Воодушевена публика и овации за македонските уметници кои синоќа во Предворјето на црквата „Света Софија“  настапија на фестивалот „Охридско лето“ со ораториумот „Радомировиот псалтир“ од Димитрие Бужаровски.

Солисти на вечерта беа врвните македонски сопрани Весна Ѓиновска  Илкова и Славица Петровска Галиќ, тенорот Благој Нацоски, басот Владимир Саздовски, кои настапија заедно со оркестарот и хорот на  Македонската опера и балет и детскиот хор „ Пиколо“ подготвен од Весна Димчевска.  Ораториумот беше изведен под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Освен публиката, задоволен од синоќешниот настан на фестивалот „Охридско лето“ беше и композиторот на делото, Димитрие Бужаровски, звучно име  во светот на музичката уметност.

-Мислам дека беше извонредна изведба, и тоа, се разбира, од најреномираниот ансамбл, Македонската опера. Многу се вложија сите и се чувствуваше дека со задоволство го исполнуваа делото. Навистина сум горд што синоќа сите имаа можност да уживаат во еден семакедонски производ.  Прво, текстот  кој е мошне значаен во македонската култура од 13-от век, е последниот текст којшто е сочуван во старата кирилометодиевска традиција.Потоа јас како композитор,  македонски ансамбл, македонски изведувачи, македонски хор… тоа навистина ретко се случува кај нас и се надевам дека сите го ценеа ова и уживаа во синоќешниот концерт, вели композиторот Бужаровски.

Радомировиот псалтир  е кирилски литургиски псалтир со молитви од втората половина на 13-от век. Ораториумот, како што појасни композиторот, е замислен и напишан токму за фестивалот „Охридско лето“.

-Овој проект, во 1999 година,  првобитно беше замислен и напишан токму за фестивалот „Охридско лето“ . Оттогаш поминаа и 19 години и многу ми е драго што конечно е изведен таму за каде што беше наменет, додава Бужаровски.

Учеството на Бужаровски на најголемата и најзначајната културна манифестација во Република Македонија, фестивалот „Охридско лето“,  има континуитет, како композитор, пијанист, но и изведувач на синтесајзери. Во 1990 година на фестивалската сцена во Предворјето на „Света Софија“ беше изведен и неговиот ораториум „Охрид“ од страна на Македонската филхармонија и хорот на Факултетот за музичка уметност.

 Димитрие Бужаровски е еден од најплодните македонски композитори со над 70 опуси во кои спаѓаат и четири симфонии, три ораториума, седум концерти, две опери и два балета, поголем број на сонати и циклуси на соло песни.  Ораториумот „Радомировиот псалтир“ е единственото македонско дело кое било номинирано за најпрестижната светска награда за композиција „Grawemeyer Award“ во 2003 година од американскиот универзитет Луизијана тех.\

    

 

Еминентната претставничка на елитното музицирање, виолинистката Ајман Мусакјајева, заедно со своите колеги, италијанските пијанисти Марко Скиаво и Серџо Маркеџани, во придружба на Камерниот оркестар „Академија на солисти“ од Казахстан синоќа на фестивалот „Охридско лето“ донесоа фанстастична проекција и маестрално музицирање кое допре до сетилата на фестивалската публика.

Импресивната изведба на делата од Едвард Григ, Леополд Кожелуч, Камиј Сен-Санс, Пабло де Сарасате, Жил Масне, Франц Ваксман и Жорж Бизе се одвиваше под диригентската палка на маестро Гудјон Емилсон од Исланд.

Ајман Мусакјајева е виолинистка со блескава кариера. Редок сензибилитет и  префинета естетика преку која успева да воспостави флуид со слушателите. Таа е основач на Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“, во кој ги ангажира најдобрите млади музичари од Казахстан.

Дуото Марко Скиаво и Серџо Маркеџани е едно од најактивните италијански пијано дуети. Во светот се познати по уникатното музицирање, експресивноста, убавиот звук, интензитетот и огромната енергија во своите изведби.

Гудни А. Емилсон е исландски диригент, добитник на голем број национални и интернационални награди. Во текот на својата кариера соработувал со некои од најзначајните оркестри на денешницата, настапувајќи притоа на голем број познати музички сцени, а  соработува и со еминентни изведувачи од целиот свет.

Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ е водечки ансамбл во Казахстан. Основан е во 1991 година, од страна на виолинистката Ајман Мусакјајева. Членовите на овој ансамбл се млади музичари, виртуози на својот инструмент, лауреати на повеќе интернационални натпревари, со одлична техничка подготвеност. Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ на своите настапи изведува музика од најразлични епохи и стилови, но, пред сè, се смета за еден од најзначајните афирматори и промотори на казахстанската музика и традиција во светот.

Театарската претстава „Девојчето со жиците“ од Марјан Неќак и Маја Хрговиќ синоќа ја збогати драмската понуда на фестивалот „Охридско лето“. Копородукциски проект на  Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана и Подвижен Музички театар од Битола се одигра на отворено, на сцената Долни сарај.

„Девојчето со жиците“ е претстава за слободата, уметникот, многу други интимни теми што ги имаат луѓето. Специфичната и комплексна драма ја раскажа приказната за младата виолинистка што го бара своето место под европското небо,а го опфати и  нејзиниот нерасчистен однос со таткото кој бил прв што ја спречил во остварувањето на сонот да стане голема виолинистка.

Улогите во оваа современа драмска опера ги играа Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј.

Песните што беа опфатени во претставата претставуваа всушност монолози,  и на интимната драма и дадоа повисоко ниво во однос на интерпретацијата. Според режисерот и еден од авторите на театарската претстава „Девојчето со жиците“, Марјан Неќак, посебно е чувството да се игра претставата токму на фестивалот „Охридско лето“, бидејќи како што рече, концептот на самиот фестивал е театар и музика, а овој проект ги има и едното и другото.

 

Галерија:

 

 

 

Ораториумот „Радомировиот псалтир“ op. 47 од Димитрије Бужаровски вечерва ќе биде изведен во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Ќе настапат сопранистките Весна Ѓиновска Илкова и Славица Петровска Галиќ, тенорот Благој Нацоски, басот Владимир Саздовски заедно со Оркестар и хор на Македонска опера и балет и Детски хор „Пиколо“.Диригент на вечерта е Бисера Чадловска.

„Радомировиот псалтир“ op. 47 од Димитрије Бужаровски е изработен врз текстот на ѓаконот Радомир од втората половина на XIII век. Тој се смета за еден од последните старословенски ракописи кои се испишани во старата кирилометодиевска традиција кои потекнуваат од Македонија. Бужаровски користи неколку псалми и оригиналните текстови на Радомир за слободно да го конципира сижето на овој ораториум. Димитрие Бужаровски (1952) е еден од најплодните македонски композитори со над 70 опуси во кои спаѓаат и четири симфонии, три ораториума, седум концерти, две опери и два балета, поголем број на сонати и циклуси на соло песни.  Ораториумот „Радомировиот псалтир“ е единственото македонско дело кое било номинирано за најпрестижната светска награда за композиција „Grawemeyer Award“ во 2003 година од американскиот универзитет Луизијана тех. Псалтирот ќе биде изведен од хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, предводени од диригентката Бисера Чадловска. Како солисти ќе настапат сопраните Славица Петровска Галиќ, Весна Ѓиновска Илкова, тенорот Благој Нацоски и басот Владимир Саздовски, сите со впечатлива меѓународна изведувачка кариера. Во изведбата учествува и хорот „Пиколо“ подготвен од Весна Димчевска.

Концертот ќе се одржи во Предворјето на црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот.

Современа драмска опера каде музиката нема да биде само декор, туку и начин на комуникација, ќе донесе вечерва драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ преку театарската претстава „Девојчето со жиците“ од Марјан Неќак и Маја Хрговиќ.

Претставата која  е копородукциски проект на  Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана и Подвижен Музички театар од Битола ќе се одигра на сцената Долни сарај со почеток во 21 часот.

Според селекторот на драмската програма на фестивалот, Александар Поповски, станува збор за одличен проект во кој играат актери од еден многу голем словенечки театар којшто е важен не само за Словенија, туку и за поширокиот регион.

-Голема е честа да се најави една ваква театарска претстава која доаѓа од театар што јас многу го ценам, Љубљанската драма, театар којшто освен што е важен за Словенија, важен е и многу пошироко во регионот бидејќи има извонреден ансамбл, рече Поповски на денешната прес-конференција.

Режисерот и еден од авторите на театарската претстава „Девојчето со жиците“, Марјан Неќак, истакна дека посебно е чувството да се игра претставата токму на фестивалот „Охридско лето“, бидејќи како што рече, концептот на самиот фестивал е театар и музика, а овој проект ги има и едното и другото.

-„Девојчето со жиците“ е претстава за слободата, уметникот, многу други интимни теми коишто ги имаме сите луѓе. Секој човек може да се поистоветува со самата приказна. Начинот на којшто ја градевме и ја работевме претставата е специфичен и бара малку повеќе време, една поинаква концентрација и поинаква љубов. Такви се актерите од Драма Љубљана, посебно тие што ги одбрав за да ја работиме оваа претстава кои беа исклучителни во смисла дека ова може единствено само со љубов да се направи, рече Неќак.

Драматургот на претставата Дарја Доминкуш  на прес-конференцијата најави дека се работи за специфична и комплексна приказна за девојката која патува со воз низ Европа, а всушност целта и е месечината. Таа метафора, според драматургот, важи за сите луѓе  зашто, како што рече,  во секојдневието сите се трудиме да направиме нешто, да патуваме некаде, а во сето тоа брзање би сакале да заминеме на месечината, кон недостижното, кон она за што сонуваме и заради што создаваме музика и уметност.

-Претставата бара вклучување на публиката, да се запалат сите сетила, а од друга страна е и многу емотивна зашто приказната е за девојка која сака да живее како уметница но во денешниот свет  тоа е многу тешко. Тогаш таа треба да премине некои граници во Европа  која би требало да биде отворена за уметноста. Покрај тоа, девојката како сенка ја следи приказната од детството за нерасчистениот однос со таткото кој всушност бил прв што ја спречил нејзината кариера. Дури потоа доаѓаат границите, Европа со своите сомнежи која не сака емигранти, која не сака луѓе што не се оттука, истакна Доминкуш.

Улогите во претставата „Девојчето со жиците“ ги играат Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј.

-Мене како актерка ми беше голем предизвик оваа посебна форма што опфаќа песни и интимна драма. Всушност овие песни претставуваат монолози  и на интимната драма и даваат повисоко ниво во однос на интерпретацијата, изјави актерката Церар.

Таткото во претставата го игра Урош Фурст, еден од врвните словенечки актери.

– Претставата отвора еден цел простор каде ние како родители влијаеме на своето потомство, што има тука добро, а што погрешно. Во исто време и да се отпее, тоа е полигон за извонредна актерска работа.И самиот начин на кој ја работевме претставата за мене е потполно нов и затоа се радувам многу, рече Фурст.

Автор на стиховите во претставата „Девојчето со жиците“ е  Ана Бунтеска. Костимограф е Наташа Филиповиќ, а кореограф Жигањ Крањчар. Музиката, сценографијата и светлото се на Марјан Неќак.

    

Вистински спектакл на програмата на Охридско лето“синоќа приреди кубанскиот бенд ЕКОС.

 

Танчерите и музичарите од овој состав ја воодушевија бројната публика со нивниот неоспорлив талент и високото техничко ниво. Спојот на врвната кореографија и популарната кубанска музика беше награден со овации и долги аплаузи.

 

Во стилот на летото, време кога се одржува и овој фестивал,  публиката што ја имаше од сите генерации, уживаше во фламенго танците што ги донесоа кубанските гости од бендот ЕКОС во Центарот за култура „Григор Прличев“.  Тие покажаа дека се вистински професионалци обучувани од најдобрите педагози, танчери, кубански кореографи и најголемите фламенго фигури во светот.

 

Станува збор за специјален проект на Министерството на Р.Куба, а по покана и во соработка со Министерство на Култура на Р.Македонија – EUROPE TOUR 2018.Нивните изведби се во вид на т.н. „шоуа“ и досега се имаат појавено во најголемите театри во Хавана и воопшто во Куба, настапувале и на фестивали, како и голем број национални и интернационални случувања во земјата.

 

Фламенго групата ЕКОС  е формирана во 1999 година од група искусни танчери и музичари на фламенго музика. Основана е во рамките на Танцувачкиот центар во хавана, Националниот совет за сценски уметности и Министерството  за култура на Куба.

 

Галерија:

 

 

 

 

Еден од најистакнатите италијански флејтисти, Џузепе Нова заедно со неговиот колега и сонародник, врвниот пијанист Џорџо Коста, синоќа музицираа за публиката на „Охридско лето“.

Извонредната изведба на делата кои беа предвидени на концертната програма ги разбранува емоциите кај посетителите во црквата Света Софија“ кои со бурен аплаузи и бис им се заблагодарија на италијанските уметници за прекрасната вечер.

Флејтистит Џузепе Нова настапува со својот колега веќе три децении, но првпат се претставуваат заедно на фестивалот „Охридско лето“.

-Публиката синоќа беше прекрасна исто како и црквата во која настапивме. Многу уживавме и не’ допре тоа историско чувство. Се радуваме што бевме  во контакт со таква убавина во внатрешноста на овој објект. Морам да упатам честитки за организацијата на импресивниот фестивал „Охридско лето“. Овој настан е од големо значење бидејќи секоја вечер се одржува концерт. Чест ни е што настапивме на фестивалот и се радуваме што имавме можност да донесеме дел од италијанската музика. Музиката е најдобра комуникација меѓу луѓето, изјави познатиот флејтист Нова.

Прочуен како еден од најистакнатите италијански флејтисти на својата генерација, Џузепе Нова дебитира во 1982 година како солист со Симфонискиот оркестар на италијанската телевизија РАИ. Со ова започнува неговата блескава кариера, која го носи во најпрестижните концертни сали во Европа, Соединетите Американски Држави и Азија (Јапонија, Тајланд, Кина, Кореја, Сингапур). Како солист соработувал со бројни оркестри во најпознатите концертни сали и фестивали. Како еден од најбараните професори, често одржува и мајсторски курсеви низ светот. Издал голем број компакт-дискови соработувајќи со еминентни изведувачи, а од 2006 година снима за познатата јапонска издавачка куќа „Камерата Токио“. Во моментов работи како професор во фондацијата „Аоста Мјузик“ и како гостин-професор на Колеџот „Света Марија“ во Мериленд, САД.

Џорџо Коста дипломира со највисоки почести на Конзерваториумот „Џузепе Верди“ во Турин, а специјализира под менторство на Алберто Моцати и Фаусто Задра во Интернационалната школа за пијано во Лозана. Учествувал на мајсторските курсеви предводени од Рикардо Бренгола и мајсторскиот курс на Мареј Перахиа во Фиренца. Денес Коста редовно одржува рецитали, настапува како солист со оркестар и во камерни состави со добро познати светски изведувачи. Досега се појавил на музичките сцени во Европа, САД, Јужна Америка и Јапонија. Неговата дискографија опфаќа неколку снимки издадени од РАИ. Работи како професор на Конзерваториумот „Новара“ и во Школата за музика во Аоста.

    

 

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со театарската претстава „Девојчето со жиците“ од Марјан Нечак и Маја Хрговиќ, копродукциски проект на  Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана и Подвижен Музички театар од Битола. Претставата ќе се одигра на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.

„Девојчето со жиците“ е современа драмска опера за виолинистка кој патува со воз низ Европа. Преку нејзиното патување, се исцртува приказната за нејзиниот живот.  На почеток, таа е девојка која сонува и сака да стане славен музичар, но татко ѝ ги потрошил парите за нејзиното школување. Подоцна, таа е зрела жена која сè уште трага по нејзиното место под европското небо, откако целиот свој живот го минува како улична музичарка. Сѐ е на купче. Ја натежнала тешката економска ситуација, комплицираниот однос со пропаднатиот татко, потрагата по место во современа Европа, која сѐ повеќе е социјално исклучувачка, „испредена“ со бодликави жици, ѕидови и секакви ограничувања.  Приказната е универзална и е потсетник на позицијата на бројните надарени поединци, кои и моментално бараат засолниште во кое ќе можат да ги развијат своите потенцијали.

Оваа интимна драма, поставена во позадината на општествените случувања во современа Европа, се одвива на границата помеѓу реалниот свет и сонот. Меѓу препознатливите, но често непријатни ситуации на граничните премини и станици, спомените и визиите во кои се преплетуваат, времињата и јазиците, музиката и поезијата, горчината и убавината на животот.

Улогите во претставата „Девојчето со жиците“ ги играат Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј. Автор на стиховите во претставата е  Ана Бунтеска. Дарја Доминикуш е драматург, костимограф е Наташа Филиповиќ, а кореограф: Жигањ Крањчар. Музиката, сценографијата и светлото се на Марјан Неќак.

Марјан Неќак роден e во Битола 1976 година. Со музика почнал да се занимава од најраното детство. Завршил основно и средно образование во Битола (контрабас и соло пеење), воедно компонирајќи многу дела уште во тој период. Од 1996 работи во Битолскиот театар како композитор. Од 2003 г. е вонреден професор по предметот сценско пеење – интерпретација, на факултетот за Драмски уметности во Скопје. Пишува авторска музика за драмски, оперски, балетски претстави, мјузикли, филм, телевизија и различни перформанси, интегрирајќи ја притоа на многу препознатлив, авторски начин електронската музика со балканскиот фолклор. Како логична последица на своето творештво и режисерска дејност во 2015 г. во Битола Неќак го основал Moving Music Theatre (MMT). Преку современиот музички театар тој има за цел да ја опфати оперската форма, визуелните уметности и едукативните проекти наменети за меѓународната публика ширум светот. Неговите композиторски трудови се виско оценувани на повеќе од 40 фестивали во Македонија и светот. Од 2013 г. се занимава и со режија.

Има добиено осум награди за авторска сценска музика на фестивалот „Војдан Чернодрински“, награда за најдобра музика на Меѓународниот фестивал „Мала сцена“ во Риека, награда за најдобра филмска музика на филмскиот фестивал во Монтреал и многу други.

    

Камерниот оркестар „Академија на солисти“  од Казахстан  е вечерашната музичката понуда на фестивалот „Охридско лето“. Во рамките на концертот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе настапат  дуото пијанисти Марко Скиаво и Серџо Маркеџани од Италија и виолинистката Ајман Мусакјајева од Казахстан под диригентската палка на маестро Гудјон Емилсон од Исланд.

На програмата се дела од Едвард Григ, Леополд Кожелуч, Камиј Сен-Санс, Пабло де Сарасате, Жил Масне, Франц Ваксман и Жорж Бизе.

Дуото Марко Скиаво и Серџо Маркеџани е едно од најактивните италијански пијано дуети. Во светот се познати по уникатното музицирање, експресивноста, убавиот звук, интензитетот и огромната енергија во своите изведби. На музичката сцена заедно се појавуваат во 2006 година и оттогаш доживуваат стотици концерти во најпрестижните сали и најголемите фестивали во светот. Во 2014 година го издаваат својот прв компакт- диск, целосно посветен на музиката на Франц Шуберт.

Ајман Мусакјајева е еден од најзначајните претставници на виолинистичката школа на Казахстан. Музика започнува да учи во Казахстан, а своите студии ги завршува на Московскиот конзерваториум. Постојано е активна на музичките сцени во светот, соработувала со голем број значајни музички имиња и оркестри. Мусакјајева е основач на Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“, во кој ги ангажира најдобрите млади музичари од Казахстан. Добитник е на повеќе награди на престижни интернационални натпревари, како и на повеќе признанија.

Гудни А. Емилсон е исландски диригент, добитник на голем број национални и интернационални награди. Во текот на својата кариера соработувал со некои од најзначајните оркестри на денешницата, настапувајќи притоа на голем број познати музички сцени, а  соработува и со еминентни изведувачи од целиот свет. Од 1999 година Емилсон седнува на позицијата уметнички директор и шеф-диригент на Камерниот оркестар во Тубинген, а по ова, на местото шеф-диригент седнува и пред неколку други значајни оркестри, како камерниот оркестар „Сук“ и оркестарот „Камерата Бохемика“ во Прага, Тајландскиот филхармониски оркестар и др.

 

Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ е водечки ансамбл во Казахстан. Основан е во 1991 година, од страна на виолинистката Ајман Мусакјајева. Членовите на овој ансамбл се млади музичари, виртуози на својот инструмент, лауреати на повеќе интернационални натпревари, со одлична техничка подготвеност. Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ на своите настапи изведува музика од најразлични епохи и стилови, но, пред сè, се смета за еден од најзначајните афирматори и промотори на казахстанската музика и традиција во светот.

 

Магичен спој на традиционални песни и дела од класичната музика направи дуото „Сора“ синоќа во црквата „Света Софија“ одржувајќи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Јапонската саксофонистка Учида Шиори и македонскиот хармоникаш Фати Фехмију кои веќе три години настапуваат како дуо, а од годинава се и животни сопатници, ги изведоа традиционалните песни „Кавал свири“ и „Ерген дедо“,  но на публиката и доловија и традиционални јапонски композиции, како и дела од Јохан Себастијан Бах, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Алесандро Марчело, Александар Бородин  и Бела Барток.

Уметникот Фехмију вели дека ваквиот спој на музика од различни жанрови досега се покажал како многу интересен за јапонската публика.

-Во моментов сум на докторат на токискиот универзитет и со моите колеги истражуваме во областа на музиката. Токму затоа правиме комбинации од традиционални и класични жанрови на музика и слично. Во Јапонија ова е многу популарно. Се работи за една уникатна форма на музика, вели Фехмију.

Дуото „Сора“  беа воодушевени од акустиката и воопшто од целиот амбиент во кој настапија синоќа пред публиката на „Охридско лето“.

-Јас живеам во Истанбул и сум музицирал во црквите „Света Ирина“ и „Света Софија“, сум настапувал и во Италија и Франција и сум доживеал слични акустични ефекти на сцените. Но црквата „Света Софија“ во Охрид импресионира и во поглед на акустиката, и во однос на фрескоживописот на ѕидовите кој според мене е одлично сочуван, додава Фехмију.

Овој млад уметник чии корени се од Македонија, иако живее во Турција, сепак, како што појаснува, во срцето секогаш ја носи македонската култура и ја претставува насекаде каде што има можност да настапи.

-Иако живеам во друга земја, моето срце е секогаш поврзано со Македонија, со македонската култура и луѓето овде.  Сакам да ја презентирам  културата на мојата земја насекаде каде што настапувам, вели Фехмију.

Дуото „Сора“ редовно настапуваат на разновидни настани, на кои изведуваат свои композиции, аранжмани на познати дела, како и дела од класичната музика, традиционалната и народната музика, како и  филмската музика, свирејќи притоа на различни инструменти – саксофон, хармоника, пијано, виолина и слично.