро-унгарското царство на која и се изгубени општествените статуси што ги имала некогаш,  и тие луѓе се снаоѓаат како што умеат и знаат во новите животни околности.

-Но таа општествена и политичка рамка овде е помалку важна. Поважно е што се работи за интимна драма, драма за комплицираните меѓучовечки односи. Претставата ја работевме на тој начин што се обидовме да ја поставиме во интимен простор, публиката да ни биде поблиску нам како изведувачи. Сакавме да направиме една театарска атмосфера во која публиката речиси воајерски присуствува во напнатите и интригантните односи и расплетот на сцената. Драмата настана без никакви амбиции, како една вежба помеѓу тројцата да ги оживееме ликовите на Крлежа. Кога ја погледнаа нашите колеги и пријатели, рекоа дека е извонредна и оти мора да излеземе со неа и надвор од границите на нашата земја. Едноставно кажано, претставата се роди во скромни услови но со намера за истражување на една органска глума, односно дали речениците на Крлежа за кои постои фама дека се комплицирани  и тешко проодни  можат да бидат сфатени. Ако се изговорат на вистински органски начин со доза уверливост, тогаш излегува дека речениците се сфатливи, возбудливи, динамични, вели актерот Дарко Стазиќ кој во претставата го играше ликот на Барон Ленбах.

Актерот Озрен Грабариќ појасни дека тројцата автори на проектот ја сработиле целата претстава , почнувајќи од режијата, преку глумата до поставувањето на сцената, но според него, најважно од се, било истражувањето на актерските органски процеси.

-Кога се работи Крлежа, особено глембаевскиот циклус кој според мене е најсилно дело, не само во Хрватска туку и пошироко, тоа е толку добро напишано, тако што секој нов концепт е отповеќе. Затоа јас велам дека оваа драма ја режираше самиот Крлежа. Ние само го испочитувавме тоа што тој го напишал. Што се однесува до самиот автор, сметам дека не е доволно застапен, зашто сепак се работи за светски автор,  додава Грабариќ.

Актерката Нела Кочиш  која ја играше главната улога во претставата „Во агонија“ вели дека токму со монологот на Лаура Ленбахова била примена на драмската академија.

-Тогаш бев премногу млада за да ја играм Лаура Ленбахова, но се надевав дека некогаш ќе имам шанса да ја одиграм улогата. Секогаш знаев точно како треба да ја одиграм, но се сомневав ако дојде некој режисер со поинаква концепција која е дијаметрално спротивна од моето видување за Лаура дека нема да можам да ја доловам како што ја замислувам. За среќа, се случи овој проект и можев да ги испробам сите варијанти, појасни Кочиш.

Драмата „Во Агонија“ од Крлежа има две верзии. Тројцата извонредни  хрватски автори и актери ја работеа оригиналната верзија од 1928 година со два чина. Подоцна, во 1965 година Мирослав Крлежа го напишал и третиот чин за оваа драма која е дел од трилогијата Глембаеви.

Беспрекорна организација, полни гледалишта, квалитетна програма наменета за публика од сите возрасти, настани што долго ќе се паметат донесе годинешното 58-мо издание на фестивалот „Охридско лето“ чија завеса ќе биде спуштена на 20.август со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци.

Над 20 илјади љубители на уметноста се дел од годинешните настани на врвните светски уметници.

-Годинава бележиме зголемена продажба во споредба со изминатите години. Особено поприсутни се странските гости кои направија резервации од Австралија, Словенија, Франција, Холандија, Кина, Германија, Хрватска, Турција, Русија, Косово, Босна и Херцеговина. Се надеваме дека до крајот, фестивалот ќе има рекордна посетеност, вели Христина Стефаноска одговорна за веб-продажбата на „Охридско лето“.

Исклучително добрата музичка програма беше навестена уште на самото отворање на фестивалот, на 12.јули со оперската дива Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и маестралниот диригент Николае Молдовеану. На Античкиот театар помеѓу бројната публика можеа да се видат охриѓани, гости од странство, дипломати, политичари, бизнисмени, но и други познати имиња од јавниот живот.

Традиционалните Вечери на полска и француска музика  исто така донесоа бројна публика во која беа почесниот конзул на Полска во Македонија, Коста Костовски, како и амбасадорот на Франција во нашата држава Кристијан Тимоние заедно со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој е и покровител на фестивалот „Охридско лето“.

Кралскиот секстет „Д Квин Сикс“ потврдија дека се музичари со голема топлина во душите. По завршувањето на нивниот концерт  во црквата „Света Софија“ се покажаа како љубезни домаќини испраќајќи ги  гостите со кои разговараа и се фотографираа.

Познатото трио руски уметници, Лугански-Књазев –Крилов ја наполнија црквата „Света Софија“ со публика која уживаше во нивната префинета програма со класични дела.

Ораториумот „Радомировиот псалтир“ што еден од најплодните македонски композитори, Димитрие Бужаровски го напиша специјално за фестивалот „Охридско лето“, во предворјето на „Света Софија“ донесе бројни уметници од Македонија, но и многубројна публика која уживаше во овој семакедонски производ.

Кога сме кај црквата „Света Софија“, овој храм беше претесен да ги прими и посетителите на концертот на АМИРА триото која приреди вистинско уживање. Сцените во Центарот за култура „Григор Прличев“ годинава беа искористени за дел од настаните на „Охридско лето“.Карта повеќе се бараше за  Кубанската вечер која го донесе сензуалното танго-фламенго, за роденденскиот концерт на групата „Синтезис“, како и театарската претстава „Тоби“наменета за најмладата фестивалска публика,  како и за театарските претстави „Странци“ , премиерата „Мизантроп“, „Стаклена Менажерија“,„ Смртта на Дантон“,  „Девојчето со жиците“и драмата „Во Агонија“ кои беа извонредно доживување за љубителите на театарот.

Голема посетеност имаше и на трите изложби  „Од уметничкиот пат на Георги Божиков“, „Скриеното Чудесно“ од авторките Марта Пејоска и  Биби Клекачкоска и изложбата масло на платно под наслов „Зад виножитото“ од Калина Брајковска која долови неокласична убавина на „Охридско лето“.

Публиката задоволна од сето она што и беше понудено на ова 58-мо фестивалско издание. Според многумина љубители на уметноста, фестивалот секоја година се искачува скалило погоре, како во делот на организацијата, така и во програмскиот дел.

-„Охридско лето“ е најголемата музичко-сценска манифестација, нашиот културен бренд и заслужува да ги има најголемите уметници од музичкиот и драмскиот свет. Направивме се, и оваа година со беспрекорна организација да ја продолжиме успешната приказна и да донесеме уметници кои се на самиот врв на уметничката сцена и по кои ќе се памети ова фестивалско издание, вели директорката на НУ „Охридско лето“, Сузана Вренцовска.

Со позитивни реакции и уметниците за кои „Охридско лето “ е сцената на која би сакале да настапат повторно.

– Интересот како и претходниот пат кога гостував на „Охридско лето“ е огромен. Но најважно од се’ е што дојдоа толку луѓе и што на сите ни беше убаво, некои пееја со нас, а некои пуштија и по некоја солза. Тоа е непроценливо.  За мене, тоа се работи за кои вреди да се живее и да се пее, изјави најдобриот босански вокал Амира Медуњанин.

Косовскиот гитарист Дрилон Чочај исто така беше задоволен од својот настап, но и од публиката и од самата акустика во црквата во која музицираше.

-Ова е мојот прв настап на фестивалот, но уште од мал ги следев концертите на „Охридско лето“ на секои две години. Навистина е голема чест и претставува огромно задоволство да се настапува на „Охридско лето“ каде што музицирале Максим Венгеров, Иво Погорелиќ, Николај Лугански и други звучни имиња. „Охридско лето“ е голема среќа, не само за Македонија, туку и за целиот поширок регион, додаде виртуозот на гитара Дрилон Чочај.

– Овде е се совршено. Огромна е честа што ни овозможивте да го отвориме 58-то „Охридско лето“, изјави еден од најескпресивните сопрани на денешницата, Елена Мошук.

– Посебно е чувството да се настапува пред многубројна публика во овој свет храм, рече светскиот пијанист, Николај Лугански.

Фестивалот „Охридско лето“ годинава донесе над 800 уметници од 27 земји од светот. Од фестивалската дирекција најавуваат дека веднаш по спуштањето на фестивалската завеса на 20-ти август, ќе започнат подготовките за следното издание.

Фестивалот „Охридско лето“ за љубителите на уметноста вечерва носи ново музичко доживување преку настапот на флејтистот Елвис Руди и пијанистот Марин Ѓолма од Албанија. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

На програмата се Соната за флејта и пијано од Филип Гобер,  Голема концертна соната оп. 85 од Фридрих Кулау, како и  Сонатина за флејта и пијано од Пјер Санкан.

Формирањето на првата класа на флејтисти во Албанија била резултат на голема волја и напорна работа на оние кои биле професори на тогашниот уметнички „лицеум“ (вид на средно уметничко образование). Ова е и времето кога Елвис Руди започнува да го изучува инструментот флејта под менторство на Мирела Селеница и Исуф Спахиу. Своите студии ги завршува на Универзитетот за музика во Букурешт, кај професорот Виргил Франк, по што се враќа во Тирана, каде започнува да работи како асистент-предавач на Академијата за уметности. Подоцна оваа институција е преименувана во Универзитет за уметности, а титулата на Руди прераснува во асистент-професор. Деветмесечната стипендија од Конзерваториумот во Париз му овозможува усовршување со Пјер Ив Артод и Софи Шериер. Во текот на овие години, значаен е неговиот придонес во интерпретацијата и промоцијата на албанската современа музика.

Марин Ѓолма своите додипломски, постдипломски и докторски студии ги завршува на Универзитетот за музика во Карлсрух, Германија, под менторство на познатата бразилска пијанистка Фани Солтер. По ова следи неговото усовршување на мајсторски курсеви кај познати професори и музичари. На полето на камерната музика соработувал со еминентни артисти, меѓу кои и Мартин Остертаг, како и бројни оркестри. Од 1996 до 2018 година, одржува серија концерти во Албанија и Германија, а исто така учествува и на значајни интернационални фестивали, како „Јанис Папајоану“ во Грција, „Алегрето Албанија“, фестивалот „Различни возови“ во Тирана, фестивалот на камерна музика „Чембер фест“ во Драч и други. Добитник е на повеќе награди на национални и интернационални натпревари по пијано од 1998 до 2011 година.

Во рамките на драмската понуда на фестивалот „Охридско  лето“вечерва во предворјето на црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот ќе  биде изведена театарската претстава „Во агонија“ од Мирослав Крлежа, а во режија на Нела Кочиш, Озрен Грабариќ и Дарко Стазиќ. Станува збор за проект на ПУК – Патувачки театар и Младинскиот центар „Рибњак“ – Сцена „Рибњак“.

Славната драма на Крлежа, дел од трилогијата за Глембаеви, е поставена како жесток судир на тројца луѓе. Во фокусот на безвременската приказна за љубовниот триаголник и подемите и падовите во општеството, се наоѓаат сензитивната и разочарана Лаура Ленбахова, која храбро ја поднесува имотната и општествената деградација работејќи во својот кројачки салон и служејќи ги муштериите, нејзиниот интимен пријател, адвокатот д -р Иван племенитиот Крижовец, кој успеал да се снајде во новонастанатите општествени ситуации и мажот на Лаура, пијаница и коцкар, бивши коњанички потполковник и бивши затвореник баронот Ленбах.

-Крлежа е класичар.  Претставата  „Во агонија ” е играна на сите сцени во Хрватска, а со тоа нашиот предизвик и одговорност беа уште поголеми, да се создаде нешто ново и поинакво од предлогот кој толку пати е режиран. Ние експериментираме, истражуваме, настојувавме да создадеме претстава која нема да биде само убава интонација и совршено изговорени реченици на Крлежа без емотивно покритие. Нашата цел беше да создадеме возбудлива, жива, драматична претстава што ќе биде поинаква, но сепак ќе остане на Крлежа, вели режисерката  и актер во претставата Нела Кочиш.

Освен Кошиш во улогата на Лаура Ленбахова, во претствата играат и Озрен Грабариќ како Иван племенитиот Крижовец и Дарко Стазиќ кој ја има улогата на баронот Ленбах. Сценографија е Петра Крилетиќ, а костимографијата ја изработи Марита Ќопо.

Акорди од гитарата на косовскиот вируоз Дрилон Чочај синоќа одекнуваа под сводовите на акустичната црква „Света Софија“. Овој извонреден уметник одржа концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“ доловувајќи дела од различни епохи.

-Многу ми е мило што сум дел од овој фестивал. Ќе свирам малку поинаков репертоар со дела кои се од различни епохи. Акустиката во цркват ае многу убава, а тоа е особено важно за инструментот гитара. Вообичаено, ние уметниците со гитара имаме проблем, но настапот овде,во акустичен амбиент,  за нас претатвува огромна среќа, изјави гитаристот Чочај.

Уметникот кој приреди романтична вечер за публиката на „Охридско лето“ вели дека првпат настапува на фестивалот, но уште од мали нозе ги следел музичките концерти што се случуваат во „Света Софија“.

-Ова е мојот прв настап на фестивалот, но уште од мал ги следев концертите на „Охридско лето“ на секои две години.Посебно ми е важен балконот во горниот дел од црквата од каде што ги слушав плејадата ѕвезди кои беа дел од фестивалската програма. Навистина е голема чест и претставува огромно задоволство да се настапува на „Охридско лето“ каде што музицирале Максим Венгеров, Иво Погорелиќ, Николај Лугански и други звучни имиња. „Охридско лето“ е голема среќа не само за Македонија, туку и за целиот поширок регион, додаде виртуозот на гитара Дрилон Чочај.

Извонредниот музичар синоќа изведе дела од Јохан Себастијан Бах,Фернандо Сор, Абел Карлеваро и Мануел Понс.

Во својата биографија Чочај запишува победа на Интернационалниот натпревар за млади музичари „Арс Косово“ во Приштина, бројни солистички и камерни концерти во Косово, но и во Албанија, Шведска, Црна Гора, Германија, потоа учество на разновидни фестивали, како „Звуците на гитарата“ во Тирана, „Дам Фест“ и „Ре Музика“ во Приштина, познатиот фестивал „Шопен“ во Полска, Летниот фестивал во Улцињ и др.

  

Централниот музички храм на фестивалот „Охридско лето“ – катедралната црква „Света Софија“, според пополнетоста и воодушевеноста на публиката, синоќа, го достигна својот зенит ова лето, со концерт на познатото АМИРА Трио (Амира Медуњанин, Звонимир Шестак и Анте Гело).

Според многумина најдобриот босански, а и не само босански вокал, Амира Медуњанин уште пред една седмица ги распродаде влезниците, така што синоќа се внесуваа дополнителни столици, а преполна беше и Галеријата.

„Босанската Били Холидеј“(Гарт Картрајт – музичкиот новинар), пееше, разговараше, диригареше со публиката која тихо, малку и пред нејзе, пееше во огромен хор, под сводовите на древата црква, за чија акустика, Амира кажа дека “не постои техника во светот што би постигнала такво нешто”.

Изведбите на босанските севдалинки и преработките на македонските народни песни, звучат неверојатно, без техника и озвучување.

– Во оваа прастара црква, во овој неповторлив амбиент, пред три години, заедно со мене пееја и ангелите.Концертот беше закажан во Предворјето на црквата, а јас му се молев на Севишниот да заврне. Мојата молба беше ислушана и изполнета, како што ми е исполнета душата и вечерва” – разговараше Амира со публиката, давајќи знак кога стотици грла треба да запеат заедно со нејзе.

“Прошетала Јовка кумановка”, „Јано мори“, „Елено ќерко“, нејзината верзија на „Ја излези Ѓурѓо“, навистина се македонски бисери кои Амира Медуњанин ги прошета, за да го покажи нивниот сјај по целиот свет.

Во право е Гарт Картрајт, кога вели дека Амира се „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нов контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години.

Неколку познати босански бисери, публиката ги слушна во нови верзии: “Не давам младата мома, жената да се продава за грст дукати и кило злато” – објаснуваше Амира, која нашла поинакви текстови, поинакви изведби, како онаа на Чикашкиот тамбурашки оркестар од пред еден век.

Амира Медуњанин е уникатна вокалистка, една од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина, но и на саканата Далмација (ја изведе синоќа “Пјева клапа”), а особено “при срце зараснатата Македонија”.

Нејзината богата дискографија која ја издава во соработка со познати светски издавачки куќи, постојано добива одлични критики. Дебитантскиот албум „Роса“ е прогласен за албум на годината во Велика Британија, додека пак албумот „Зумра“ е добитник на наградата „Индекси“.

Во нејзината музика, покрај обработката на босанската музичка народна традиција, се среќаваат и мелодии од српски и македонски традиционални песни.

Добитник е на престижната награда „Најдобар женски вокал 2012“ од страна на фондацијата „Orange“.

Звонимир Шестак најпрвин се запишува на Државниот конзерваториум во Карнтен, Австрија, каде студира џез-контрабас. Своите студии ги продолжува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, на кој и дипломира во 2012 година. Во 2014 година се стекнува и со својата магистерска диплома. Има активна концертна дејност, постојано соработувајќи со популарни музички имиња и ансамбли од целиот свет.

Гитаристот, композитор и аранжер Анте Гело своите дипломски и постдипломски студии ги завршува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Како изведувач во текот на својата кариера соработувал со значајни имиња од џез и поп музичката сцена. Покрај тоа, познат е и како студиски продуцент и аранжер, за што е добитник на бројни награди. Често одржува џез-работилници на повеќе места низ Хрватска.

Веле Митаноски

Една од најдобрите интерпретаторки на севдалинките, Босанката Амира Медуњанин, синоќа приреди концерт за паметење во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Црквата „Света Софија“ беше премногу тесна за да ја прими многубројната публика што дојде да ужива во ангелскиот глас на Медуњанин која со голема леснотија си поигруваше со модерното и традиционалното изведувајќи босански севдалинки, но и македонски и српски песни.

„Мој дилбере“, „Све птициче запјевале“, „Ој голубе, мој голубе“, „Што те нема“, „Ах шта чемо љубав крити“, „Твоите очи Лено мори“, „Јовка Кумановка“, беше само дел од репертоарот што ја задржа публиката два часа во црквата, а на крајот од концертот, пријатната атмосфера беше заокружена со песната „Шта то беше љубав“ која членовите на Амира триото ја изведоа во спомен на нивниот колега Оливер Драгојевиќ кој почина неодамна.

Посетителите на концертот пееја заедно со уметниците, возвраќаа на емоциите, а имаше и такви кои пуштија и по некоја солза импресионирани од изведбата на севдалинките, но и допрени од содржината на песните.  Извонредниот вокал за кој меѓу присутните можеше да се слушне дека пее како славеј, по завршувањето на концертот рече дека ја заобиколила целата планета благодарение на нејзините настапи, но никаде не се почувствувала толку убаво како во Охрид и Македонија. Доказ за тоа беа и нејзините солзи при емотивната интерпретација на синоќешната програма.

– Навистина имам некаква поврзаност со оваа земја. Според потеклото немам ништо, но сум убедена дека во претходниот живот сум живеела овде, на овој простор. Музиката и луѓето се неверојатни. Толку големо срце, човек тешко може да најде на друго место. И кога ја добив првата покана да гостувам во Македонија, плачев од среќа како мало дете. Целиот мој живот пеам македонски песни, но никако да дојдам овде. Таа прва посета беше волшепство. И еве ме, повторно овде. Интерсот како и претходниот пат кога гостував на „Охридско лето“ е огромен. Но најважно од се’ е што дојдоа толку луѓе и што на сите ни беше убаво, некои пееја со нас, а некои пуштија и по некоја солза. Тоа е непроценливо.  За мене, тоа се работи за кои вреди да се живее и да се пее, изјави Медуњанин.

Оваа уникатна вокалистка е една од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина. Нејзината богата дискографија која ја издава во соработка со познати светски издавачки куќи, постојано добива одлични критики,а музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарекува „босанската Били Холидеј“,алудирајќи на начинот на кој Амира Медуњанин се „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нов контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години.

Галерија:

 

На репертоарот ќе бидат изведени дела од Јохан Себастијан Бах,Фернандо Сор, Абел Карлеваро и Мануел Понс.

Виртуозот Дрилон Чочај со гитарата се запознава на седумгодишна возраст во кругот на семејството. Подоцна се запишува во музичкото училиште „Лоренц Антони“ во Призрен, а во 2004 година ги запишува своите додипломски студии на Академијата за уметност во Приштина, во класата на познатиот професор Џевдет Сахатџија. Под негово менторство Чочај ги завршува и постдипломските студии.

Во својата биографија Чочај запишува победа на Интернационалниот натпревар за млади музичари „Арс Косово“ во Приштина, бројни солистички и камерни концерти во Косово, но и во Албанија, Шведска, Црна Гора, Германија, потоа учество на разновидни фестивали, како „Звуците на гитарата“ во Тирана, „Дам Фест“ и „Ре Музика“ во Приштина, познатиот фестивал „Шопен“ во Полска, Летниот фестивал во Улцињ и др. Често може да се сретне и како член на жирито на натпреварите: „Ехат Муса“ во Пеќ, „Арс Косово“ во Приштина, како и на некои натпревари по гитара во Тиват, Црна Гора. Дрилон Чочај во моментов работи како асистент на Факултетот за уметност во Приштина, професор во музичкото училиште  „Пренк Јакова“ исто така во Приштина, и во музичкото училиште „ Misbah & Friends“. Неговите студенти и ученици многупати се наградувани на интернационални натпревари. Значајни се и неговите мајсторски курсеви кои ги одржува во Косово, Албанија и Шведска.