Годинешното 57-то Охридско лето измина во знакот на беспрекорна реализација, полни гледалишта, позитивни  критики и задоволни уметници, изјави на завршната прес-конференција директорката на фестивалот „Охридско лето“ , Сузана Вренцовска, додавајќи дека во изминатите  40 фестивалски денови се случи неповторливо доживување  со  големи музички ѕвезди, врвни театарски претстави, премиери, гости од целиот свет, распродадени настани по само два дена од нивното најавување.
 
-Голема беше возбудата но и обврската да се организира секоја фестивалска вечер која благодарение на селекторите, Ѓорѓи Цуцковски и Зоран Љутков, изобилуваше со врвна уметност и атрактивни нови содржини.Имавме 57 настани,  музички, драмски, балетски претстави и активности во делот на дополнителната програма. Покрај прекрасните концерти од областа на класичната музика и театарските претстави, понудивме атрактивни програми како џезот и проекти и во дополнителната програма. Се раскажа приказната за познатиот охридски бисер со промоцијата на документарниот филм „Бисер“.Се реализира проектот „Детски свет“ кој беше место за културно изразување за младите уметници да ги афирмираат своите потенцијали и идеи со што се поттикна позитивна стимулација на младите творци и истакнатите уметници.Ја проширивме програмата на нови сцени а на постоечките создадовме поголеми услови за уметниците. Токму свеченото затворање синоќа се случи во поранешната касарна „Михајло Апостолски“,  амбиент кој ја надополни приказната на претставата ,,Ничија земја,, режирана од познатиот Александар Морфов а во изведба на Македонскиот народен театар, изјави Вренцовска.
 
На 57-то издание на „Охридско лето“  учество зедоа уметници  од повеќе земји од Европа и светот, како Русија, САД, Канада, Австрија, Кина, Индонезија, Израел, Италија, Франција, Германија, Полска, Хрватска, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија, Ерменија, Турција и Грција. Според Вренцовска, статистиката покажа дека годинава се бележи зголемување на продажбата на билети, а дел од фестивалската публика беа и бројни гледачи од странство.
 
-На од он-лајн  билети се купуваа од Австралија, Кина, Индија, САД, Англија, Белгија, Русија, Полска, Турција, Холандија и секако земјите од регионот. Над 30 000 посетители, љубители на уметноста, од целиот свет дојдоа да уживаат на врвните музички и театарски настани. Се бараше место повеќе за концертот за свеченото отварање, роденденскиот концерт, за настапот на Влатко Стефановски со Камерниот оркестар од Битола каде „Долни Сарај“ беше претесен за сите оние кои сакаа да бидат дел од овој настан. Исто така и „Света Софија“ беше исполнета до последно место. Она што исто така остави впечаток е рекордната посетеност на драмската програма каде гледалиштата на сите претстави без исклучок, беа преполни. Тоа зборува дека работата сме ја завршиле беспрекорно заедно со целиот тим кој стои позади целата реализација,  појасни директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска.
 
На денешната прес-конференција директорката на оваа национална установа нагласи дека и во иднина, приоритет ќе биде,  фестивалот што се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, а со финансиска поддршка на министерството за култура, како и поддршка од Локалната самоуправа, да го задржи епитетот на високореномиран европски фестивал.
 
Според селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, изминатите 40 фестивалски вечери беа прекрасен период на размена на љубов, почитување и вонвременско уметничко доживување.
 
-Зад над се 40 фестивалски денови, на сцените во Антички театар, Долни Сарај и секако црквата Св. Софија, беа одржани 48 музички настани. Ако зголемената продажба на билети со повеќе од 100% во однос на минатите години е репер за квалитативна понуда на годинешното издание од сопствен аспект морам да истакнам дека за мене беше вистинско доживување  да се поздрават уметничките консументи после секој концерт, нескромно искажувајќи го сопственото задоволство од убавината и квалитетот на музиката и уметниците кои оваа година беа дел од фестивалската програма. Преполните концертни капацитети на секој музички настан се доказ дека нашиот напор за збогатување на фестивалската програма како програма наменета за широк спектар љубители на уметноста придонесе за одржување на долгата традиција и високиот уметнички рејтинг на фестивалот, како и придонес за развој на туризмот во градот Охрид, рече музичкиот селектор Цуцковски, објаснувајќи дека е особено горд на професионалниот ангажман на тимот којшто стои зад оваа манифестација.
 
-Огромна благодарност за Претседателот на Република Македонија и Министерството за култура за постојаната поддршка и лично да се заблагодарам на сите што со својот професионален ангажман придонесуваат  овој фестивал да претставува најистакнат уметнички фестивал во југоисточна Европа. За мене беше осебена чест и задоволство да бидам мала алка од оваа долга уметничка традиција и за мене како уметник пред се’ Охрид и „Охридско лето“ секогаш ќе претставуваат репер за гостопримство, уметнички квалитет, традиција и најважното- љубов, додаде Цуцковски.
 
Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Зоран Љутков, исто така нагласи дека според фактите и годинешната фестивалска статистика, зад нас останува успешно реализирано фестивалско издание.
 
-Многу е убава сликата кога ќе видите преполни гледалишта, преполн отворен простор. Особено сум среќен што ги исполнивме просторите како „Долни Сарај“ кој е еден од најголемите. Среќе сум и сум што вчера, на затворањето, смисливме еден нов простор, ново место коешто се надевам и во иднина ќе се користи како театарска сцена. Барањето карта повеќе веројатно е знак дека сме направиле одлична програма. Претставите, жанровски беа различни и за сите вкусови.  Програмата беше конципирана жанровски, продукциски, стилски, така како што би требало да има програма секој национален театар во Македонија. Пресреќен сум што оваа манифестација има таков тим којшто беспрекорно ја реализира цела програма. Да имате 57 културни настани, да завршат без ниедна грешка, тоа е еден до најголемите успеси што може да го посака една национална институција, изјави Љутков на денешната прес-конференција.
 
Фестивалот „Охридско лето“ е значаен партнер на ЕФА (Европска Асоцијација на Фестивали). Како нејзин член е од 1994 година, овој фестивал секогаш давал голем  придонес кон  мисијата на ЕФА и нејзините проекти.

„Охридско лето“ и СВР Охрид информираат дека дел од улицата „Кленоец“ поточно на потегот околу поранешната воена касарна во Охрид ќе биде затворена за сообраќај денеска од 19 часот до завршувањето на театарската претстава „Ничија земја“.

Оваа претстава во изведба на Македонскиот народен театар ќе го затвори годинешното 57-мо издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во наведениот период, сообраќајната полиција ќе биде присутна на терен и ќе врши физичко пренасочување на сообраќајот.

Еден од најбараните млади виолинисти на денешницата, Искандар Виџаја синоќа одржа возбудлив концерт со ориентални звуци.

– Програмата со која настапив е ориентална затоа што и јас самиот сум ориенталец. Мојот чичко е Кинез, колегата перкусионист што исто така настапува вечерва со нас е од Турција. Знаете, татко ми има арапско-германско потекло. Почнавме со кинеска музика, продолживме со арапска музика и завршивме со турска. Имавме еден неповторлив кој и го понудивме на публиката, изјави Виџаја.

За најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија и во регионот, фестивалот „Охридско лето“, младиот виолинист слушнал од неговите повозрасни колеги.

– Првпат сум на „Охидско лето“ но сум слушнал претходно за фестивалот.. Последното дело што го отсвиривме синоќа е од Фазил Сај кој настапи на фестивалот лани така што слушнав од него.

Искандар Виџаја е роден во Берлин, започнува да учи виолина на четиригодишна возраст, а дипломира виолина на Универзитетот во Берлин во 2010 година. Соработува со некои од најпознатите диригенти и музичари на денешницата како Зубин Мехта, Кристоф Ешенбах, Роландо Вилазон, Фазил Сај и др., настапувајќи со престижни оркестри меѓу кои: оркестрите во Берлин, Минхенската филхармонија, оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Варшавската филхармонија, Радио –симфонискиот оркестар во Виена, како и оркестрите во Франкфурт, Валенсија, Осло, Базел, Хонг Конг, Џакарта и др. Настапите го водат на пет континенти во концертните сали меѓу кои: „Концертхаус“ во Берлин, „Тонхале“ во Цирих, Филхармонијата во Луксембург, операта во Тел Авив и многу други.

Во 2013 година Исканадар настапува на отворањето на Самитот АПЕК, а е претставник на Индонезија на Светскиот настан ЕКСПО во Милано во 2015 година.

Неговото дебитантско ЦД „Бах и блуз“ е промовирано во 2011 година и наидува на одличен прием кај стручната критика. Второто снимено издание со музиката на Бах го реализира со Берлинската камерата во 2014 година, а третото ЦД „Танго фуего“ стигнува на врвот на класичните топ-листи во Германија.

Искандар Виџаја свири на виолина изработена од Жан-Баптист Вијом во 1875 година, а поседува и инструмент Страдивари од 1734 година, кој му е даден на користење од страна на реставраторот на виолини Флоријан Леонард.

Норман Виџаја е роден во музичко семејство, а неговиот талент дошол до израз кога на само 11-годишна возраст диригирал хорски концерт во чест на претседателот Сукарно во Џакарта (Индонезија). Студирал пијано, диригирање и композиција на Колеџот за музика во Берлин, а првиот ангажман го носи во Нирнберг каде во периодот од 1982 до 1990 година диригира преку 400 различни изведби.

Врвните македонски инструменталисти Блерим Груби на виола и Марија Вршкова на пијано приредија прекрасна вечер за публиката на фестивалот „Охридско лето“ со својот концерт на стандардната фестивалска сцена, подиумот во црквата „Света Софија“.

Синоќешниот концерт беше втор настап за пијанистката Вршкова на годинешното издание на фестивалот. Претходно таа настапи во рамки на Шведската вечер на „Охридско лето“, придружувајќи ги на пијано сопранистките Биљана Стафансон и Љиљана Јовановиќ.

– Како и при секој настап на „Охридско лето“, возбудата е преголема затоа што сепак, не е едноставно да се свири на оваа сцена. Имавме убав концерт, интересна, летна, но не и лесна програма. Уживавме и двајцата, а мислам дека уживаше и публиката, вели пијанистката Вршкова.

Почетоците на кариерата од уметникот Блерим Груби се врзани токму за фестивалот „Охридско лето“.

– Се чувствувам многу емотивно кога доаѓам да свирам овде. Сум свирел на „Охридско лето“и со камерен оркестар, и во квартети, но и соло. Токму овде, пред 30-тина години ја започнав музичката кариера. Млади надежи од цела Југославија свиреа на фестивалот, а тогаш се претставив и јас. Таа енергија што ми ја подари црквата „Света Софија“ ја чувствувам секогаш кога доаѓам тука, вели Груби.

Програмата со која се претставија на „Охридско лето“, двајцата истакнати македонски уметници, Груби и Вршкова, ќе ја отсвират и во октомври во Приштина. Пијанистката Вршкова, како што најави, претходно во септември, ќе музицира во Њујорк со соло и дуо-програма.

Поради големиот интерес за театарската претстава „Ничија земја“ што ќе го затвори годинешното 57-мо издание на фестивалот „Охридско лето“, се продадени сите билети, информираат од фестивалската дирекција.

„Ничија земја“ во изведба на Македонски народен театар ќе се одигра на просторот од некогашната воена касарна во Охрид, утревечер со почеток во 21 часот.

Сцената е автентична со приказната во претставата бидејќи темата е војна. Самиот простор кај некогашнта касарна што и’ служел на армијата ќе даде дополнителна симболика на случувањата.

Невообичаен спој на саксофон и хармоника донесе синоќа фестивалот „Охридско лето“ со концертот на дуото „Алиада“. Публиката уживаше до последната композиција и ја продолжи пријатната вечер во црквата „Света Софија“ враќајќи ги уметниците на бис-изведба.

Двајцата малади музичари, саксофонистот Михаил Кнот и хармоникашот Богдан Лакетиќ во Охрид го донесоа проектот „Нови бои на минатото“ со стари композиции од барокот до 20-от век, но со нивни аранжмани прилагодени токму за овие два инструменти.

-„ Нови бои на минатото“ се нарекува затоа што свириме композиции од барокот до 20-от век, секако тоа се стари композиции на некој нов начин, првенствено заради спојот на саксофон и хармонија кој е релативно нов.
Бидејќи нашите инструменти се млади и постојат стотина години, композиторите немаа можност да компонираат за нашите инструменти, така што кога ние сакаме да свириме мора да аранжираме композиции за нас. Секако има композитори кои пишуваат за нашите инструменти и тие се во нашата програма. Ние сме меѓу првите, ако не и први, кои правиме комбинација на овие инструменти кои даваат некои нови звуци и нови музички можности, изјави уметникот Лакетиќ.

Според него, публиката која го следеше овој настан беше прекрасна што беше дополнителен стимул за одличниот концерт.

– Јас сум од Србија и уште од мал слушав за „Охридско лето“. Сметам дека тој е еден од најголемите фетивали на Балканот и бевме премногу среќни кога добивме покана од фестивалот за да настапиме, исто така поддржани од Австриската амбасада, додаде Лакетиќ.

Од нивното формирање во 2013 година, дуото „Алиада“ веднаш станува впечатливо во светот на класичната музика, што резултира со бројни концерти насекаде низ светот. Во минатата сезона остваруваат повеќе од 80 настапи на пет различни континенти во престижни концертни сали како „Карнеги хол“, „Музикферајн“ во Виена, „Тонхале“ во Цирих, театарот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Театарот дел Лаго во Чиле и многу други. Нивната кариера започнува со победата на натпреварот „Фиделио“ каде едногласно им е доделена наградата „Гран при“. Нивниот прв албум насловен „Нови бои на минатото“ се здобива со одлични критики, а Дуото Алиада е вклучено во програмата „Новиот австриски звук на музиката 2016-17“ финансирана од австриската влада.

Во рамките на Вечерта на романтична музика за виола на „Охридско лето“, вечерва концерт ќе одржат Блерим Груби на виола и пијанистката Марија Вршкова.

На програмата се дела од композиторите Роберт Шуман и Франц Шуберт.

Уметникот Блерим Груби дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде и магистрира во класата на проф. Љ. Господинов. Се усовршува на мајсторски курсеви кај познатиот виртуоз на виола Јуриј Башмет на Академијата „Чигана“ во Сиена.

По завршувањето на студиите започнува да работи во Македонската филхармонија. Паралелно, тој континуирано ја развива и солистичката дејност, како рецитален и камерен уметник, земајќи учество во реномирани состави и настапувајќи на фестивали во земјите на поранешна Југославија, Италија, Германија, Австрија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Јапонија и САД.

Блерим Груби бил водач на група виоли на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, работел со ансамблите „Купрен“, „Вивенди“ и гудачкото трио „Косова“, студиото „Бахус“, а како солист настапува со Македонската филхармонија, оркестарот Скопски солисти, Камерниот оркестар на М.Ф., Камерниот оркестар на РТС, Симфонискиот оркестар на Радио телевизија Тирана, Оркестарот на операта и балетот од Тирана, Камерниот оркестар „Приштина“, Косовската филхармонија и др. Основал и подготвувал програма за натпревари и конкурси, а е иницијатор и основач на повеќе ансамбли, фондации и организации како Арс Косова, Сојузот на албански музички и балетски уметници во Македонија, а во 2012 година на покана од Универзитетот Коломбо-Париз, Франција одржува мајсторски курс за виола.

Тој има снимено две ЦД-а и ги има промовирано во Скопје, Приштина и Тирана. Актуелно е професор на Државниот универзитет во Тетово и на Приштинскиот универзитет.

Пијанистката Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена кум лауде, во класата на професорот Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзината најзначајна меѓународна награда е Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим – Италија.

Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти.

Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници, Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков, во 2010 година, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните фестивали во Македонија, како „Охридско лето“, ДММ, „Златна лира“ и „Есенски музички свечености“.

Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на Интернационалниот натпревар „Охридски бисер“ во 2009 година, како и три награди „Виртуози“ за музички изведувач во 2013 година и две награди за камерен состав во 2015 и 2016 година. Во моментот Марија Вршкова работи како доцент при ФМУ- Скопје.

Концертот на македонските уметници Груби и Вршкова ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути, а ќе може дасе следи и во живо на веб-страницата на „Охридско лето“
www.klinika.unet.mk

Исто така, видео-преносот ќе може да се следи и преку најавените линкови на фејсбук, како и на веб-порталите на медиумските спонзори на најзначајната културна манифестација, фестивалот „Охридско лето“.

Лајв-стримингот е новина што се практикува на сите светски фестивали. „Охридско лето“ во соработка со генералниот спонзор Т-HOME ја воведе ваквата практика на веб-продукција со цел фестивалот да се доближи до најсовремените ИТ-достигнувања.

Индонезиско-германското дуо, Исканадар Виџаја на виолина и Норман Виџаја на пијано, вечерва ќе одржи концерт на „Охридско лето“ со што ќе го затвори музичкиот дел од програмата на 57-то издание на фестивалот.

На програмата се дела од У. Виџаја, Ли Зили, Ц. Куи, Ф. Сај и Ж. Масене. Гостин на ударни инструменти ќе биде Ајкут Коселерли.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 22 часот.

Искандар Виџаја е роден во Берлин, започнува да учи виолина на четиригодишна возраст, а дипломира виолина на Универзитетот во Берлин во 2010 година. Соработува со некои од најпознатите диригенти и музичари на денешницата како Зубин Мехта, Кристоф Ешенбах, Роландо Вилазон, Фазил Сај и др., настапувајќи со престижни оркестри меѓу кои: оркестрите во Берлин, Минхенската филхармонија, оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Варшавската филхармонија, Радио –симфонискиот оркестар во Виена, како и оркестрите во Франкфурт, Валенсија, Осло, Базел, Хонг Конг, Џакарта и др. Настапите го водат на пет континенти во концертните сали меѓу кои: „Концертхаус“ во Берлин, „Тонхале“ во Цирих, Филхармонијата во Луксембург, операта во Тел Авив и многу други. Во 2013 година Исканадар настапува на отворањето на Самитот АПЕК, а е претставник на Индонезија на Светскиот настан ЕКСПО во Милано во 2015 година.

Неговото дебитантско ЦД „Бах и блуз“ е промовирано во 2011 година и наидува на одличен прием кај стручната критика. Второто снимено издание со музиката на Бах го реализира со Берлинската камерата во 2014 година, а третото ЦД „Танго фуего“ стигнува на врвот на класичните топ-листи во Германија.

„Роберт Музил и Првата Светска војна“ е темата на изложбата што денеска беше отворена во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Како што истакна амбасадорката на култура на Република Македонија во Австрија, Елена Мисиркова, Музил е еден од најзначајните а воедно и најмалку познат писател на 20 век од германското говорно подрачје.

– За Австриецот Роберт Музил може да се каже дека е еден од најзначајните автори од германското говорно подрачје којшто е воедно и најмалку познат кога зборуваме за 20-от век. Во август 1914 година тој ја презеде својата воена обврска во Горна Австрија каде што го има поминато и неговото детство и е учесник во Првата светска војна, истакна Мисиркова.

Изложбата првобитно беше продуцирана од литературната куќа „Минхен“, а кустоси беа Рајнхард Витман и Каролина Кин.Потоа беше адаптирана од Адалберт Штифтер Хаус, а кустос беше Александер Веран, и во оваа форма беше презентирана во Линц 2015/2016 година.

Проектот е финансиран од Дирекцијата за култура на покраината Горна Австрија. Координацијата, од македонска страна, ја има Почесниот конзул на Република Австрија, д-р Валентина Илиева, а од австриска страна ја има м-р Кристоф Х. Бенедиктер, по налог на Дирекцијата за култура на покраината Горна Австрија. Исто така, овој проет е поддржан и од Дирекцијата за култура на покраината Горна Австрија под раководство на директорот м-р Рајнхолд Кретер.

Изложбата „Роберт Музил и Првата светска војна“ за македонската јавност е преведена на македонски јазик и проширена со општ портрет на Роберт Музил. По фестивалот „Охридско лето“, поставката ќе биде поместена и во Штип.

Дуото „Алиада“ што го сочинуваат двајца „неверојатно талентирани и креативни музичари“, саксофонистот Михал Кнот и хармоникашот Богдан Лакетиќ, вечерва ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Концертот „Нови бои на минатото“ насловен како и нивниот прв албум, ќе донесе дела од Хендл. Григ, Пендерецки, де Фала, Барток и Пиацола, сите аранжирани за саксофон и хармоника од дуото.

Од нивното формирање во 2013 година, дуото веднаш станува впечатливо во светот на класичната музика, што резултира со бројни концерти насекаде низ светот. Во минатата сезона остваруваат повеќе од 80 настапи на пет различни континенти во престижни концертни сали како „Карнеги хол“, „Музикферајн“ во Виена, „Тонхале“ во Цирих, театарот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Театарот дел Лаго во Чиле и многу други. Нивната кариера започнува со победата на натпреварот „Фиделио“ каде едногласно им е доделена наградата „Гран при“. Нивниот прв албум насловен „Нови бои на минатото“ се здобива со одлични критики, а Дуото Алиада е вклучено во програмата „Новиот австриски звук на музиката 2016-17“ финансирана од австриската влада. Настапите на дуото редовно се емитуваат на австриските радио и телевизиски станици.

Концертот на дуото „Алиада“ ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути.