https://www.mia.mk/mk/Inside/RenderSingleNews/134/134416503

 

Охрид, 21 август 2018 (МИА) – Претставата „Илијада“ од Хомер на Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана , Цанкариев дом и Градски театар од Словенија, со кој беше затворено 58. Охридско лето беше најголем театарски проект на годинaшното фестивалско издание, оценија организаторите.

Публиката беше задоволна од врвната актерска игра во приказната инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата почна како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седнати на столчиња, проследени со визуелни ефекти ја раскажаа крвавата историја за „Илијада“. Раскажаниот вовед полека прерасна во едно целосно театарско доживување со една универзална релевантна нишка кое беше препознатливо за целата публика.

Актерската игра се одвиваше пред сцената на Античкиот театар со што гледалиштето беше поставено, централно, во правоаголна форма. Странично беа поставени конструкции со рефлектори со што беше невозможно да се следи од краевите на Антички, за што беше информирана публиката.

– Поради спецификата на претставата што се играше пред сцената на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено. Доколку поставевме публика на страничните места на Антички ќе беше невозможно да се следи претставата и токму поради тоа се ограничивме само на предниот дел, а протоколот го сместивме на самиот партер, појасни директорката на Фестивалот Сузана Вренцовска

Од следната година, како што најави, за вакви специфични претстави ќе бидат направени платна со кои ќе се покријат местата од каде што не може да се гледа претстава, со цел да не се добие погрешен впечаток за исполнетоста на Античкиот театар.

– Она што сепак е најважно е тоа дека со „Илијада“ го имавме најголемиот театарски проект на „Охридско лето“ и на Античкиот театар, нагласи Вренцовска.

Свеченото затворање на фестивалот го проследија министерот за култура Асаф Адеми, заменик-министерот Владимир Лазовски, националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата Роберт Алаѓозовски, министерот без ресор Зоран Шапуриќ, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, познати личности од театарскиот свет, пратеници, советници, како и луѓе од бизнис-секторот, поддржувачи и пријатели на „Охридско лето“. сс/мд/13:30

###

СЛОВЕНЦИТЕ ЈА РАСКАЖАА „ИЛИЈАДА“ НА МИКРОФОНИ – ЗАВРШИ ОХРИДСКО ЛЕТО (ФОТОГАЛЕРИЈА)

СЛОВЕНЦИТЕ ЈА РАСКАЖАА „ИЛИЈАДА“ НА МИКРОФОНИ – ЗАВРШИ ОХРИДСКО ЛЕТО (ФОТОГАЛЕРИЈА)Изведбата на претставата започна како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седнати на столици, ја раскажаа крвавата историја за „Илијада“ на микрофони (Фото: Охридско лето)

 

Со театарската претстава „Илијада“ од Хомер во копродукција на Словенско народно гледалиште- Драма, Цанкарјев дом и Градски театар од Љубљана, во режија на Јернеј Лоренци, можеби еден од најголемите проекти на фестивалот Охридско лето, синоќа заврши 58. издание на најголемата музичко-сценска манифестација во државава.

Според словенечката театарска критичарка Ника Архар, претставата е иновативна и величествена (Фото: Охридско лето)

Публиката, составена од политичари, театарџии и бизнисмени, беше задоволна од врвната актерска игра во приказната, која колку што е класична, толку е и инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата започна како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седнати на столици, ја раскажаа крвавата историја за „Илијада“ на микрофони.

Министерот за култура Асаф Адеми (во средина) со директорката на Охридско лето Сузана Вренцовска и режисерот Александар Поповски, селектор на драмската програма (Фото: Охридско лето)

Раскажаниот вовед полека прерасна во едно целосно театарско доживување со една универзална нишка која беше препознатлива за целата публика.

Претставата е копродукција на Словенеско народно гледалишле- Драма, Цанкарјев дом и Градски театар од Љубљана (Фото: Охридско лето)

„Актерите играа пред сцената на Античкиот театар со што гледалиштето беше поставено, централно, во правоаголна форма. Странично беа поставени конструкции со рефлектори со што беше невозможно да се следи од краевите на Антички. Но сето тоа јавноста го знаеше затоа што навремено го најавивме”, велат од дирекцијата.

Актерите играа пред сцената на Античкиот театар со што гледалиштето беше поставено, централно, во правоаголна форма (Фото: Охридско лето)

„Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено. Доколку поставевме публика на страничните места на Антички ќе беше невозможно да се следи претставата и токму поради тоа се ограничивме само на предниот дел, а протоколот го сместивме на самиот партер. Од следната година за вакви специфични претстави ќе направиме платна со кои ќе ги покриваме местата од каде што не може да се гледа претстава, со цел за да не се добие впечаток дека не можеме да го наполниме Античкиот театар. Но она што е сепак битно, е тоа дека го имавме најголемиот театарски проект на Охридско лето и на Античкиот театар”, велат од Охридско лето.

Д. ЧУБРИЌ

Заменик министерот за култура Владимир Лазовски, националниот координарот за развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата, Роберт Алаѓозовски и директорката на Охридско лето Сузана Вренцовска на коктелот за затворањето на Фестивалот (Фото: Охридско лето )

Со театарска претстава „Илијада“ од Хомер во копродукција на Словенечки народен театар СНГ Драма Љубљана , Цанкариев дом и Градски театар од Словенија, можеби еден од најголемите проекти на фестивалот „Охридско лето“, синоќа се спушти завесата на најголемата музичко-сценска манифестација во државава.

Публиката задоволна од врвната актерска игра во приказната колку што е класична, толку е и инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата започна како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седнати на столици, ја раскажаа крвавата историја за „Илијада“ на микрофони. Раскажаниот вовед полека прерасна во едно целосно театарско доживување со една универзална релевантна нишка кое беше препознатливо за целата публика.

Свеченото затворање на фестивалот го проследија министерот за култура на Република Македонија Асаф Адеми, заменик-министерот Владимир Лазовски, националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата, Роберт Алаѓозовски, министерот без ресор Зоран Шапуриќ, градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, видни личности од театарскиот свет, пратеници, советници, како и  луѓе од бизнис-секторот, помагатели и пријатели на „Охридско лето“.

Успешното 58-мо фестивалско издание беше заокружено со свечен коктел во елитниот хотел „UNIQUE“ .

 

Врвните членови на македонската културна сцена и членови на Сојузот на музички уметници на Македонија синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“ одржаа целовечерен концерт на домашна музика.

Во црквата „Света Софија“ настапија баритонот Горан Начевски, пијанистите Јасна Аврамовска и Тодор Светиев, како и обоистот Васил Атанасов заедно со Скопскиот дувачки квинтет во кој покрај Атанасов членуваат и  флејтистката Марија Јаќимовска, кларинетистот Ристо Ѓоревски, Даниел Апостолов на фагот и Александар Гошев на хорна.

Познатиот обоист Васил Атанасов рече дека заедно со колегите вложиле голем труд за синоќешниот настап, но како што додаде, не жалат затоа што имаше доста публика која уживаше во грандиозните дела на големите композитори Аврамовски, Ортаков и Стојков. Според него, постојат многу македонски дела со кои македонските исполнители се претставуваат себеси и државата низ целиот свет.

-Има многу македонски дела со кои ние уметниците можеме да настапуваме низ светот. Јас секогаш апелирам до композиторите кои се од помлада генерација што следи интернет, повеќе да се посветат на македонските теми. Синоќа публиката имаше можност да слушне дела од постари автори од средната генерација. Тие се фанстастични. Оттука велам дека има добри дела за клавир, виолина но  и за другите инструменти. Најдобрите македонски уметници секогаш исполнуваат домашни дела во странство. Тоа е нашата лична карта. Изразувам огромна благодарност до фестивалот „Охридско лето“ бидејќи годинава почна да поканува повеќе македонски уметници, рече обоистот Атанасов.

Меѓу уметниците кои синоќа настапија беше и ќерката на познатиот композитор Ристо Аврамовски, пијанистката Јасна Аврамовска, а во публиката беше и неговата сопруга, Емилија која се присети на деновите кога со композиторот го славеле неговиот роденден заедно со „Охридско лето“ токму на 20.ти август кога се спушта и фестивалската завеса.

-Го славевме роденденот на Ристо заедно со вработените во „Охридско лето“. Остана еден убав спомен од времето кога тој беше претседател на Управниот одбор, но и селектор на фестивалот. Во 1993 година го отворивме фестивалот „Охридско лето“ со музичката драма „Црно писмо“. Неговите дела на фестивалот ги изведуваа многу уметници  меѓу кои Запро Запров, се присети Аврамовска.

Концертот  се одржа по повод јубилејот од раѓањето на македонските уметници Ристо Аврамовски, Драгослав Ортаков и Стојан Стојков.

    

Со театарската претстава „Илијада“ од Хомер , во режија на Јернеј Лоренци, а во копродукција на Словенечкиот народен театар – СНГ Драма Љубљана, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија утревечер ќе биде спуштена завесата на 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Претставата ќе се одигра на Античкиот театар со почеток во 21 часот. Директорот  на  Словенечкиот народен театар Игор Самобор, режисерот Јернеј Лоренци и дел од актерската екипа денеска на прес-конференција изразија задоволство што првпат ќе играат под  отворено небо и во амбиент којшто одговара на самата претстава.

-Словенечкиот народен театар неколку пати  гостуваше на фестивалот „Охридско лето“, но никогаш со ваков проект. Среќни сме што првпат претставата „Илијада “ ќе ја играме во оригинална атмосфера, на отворено. Секогаш ја играме во големи сали. Иако е многу интимна претстава, првпат ќе биде во вистински антички театар, но и јужно до грчката граница. Сега сме најблиску до оригиналот, рече директорот на Словенечкиот народен театар Самобор.

Режисерот Јернеј Лоренци истакна дека текстот на  хомеровата „Илијада“можеби е најголемиот текст во Европа и светот и всушност  е суштината на човечката заблуда односно суета.

-Тоа што за мене е најубаво во тој прв голем текст во Европа, дури можеби и во светот е дека таму е суштината, јадрото на човечката заблуда, а тоа Грците го нарекуваат хибрис што значи суета. Значи од кога човекот станал свесен за себе, мисли единствено на самиот себе и тоа е клучното. Секој континуирано повторува јас, јас…. Тој текст ја открива најголемата маана на човечкото постоење која секако никогаш нема да биде разрешена. Друга работа е што глумците спротивно од суетата заеднички ја изведуваат претставата,  рече режисерот Лоренци.

Дел од актерската екипа на денешната прес-конференција најавија дека публиката ќе ужива во прекрасен проект.

Претставата „Илијaда“ е иновативна и величествена. Колку што е класична, толку е и инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата започнува како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седат на столици, раскажувајќи ја крвавата историја за „Илијада“ на микрофони. Микрофоните не се само за да се збогати звукот на зборовите, туку целата изведба е изградена од музика и поетскиот ритам хексаметар, слично како отчукувањата на срцето и одекот на коњскиот кас. Раскажаниот вовед полека прераснува во едно целосно театарско доживување со една универзална релевантна нишка кое е препознатливо за целата публика.

 

 

 

Патот кој го зацртавме на самиот почеток  на фестивалот „Охридско лето“ успешно го изодевме. Реализиравме богата уметничка програма без ниту едно откажување, се покажавме како добри домаќини пред околу 800 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 27 земји од светот, истакна денеска на завршната прес-конференција посветена на 58-то Охридско лето директорката на оваа Национална  установа, Сузана Вренцовска.

Таа додаде дека благодарение на  поддршката и заложбите на Министерството за култура на Република Македонија, Општина Охрид, како и помошта од верните спонзори и пријатели на фестивалот,  публиката уживаше во неповторливи настапи на врвни уметници од светот на музиката и театарот.

-На наше задоволство, на сите уметници, независно дали се домашни или меѓународни, им понудивме исти услови и обезбедивме соодветен третман, достоен на врвните уметнички имиња учесници  на фестивалот Охридско лето. Секоја вечер, секој настан се одржуваше пред полни трибини, задоволна публика, во знакот на  беспрекорна сценско-техничка организација.Со домаќинско работење и строго наменско трошење на средствата но и редовно сервисирање на обврските, годинешново фестивалско издание го завршивме со позитивно финансиско салдо. Тоа ми дава за право да речам, „Охридско лето“ 2018 е едно од најуспешните изданија, основа од која ќе ги градиме следните кои ќе бидат скалило погоре во однос на квалитетот, изјави Вренцовска.

Како што нагласи директорката, според статистиката, годинава се бележи и зголемување на продажбата на билети, а он-лајн  билети се купуваа од бројни земји од светот.

-Настаните се исполнија до последно место, понудивме ниски цени достапни за секого, се’ со  цел што повеќе луѓе да посетуваат културни настани. Следејќи ги светските текови реализиравме преноси на настани во живо преку нашата веб-страна, концертот на Музичката младина на Македонија во црквата Света Софија, и Свеченото отворање на Антички. Посебно внимание посветивме и на дизајнот на пропагандниот материјал како и на маркетингот и промоцијата на фестивалот. Зад сето ова стои тимот на „Охридско лето“ кој внесе огромна посветеност и професионализам. Охридско лето доби и нова брендирана билетарница за продажба на самиот кеј, рече Вренцовска.

Подготовките  за 58-то издание, според неа,  беа завршени уште пред самиот почеток на фестивалот. Во соработка со Општина Охрид и општинските јавни претпријатија се санира гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“, со целосна замена на оштетените дрвени седишта и елементи. Започна и постапката  за реконструкција на сцената Долни Сарај, по проект финансиски поддржан од Министерството за култура вреден 1,4 милиони денари.

-За следната година во програмата за инвестиции за 2019 година аплициравме со проект монтажно гледалиште и монтажна сцена. Фестивал како што е „Охридско лето“ заслужува да ги има сите неоходни услови за реализација на програмата. Тоа ќе значи дека настаните ќе може да се поставуваат на бројни места низ градот каде има услови за тоа, најави директорката на НУ „Охридско лето“ Сузана Вренцовска додавајќи дека и натаму ќе ја застапува иницијативата за концертна сала  во Охрид со чија изградба фестивалските настапи во иднина нема да зависат од временските прилики.

Осврнувајќи се на музичката програма на „Охридско лето“, музичкиот селектор Васо Ристов, истакна дека со понудената програма и екслузивните уметници, Охрид повторно стана вистинска културна метропола како и досега, која привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји и тоа токму само заради годинешните ѕвезди и квалитетната програма.

-И оваа година нашите заложби беа фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови, и во тоа  успеавме. Доминантна беше класичната музика. Од успешноста на изборот на програмата зависеше и реномето на фестивалот кој според домашната, но и странска стручна јавност, заедно со целиот тим доби одлична критика и пофалби за целата организација, а со тоа градот Охрид претставува значајна светска уметничка сцена и голема културна метропола. Традиционално имавме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена. Тоа се имиња на уметници по кои се паметат фестивалските изданија, меѓу кои Николај Лугански великан од пијанистичката фела, потоа челистот Александар Књазев,виолинистот Сергеј Крилов.. тројцата од Русија, како и Александар Маџар (Белгија/Србија), исто така пијанист на неговата генерација, рече селекторот на музичката програма Васо Ристов.

Селекторот Ристов нагласи дека  посебно задоволство е што најголемите ѕвезди на фестивалот, почнувајќи од спектакуларното отворање на 12 јули со сопранот Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовеану настапуваат заедно со македонските национални оркестри.

-Оваа година публиката на фестивалот на „Охридско лето“ имаше можност да слушне еден од најдобрите усни хармоникаши Антонио Серано од Шпанија кој многу години свиреше и концертираше заедно со легендата на школата за Гитара Пако де Лусија, кој настапи во пијано придружба на Констанца Лехнер. Посебно уметничко доживување беше и концертот на светскиот секстет-акапела- од Виндзор кастл-Велика Британија.Ексклузивноста на фестивалот се потврдува и преку гостување на уметници кои музицираат или се во вокални состави од ваков тип-АКАПЕЛА ПЕЕЊЕ, или музицираат на ретки инструменти кои до сега не се слушнати во Македонија, а и во регионот, додаде селекторот Ристов.

Како дел од настаните што го одбележаа ова издание тој ги спомена и концертите што се одржаа во соработка со амбасадите на странските земји во Македонија, како што беа Полската, Француската, Шпанската, Украинската, како и Вечерта на Европската унија.

-Стоечки овации, восхит и уште една одлична вечер за љубителите на добрата музика, донесоа и уметниците од словенечкиот состав „Балкан Нуево“ предводени од светски познатиот кларинетист од македонско потекло Горан Бојчевски. Синоќа на наше големо задоволство го слушнавме-Кинескиот бамбус флејта оркестар, кој припаѓа на кинескиот конзерваториум за музика -флејта и уметничкиот истражувачки центар. Тука е и прекрасниот концерт на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Посебен предизвик беше изборот за концертот на 4 август по повод роденденот на фестивалот со познатата македонска група-СИНТЕЗИС македонски уметници, виртуози на своите инструменти.Македонската опера ибалет учествуваше со делото на проф. д-р Димитрије Бужаровски-Радомировиот псалтир,оп 47 за два сопрана,тенор,бас,хор.детски хор и симфониски оркестар.Само набројувањето на сите овие имиња ,солисти,состави, камерни оркестри и оркестри е доволна потврда дека програмата и годинава ги оправда очекувањата на љубителите на музиката.

Селекторот на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ Александар Поповски најави дека подготовките за следното фестивалско издание започнуваат веднаш по завршувањето на годинешното издание.

-Охридско лето е еден фантастичен фестивал. Сум го сакал порано, а сега првпат имам можност да учествувам од другата страна на фестивалот и мислам дека допрва следат работи кои можат да го направат уште подобар. Како селектор ги гледам можностите што овој фестивал ги има и што семоже да се направи. На едно место во месец и половина да собереш таква елита на уметници од толку многу земји е голема предност како за Охрид, така и за цела Македонија. Она што го видов и она на што ќе инсистирам за следната година е  домашната продукција на претстави. Би сакал секој театар во Македонија да подготви претстава што ќе биде наменски презентирана првин овој фестивал. Кога јас студирав , главниот момент во сезоната доаѓаше на „Охридско лето“ каде што беа главните претстави, а потоа претставите започнуваа да играат на редовниот репертоар. Ќе инсистирам сите претстави да се играат на отворено и на нови простори, рече Поповски.

Една од идеите, како што најави Поповски, е фестивалот „Охридско лето“ да има своја продукција како што има фестивалот во Дубровник.

-„Охридско лето“ мора да има една претстава во сопствена продукција. Тоа ќе го направиме следната година, додаде селекторот на драмската програма Александар  Поповски, на завршната прес-конференција на фестивалот.

„Охридско лето“  како дел од Европската  Асоцијација на фестивали се одржува под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија а под покровителство на Претседателот на државата д-р Ѓорге Иванов.  Фестивалската завеса на 20-ти август ќе биде спуштена на Античкиот театар со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во продукција на Словенечки народен театар СНГ Драма Љубљана,Цанкариев дом и  Градски театар од Словенија.

Виртуозот на усна хармоника Антонио Серано и врвната пијанистка Констанца Лехнер синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“ приредија концерт за паметење со шпански и аргентински танци. Двајцата уметници кои настапуваат низ целиот свет ја освоија и публиката во Охрид која дојде во црквата „Света Софија“ да ужива во прекрасните звуци кои излегуваа од двата инструменти.

Серано  кој поседува импресивни технички способности на хроматска усна хармоника настапува вторпат на фестивалот „Охридско лето“ по неговото мзуцурање пред повеќе години заедносо светски познатиот гитарист Пако де Лусија.

-На фестивалот „Охридско лето“ настапив пред повеќе години заедно со Пако де Лусија. Среќен сум што сум повторно тука,  но овојпат со мој проект за класично дуо-пијано и усна хармоника. Синоќа за прекрасната публика на „Охридско лето“ изведовме класични композиции од шпански компизитори како Мануел де Фаља, Енрике Гранадос, Пабло де Сарасате, но свиревме и композиции од аргентински автори како што се Астор Пјацола и Карлос Густавино  зашто пијанистката што настапувам потекнува токму од Аргентина. На крајот од концертот направивме микс од шпанска и агентинска музика, изјави Серано кој, како што рече, по настапот на „Охридско лето“ ќе одмара кусо, а потоа ќе продолжи со своите концерти ширум светот.

Репертоарот на Серано се состои од дела од класичната музика, па сè до дела од џез, танго и фламенго музиката. Благодарение на тоа, овој шпански уметник станува еден од најважните импровизатори на својата генерација. Големата популарност му овозможува да соработува со некои од најзначајните шпански музичари. Покрај тоа, настапувал и со повеќе симфониски оркестри во светот, а снимал музика и за некои од филмовите на познатиот светски режисер Педро Алмодовар. Неговата дискографска збирка брои дури 11 сопствени носачи на звук.

Пијанистката Констанца Лехнер има сестран пристап кон музиката, завршувајќи ги студиите по пијано на конзерваториумот „Сан Лоренцо дел Ескориал“ и студирајќи паралелено чембало, стара музика, модерен клавир и џез на „Школата за креативна музика“ во Мадрид. Тоа и овозможило да соработува со најразлични симфониски оркестри и изведувачи од Шпанија и светот.

Кинескиот оркестар на бамбусови флејти вечерва ќе музицира за публиката на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почерток во 21 часот, а програмата со наслов „Небесниот звук на бамбусовата флејта и Ксиао“ опфаќа античка музика од династијата Танг, како и дела од кинеските композитори Жанг Веилианг, Лиу Мингјуан, Гуо Венжинг, Цуи Кван.

Кинескиот оркестар на бамбусови флејти е основан од еден од најпознатите интернационални професионалци за кинеска традиционална музика, познат свирач на т.н. „бамбусова флејта“ – Жанг Веилианг и е  прв од ваков вид во светот. Функционира како дел од Кинескиот конзерваториум за музика во Пекинг кој претставува највисок конзерваториум за традиционални кинески инструменти, а создаден е со цел да се постигне подобар развој на изведувачките способности на бамбусовите флејтисти.

Флејатата како инструмент е оддамна позната во кинеската музика. Уште од античко време се користела во традиционалната кинеска опера, но и во кинеските оркестри.

Покрај промоцијата, како на инструментот, така и на кинеската традиционална музика, оркестарот има голема улога и во збогатувањето на музичката литература за бамбусовата флејта, поттикнувајќи ги композиторите и изведувачите да компонираат музика за потребите на оркестарот. Н а репертоарот се среќаваат оригинални дела на голем број значајни кинески композитори, а постојано расте и бројот на композитори од другите земји кои компонираат токму за овој инструмент. Повеќето од членовите на оркестарот се млади професори од конзерваториумот, добитници на многубројни награди и признанија.

Стоечки овации, восхит и креативен вознес  донесоа уметниците од словенечкиот состав „Балкан Нуево“ предводени од светски познатиот кларинетист Горан Бојчевски, Гудачкиот квартет од Македонија и Димитар Михајловски, соло виолина, кои синоќа музицираа во црквата „Света Софија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Во преполниот црковен амбиент беа изведени композициите од проектот „Потполно нешто друго“ . Станува збор за авторска музика напишана од Бојчевски со која овие уметници настапуваат на разни фестивали ширум светот.

-Секаде каде што настапивме со оваа музика наидовме на одличен прием, како што беше и синоќа. Бевме во Австрија, на елитни фестивали во Словенија, Германија…и насекаде добиваме стоечки овации, но овациите  синоќа беа најубавите за мене и ме допреа до срцето. Воодушевени сме од самата публика на „Охридско лето“ и  од самиот  настан воопшто.  Убаво е да си дома и да си добредојден. Во сите тие години, кога уметник ќе оди да живее надвор и кога повторно ќе се врати, со ваква публика добиваме потврда дека работиме добро и дека сме на вистинскиот пат. Огромна благодарност до организаторите и од срце се радувам на следна средба, изјави кларинетистот Бојчевски.

Уметниците велат дека уште од самиот почеток одлично се вклопиле во целиот проект, а потврда за тоа, како што додаваат, е одличниот прием кај публиката.

-Многу сум благодарен на селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Васо Ристов зашто ни овозможи нам, македонските уметници, да направиме нешто добро. Ова ни е прв заеднички концерт со „Балкан Нуево“ и со Гудачкиот квартет од Македонија, но сигурен сум дека има уште многу вакви концерти зашто уште од самиот почеток одлично се вклопивме, вели Димитар Михајловски, соло виолина, кој беше дел од концертот.

Проектот „Потполно нешто друго“што беше претставен синоќа пред фестивалската публика ги опфати композициите „Балкански циркус“, „Импресија”, „Подемот”,„Грешка”,„Прелудиум за југ”, „Танцот”,„Клезмер за 2”, „Мементо мори”, „Валцерот на седумте велови”, како една од најпознатите македонски народни песни „Зајди зајди” ,исто така во аранжман на Горан Бојчевски.

Словенечкиот состав „Балкан Нуево“ го сочинуваа кларинетистот Горан Бојчевски, хармоникашот Томаж Марчич, контрабасистот Јошт Лампрет и Јан Север на клавир. Во Гудачкиот квартет Македонија членуваат Владимир Цветковски – прва виолина, Диана Мирчевска – втора виолина, Илза Бафтиари- виола и Димитар Ангелов – виолончело.    Во рамките на „Охридско лето“, со овие два состави настапи и Димитар Михајловски – соло виолина.

Галерија:

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на шпанските уметници Антонио Серано и Констанца Лехнер.

Виртуозот на усна хармоника Серано заедно со пијанистката Лехнер во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот  ќе изведат шпански танци од познатите композитори Мануел де Фаља, Енрике Гранадос, Пабло де Сарасате, како и композиции од Франциско Тарега, Астор Пјацола и Карлос Густавино.

Антонио Серано своето образование го стекнува под менторство на прочуениот Лари Адлер. Неговите импресивни технички способности на хроматска усна хармоника, му овозможиле да истражува различни музички стилови, па така, неговиот репертоар се состои од дела од класичната музика, па сè до дела од џез, танго и фламенго музиката. Благодарение на тоа, Серано станува еден од најважните импровизатори на својата генерација. Големата популарност му овозможува да соработува со некои од најзначајните шпански музичари, вклучувајќи го и познатиот гитарист Пако де Лусија. Покрај тоа, настапувал и со повеќе симфониски оркестри во светот, а снимал музика и за некои од филмовите на познатиот светски режисер Педро Алмодовар. Неговата дискографска збирка брои дури 11 сопствени носачи на звук.

Пијанистката Констанца Лехнер првиот контакт со овој инструмент го има уште на двегодишна возраст. Студиите ги завршува на конзерваториумот „Сан Лоренцо дел Ескориал“, а паралелно студира и чембало, стара музика, модерен клавир и џез на „Школата за креативна музика“ во Мадрид. Ваквиот сестран пристап кон музиката и овозможил соработка со најразлични симфониски оркестри и изведувачи од Шпанија и светот. Покрај музичките сцени во родната земја, Лехнер досега има настапувано и во Франција, Грција, Јордан, Швајцарија, САД, Канада, Турција, Кипар, Бахреин, Оман и Германија. Во 2015 година го снима компакт дискот „Infancia“ со цел да им ја доближи на децата музиката на големите светски композитори.