Кубанската група ЕКОС вчерва во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе приреди незаборавна вечер со фламенго танц. Концертот ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

Во 1999 година група искусни танчери и музичари на фламенго музика ја создаваат Фламенго компанијата ЕКОС. Основана е во рамките на Танцувачкиот центар во Хавана, Националниот совет за сценски уметности и Министерството за култура на Куба. Членовите на ЕКОС се танчери со неоспорлив талент и високо техничко ниво, кои се обучувани од најдобрите педагози, танчери, кубански кореографи и најголемите фламенго фигури во светот. Нивните изведби се во вид на т.н. „шоуа“ и досега се имаат појавено во најголемите театри во Хавана и воопшто во Куба, настапуваат и на фестивали, како и на голем број национални и интернационални случувања во земјата. Покрај тоа, се имаат претставено и на фестивали во Абу Даби, Обединетите Арапски емирати и во Кувајт, а настапувале и во Турција.

Од 2009 година, основачите на ЕКОС – прима балерината, кореограф и уметнички директор Ана Роса Менесес и музичарот, пејач и музички директор Мигуел Чавез започнуваат проект во кој прават спој на јоруба музиката, кантри музиката и танцови елементи од популарната кубанска музика со разновидни фламенго жанрови. Овој проект веќе со години ja воодушевува публиката насекаде.  Покрај изведувачката дејност, ЕКОС многу често одржува и курсеви и работилници со Фламенго школата во рамките на Фламенго клубот. Покрај кубанските популарни танци, на овие предавања слушателите имаат можност да учат и пеење, а се одржуваат и фламенго конференции.

Четврти август е денот кога започна да се плете магичната приказна наречена „Охридско лето“. Во фестивалската историја засекогаш ќе остане запаметено името на оперската дива Ана Липша Тофовиќ која токму на 4 август во далечната 1961 година како првенка на Македонската опера, заедно со својот сопруг, пијанистот Ладислав Пердлик го одржала првиот концерт во црквата „Света Софија“ која има прекрасна акустика.  Оттогаш наваму, безмалку шест децении се плете успешната приказна наречена „Охридско лето“  која прерасна во македонски културен бренд.

Плејада уметници од сите светски меридијани, врвни и звучни имиња од светот на музиката и театарот, секоја година оставаат свој печат врз фестивалот, а заминувајќи од Охрид, ги носат со себе и своите впечатоци за „Охридско лето“ и градот.

Судејќи според досегашниот интерес и полните фестивалски гледалишта, и ова фестивалско издание  донесе програма која ги оправда очекувањата на љубителите на музичката и драмската уметност.

-Приказната  на успешна културна магија која не згаснува до ден денес не може да се гради и надградува ако ја нема  огромната поддршка од Владата на Република Македонија преку ресорното Министерство за култура, општина Охрид, генералниот спонзор Македонски телеком како и нашите помагатели, спонзори, пријатели кои несебично го помагаат развојот и унапредувањето на културата во државава. Благодарност и до сите оние кои неуморно работеле, до сите уметници кои со својот настап го воздигнале Фестивалот и ни ја дадоа честа да славиме успешни 58 години, вели директорката на Националната установа „Охридско лето“, Сузана Вренцовска.

Роденденот на фестивалот, вчера по концертот на групата „Синтезис“ беше одбележан и со свечен коктел и сечење на роденденска торта во пријатна атмосфера и амбиент, со многу пријатели и помагатели, во хотелот „UNIQUE“.

Од фестивалската дирекција најавуваат дека веднаш по завршувањето на 58-то издание, ќе започнат подготовките за идното 59-то „Охридско лето“ .

Галерија:

 

По синоќешниот роденденски концерт на групата „Синтезис“ музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со настап на  Дуото „Сора“ во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот.

Дуото „Сора“ го сочинуваат јапонската саксофонистка Учида и македонскиот уметник кој свири хармоника, Фати Фехмију. На програмата на вечерашниот концерт ќе бидат композиции од  Јохан Себастијан Бах, Александар Бородин, Антонио Вивалди, Алесандро Марчело, Астор Пјацола, Бела Барток, но и традиционални македонски песни, сите во аранжман на дуото.

Дуото  „Сора“ е основано во 2015 година, а само година подоцна го одржува својот прв концерт. Оттогаш редовно настапуваат на разновидни настани, на кои изведуваат свои композиции, аранжмани на познати дела, како и дела од класичната музика, традиционалната и народната музика, како и  филмската музика, свирејќи притоа на различни инструменти – саксофон, хармоника, пијано, виолина и други. Дуото е добитник на специјалната награда од публиката на 14-от концерт во салата Јуме во Јапонија во 2016 година.

 Учида Шиори започнува да учи пијано на двегодишна возраст, а саксофон 10 години подоцна. Дипломира на Колеџот за музика „Кунитачи“, а како резултат на успешните студии започнува да настапува како солист со Универзитетскиот симфониски оркестар и други камерни состави. Студирала под менторство на Кумои Масато, Араки Коичи и Коџи Јуреи – професори и вистински професионалци во својата дејност. Посетувала и мајсторски курс кај познатиот американски саксофонист Фредерик Л. Хемке.

 Фати Фехмију своето музичко образование го започнува свирејќи хармоника и виолина. Уште од рана возраст го привлекува композицијата, па затоа паралелно се запишува на академски студии по виолина и композиција. Магистрира музикологија и музичка педагогија, а воедно студира и компјутерска музика на Колеџот за музика „Кунитачи“ во Токио, каде ги започнува и своите докторски студии. Во кариерата соработувал со истакнати артисти, а добитник е и на повеќе награди.

Со концерт на најпознатата македонска етно-група „Синтезис“, фестивалот „Охридско лето“ синоќа одбележа 58 години посетоење на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација  во Македонија.

  

Во преполната сала на Ценатрот за култура „Григор Прличев“, фестивалот за својот роденден го понуди исконското и непроценливото македонското фолклорно богатство. Репертоарот опфати стари македонски песни стари, заборавени, па дури и досега нечуени народни песни кои се дел од богатото македонско културно наследство. „Јано јадовице“, „Остров“, „Филма мома“, „Ме фатије“, „Во наше село“, беа само дел од традиционалните песни со современ призвук што етно составот ги отпеа пред публиката.

Прекрасната изведба Анета Шуланковска, Билјана Ристовска и Мирјана Јошевска, трите вокали кои пеат во духот на старата македонска традиција надополнети со македонските традиционални, но и современи клавијатурни инструменти создадоа совршен спој на македонските традиционални звуци со современи аранжмански решенија. Посетителите на концертот беа восхитени  и од прекрасната изведба на песната „Ој девојче“ на Дарко Бимбиловски.

– Во новиот албум „Остров“  што го презентиравме, се обработени песни од егејскиот дел на Македонија. Повторно стари македонски изворни, традиционални песни  со модерен призвук за да ја доближиме оваа музика  со голема тежина до помладата генерација и до идните поколенија, вели Анета Шуланковска, еден од вокалите на „Синтезис“.

„Синтезис“ е една од најпознатите македонски групи што стекнаа и светска афирмација составена од професионални музичари.  Во своето музицирање групата се потпира врз традиционалната македонска музика, но во комбинација со современи аранжмани при што ги употребува речиси сите традиционални македонски инструменти: кавал, гајда, зурла, тапан, тарабука и тамбура. Овој музички состав е основан е во 1995 година со цел да ги промовира народните музички вредности на Македонија.

Истражувајќи длабоко во корените на македонското народно музичко наследство, со задржување на основните обележја на традиционалните композиции, и потоа – „облекувајќи“ ги нив во модерни, инвентивни и квалитетни обработки и аранжмани, „Синтезис“ добива најскриени признанија каде и да настапува,  во Македонија и во светот.

Како признание за огромниот придонес на „Синтезис“ за афирмација на македонската музичка култура, Стопанската комора на Македонија во 2006 година му ја додели на бендот почесната титула „Амбасадор на македонската култура“.

Галерија:

 

Фестивалот „Охридско лето“, најголемата музичко-сценска манифестација во Република Македонија и  препознатлив белег  на македонскиот културен идентитет во целиот свет, денеска одбележува 58 години од своето постоење.

Пред да се пресече роденденската торта, директорката на фестивалот „Охридско лето“ Сузана Вренцовска на прес-конференција потсети  на почетоците на  фестивалот и изрази огромна благодарност кон неговите основоположници.

-На овој ден со огромна благодарност ја славиме незаборавната оперска дива Ана Липша Тофовиќ која му дари многу љубов но и вечност на сега најголемата манифестација кај нас. Горди сме што ја имаме привилегијата да го продолжиме патот на високите критериуми и богатата традиција.  Приказната  на успешна културна магија која не згаснува до ден денес не може да се гради и надградува ако ја нема  огромната поддршка од Владата на Република Македонија преку ресорното Министерство за култура, општина Охрид, генералниот спонзор Македонски телеком како и нашите помагатели, спонзори, пријатели кои несебично го помагаат развојот и унапредувањето на културата во државава. Благодарност и до сите оние кои неуморно работеле, до сите уметници кои со својот настап го воздигнале Фестивалот и ни ја дадоа честа да славиме успешни 58 години, рече директорката Вренцовска.

Според неа, првата половина од ова фестивалско издание донесе врвни концерти и театарски претстави за кои се бараше карта повеќе, и како што додаде, тоа е доказ дека годинешната програма ги оправда очекувањата на љубителите на театарската и драмската уметност.

-Четврти август, денот кога започна „Охридско лето“ изминатите години стана симбол за неповторлив настан. Огромна е честа да најавиме уште еден роденденски концерт кој ќе се вброи во низата на врвни доживувања кои долго се паметат, групата „Синтезис“,  вечерва со почеток во 21 часот во центарот за култура „Григор Прличев“, најави директорката на фестивалот „Охридско лето“, Сузана Вренцовска.

Селекторот на музичката програма на фестивалот, Васо Ристов, рече дека е возвишено чувството кога ќе видите светски уметници на фестивалските подиуми, но и преполни концертни сали со публика која не ги штеди аплаузите.

-Убаво е чувството како музички селектор да се слави роденден со вакво фестивалско издание, со целиот тим на фестивалот. Посакувам, како и досега, и сите други фестивалски изданија да бидат успешни, со многу публика, одлична критика, со носење светски уметници кои даваат се од себе со нивната музикалност и имагинација да биде фестивалот на највисоко можно ниво какво што е оваа година. Посакувам, публиката како и досега да ги наградува уметниците со огромен аплауз , изјави селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Васо Ристов.

Дел од членовите на „Синтезис“ денеска по прес-конференцијата, а пред да биде пресечена роденденската торта во култната кафетерија „Аквариус“, ја отпеаја популарната „Среќен роденден“ и посакаа уште многу успешни фестивалски изданија.

-Навистина голема е честа да настапиме денес и изразувам голема благодарност до „Охридско лето“  што ни овозможија да го промовираме нашето најново издание со работен наслов „Остров“, рече Марјан Јовановски, член на групата „Синтезис“.

Според Ване Јовчев од „Синтезис“, посетителите на вечерашниот концерт ќе имаат можност да уживаат во најдобрите нумери на оваа етно-група.

-Честитки до дирекцијата на фестивалот, и посакувам да се множат годините на фестивалот. Сите претходни гарнитури на фестивалот ни овозможиле да ги промовираме нашите проекти, а така е и годинава кога го промовираме нашиот најнов проект „Остров“ којшто ќе биде исполнет со нумери кои го означуваат најдоброто од Синтезис досега. Ќе се потрудиме магијата да ја направиме и во Центарот за култура во Охрид, рече Јовчев.

Концертот на „Синтезис“  во рамките на „Охридско лето“ ќе опфати стари македонски песни  од егејскиот дел на Македонија.

– Во новиот албум се обработени песни од егејскиот дел на Македонија. Повторно стари македонски изворни, традиционални песни  со модерен призвук за да ја доближиме оваа музика  со голема тежина до помладата генерација и до идните поколенија, истакна Анета Шуланковска, еден од вокалите на „Синтезис“.

Одбележувањето на 58-от роденден на „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на познатата етно група во Македонија, „Синтезис“ што ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот, а потоа и со и свечен коктел.

 

Галерија:

 

 

 

 Големиот концерт на популарната етно група „Синтезис“, наместо на Антички театар утревечер ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“

 

Причина за менувањето на локацијата на одржување на овој голем настан со кој фестивалот „Охридско лето“ ќе го одбележи 58-от роденден, се временските неприлики.

 

-Не би сакале да ризикуваме, заради дождливото време овој роденденски концерт да не биде реализиран. Токму затоа, одлучивме тој да се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“, утревечер со почеток во 21 часот, велат од дирекцијта на фестивалот  „Охридско лето“. 

 

Според најавите на метеоролозите, нестабилно и дождливо време не’ очекува и во текот на втората половина од утрешниот ден.

Прекрасен концерт, голем интерес од страна на публиката и дела од Бах кои беа прецизно изведени, ваков беше амбиентот синоќа црквата „Света Софија“ каде музицираа големите руски уметници Александар Књазев, Сергеј Крилов и Николај Лугански.

Руското трио изведе прилично тешка програма но со впечатлива интерпретација преку што можеше да се почувствува длабочината на творечкиот дух на врвниот композитор Јохан Себастијан Бах.

-Се чувствувавме навистина комфорно на оваа сцена но програмата беше многу тешка дури и за луѓето кои потполно владеат со инструментите. Секако, ние уживавме но не е доволен целиот живот за да ја доловиме  оваа музика. Многу ми е мило што свиревме совршено и моите колеги навистина ме поддржаа со свирењето. Успеавме и публиката да ја задржиме во оваа вечер на Брамс, изјави виолинистот Сергеј Крилов.

Волшебното музицирање, лириката и тоналната убавина во свирењето припаѓаат на квалитетите што му го обезбедија местото на Сергеј Крилов меѓу најреномираните изведувачи на денешницата.

Лауреатот на бројни интернационални натпревари, Русинот Александар Књазев е еден од најдобрите виолончелисти на денешницата. Неговите настапи низ светот постојано добиваат одобрувања од публиката и критиката.

Николај Лугански критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност што потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев.

Во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва на подиумот во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, ќе настапи рускиот виртуоз на пијано Николај Лугански. На програмата се дела од Клод Дебиси, Александар Скрјабин и Сергеј Рахмањинов.

Николај Лугански критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност која потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев. Студирал на Московскиот конзерваториум во класата на видни професори – Татјана Кестнер, Татјана Николаева и Сергеј Доренски. Во текот на својата кариера настапувал во некои од најпрестижните сали во светот „Wigmore Hall“ во Лондон, „Konzerthaus“ во Берлин, „Théâtre des Champs-Elysées“ во Париз, Големата сала на Московскиот конзерваториум, Големата сала на Филхармонијата на Санкт Петерсбург и други, а соработувал и со некои од најзначајните оркестри: Лондонскиот филхармониски оркестар, Чешката филхармонија, Рускиот национален оркестар, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Симфонискиот оркестар на Сан Франциско, Филхармонијата на Санкт Петерсбург и др.

Освен како солист, Лугански настапува и како камерен музичар со изведувачи како: Миша Мајски, Вадим Репин, Александар Књазев. Чест гостин е и на некои од најпознатите фестивали во светот, меѓу кои со  циклусот концерти „The Proms“ одржани  во Лондон, Интернационалниот пијано фестивал во Ла Рок Дантерон, Франција, Музичкиот фестивал во Раингау, Германија, Интернационалниот фестивал во Единбург, Шкотска и многу други, а се јавува и како уметнички директор на фестивалот „Рахмањинов“ во Тамбов. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои и „Уметник на народот на Русија“ во 2013 година.

Врвно естетско доживување за публиката на „Охридско лето“ приреди синоќа  рускиот виолончелист Александар Књазев во катедралната „Света Софија“. Свирејќи го Бах, харизматичниот уметник кој важи за еден од најдобрите виолончелисти на својата генерација, покажа дека и потешките дела на генијалниот Јохан Себастијан Бах преку извонредно и прецизно музицирање можат да направат пријатна и релаксирана атмосфера.

Рускиот уметник последен настапи на „Охридско лето“ во 2015 година, но како што појаснува, секое музицирање во црквата „Света Софија“ носи нови возбудливи мигови.

-Задоволен сум од синоќешниот концерт иако е тешко да се биде потполно задоволен. Секогаш постојат некои мали детали кои мора да се направат, но во принцип сум задоволен од настапот на „Охридско лето“. Црквата има многу убава акустика, посебно за делата Бах. Се чувствува одот на времето кога настапуваш во еден ваков стар објект и тоа навистина му даде дополнителна тежина на концертот, вели виолончелистот Књазев.

Импресивната изведба на најпознатите бахови инструментални свити, како што вели уметникот, била специјално одбрана за настапот на фестивалот „Охридско лето“.

-Специјално ја одбрав оваа програма за настапот на „Охридско лето“. Оваа сезона често настапував со  шест свити и свирев со две паузи. Сметав дека ќе биде премногу тешко овде да отсвирам шест, и затоа на публиката и доловив три свити, додава Књазев.

Концертот на Александар Књазев го проследија и неговите колеги, виолинистот Сергеј Крилов и пијанистот Николај Лугански со кои вечерва повторно ќе настапат како трио пред фестивалската публика.

-Проследивме навистина фантастичен концерт на нашиот колега и пријател Александар Књазев. Атмосферата беше прекрасна и сме многу среќни што сме овде, вели виолинистот Крилов.

За пијанистот Николај Лугански, секоја интерпретација на Бах од страна на Књазев претставува посебно доживување.

-Сум го слушал со свитите на Бах многу пати и секогаш за мене е посебно доживување. Се работи за извонреден уметник со неверојатна енергија, додава пијанистот Лугански.

Књазев и неговите колеги, Крилов и Лугански, вечерва во црквата „Света Софија“ ќе приредат уште едно музичко доживување за публиката на фестивалот „Охридско лето“.

       

Познатото руско трио, пијанистот Николај Лугански, виолинистот Сергеј Крилов и виолончелистот Александар Књазев вечерва ќе настапат  во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а извонредните руски уметници ќе изведат дела од  Јоханес Брамс.

Волшебното музицирање, лириката и тоналната убавина во свирењето припаѓаат на квалитетите што му го обезбедија местото на Сергеј Крилов меѓу најреномираните изведувачи на денешницата. Овој руски виолинист е редовен гостин во неколку големи институции, во кои соработува со многу водечки светски оркестри. Покрај останатите истакнати личности со кои работел, пријателството со Мстислав Ростропович е од особено значење во неговиот уметнички живот. Сергеј Крилов често се појавува во двојна улога – како солист и диригент, изведувајќи широк репертоар, кој се протега од Барокот, па сè до современата музика. Тој е исто така и посветен камерен изведувач, во партнерство со пијанистите: Денис Мацуев, Николај Лугански, Бруно Канино, Борис Березовски, Јуриј Башмет, Максим Рисанов, Александар Књаев и многу други. Има издадено компакт-дискови во соработка со најпознатите издавачки куќи (ЕМИ, Дојче грамофон, Сони класика).

Лауреатот на бројни интернационални натпревари, Русинот Александар Књазев е еден од најдобрите виолончелисти на денешницата. Неговите настапи низ светот постојано добиваат одобрувања од публиката и критиката. Соработувал со извонредни диригенти, а на полето на камерната музика негови партнери биле познатите руски имиња – виолинистот Вадим Репин, пијанистот Николај Лугански, виолинистот Виктор Третјаков, пијанистот Борис Березовски и многу други изведувачи од целиот свет. Покрај изведувачката дејност, Књазев се занимава и со образовна дејност. Имено, тој е професор на Конзерваториумот во Москва, а редовно одржува и мајсторски-курсеви во Европа и Азија. Неговата дискографија вклучува снимки со Борис Березовски, Дмитри Мактин, Николај Лугански, Филхармонискиот оркестар на Санкт Петерсбург, изведувајќи ги притоа некои од најзначајните дела од литературата за виолончело.

Николај Лугански критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност што потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев. Студирал на Московскиот конзерваториум во класата на видни професори. Во текот на својата кариера настапувал во некои од најпрестижните сали во светот пришто соработувал и со некои од најзначајните оркестри. Покрај соло, Лугански настапува и како камерен музичар заедно со Миша Мајски, Вадим Репин, Александар Књазев и др. Чест гостин е и на некои од најпознатите фестивали во светот, а се јавува и како уметнички директор на музичкиот фестивал „Рахмањинов“ во Тамбов. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои и „Уметник на народот на Русија“ во 2013 година.