Младите и исклучително талентирани уметници Жана Марчинска и Гана Гусиева синоќа одржаа концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“ изведувајќи украински дела но и дела од познатите светски композитори како што се Астор Пјацола, Фредерик Шопен и Морис Равел.
-Се надевам дека програмата што ја претставивме, дел украински композиции, дел романтика и се допадна на публиката и оти публиката уживаше на синоќешниот концерт. Првпат сум на овој фестивал и воопшто во Охрид, но претходната година бев во Македонија, поточно во Скопје каде настапив во Македонската опера, вели виолончелистката Марчинска.
Марчинска и Гусиева не настапуваат често како дуо за виолончело и пијано, но заеднички доловија прекрасни мигови и се впишаа во историјата на фестивалот „Охридско лето“ кој годинава го одбележа 58-от роденден.
-Првпат сум во Охрид исто како и мојата колешка, и можам да кажам дека уживам во убавините на градот, но и во Охридското Езеро кое многу наликува на Бајкалското. Што се однесува до професионалниот ангажман, ова ни е втора заедничка турнеја. Минатата година музициравме заедно во Кина. Имаме различни проекти и засега немаме заеднички планови, но се надевам дека во блиска иднина повторно ќе настапиме заедно, вели пијанистката Гана Гусиева.
Жана Марчинска виолончело и пијано започнува да изучува во Киев. Постојано е активна на музичките сцени, националните и интернационалните натпревари како: „Уметноста на 21-от век“, Градскиот натпревар на млади пијанисти во Киев, Првиот регионален натпревар на млади пијанисти „Свјатослав Рихтер“ и други, како и на голем број фестивали. Во својата кариера Марчинска соработувала со познати оркестри, камерни ансамбли, диригенти и изведувачи. Во 2001 година ја добива Дипломата за најдобра изведба на дело од украински композитор. Редовен гостин е на мајсторски курсеви, меѓу кои и мајсторските курсеви за виолончело и свирење музика од античкиот период предводени од професорот Денис Северин во Високото музичко училите во Женева.
Гана Гусиева дипломира пијано на Конзерваториумот во Одеса, а во 2012 и композиција на Музичката академија во Киев. Добитник е на повеќе признанија на различни интернационални натпревари по пијано и композиција, и повеќе фестивали во и вон Украина. Редовен посетител е на научни конференции во Одеса, Киев, Новосибирск, Виена. Последниве три години живее во Каен, Франција, и работи како пијанист во Оркестарот на оперета на Нормандија и како пијано придружба на хорот. Како композитор, Гусиева е автор на голем број дела за пијано, виолина, виолончело, вокал, но и композиции за гудачки, камерен и симфониски оркестар.
Познатиот пијанист Роберт Биша од Албанија синоќа одржа концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“ настапувајќи заедно со вокалната група „Исо-полифон хор“.
Овој исклучително талентиран пијанист истовремено е и композитор и мултиинструменталист, а на подиумот во црквата „Света Софија’ ја покажа и својата генијална импровизација на пијаното, предизвикувајќи восхит кај публиката.
Концертот на уметникот Биша беше поделен на два дела. Во првиот настапи соло, а публиката имаше можност да слушне легенди.
-Публиката имаше можност да слушне легенди бидејќи тие не само што влечат теми од традицијата, туку се и унифицирани во духот н амодерното време. Се надевам дека самите композиции го доловија архетипот на компонирање.Овој проект носи со себе еден типичен збор, духовност што ние се обидовме да го доловиме, рече Роберт Биша.
Во вториот дел од настапот во црквата „Света Софија“, уметникот настапи заедно со полифоната вокална група Исо полоифон хор.
-Имаше елементи на џез, но и на современата музика, а секако и обработки на фолклорни теми кои се беа во корелација со модерните трендови. Модерните композитори во своето работење секогаш се трудат да создадат комбинација на современата музика и елементите од фолклорното богатство. Таква комбинација имаше во вториот дел од синоќешниот концерт каде имаше изведби на дела во придружба на пијано заедно со Исо полифониот хор, појасни пијанистот Биша.
Музиката на Роберт Биша е современа, со елементи на авангардниот џез. Свири на електрично пијано, правејќи ремиксови на оригинална музика, имплементирајќи ги техниките на класичната музика со современи хармонии и елементи на богатиот албански фолклор.
Полифоната вокална музика е сè уште актуелна во Албанија, а во 2005 година е прогласена за ремек-дело на нематеријалното културно наследство на човештвото од страна на УНЕСКО. Албанскиот „Исо-полифон хор“ е најголемиот претставник на различни музички стилови од јужна Албанија. Зборот „исо“ го претставува т.н. дрон (придружба, каде еден тон или акорд постојано звучи низ целата композиција), кој може да се пее континуирано или ритмички спротивно од останатите мелодии. Ваквите композиции претежно ги изведуваат машки гласови на најразлични социјални случувања. Традиционално, исо-полифоното пеење од јужните делови на Албанија се пренесува „од колено на колено“.
„Зад виножитото“ е насловот на изложбата на уметнички дела од Калина Брајковска што беше отворена синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Изложбата тематски е продолжение на нејзината претходна одржана во Младинскиот културен центар во Скопје со наслов,,Радост на живеењето“на која беа претставени 16 дела масло на платно.
Неоекспресионистичкиот стил ,силните бои ,експресијата …се дел од карактеристиките на изразот на Калина Брајковска. Таа ужива на платната со големи димензии каде што го преставува својот“ бескрај“-својата/нашата,,вечност“.
-Во новиот циклус ,,Зад виножитото“, во делата ,,Ти си вистински оригинал“,“Сето она кое сме“,“Дојди како што си“,,Кралица на постоењето“Моќта на цветот“ и други, потрагата по идилата која е составен дел од нас, уште по потврдено го бара својот начин да го заземе приматот.Освен во нашата меморија, во нашиот код да се обвистини сега и овде.Она за кое мечтаеме со затворени очи денеска да успееме да го почуствуваме како реалност, вели авторката Брајковска.
Насловите пак, од првиот циклус,,Пролетни приказни“,„Природен Закон“,„Мистика на природата“,,Цутење“, „Љубовта се враќа од југ“ и други, ги разоткриваат состојбите кои секогаш се родени од природата од чиј дел сме сите, циклусот на раѓање и смрт,плодноста,машкиот и женскиот принцип ,радосното славење на мигот,нежноста ,волшебноста на постоењето.
Калина Брајковска, дипломирала на Филозофскиот факултет на отсек историја на уметност со археологија со висок просек. Живее и работи во Скопје, се занимава со применета уметност (дизајн) и сликарство од мала возраст. Реализирала повеќе изложби од кои позначајни се: групна изложба во галеријата на НЛБ Банка, дизајн на парчиња облека на неделата на дизајн во Куршумли Ан – Скопје, изложба во фоајето на МКЦ Скопје, изложба на саемот за дизајн во Торино (Дизајн на парчиња облека), самостојна изложба во Галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, самостојна изложба во кафе – галерија Концепт 37 – Скопје.
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на украинските уметници, виолончелистката Жана Марчинска и пијанистката Гана Гусиева.
На репертоарот ќе се најдат дела од Александер Зноско-Боровски, Микола Лисенко, Морис Равел, Семјуел Барбер, Астор Пјацола,Фредерик Шопен и Валентин Василович Силвестров.
Жана Марчинска виолончело и пијано започнува да изучува во Киев. Постојано е активна на музичките сцени, националните и интернационалните натпревари како: „Уметноста на 21-от век“, Градскиот натпревар на млади пијанисти во Киев, Првиот регионален натпревар на млади пијанисти „Свјатослав Рихтер“ и други, како и на голем број фестивали. Во својата кариера Марчинска соработувала со познати оркестри, камерни ансамбли, диригенти и изведувачи. Во 2001 година ја добива Дипломата за најдобра изведба на дело од украински композитор. Редовен гостин е на мајсторски курсеви, меѓу кои и мајсторските курсеви за виолончело и свирење музика од античкиот период предводени од професорот Денис Северин во Високото музичко училите во Женева.
Гана Гусиева дипломира пијано на Конзерваториумот во Одеса, а во 2012 и композиција на Музичката академија во Киев. Добитник е на повеќе признанија на различни интернационални натпревари по пијано и композиција, и повеќе фестивали во и вон Украина. Редовен посетител е на научни конференции во Одеса, Киев, Новосибирск, Виена. Последниве три години живее во Каен, Франција, и работи како пијанист во Оркестарот на оперета на Нормандија и како пијано придружба на хорот. Како композитор, Гусиева е автор на голем број дела за пијано, виолина, виолончело, вокал, но и композиции за гудачки, камерен и симфониски оркестар.
Концертот на украинските уметници Марчинска и Гусиева ќе се одржи во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот.
SONY DSC
Концертот на АМИРА Трио кој во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе се одржи утре во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот е целосно распродаден.
Интересот да се ужива во најдобриот босански вокал беше голем уште при самото објавување на програмата со која ќе настапи на фестивалот.
Музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарекува Амира Медуњанин „босанската Били Холидеј“, алудирајќи на начинот на кој таа се „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нов контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години. Оваа уникатна вокалистка е една од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина. Нејзината богата дискографија која ја издава во соработка со познати светски издавачки куќи, постојано добива одлични критики. Дебитантскиот албум „Роса“ е прогласен за албум на годината во Велика Британија, додека пак албумот „Зумра“ е добитник на наградата „Индекси“. Во нејзината музика, покрај обработката на босанската музичка народна традиција, се среќаваат и мелодии од српски и македонски традиционални песни. Добитник е на престижната награда „Најдобар женски вокал 2012“ од страна на фондацијата „Orange“.
Звонимир Шестак најпрвин се запишува на Државниот конзерваториум во Карнтен, Австрија, каде студира џез-контрабас. Своите студии ги продолжува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, на кој и дипломира во 2012 година. Во 2014 година се стекнува и со својата магистерска диплома. Има активна концертна дејност, постојано соработувајќи со популарни музички имиња и ансамбли од целиот свет.
Гитаристот, композитор и аранжер Анте Гело своите дипломски и постдипломски студии ги завршува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Како изведувач во текот на својата кариера соработувал со значајни имиња од џез и поп музичката сцена. Покрај тоа, познат е и како студиски продуцент и аранжер, за што е добитник на бројни награди. Често одржува џез-работилници на повеќе места низ Хрватска.
Вистинско уметничко доживување со класична и неокласична музика приреди синоќа ансамблот на „Игњац Фукс“во црквата „Света Софија“ настапувајќи во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
На програмата беа Квинтет g-moll од Сергеј Прокофјев, Свита за трио за кларинет, виолина и пијано од Александар Арутиуниан, Квартет од Иван Мулер, како и Трио за обоа, виола и контрабас, дело на Јохан Михаел Хајдн.
-Делата се од различен период но станува збор за класична и неокласична музика. Конкретно, за Квинтетот од Сергеј Прокофјев, се работи за несекојдневна музика, напишана за балетска група во 1929 година и од тој балет е редуциран квинтетот. Доста драматична музика, доста хаотична, но на моменти прекрасна, а на моменти возбудлива, така како што треба да биде музиката, вели познатиот контрабасист Илин Диме Димовски.
Ансамблот на „Игњат Фукс“ е формиран годинава, специјално по повод 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс.
-Тоа е една од причините за обединувањето на еден ваков состав, но од друга страна, на овие простори недостасува ваков ансамбл од мешовит тип којшто може да се прилагодува на каков било концерт и настан, додава уметникот Димовски.
Во ансамблот на „Игњац Фукс“ членуваат македонско-австриската виолинистка Фросина Богдановска, хрватскиот уметник Хрвоје Филипс кој свири на виола, македонско-хрватскиот контрабасист Илин Диме Димовски кој работи во Загрепската филхармонија, српскиот кларинетист Александар Тасиќ, обоистот Дарио Голчиќ од Хрватска, како и македонската пијанистка Јана Павловска-Молц која живее и работи во Чикаго.
-Мене ми е многу драго што сум дел од еден ваков состав направен од фантастични уметници. Сите живееме на различни просотори и настапуваме на различни места, така што имавме многу малку проби, но брзо се вклопивме, вели виолинистката Богдановска.
Кларинетистот Александар Тасиќ беше дел од фестивалската програма на „Охридско лето“ во 2008 година, но како што вели, со задоволство доаѓа да настапи во катедралата „Света Софија“.
-Концертот беше доста интересен зашто програмата беше различна, класична и неокласична музика, модерна музика која е пишувана во духот на класикат. Тука пред се’, мислам на Арутиуниан кој е интересен композитор што пишува со примеси на ерменска и еврејска музика. Многу ми е мило што по една деценија сум повторно на фестивалот „Охридско лето“. Акустиката е совршена, а она што што е уште повпечатливо е што свиревме во едно вакво здание, старо над илјада години. Тоа е посебно чувство што може да се доживее само во Охрид, истакна кларинетистот Тасиќ.
Овој ансамбл составен од извонредни уметници од поранешните ју-простори, во текот на наредната година ќе се вклучи во одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс (1819 –1854) чие вистинско име е всушност Ватрослав Лисински.
„Зад виножитото“ е насловот на изложбата на уметнички дела од Калина Брајковска што ќе биде отворена вечерва во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Се работи за слики изработени со масло на платно кои ќе бидат изложени во Големиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“. Изложбата ќе биде отворена во 21 часот.
Калина Брајковска, дипломирала на Филозофскиот факултет на отсек историја на уметност со археологија со висок просек. Живее и работи во Скопје, се занимава со применета уметност (дизајн) и сликарство од мала возраст. Реализирала повеќе изложби од кои позначајни се: групна изложба во галеријата на НЛБ Банка, дизајн на парчиња облека на неделата на дизајн во Куршумли Ан – Скопје, изложба во фоајето на МКЦ Скопје, изложба на саемот за дизајн во Торино (Дизајн на парчиња облека), самостојна изложба во Галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, самостојна изложба во кафе – галерија Концепт 37 – Скопје.
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва предвидува концерт на познатиот пијанист Роберт Биша од Албанија кој ќе настапи заедно со вокалната група „Исо-полифон хор“.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Роберт Биша е неверојатно талентиран пијанист и композитор, генијален импровизатор и еден од најталентираните мултиинструменталисти денес. Неговата музика е современа, со елементи на авангардниот џез. Свири на електрично пијано, правејќи ремиксови на оригинална музика, имплементирајќи ги техниките на класичната музика со современи хармонии и елементи на богатиот албански фолклор.
Полифоната вокална музика е сè уште актуелна во Албанија, а во 2005 година е прогласена за ремек-дело на нематеријалното културно наследство на човештвото од страна на УНЕСКО. Албанскиот „Исо-полифон хор“ е најголемиот претставник на различни музички стилови од јужна Албанија. Зборот „исо“ го претставува т.н. дрон (придружба, каде еден тон или акорд постојано звучи низ целата композиција), кој може да се пее континуирано или ритмички спротивно од останатите мелодии. Ваквите композиции претежно ги изведуваат машки гласови на најразлични социјални случувања. Традиционално, исо-полифоното пеење од јужните делови на Албанија се пренесува „од колено на колено“.
Денешната музичка понуда на фестивалот „Охридско лето“ е Вечер на камерна музика со ансамблот на „Игњац Фукс” што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Во ансамблот на „Игњац Фукс“ членуваат македонско-австриската виолинистка Фросина Богдановска, хрватскиот уметник Хрвоје Филипс кој свири на виола, македонско-хрватскиот контрабасист Илин Диме Димовски, српскиот кларинетист Александар Тасиќ, обоистот Дарио Голчиќ од Хрватска, како и македонско-американската пијанистка Јана Павловска-Молц. Уметниците од овој ансамбл ќе изведат дела од Александар Арутиуниан, Сергеј Прокофјев и Јохан Михаел Хајдн.
Македонската виолинистка Фросина Богданоска потекнува од уметничко семејство под чија закрила ги прави првите чекори и успеси со свирењето на виолина. Во 2001 година се запишува на Националниот музички конзерваториум во Тулуз, а дипломски и постдипломски студии завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Своето образование потоа го продолжува на Кралската академија во Лондон, а две години подоцна запишува специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена. Покрај солистичката дејност, Богданоска често настапува и во камерни состави.
Хрвоје Филипс своето музичко образование го стекнува во Хрватска. Од 1997 година работи како виолист во оркестарот на Хрватскиот народен театар во Загреб, а три години подоцна станува член на познатиот состав „Загрепски солисти“. Од 2004 година е член на симфонискиот оркестар на ХРТ, а една година подоцна станува и еден од членовите на Загрепскиот квартет.
Илин – Диме Димовски е еден од најактивните македонски контрабасисти. Вработен е во филхармонискиот оркестар на градот Загреб, постојан соработник е на симфонискиот оркестар на ХРТ, а редовно се појавува и со хрватскиот барокен ансамбл, „Загрепски солисти“, ансамблот за современа музика „Кантус“, како и со Хрватскиот камерен оркестар. Во исто време соработува и со интернационалниот оркестар „Без граници“ и италијанскиот симфониски оркестар „Сан Марко“. Добитник е на повеќе национални и интернационални награди за контрабас и камерна музика.
Дарио Голчиќ е хрватски обоист, добитник на повеќе награди во и надвор од Хрватска. Своето образование го започнува во родната земја, а подоцна се усовршува кај обоистите Хајнц Холигер и Кристијан Шмит. Во текот на своите студии имал чест да настапува со значајни ансамбли од Германија, Хрватска, Швајцарија. Моментално работи како обоист на симфонискиот оркестар на националната ХРТ и како доцент по обоа на Музичката академија во Загреб.
Александар Тасиќ е еден од најеминентните кларинетисти на својата генерација. Како солист досега има настапувано со повеќе значајни оркестри на концертните подиуми во Србија и странство, под диригентската палка на еминентни имиња. Чест гостин е и на најпрестижните фестивали во Европа и Азија. Тасиќ е претставник на познатиот произведувач на опрема за дувачки инструменти „Вандорен“ од Франција и американската компанија за изработка на кларинети „Ројал“.
Јана Павловска – Молц своето образование го започнува во Македонија. По дипломирањето, се запишува на магистерски студии на Колеџот по изведувачки уметности во Чикаго, кои успешно ги завршува, а во моментов е на докторски студии на Универзитетот во Илиноис. Постојано е активна на музичките сцени во светот, каде често соработува со значајни музичари. Добитник е на голем број награди на национални и интернационални натпревари.