Светската оперска дива Елена Мошук една од најдобрите оперски певици во светот,на 12-ти јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 58-мо издание на фестивалот „Охридско лето“.

Настапот на сопранистката Мошук  заедно со познатиот тенор Калин Братеску и Оркестарот на Македонската филхармонија, ќе приредат незаборавно доживување како еден  од најексклузивните концерти што ќе се вброи во фестивалската историја на „Охридско лето“.

-Романската сопранистка Елена Мошук е една од најсветлите точки на оперската сцена во светот, а нејзините настапи се постојано следени со воодушевување од страна на публиката и критиката. Елена Мошук која има бројни настапи на сцените на водечките оперски куќи, им се приклучува на оперските великани кои настапиле на Античкиот театар, Лео Нучи, Барбара Фритоли, Елина Гаранча, Дмитри Хворостовски, Џеси Норман, Хозе Карерас и многу други, истакна министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, на денешната прес-конференција на којашто се промовираше фестивалската програма.

Алаѓозовски додаде дека во програмата на годинешното фестивалско издание се застапени и најдобрите македонски уметници и оркестри.

Тој потенцира дека фестивалот „Охридско лето“   е бренд на македонската култура и е еден од главните столбови на меѓународниот углед  на Македонија во културата и уметноста, поради што, како што рече, заслужува максимална поддршка.

– Министерството за култура годинава одвои 1,4 милиони денари за модернизирање на сцената Долни Сарај, која за кусо време ќе добие нов лик според сите светски стандарди. Ќе се осовременуваат самата сцена и гледалиштето, кои со текот на времето се прилично оштетени. Тоа е огромен зафат, но имајќи предвид дека „Охридско лето“ е нашиот амбасадор во светот и  го заслужува најдоброто, ја дадовме максималната поддршка.Со реализацијата на овој проект ќе се овозможи врвните уметници конечно да го добијат третманот што го заслужуваат, а со тоа и Фестивалот да се искачи скалило погоре во поглед на квалитетот што го нуди, рече министерот Алаѓозовски, нагласувајќи дека заштитата на Охридскиот регион, културното наследство и културниот туризам, остануваат врвни приоритети за Владата и Министерството за култура, на што сериозно и посветено се работи во координација со УНЕСКО.

Директорката на фестивалот „Охридско лето“, Сузана Вренцовска најави дека фестивалот и годинава ќе биде симбол за неповторливо уметничко доживување, и како што додаде, магијата на бројните светски музички гласови и големиот творечки дух на врвните театарски претстави, ќе бидат дел и од 50-те настани на годинешното фесетивалско издание.

-Со професионалноста и умешноста на новите селектори, професорот Васо Ристов и режисерот Александар Поповски, двајцата истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, кои зад себе имаат богата меѓународна професионална кариера, внесовме свежина во програмата, притоа, задржувајќи го квалитетот по кој нѐ препознаваат повеќе од половина век.Благодарение на посветеноста и залагањата на тимот на „Охридско лето“, успешно и навремено ги завршивме сите подготовки со што ќе бидеме достојни домаќини на повеќе од 800 уметници и бројни љубители на уметноста од целиот свет. На фестивалските сцени од 12-ти јули до 20-ти август ќе плени уметноста на бројните  музички, драмски, балетски претстави, изложби, како и настани за најмладите, кои, како дел од општеството, ја градат иднината на државата. Отворајќи ја токму за нив сцената на  „Охридско лето“ ќе ја всадиме уметноста во длабочината на детската  душа, како и почитта  за високите уметнички стандарди, рече директорката Вренцовска.

Според неа, најважно е да се гради брендот на институцијата, да се работи домаќински, да се почитува фестивалската традиција, но истовремено и да се воведуваат новини што ќе ја освежат програмата.

-Ве уверувам дека новините што ќе ги воведеме од ова фестивалско издание ќе го продолжат патот на успешната традиција но и ќе воведат модерна димензија која ќе ја надополни богатата фестивалска историја.Во таа насока на визуелниот идентитет за 58-то издание на Фестивалот, што ќе се користи за промотивниот материјал, носечката порака е Градот (Охрид) со својата специфична архитектура претставена како сцена за културни настани. На идејното решение изработено од  маркетинг агенција „Њу момент“,  охридските градби се претставени во модерен колор код со цел да се доближат  модерните текови до традицијата.  Годинава на Фестивалот ќе се користат и најсовремените технолошки и ИТ-достигнувања преку преносите во живо на некои од настаните од уметничката програма, најави Вренцовска, која на денешната прес-конференција се заблагодари на институциите во државата и на одделни фирми и претпријатија кои несебично го помагаат фестивалот „Охридско лето“.

Според музичкиот селектор на „Охридско лето“, Васо Ристов, со ексклузивните уметници кои ќе бидат дел од ова издание, Охрид ќе стане вистинска културна метропола и ќе привлече бројни посетители од целиот свет.

– Светските имиња од годинешната програма, солисти, состави, камерни и симфониски оркести, е доволна потврда дека програмата и годинава ќе ги оправда очекувањата на љубителите на музиката. Потврда дека годинешната програма значи истрајување на магистралните правци на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација, зацртани уште во нејзините почетоци. Веруваме дека настапите на големите светски уметници ќе бидат вистинско уметничко доживување за публиката и ќе дадат огромен придонес во документирањето на фестивалската историја во Р. Македонија и пошироко, истакна музичкиот селектор Ристов.

Како светски музички имиња од оваа програма, фестивалската публика ќе може да ги види великанот на пијанистичката фела, Николај Лугански, врвниот пијанист Александар Маџар, еден од најдобрите усно хармоникаши Антонио Серано, Барокниот ансамбл Вроцлавски од Полска, светски водечкиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас Бурдонкле. Љубителите на музичката уметност ќе можат да уживаат и во музицирањето на шпанската сопранистка Еугениа Боикс во пијано придружба на Ана Ферер,а  во традиционалната Вечер на Европска унија ќе настапи еден од најголемите австриски уметници,  пијанистот Роберт Лербаумер. Како дел од програмата ќе биде и Украинскиот Камерен оркестар, како и Кинескиот бамбус-флејта оркестар.Свое место во годинешната фестивалска програма, традиционално, ќе имаат и македонските уметници, а за годинешниот роденден на „Охридско лето“, е најавен концерт на познатата македонска група „Синтезис“.

Според селекторот Ристов, посебно место во програмата зазема и делото на Димитрие Бужаровски „Радомировиот псалтир, со учество на оркестарот, солистите и хорот при МОБ,  под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Фестивалскиот оган, годинава, на 20-ти август ќе згасне  на истото место како и свеченото отворање, на Античкиот театар, со  театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци. Станува збор за копродукциски проект на Словенечки Народен Театар СНГ Драма Љубљана, Цанкариев Дом и Градски Театар.

– Да се биде селектор за охридскиот фестивал е голема чест за мене и го прифатив ова со голема возбуда бидејќи поголем дел од моето творештво и моето време во театар го поминав по различни фестивали и ќе се обидам најдоброто што сум го видел да го пренесам, и како искуство, и како програма. Овојпат беше многу кратко времето за сето ова да се направи, ама мислам дека оваа година правиме база за сето она што следува понатаму, рече селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Александар Поповски.

Драмската програма нуди неколку театарски претстави, во најголем дел на домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија. Како дел од претставите ќе бидат  „Девојчето со жиците“ во режија на Марјан Неќак, копродукциски проект на СНГ Драма –Љубљана и Moving Music Theatre, Битола, премиерната изведба „Мизантроп“ на Театар „Комедија “ од Скопје, во режија на Ана Вукотиќ, претставата „Дантевата смрт“, во режија на Дино Мустафиќ, а  во изведба на Албански Театар-Скопје и други.

На 58-то издание на „Охридско лето“ учество ќе земат уметници  од 27 земји од Европа и светот, како Русија, Јапонија, Канада, Јужна Кореа, Куба, Белгија, Казахстан, Исланд, Велика Британија, Албанија, Швајцарија, Австрија, Кина, Италија, Франција, Шпанија, Германија, Полска, Хрватска, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија, Украина, Турција и секако, уметници од Македонија.

„Охридско лето“  како дел од Европската Фестивалска Асоцијација кој се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, а со финансиска поддршка од Министерството за култура, продолжува со успешните приказни за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал.

 

Kонкурс  за  избор на идејно решение на тема за подготовка на целокупниот промотивен материјал за предстојното фестивалско издание на „Охридско лето 2018„ година на Националната установа Охридско лето – Охрид

 

ДЕЛ I: Инструкции за учесниците

 

  1. ДОГОВОРЕН ОРГАН

1.1 Договорен орган е Националната установа Охридско лето – Охрид со седиште на адреса: ул. Партизанска  бр. 4, 6000 Охрид, со телефон 046/262-304, 046/261-304, факс 046/261-304, електронска пошта contact@klinika.unet.mk интернет адреса: www.klinika.unet.mk.

1.2 Лице за контакт кај договорниот орган е Антонио Стаматоски, Мр. Графички инженер, телефон 077/981 -122 или на електронска адреса: antoniostamatoski@yahoo.com

 

  1. ПРЕДМЕТ НА КОНКУРСОТ

Предмет на конкурсот е избор на идејно решение на тема за подготовка на целокупниот промотивен материјал за предстојното фестивалско издание на „Охридско лето 2018„ година на Националната установа Охридско лето – Охрид

 

  1. ТРОШОЦИ ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ

Кандидатите ги сносат сите трошоци поврзани со подготовката и со доставувањето на идејното решение, а договорниот орган не е одговорен за тие трошоци без оглед на водењето и на исходот од постапката за избор на идејно решение.

 

  1. КОНКУРСНИ УСЛОВИ

 

  • Конкурсот е објавен на 16.04.2018 година со број 01/2018 и е заверен под архивски број на установата 03-119/1 од 10.04.2018 година
  • Конкурсот е анонимен, а право на учество имаат домашни и странски, физички и правни лица. Учесниците на конкурсот се пријавуваат под шифра.
  • Секој од учесниците има право да учествува со по еден труд.
  • Краен рок за предавање на конкурсните трудови е 21.05.2018 година до 12.00 часот.

Оценувањето на идејните решенија поднесени на конкурсот за избор на идејно решение го врши жири комисија избрана од Договорниот орган. Изборот на идејните решенија ќе биде објавен, најдоцна во рок од 3 (три) дена од денот на завршување на конкурсот.

  • Темата за целокупниот промотивен материјал, предмет на овој конкурс треба да биде изработено во векторски формат.
  • Векторските фајлови да бидат снимени на CD и заедно со Конкурсните трудови скици треба да се предадат во А4 формат, во затворена обвивка со натпис: Конкурс број 01/2018, со шифра и препорака „Не отварај“! Потребно е секој прилог да се нумерира со реден број во долниот десен агол и со истата шифра во горниот десен агол, како и да се приложи список на прилозите со редниот број. Податоците за авторот треба да се наведат во посебен затворен плик приложен во трудот со назнака „Автор“и назначен со истата шифра. Податоците за адресата на која треба да се врати неприфатениот труд треба да се наведат во друг плик со назнака „Адреса за враќање на трудот“ и назначен со истата шифра. Конкурсните материјали и останатата коресподенција поврзана со конкурсот се пишува на македонски јазик.
  • Трудовите се предаваат во архивата на Национална Установа – Охридско лето – Охрид на ул. Партизанска бр. 4 6000, Охрид.
  • Доколку конкурсните трудови не се спакувани како што се бара, Договорниот орган не презема никаква одговорност за ненавремено или некомплетно пристигање во архивата, губење на дел од содржината или предвремено отворање на истите.

 

  1. ЈАЗИК НА КОНКУРСОТ ЗА ИЗБОР НА ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ

Конкурсните трудови, како и целата кореспонденција и документи се доставуваат на македонски јазик.

Доколку на конкурсот учествува странско лице конкурсниот труд го доставува на македонски јазик или на англиски јазик со задолжителен превод на македонски јазик.

Доколку дојде до не усогласување помеѓу македонскиот и англискиот текст, ќе преовладува верзијата на македонски јазик.

Целата кореспонденција помеѓу договорниот орган и учесниците ќе се одвива на македонски јазик или на англиски со превод на македонски јазик.

  1. ЖИРИ КОМИСИЈА ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ

 Жири комисијата ќе одлучи со кој автор/и ќе се склучи договор за откуп на авторско право, согласно конкурсните критериуми.

Жири комисијата ќе поднесе извештај за својата работа и ќе ги објави резултатите од конкурсот најдоцна во рок од 3 (три)   дена од предавањето на трудовите. Неприфатените трудови се враќаат во рок од 3 (три) дена од денот на одлучувањето.

Авторите на наградените трудови и сите учесници на конкурсот ќе бидат писмено известени за резултатите од Жири комисијата.

Членовите на Жири комисијата немаат право на учество на конкурсот.

 

  1. КОНКУРСНИ КРИТЕРИУМИ

 

  • Уникатност на идејното решение;
  • Високо ниво на иновативност, впечатливост и оригиналност;
  • Идејното решение треба да содржи уметничко – естетските елементи препознатливи за дејноста на установата
  • Изводливост на решението.

 

  1. НАГРАДИ И ОТКУП

Договорниот орган ќе додели награда за избраното најдобро идејно решение во висина од 30.000,00 денари нето

Оваа награда истовремено ќе претставува и откуп на авторските права и обештетување на авторот во целост, за што истите мора да пополнат и достават соодветни Изјави за согласност.

Изјавите за согласност за откуп/отстапување на авторските права се однесуваат и важат за сите понуди доставени до договорниот орган како идејни решенија.

Со исплатата на наградата за идејно решение НУ Охридско лето – Охрид се стекнува со  авторското право на идејното решение на горенаведениот предмет на конкурсот.

Договорниот орган го задржува правото да не додели награда, односно да не изврши откуп на идејно решение.

 

  1. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
  • Со предавањето на конкурсниот труд (идејно решение) секој учесник ги прифаќа условите на конкурсот.
  • Секој учесник поединец или група, може да учествува само со еден труд.
  • Распишувачот на конкурсот со доделување на наградата ги откупува авторските права,
  • Жири комисијата нема да ги разгледува оние конкурсни трудови кои што ќе пристигнат по предвидениот рок или не се изработени според програмата.
  • Членовите на жири комисијата немаат право на учество во овој конкурс.
  • Нарачателот го задржува правото да изврши измени и корекции на наградените трудови.

 

 

Охрид, Април 2018 година                                Претседател на Жири  комисија

 

” За мене, најважно да се гради брендот на институцијата. Слободно можам да најавам врвна уметност низ 40. фестивалски денови низ кои ќе преовладува класичната музика и театарот кои се главен белег на Фестивалот. Сцената Долни Сарај, за многу скоро време ќе добие сосема нов лик, а работиме и на тоа да се покрене иницијатива за изградба на концертна сала која навистина е потребна…”, вели меѓу другото Вренцовска, директорка на “Охридско лето”

На чело на Охридско лето сте од минатата година. На што работевте во изминатиот период за поголема афирмација и подобрување на фестивалот?

Да се биде на чело на врвна манифестација која повеќе од половина век е во центарот на светските уметнички достигнувања и собиралиште на најпознатите уметници и театарски куќи, и притоа да се сочуваат високите критериуми, значи макотрпна работа, многу труд, многу откажувања, но значи и огромна чест и привилегија. Смената на менаџерската позиција, како што знаете, се случи во самиот тек на минатогодишното фестивалско издание, но кога зад себе оставате успешно реализирана работа заборавате на сите потешкотии и на сите неправилности во работењето кои сте ги наследиле. Заедно со тимот, кој знае како треба да се работи професионално, се справуваме со сите предизвици. Изминатиов период реализиравме бројни активности се со цел да имаме уште едно незаборавно фестивалско издание. Го вративме прес центарот, ги санираме сите недостатоци на сцените каде што на кој се одвива програмата, работиме на подобрување на маркетинг стратегијата, имаме план да реализираме и повеќе настани во живо на интернет. Наша цел е фестивалот оваа година да ги сруши рекордите во посетеност. Богата програма, тенденција на доближување на културата до граѓаните, како и развој на културниот туризам преку промоција на културното наследство, е она што годинава ќе го препознаат љубителите на уметноста и нашата верна публика. За мене, како прв човек меѓу еднаквите во фестивалот, е најважно да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата.

Оваа најреномирана манифестација во земјава годинава доби помалку средства за својата реализација. Ќе значи ли ова и помалку гости или помалку познати имиња?

Годинешнава програма и покрај намалениот буџет ќе донесе нешто ново и свежо, едно необично и возбудливо издание. Секако дека ќе го задржиме квалитетот кој е препознатлив за фестивалот изминативе 57 години. Со оглед дека е најреномирана интернационална светски признаена манифестација мора да ги има на сцена и најдобрите уметници. Квалитетот зависи и од умешноста на самите селектори. Со самото тоа што Александар Поповски, еден од нашите најуспешни театарски и филмски режисери и проф м-р Васо Ристов од Факултетот за музичка уметност во Скопје, се двајца истакнати уметници и културни работници кои зад себе имаат богата домашна и меѓународна кариера, одговорно тврдам дека програмата ќе биде исклучително квалитетна. Имало години кога програмата се реализирала со приближно исти средства, а на сцената сме ги имале најголемите светски уметници како оперската легенда Дмитри Хворостовски во 2013, кој ќе остане запишан во фестивалската историја како еден од најголемите ѕвезди кои настапиле на сцената од Охридско лето. Сепак неспорен е фактот дека за вака врвен Фестивал кој е презентер на македонската култура и уметност треба да има повеќе средства и искрено верувам дека буџетот за следните изданија ќе биде далеку поголем.

Охридско лето е врвен настан, па и спонзорите се секогаш благонаклони во поддршката на врвната уметност. Каква е ситуацијата на овој план?

Што се однесува до годинешново 58 издание се потрудивме да обезбедиме повеќе средства од спонзорите кои изразија подготвеност за поддршка се со цел на фестивалот да видиме врвни музички имиња и квалитетни театарски креации од земјава и светот. Партнерството со повеќето од спонзорите трае долги години и е засновано на доверба, разбирање и почит, значајно за развојот на културата, но и можноста во нашата земја да настапат светски познати музички и театарски имиња. Горди сме исто така и на моментот што во кругот на пријателите има и нови, некои за прв пат, а кај некои сме ја вратиле довербата која претходно била разнишана. Секогаш потенцираме дека без нашите верни пријатели не би можеле да ја испишуваме успешната приказна низ фестивалската историја.

Со оглед дека подготовките за програмата за секое наредно издание започнуваат со месеци однапред, можете ли да ни откриете на што ќе биде ставен акцент годинава?

И годинава направивме многу и слободно можам да најавам врвна уметност низ 40. фестивалски денови низ кои ќе преовладува класичната музика и театарот кои се главен белег по кој Фестивалот е надалеку признаен и вреднуван. Самиот податок дека Охридско лето носи околу 1.000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот, над 30.000 посетители, љубители на уметноста, е доволен показател дека треба многу да сработиме за успешно фестивалско издание. Најважно од се ни е со квалитетната и атрактивна програма да се допре до што повеќе луѓе. Напоредно со ова сметаме дека треба да се подобруваат и просторните услови. Охридско лето знаете дека е летен фестивал и претежно се одвива на отворени сцени, но мора да се има предвид дека во случај на временски неприлики не постои алтернатива за голем настан како што е свеченото отворање на фестивалот. Токму затоа работиме и на тоа да се покрене иницијатива за изградба на концертна сала која навистина е потребна на еден град кој секогаш го носи епитетот- град на културата и уметноста.

Во поглед на активностите за уредување на сцените и подобање на условите, годинава се најавува и санација на сцената Долни Сарај?

Токму така. Сцената Долни Сарај, за многу скоро време ќе добие сосема нов лик. Со средства од Министерството за култура во висина од 1,4 милиони денари ќе се прават зафати на самата сцена како и на гледалиштето кои со текот на времето се прилично оштетени. Тоа е огромен зафат, но водејќи се од визијата дека Охридско лето го заслужува најдоброто, си дадовме задача да успееме во тоа. Ова е еден од најрепрезентативните и најубавите сцени во Охрид и навистина сме среќни што конечно со ваквите зафати ќе добиеме една современа сцена според сите светски стандарди. Претходно на оваа сцена беше поставена нова санитарна инсталација, нов енергетски систем, направени беа и комплетно нови гардероби за уметниците.

Секоја година фестивалот се искачува скалило погоре

Каква е годинава заинтересираноста на странските уметници за присуство на Охридско лето и дали веќе имате некои првични договори?

Морам да признам дека интересот за настап на фестивалот е огромен, секојдневно пристигнуваат многу апликации од светски познати уметници и токму тоа ни дава за право да најавиме поуспешно и поатрактивно издание од претходното. Наша мисија е да се надмине она што е постигнато и секоја година фестивалот да се искачува скалило погоре. Програмата веќе добива конечна рамка и за многу скоро време ќе биде промовирана во јавноста. Свеченото отворање на 12 јули, роденденот на 4 август и затворањето на 20 август, ќе бидат посебни настани кои убедена сум дека ќе предизвикаат воодушевување кај публиката. Врвни светски и домашни уметници ќе настапат и во црквата “Света Софија”, а посебно уживање ќе приредиме со високата театарска уметност. Свесни сме дека “Охридско лето” е препознатлив белег на македонскиот културен идентитет и настојуваме да го понудиме најдоброто од светската и домашната уметничка сцена..

(Д.Т)

 

https://vecer.press/%D0%B8%D0%BD%D1%82%D0%B5%D1%80%D0%B2%D1%98%D1%83-%D1%81%D0%BE-%D1%81%D1%83%D0%B7%D0%B0%D0%BD%D0%B0-%D0%B2%D1%80%D0%B5%D0%BD%D1%86%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B0-%D0%B4%D0%B8%D1%80%D0%B5%D0%BA%D1%82/

 

 

 

Н.У „Охридско лето“ ја информира јавноста дека го раскина договорот за соработка со музичкиот селектор Ѓорѓи Цуцковски, по претходна согласност од Управниот одбор на Установата. Соработката се прекинува поради неисполнување на обврските дадени во договорот.

Управниот одбор на Н.У „Охридско лето“ на вчерашната седница го прифати предлогот за именување нови селектори. За драмскиот дел од програмата како селектор е именуван Александар Поповски, еден од нашите најуспешни театарски и филмски режисери. За музичкиот дел од програмата на Фестивалот „Охридско лето“. како селектор е именуван проф м-р Васо Ристов од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје.

Се работи за истакнати уметници  и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната театарска и музичка јавност, со богата меѓународна професионална кариера. Фестивалот „Охридско лето“ очекува од новоименуваните селектори да ги вложат своите капацитети максимално и да бидат активни креатори на уметничката програма на годинешново фестивалско издание, во духот на богатата меѓународна традиција, реноме и значење на Охридско лето.

 

http://kultura.gov.mk/index.php/odnosi-so-javnost/novosti/3662-2018-03-24-10-33-08

 

 

Годинава Охридско лето доби 23 милиони денари од Министерството за култура, за разлика од лани кога доби 30,5 милиони денари, а директорката на фестивалот Сузана Вренцоска вели дека ќе донесат врвни уметници и со помалку пари од тие што ги барале.

„Иако програмата на годинешново Охридско лето се подготвува, најавуваме дека на охридските сцени летово ќе имаме прилика да видиме уметници од музичкиот и драмскиот свет кои се во самиот врв во светот. Нивните имиња ќе бидат соопштени кога ќе дојде време за тоа, но знаеме дека тие се врв во уметноста”, вели Вренцоска.

И покрај поголемиот буџет, ланското издание на Охридско лето се смета за едно од најбледите.

„Навистина добивме помалку средства од бараните, но тоа ќе го надоместиме на друг начин. Ние обезбедуваме и сопствени средства од продажба на билети, но и преку спонзорство. Можам да ви кажам дека кај спонзорите постои подготвеност финансиски да нѐ поддржат,со цел на фестивалот летово да видиме врвни музички и драмски имиња од земјава и од странство”, вели Вренцоска.

И СО ПОМАЛКУ ПАРИ НА ОХРИДСКО ЛЕТО ЌЕ ДОНЕСЕМЕ ВРВНИ УМЕТНИЦИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА ВРЕНЦОСКА

Еко Клуб ПЛУС ДОО Битола е водечка комунална компанија во регионот на југозападна Македонија и пошироко на Балканскиот полуостров. Постои веќе 27 години и е прва приватна комунална компанија во Македонија. Основни дејности се еколошки и комунални услуги кои се изведуваат со сопствена механизација.Оваа компанија е една од верните помагатели на фестивалот „Охридско лето“. Оттаму најавуваат дека заемната соработка ќе продолжи и во иднина.

 

 

Охридско лето: Од особено значење е Вашата помош како помагател на  фестивалот „Охридско лето“. Вашето дејствување во оваа сфера од културното  живеење на Република Македонија помагајќи ја најзначајната манифестација,  вроди со многу значајни настани кои ја збогатија културната програма во земјата и го подигнаа нејзиното ниво. Колку се чувствувате заслужни за тоа и како ја оценувате соработката со „Охридско лето“?

 

Игор Салевски: Можам да кажам  дека ние како компанија Еко Клуб  со 27 години искуство во областа на  комуналната дејност сме задоволни од соработката со фестивалот„Охридско лето“. Имаме еден искрен однос на соработка, разбирање и почитување се надеваме дека во иднина ќе соработуваме заедно.

 

Охридско лето: Фестивалот „Охридско лето“ со години наназад е на врвот на светската уметничка сцена на која продефилираа големи музички имиња со светско реноме. Кој настан, кој уметник ви остави најголем впечаток во текот на изминатите фестивалски изданија?

 

Игор Салевски: Секогаш сме  добредојдени и поканети од Ваша страна но да ви кажам искрено не се сеќавам кои музички имиња ми оставија впечаток зашто ги имаше навистина многу низ изминатите години, па и децении.

 

Охридско лето: Долгогодишно партнерство се заснова на доверба, разбирање и почит.
Фестивалот кој е гордоста на македонската уметност и култура, нешто што трае над  пет децении,секогаш до себе ги има најголемите и најзначајните компании, организации…..Ќе продолжите ли заеднички по патот во градењето на иднината на најпрестижната манифестација?

 

Игор Салевски: Секако, ние се надеваме дека ќе соработуваме и во иднина и од наша страна се надевме дека ќе дадеме уште поголем придонес за овај фестивал. Сите заедно,  ќе го направиме уште попрестижен и уште повеќе промовиран.

Виното е повеќе од само обичен производ. Виното е приказна која раскажува за почвата, сонцето, ветерот – за земјата каде е создадено, виното е приказна која ја пренесува енергијата на луѓето кои учествувале во неговото создавање.Винарската визба „Тиквеш“ ја раскажува приказната за Македонија како винска земја уште од 1885 година, позиционирајќи го „Врвното од Македонија“ на врвот, не само на регионално ниво, туку и глобално. „Тиквеш“,  еден од најзначајните играчи во винската индустрија во Европа и светот, со фестивалот „Охридско лето“ негува долгогодишно партнерство  засновно на доверба, разбирање и почит. Поддршката за „Охридско лето“ продолжува и во иднина, најавуваат од „Тиквеш“

 

 

Охридско лето: Од особено значење е Вашата помош како спонзор на  фестивалот „Охридско лето“. Вашето дејствување во оваа сфера од културното  живеење на Република Македонија помагајќи ја најзначајната манифестација,  вроди со многу значајни настани кои ја збогатија културната програма во земјата и го подигнаа нејзиното ниво. Колку се чувствувате заслужни за тоа и како ја оценувате соработката со „Охридско лето“?

 

Винарска визба „Тиквеш“: Претставува огромно задоволство да се соработува со манифестација со толкава традиција и реноме, како што е „Охридско лето“. Овој фестивал е еден од ретките што толку долго време во континуитет на домашната публика и секако на странските посетители им овозможува да присуствуваат на врвни уметнички изведби и слушнат/видат уметнички имиња од светски калибар. За тоа се заслужни луѓето што се дел од неговата организација и нам ни претставува чест да овозможиме нивна поддршка и придонесеме за успешноста на фестивалот кој има огромно значење не само за понудата на културно-уметнички содржини кај нас, туку и за промоција на Охрид и Македонија надвор од границите на нашата земја.

 

 

Охридско лето : Фестивалот „Охридско лето“ со години наназад е на врвот на светската уметничка сцена на која продефилираа големи музички имиња со светско реноме. Кој настан, кој уметник ви остави најголем впечаток во текот на изминатите фестивалски изданија?

 

Винарска визба „Тиквеш“ : Неблагодарно е да се издвојуваат конкретни имиња и настани. Квалитетната и богата програма одново и одново нуди неверојатно доживување за публиката, а локациите на концертите дополнително придонесуваат за беспрекорниот впечаток. Можеби во последните неколку години поактуелни стануваат мултимедијалните проекти, затоа што освен музичко овозможуваат и визуелно уживање за публиката.

 

 

Охридско лето: Долгогодишно партнерство се заснова на доверба, разбирање и почит. Фестивалот кој е гордоста на македонската уметност и култура, нешто што трае над  пет децении,секогаш до себе ги има најголемите и најзначајните компании. Ќе продолжите ли заеднички по патот во градењето на иднината на најпрестижната манифестација?

 

Винарска визба „Тиквеш“: Винарската визба „Тиквеш“ има долгорочна стратегија и цврста определба да поддржува вакви манифестации. Тоа се вклопува со вредностите што ги негуваме и нашите напори преку промоција на еден од најпознатите македонски производи – виното да придонесеме кон промоција на целата земја, етаблирајќи ја како производител на врвно вино, но и како туристичка дестинација. Од тој аспект целите и активностите на ВВ „Тиквеш“ и на фестивалот „Охридско лето“ се компатибилни и секако дека и во иднина ќе останеме посветени во оваа област. „Тиквеш“ е бренд  со имиџ и репутација на висок квалитет, а токму таква е и репутацијата на овој фестивал. Оттука, понатамошната соработка во зачувување на реномето и високиот квалитет на манифестацијата се повеќе од извесни.

 

 

Охридско лето: Накусо, за Вашите планови во Новата 2018 година?

 

Винарска визба „Тиквеш“: Секоја година ВВ „Тиквеш“ остварува поголеми успеси во однос на претходната и тоа секако планираме да го повториме во 2018. И следната година ќе продолжиме да воведуваме новини во нашето портфолио, водејќи сметка за барањата и потребите на потрошувачите, претставувајќи им ги последните трендови во индустријата. Ова важи и за пазарите каде што се присутни нашите вина, но и на нови пазари, затоа што пробив на нашите вина во странство е секако дел од долгорочната стратегија за развој на компанијата и понатамошен раст и успех. Ќе продолжиме да ја развиваме винската култура во земјата, како и да ја промовираме Македонија и македонското вино надвор од земјата. Очекуваме и многу награди за нашите вина на реномирани меѓународни вински натпревари со што дополнително ќе го зајакнеме имиџот на „Тиквеш“ и на Македонија како врвен производител на вино.

 

Фестивалот Охридско Лето жали за големата загуба, смртта на светската оперска легенда Дмитри Хворостовски, кој ќе остане запишан во фестивалската историја како еден од најголемите ѕвезди кои настапиле на сцената од Охридско лето.

Големите личности  секогаш имале посебно место  на сцената на Охридско лето.  Вечно ќе му бидеме благодарни на овој музички гениј, кој на отворањето на Охридското лето во 2013 година, одржа спектакуларен концерт во Античкиот театар.

 

 

Воодушеви со неговата скромност и харизма. Без посебни специјални барања, освен во неговата соба да нема цвеќиња со интензивен мирис.

– Македонската публика е многу топла и пријателска. Бев многу среќен што пеев на оваа сцена, возбуден од целата убавина што ме опкружува. Сигурно пак ќе дојдам со моето семејство – изјави Хворостовски по концертот во Охрид каде пристигна заедно со синот  Максим. Уживаше во секој миг додека престојуваше во градот. Воодушевен од прекрасниот поглед на езерото рече дека глетката е доволна за да се чуствува како во рајот.

-Не ми  треба ништо друго. Доволно е ова место за да ја имам врската со бога, рече славниот уметник.

 

 

Светската оперска легенда Дмитри Хворостовски, кој ќе остане запишан како еден од најголемите звезди во фестивалската историја на Охридско лето почина на 55 годишна возраст  во неговиот дом во Лондон.

– Во името на семејството Хворостовски, со голема жалост објавуваме дека почина Дмитри Хворостовски – сакан баритон, сопруг, татко, син и пријател. Тој почина мирно утрово, опкружен со семејството во близина на неговиот дом во Лондон. Нека топлината на неговиот глас и дух секогаш бидат со нас – објави семејството.

 

Во 2015 година му беше дијагностициран тумор на мозок.  Легендарниот пејач се врати на сцена кратко по првата сесија со терапија во септември 2015 година. Заедно со рускиот сопран Ана Нетребко, изведе делото „Трубадур“ од Верди, во Метрополитен операта во Њујорк. Кога Хворостовски излегол на сцена, салата еруптирала од аплаузи.

Хворостовски е еден од најпопуларните оперски ѕвезди, кој настапувал на најголемите светски сцени и со најпознатите солисти и диригенти.

 

 

Rоден e во Краснојарск, Сибир, Русија на 16 октомври 1962 година. Во 1989 година ја освоил престижната награда „Кардиф“ на светски натпревар. Од почетокот на неговата кариера, публиката беше одушевена од неговиот култивиран глас, природното легато. По оперското деби на Запад, во операта во Ница со „Пикова дама“ на Чајковски, неговата кариера доживеа врв во најголемите оперски куќи и фестивали, меѓу кои Ројал опера хаус, Ковент гарден, Метрополитен, Париската опера, Миланска Скала. Станал првиот оперски пејач што настапил соло со оркестар и хор на Црвениот плоштад во Москва, концерт пренесуван во повеќе од 25 држави.

Вечна му слава.