Фестивалската програма на „Охридско лето“ продолжува вечерва со настап на еден од најдобрите виолончелисти на денешницата Александар Књазев. Концертот со дела од Јохан Себастијан Бах ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин, 21 часот.

Лауреатот на бројни интернационални натпревари, Русинот Александар Књазев е еден од најдобрите виолончелисти на денешницата. Неговите настапи низ светот постојано добиваат одобрувања од публиката и критиката. Роден е во Москва каде и го започнува изучувањето на инструментот виолончело на шестгодишна возраст под менторство на Александар Федорченко. Дипломира на Конзерваториумот во Москва во 1986 година, а потоа своите студии ги продолжува на Конзерваториумот во Нижни-Новгород, каде пет години подоцна дипломира на одделот по оргули во класата на познатата Галина Козлова.

Соработувал со извонредни диригенти – Евгени Светланов, Јури Темирканов, Мстислав Ростропович, Владимир Федосејев, Јури Башмет, Максим Шостакович и Ними Јарви. На полето на камерната музика негови партнери биле познатите руски имиња – виолинистот Вадим Репин, пијанистот Николај Лугански, виолинистот Виктор Третјаков, пијанистот Борис Березовски и многу други изведувачи од целиот свет.

Покрај изведувачката дејност, Књазев се занимава и со образовна дејност. Имено, тој е професор на Конзерваториумот во Москва, а редовно одржува и мајсторски-курсеви во Европа и Азија. Неговата дискографија вклучува снимки со Борис Березовски, Дмитри Мактин, Николај Лугански, Филхармонискиот оркестар на Санкт Петерсбург, изведувајќи ги притоа некои од најзначајните дела од литературата наменета за виолончело од композиторите:  Јохан Себастијан – Бах, Едвард Елгар, Сергеј Рахманинов, Фредерик Шопен и др.

Белгиско-српскиот пијанист со светска слава, Александар Маџар синоќа ја воодушеви публиката на „Охридско лето“ приредувајќи извонредна вечер со добро одбрана програма. Уметникот кој остави силен печат во музичката прогрограма на годинешното фестивалско издание во „Света Софија“ беше двапати вратен на бис, а посетителите на концертот за своето доживување му се оддолжија и со долги овации.

-Ова мојот прв настап во 1991 година кога последен пат настапував на „Охридско лето“. Во меѓувреме бев уште еднаш во Охрид, во 1998 година но како турист за да им покажам на моите пријатели од Белгија колку е убаво овде. Програмата на концертот беше прекрасна, Хајдн, Чајковски, Брамс и Шопен. Ние музичарите се обидуваме секогаш да биде како што треба. Од друга страна и условите овде се совршени. „Света Софија“ е прекрасна, акустиката е извонредна, а исто така и клавирот е одличен, изјави Маџар.

Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ , професорот Васо Ристов, вели дека фестивалот годинава го има најбараниот солист низ целиот свет, уметникот кој ја остави својата душа на концертниот подиум во црквата „Света Софија“.

-Големиот пијанист Александар Маџар, имагинативен музичар, не постои критериум за тоа што освен неоспорениот талент да биде еден од врвните музичари на денешницата. Долги овации од публиката за да биде двапати вратен на бис. Неговото скромно присуство на сцената ја оправдува феноменалната имагинација, фантастичната техника и музикалност за да биде уште посимпатичен за публиката. Го имавме најбараниот солист низ целиот свет, уметникот со голема душа на концертниот подиум во „Света Софија“, вели Ристов.

Извонредниот пијанист Александар Маџар кусиот престој во Охрид денеска ќе го искористи за да ужива во убавините на градот, по што како што додава, ќе го продолжи својот професионален ангажман.

-По настапот на „Охридско лето“, ме чека пат за Лисабон, на летна академија каде претпладне ќе имам курсеви, а навечер концерти. Таму ќе свирам со извонредна група колеги, Бетовен во трио, и Дворжак во квинтет. Потоа заминувам на Интернационален пијанистички фестивал во Шангај. И таму се предвидени неколкудневни курсеви и солистички концерти со малку поинаква програма од овде, а следна дестинација ќе биде Велика Британија, појаснува светски реномираниот уметник Александар Маџар.

Неговите турнеи опфаќаат и настапи на музичките сцени надвор од Европа, и тоа во Америка, Јужна Африка, во земјите од истокот, како и во Австралија.

 

Познатиот белгиско-српски пијанист Александар Маџар вечерва ќе се претстави пред публиката на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а на репертоарот се дела од Јозеф Хајдн, Петар Илич Чајковски, Јоханес Брамс и  Фредерик Шопен.

Александар Маџар е српски пијанист, кој со пијаното се запознава уште на шестгодишна возраст под менторство на Гордана Малиновиќ, а подоцна се усовршува кај познатите: Арбо Валдма, Елисо Вирсалаѕе и Даниел Блументал во Нови Сад, Белград, Москва и Брисел.

Своето деби, тој го доживува во 1990 година, со Берлинскиот филхармониски оркестар под водство на Иван Фишер. Оттогаш редовно одржува рецитали, солистички и камерни концерти низ Европа во соработка со познатите: Андре Превин, Марчело Виоти, Паво Арви, Андрис Нелсон и многу други значајни имиња од музичката литература. Неговите турнеи опфаќаат и настапи на музичките сцени надвор од Европа, и тоа во Америка, Јужна Африка, земји од истокот и Австралија.

Пијанистот Маџар е добитник на повеќе награди на натпревари во Женева, Лидс, како и на престижните интернационални пијано натпревари „Феручо Бузони“ и „Умберто Мичели“. Во моментов работи како професор на Кралскиот фламански конзерваториум во Брисел.

Камерниот оркестар на Музичката  младина на Македонија  во рамките на „Охридско лето“ синоќа го одржа  традиционалниот концерт кој беше пренесуван и во живо преку интернет и фејсбук страниците на фестивалот.

Изведбата на младите уметници предизвика експлозија од  восхит кај присутните во црквата „Света Софија“ а концертниот репертоар беше составен од релативно познати  композитори како Едвард Григ со Холберг свитата, преку летото од годишните времиња на Астор Пјацола и на Антонио Вивалди, а беа изведени и композиции од Бела Барток, како и Елена Блази и Антон Аренски.

-Секоја година се трудевме да има разновидна програма, па така, низ годините имавме и една барокна опера која се изведе во црквата „Света Софија“ и која ни претходно, ни потоа, немаше таква изведба. Годинава уметничкиот раководител Олег Кондратенко се одлучи заедно со нас за една интересна програма во која се застапени релативно познати композитори, вели претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски.

Музичката младина на Македонија веќе 32 години е дел од фестивалската програма на „Охридско лето“ и секоја година носи млади но исклучително талентирани млади уметници.

-Повеќе млади луѓе од Македонија, а понекогаш и од странство, односно околу 350  млади музичари и солитсти сите овие 32 години продефилираа на фестивалот. Од нив некои се членови или концерт-мајстори на светски оркестри и изведувачи, програми коишто одбележуваа една младост, еден полет, елан за заедничко музицирање и дружење. Продуктите веќе се ставени на неколку носачи на звук, додава Герасимовски.

Годинава, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија доби и свое дополнително име во чест на покојниот Саша Николовски – Ѓумар, диригент и уметнички раководител кој работеше со оркестарот повеќе од 20 години и остави неибришлива трага и во програмата, и во едукацијата на младите музичари.

 

Во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, концерт ќе одржи Камерниот оркестар на музичката младина на Македонија  „Саша Николовски-Ѓумар“

На програмата се композиции од Антонио Вивалди, Антон Аренски, Бела Барток, Астор Пјацола, Елен Блази и Едвард Григ.  Солисти на вечерта ќе бидат виолинистите Ева Богоевска и Бојан Илкоски.

Камерниот оркестар на музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ е основан пред повеќе од 30 години, како прв сегмент на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија во 1986 година. Денес овој ансамбл претставува прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа. Составен е од студенти на Факултетот за музичка уметност од Скопје, но во него често може да се сретнат и млади музичари од други земји.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија со своето музицирање во сиот овој период се наметна како изведувачки состав со високи професионални квалитети. Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле значајни имиња од македонската музичка сцена како: Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Мирослав Спасов, Борјан Цанев, Бисера Чадловска, Олег Кондратенко, но и познати странски диригенти како Арилд Ремерајт, Миша Кац, Џанлука Мартиненги и др.

Досега оркестарот има реализирано повеќе од 90 концерти, одлично прифатени од слушателите и критиката, а добитник е и на национални награди и признанија.

Љубителите на музичката уметност кои нема да бидат во можност да присуствуваат во црквата „Света Софија“ каде што ќе се одржи концертот,  ќе може да уживаат во камерниот оркестар на МММ преку преносот на интернет. Лајв-стримингот ќе може да се следи и преку интернет-страницата на „Охридско лето“, како и на ФБ-страницата на фестивалот.

Драмски театар од Скопје со театарската претстава „Странци“ од Филипо Болоња , режирана преку современиот пристап на режисерката Нела Витошевиќ синоќа донесе преполна сала гледачи на фестивалот „Охридско лето“.

Актерите на Драмски театар донесоа современа приказна која кореспондира со новото и модерно време. Седуммина пријатели играа игра, споделувајќи ги пораките, разговорите и фотографиите од своите мобилни телефони, како и комуникациите преку социјалните мрежи со што си ги откриваа личните тајни и отворија болни конфликтни ситуации.

Темата на синоќешната претстава е актуелна и со неа може да се поврзе секој човек. Зборува за тоа колку технологијата ги окупира нашите животи и нè отуѓува од нашите партнери и од семејства, колку лагата станува поважна од вистината.

Текстот во претставата е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играа Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург на „Странци“  е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.

Публиката на „Охридско лето“ синоќа не ги штедеше аплаузите за фасцинантната и моќна приказна која донесе сосема поинаква естетска димензија. За „Странци“ , во билетарниците на „Охридско лето“ се бараше карта повеќе.

Галерија:

 

 

Прекрасна вечер исполнета со сонати за виолина и пијано имаа љубителите на уметноста синоќа во црквата „Света Софија“ каде во рамки на програмата на фестивалот „Охридско лето“ настапија германскиот виолинист Руденс Турку и германско-украинската пијанистка Милана Чернјавска.

На подиумот во катедралата се чувствуваше големиот креативен занес и романтично расположение на суптилните уметници. Атрактивните дела беа исполнети под силни импресии. Ова дуо вели дека не само делата, туку инспиративен беше и амбиентот во кој настапија.

-Пред се’ се радувам што првпат настапувам на фестивалот „Охридско лето“ заедно со пијанистката и моја партнерка, Милана Чернјавска.  Свиревме во прекрасна црква. Публиката имаше можност да ужива во различен репертоар почнувајќи од Соната за пијано бр. 8, оп. 13 од Бетовен, преку Соната за виолина и пијано од Едвард Григ, до Сонатата за виолина и пијано од Антонин Дворжак, вели виолинистот Турку.

Милана Чернјавска се претстави пред публиката на „Охридско лето“ пред две години кога настапи заедно со македонскиот виолинист Џафер Џафери.

-Вторпат сум на  фестивалот „Охридско лето“.Фестивалот е одличен, атмосферата е магична, а публиката е секогаш топла, вели пијанистката.

Германската пијанистка со украинско потекло Милана Чернјавска е еден од најзначајните пијанисти на денешнинава. Со своите извонредни изведувачки способности постојано ги воодушевува слушателите насекаде во светот. Покрај солистичката дејност, Чернјавска често настапува и како камерен музичар, соработувајќи со извонредни музичари.

Германскиот виолинист Руденс Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија. На овие настапи Турку се прославува како солист и камерен музичар.

Колекција современ накит инспириран од дијатомеи, ендемски вид  микроскопски синтетизирачки алги  во Охридското Езеро од дизајнерките Марта Пејоска и Биби Клекачкоска беше отворена синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“.Изложбата под наслов „Скриеното, чудесно“  е поставена во Галеријата на Марта Пејоска.

Станува збор за серија брошеви изработени во различни техники и материјали. Секое парче е производ на синергијата и заедничкото доживување на дизајнерките на одреден дијатомејски вид. Се работи за лимитирана едиција од ексклузивни парчиња, секое од нив производ на долготрајна и темелна анализа.

Охридското езеро е едно од најстарите езера во светот и е наше непроценливо природно богатство. Изобилува со живот и е наша постојана инспирација. Овојпат одлучивме да нурнеме длабоко и да го направиме невидливото видливо. На наша голема радост, кога побаравме помош од стручните лица од Хидробиолошкиот завод во Охрид и Институтот по биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје наидовме на широко отворени врати и купишта истражувачки материјали и фотографии. Се заљубивме во дијатомеите и тоа беше тоа. Сакавме да раскажеме за нив на еден поинаков јазик, нашиот. Оваа изложба е само почеток на овој проект кој едновремено е и наш скромен придонес кон зголемување на свесноста за нашето Езеро и сета негова битност и убавина, вели Пејоска.

Двете дизајнерки на накитот имаат современ пристап кон традиционалната техника на изработка.

дна од работите што не поврзува е современиот пристап кон една традиционална техника како што е филигранската и постојаната потрага по нови форми и материјали со кои оваа древна техника би ја живеела својата сегашност. Во оваа колекција нашиот дизајниран накит се потпира на филигранската техника меѓутоа во него е силно препознатлива амбицијата за современост кон што и двете индивидуално целиме преку нашата работа и пристап во дизајнирањето, сите овие години, додава Пејоска.

 

Биби Клекачкоска е дизајнер на накит со повеќе од две децении работно искуство. Препознаена како авангарден уметник во полето на дизајнот и изработката на накит, пионер на новиот бран на ревитализација и реинвенција на традиционалната филигранска уметност вели дека постојано има желба  да истражува нови техники, материјали и начини на спојување на некогаш навидум неспоивото.

-Имам неисцрпна желба да истражувам техники и материјали и начини на спојување на некој пат навидум неспоивото. Да создавам свој јазик со кој ќе раскажувам за нештата кои ми се интересни и возбудливи. Некојпат е тоа различна обработка на среброто кое се’ уште ми најблиско за работа, некојпат свила на која цртам и пишувам, глина, чипка, волна, дрво… Во современиот накит нема ограничувања, па ја имам слободата да комбинирам. Скапоценоста на парчето накит се гледа во неговата приказна, концепт, чувствата што ги предизвикува кај носителот, сентименталната поврзаност, пораката што ја комуницира, објаснува Биби Клекачкоска.

Марта Пејоска ја има првата приватна уметничка галерија со ателје за современ накит и филигран во Охрид и Македонија, во нејзина сопственост.

Начинот на презентирање на современи накит со изложување во галерија е долгогодишна пракса насекаде во светот. Една уметничка галерија всушност претставува комплимент за делото како и за авторот кој е изложен во неа. На мое големо воодушевување мојот простор наоѓа на многу голем интерес како кај странската така и кај домашната публика, а идејата да се поседува уникатно парче накит, специјално дизајнирано за клиентот станува се попопуларно и кај нас, појаснува дизајнерката на накит Марта Пејоска. 

Нивното истражување на тема Охрид и Охридското Езеро започна уште во 2013 презентирано во склоп на групната изложба „Во синило те намамив“, во рамките на „Охридско лето“. Годинашниот проект „Скриеното, чудесно“ претставува продлабочена студија за конкретното, за она што се крие во длабочините на езеротоПриближувањето на откриеното до публиката е изведено на еден интересен и концептуален начин, преку современа форма на уметнички накит.

Галерија:

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со театарската претстава „Странци“ од од Филипо Болоња, во режија на Нела Витошевиќ, а во продукција на Драмски театар од Скопје.

„Странци“  е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отвoрaјќи болни конфликтни ситуации. Истовремено се  потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себе претставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Сѐ  во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа  емоциите и личните убедувања.

Улогата на технологијата во одредување на вистината/вистинитоста како доминанта на денешницата се потенцира и со појавувањето и откривањето на доверливи документи во глобални рамки. Дали светот стана подобро место за живеење по појавата на Викиликс? И уште еднаш, дали соочувањето со вистината од нас  (на)прави подобри луѓе?

Во претставата играат Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург е Викторија Рангелова – Петровска, сценографијата е на Костантин Трпеноски, а костимографијата ја изработи Роза Трајческа –  Ристовска. Композитор на претставата „Странци“ е Огнен Анастасовски.

Професионалната театарска режисерка Нела Витошевиќ, високото образование  и магистерските студии ги заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, под менторство на професорот Слободан Унковски. Од 2011 до 2015 година работи и како демонстратор на истиот факултет, на отсекот актерска игра. Нејзината кариера успешно започнува со дипломската претстава „Чикашки перверзии“ на Дејвид Мамет, поставена и изведувана во Драмскиот театар – Скопје.  Понатаму нејзината кариера се развива со претставите „Вејка на ветерот“ и „Да тргнеме Сењор“ во Македонскиот народен театар, „Сон на летната ноќ“ и „Змејовата невеста“ во Прилепскиот театар, „Жена од минатото“ на Роланд Шимелфенинг, „Стари времиња“ од Харолд Пинтер итн. Со претставата „Змејовата невеста“, Нела ги освои и главните државни награди и признанија за театар – награда за најдобра режија и награда за најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински“.  Од огромно значење за нејзиниот развој како професионалец е и формирањето на нејзиниот независен театар Wonderland Theatre кој донесе свежина и поинаков пристап на независната театарска сцена во Македонија. Таа таму направи неколку претстави: „Фирма“, „5:17“, „Брод за кукли“. За претставата „Брод за кукли“ ја доби главната награда од жирото, за најдобра претстава на фестивалот МОТ. Во моментов е вработена во Македонскиот народен театар каде што ја подготвува нејзината нова претстава.

Театарската претстава „Странци“ ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

Во рамките на музчката програма на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот концерт ќе одржат германскиот виолинист Руденс Турку и германско- украинската пијанистка Милана Чернјавска.

Германско-украинското дуо ќе изведе сонати за виолина и пијано од Лудвиг ван Бетовен, Едвард Григ и Антонин Дворжак.

Виолинистот Рубенс Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија. На овие настапи Турку се прославува како солист и камерен музичар заедно со изведувачите: Јулија Фишер, Албан Герхард, Ана Чумаченко, Милана Чернјавска, и голем број значајни музички ансамбли и оркестри. Неговата дискографија опфаќа неколку компакт-дискови одлично прифатени од слушателите и стручната јавност. Успешен е и на полето на образовната дејност. Имено, Турку е професор на Државниот конзерваториум во Форарлберг, Австрија, на Академијата Пероси во Биела, Италија, а редовно одржува и мајсторски курсеви во повеќе земји во светот.

Германската пијанистка со украинско потекло, Милана Чернјавска, се смета за една од водечките пијанистки на денешницата. Постојано е присутна на светската сцена, на интернационалните фестивали во речиси сите големи музички центри. Нејзините артистички достигнувања се наградени со бројни национални и интернационални награди. Покрај солистичката дејност, Чернјавска е позната и како камерен изведувач. Во нејзината дискографија се сретнуваат повеќе десетици компакт-дискови, направени во соработка со познати издавачки куќи. За нив Чернјавска има добиено повеќе награди. Често одржува и мајсторски курсеви, а може да се сретне и како член на жирито на повеќе престижни пијано натпревари.