Во рамки на традиционалната Италијанска вечер на фестивалот „Охридско лето“  вечерва ќе настапат тенорот Алесандро Фантони и пијанистот Џорџо Мартано.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

Алесандро Фантони е роден во Џенова, студирал на Академијата за опера при операта во Цирих, Швајцарија, а се усовршувал со Роберто Сервиле. Дебитирал покрај него како Габриеле Адорно во  „Симоне Боканегра“ и Исмаеле во „Набуко“ во операта во Пјаченца. Првото интернационално деби на Фантони е во Данската национална опера во Архус каде на сцената исполнува повеќе главни улоги од италијанскиот репертоар. Неговите улоги ги вклучуваат повеќето тенорски ликови од „железниот“ репертоар кои ги изведува под диригентските палки на Фабио Луизи, Нело Санти, Марко Армилато, во продукции режирани од Бери Коски, Гриша Асагароф и др. Во изминатите сезони настапува во Куќата на музиката во Москва, во театарот „Карло Феличе“ во Џенова, во Арена ди Верона и театарот „Сан Карло“. Поддружуван е од Фондацијата која го носи името на Лучано Павароти, а концертно ја изведува тенорската партија во Деветтата симфонија на Бетовен во Токио, и Росиниевата „Мала света миса“ во Марсеј. Алесандро Фантони е добитник на повеќе награди на натпревари за соло-пеење во Италија.

Џорџо Мартано е пијанист и чембалист. Студира и дипломира во Италија, а за време на студиите се стекнува со искуство како корепетитор на соло пејачи со особен афинитет кон лирскиот репертоар. Како репетитор се здобива со диплима од Академијата на Миланската скала, каде корепетира и работи на проби како музички асистент на повеќе продукции, а соработува и со балетскиот ансамбл како музички соработник. Во 2012 година по пат на аудиција е ангажиран во Театарот во Комо каде и денес  работи, додека пак во 2014 година остварува соработка со театарот „Станиславски“ во Москва.  Во 2015 година е избран за репетитор во театарот „Џузепе Верди“ во Трст, а истата година победува на аудицијата за продукцијата на Академијата во Равена која ја диригира Рикардо Мути.  Од 2015 година соработува и со оперските куќи во Дубаи и Оман. Од особено значење за Мартано се едукативните проекти за најмладите, па така тој соработува во повеќе продукции кои се инспирирани од лирскиот оперски репертоар, а се наменети за деца од различни возрасти.

Барокниот ансамбл  „Teatro Alla Moda” од Холандија вечерва ќе одржи целовечерен концерт во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе настапат Лилија Славну-барокна виолина, Диего Надра-барокна обоа, Џошуа Четам-виола да гамба, како и чембалистката Цветанка Созовска.

Земајќи го името од дискурсот на Бенедето Марчело (напишан во 1720), „Teatro alla moda” е ансамбл кој ја негува историски автентичната интерпретација на барокната музика. Членовите на ансамблот доаѓаат од различни културни средини, но заедничкиот јазик го наоѓаат во Холандија за време на нивните студии на Кралскиот конзерваториум во Хаг.

Комбинирајќи виртуозност и темелно „читање“ на делата од барокниот репертоар, овие музичари истражуваат материјали кои ги комбинираат различните барокни инструменти виолина, барокна флејта, обоа, виола да гамба и чембало и изведуваат дела од многу раниот барок па до раната класика.

„Teatro alla moda”, редовно настапува во Холандија, а на интернационалната сцена настапуваат на фестивали во Исланд, Франција, Португалија и Р.Северна Македонија.

Во рамките на офф-програмата на фестивалот „Охридско лето“ синоќа на Античкиот театар во Охрид се одржа целовечерен концерт на ансамблите на народни игри и песни „Танец“ од Република Северна Македонија и „Ладо“ од Хрватска.

Ноќта насловена како „Танец и Ладо под ѕвездите“ донесе дел од богатата ризница на двете земји преку вокално-инструменталната музика и народните танци што како подвижни музеи ги изведуваа двата професионални ансамбли.

-„Танец“ и „Ладо“ се две различни естетики и интересно е да се види тој контрапункт помеѓу нив.  Публиката го виде хрватскиот фолклор кој и заради поднебјето и заради процесите што се одвивале, дише со една елеганција, со една прочистена песна, игра и свирка, како и македонскиот фолклор  преку „Танец“ кој е фуриозен и полн со набој, рече уметничката директорка на „Танец“ Бранка Костиќ-Марковиќ.

Според неа, „Танец“ самиот по себе е изненадување особено што концертот се случува после долга пандемиска пауза.

-Сите вработени се со еден посебен набој во што се уверивме на претходните концерти. Овој циклус концерти почна во  Струмица каде што „Танец“  сам се претстави под отворено небо. Тоа е проектот „Танец под ѕвездите“ со три големи концерти, во Струмица, како и во Битола и во Охрид каде што настапивме заедно со ансамблот „Ладо“ кој по 19 години пауза повторно остварува соработка во нашата земја, дополни Костиќ-Марковиќ.

Како што појасни таа, „Танец“ етапно почна да се враќа на сцената со оркестарот и хорот.

-Поминавме пет градови во  земјава и уште таму се виде колку им недостасувала музиката и на музичарите и на публиката. Не е нескромно да се каже дека „Танец“ повеќе од седум децении постои и воодушевува насекаде во светот. Тој е подвижен музеј и вистински амбасадор на македонската ризница, рече уметничката директорка на ансамблот Бранка Костиќ-Марковиќ.

И хрватскиот фолклор преку  членовите на „Ладо“ на сцената на Античкиот театар привлече огромно внимание кај публиката.

– Ансамблот „Ладо“ како единствен професионален фолклорен ансамбл  по 19 години е повторно во Република Северна Македонија и настапува со нашите драги пријатели  и соработници од „Танец“. Сакавме да донесеме комбинација од вокално-иструментална и танцова програма од различни краеви  на Република Хрватска, рече директорката на ансамблот „Ладо“ Илеана Јурин Бакотиќ.

Концертот на професионалните ансамбли „Танец“ и „Ладо“ што се одржа во организација на „Охридско лето“ имаше хуманитарен предзнак. Собраните средства од продажбата на билети ќе бидат донирани за потребите на здравствениот систем.

Во релаксиран звучен амбиент, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ вчеравечер на „Охридско лето“ изведе серија восхитувачки интерпретации на дела од Вивалди, Респиги, Чајковски, Холст, Дворжак, Брамс, Григ, Сарасате, Иванов и Хајдрих.

Импресивното музицирање под сводовите на црквата „Света Софија“, суптилната и прецизна изведба на програмата под диригентската палка на маестро Борјан Цанев се резултат на силниот инспиративен жар, младоста, креативноста, и пред сѐ, на професионалноста на младите високообразувани уметници. Солист на вечерта беше младата флејтистка Богдана Бушевска која ја изведе композицијата „Цигански напеви“ од Пабло де Сарасате.

Со овој традиционален концерт, Камерниот оркестар на МММ одбележа јубилеј, 35 години од своето постоење. Основан е како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година.

-Триесет и пет години, тоа е како да градите куќа и сметате дека се доволни еден или два ката, но со помош на големите млади мајстори, еве стигнавме и до 35-от кат.  Камерниот оркестар сега веќе е респектабилен солитер познат во светски рамки, и мислам дека тоа повеќе им значи на тие што досега биле дел од него, а тоа се над 350 музичари. Многу значајни и големи спомени, многу дружења, социјализирање, учење еден од друг, градење кариера…. Голем дел од нив  се веќе респектабилни и многу познати македонски музичари, не само овде, во Македонската филхармонија и Националната опера и балет, туку и во странство, истакна претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски.

Диригентот на вечерта, Борјан Цанев, рече дека за концертот по повод јубилејот е направена посебна програма што е сублимат на сите изминати години, на сите македонски диригенти кои ги воделе камповите на овој камерен состав во Охрид, почнувајќи од основачот, Фимчо Муратовски, преку неговите студенти, Горјан Коруноски, Саша Николовски- Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, самиот Цанев, Мирослав Спасов, Елена Митревска, Олег Кондратенко….

-Многу бевме мотивирани, и да бидам искрен, срцето е полно со емоции. Се надевам дека ова ќе продолжи и во иднина бидејќи во коренот, во основата е иднината. На овие млади луѓе треба да им се помогне. Како и секогаш, Музичката младина на Македонија е една од ретките којашто го прави тоа, а секако и „Охридско лето“ како институција којашто им дава поддршка за да можат да го реализираат тоа што го планираат, додаде маестро Цанев.

Во знак на благодарност за целокупната поддршка што ја дава Националната установа „Охридско лето“, Музичката младина на Македонија синоќа ѝ врачи плакета на директорката на оваа установа, Наташа Поповиќ.

-Огромно е задоволството да се поттикнат  и поддржат младите музичари зашто музиката е живот за уметниците. Поддршката и соработката со Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија траат три и пол децении и се разбира дека ќе продолжат и натаму, рече Поповиќ.

 Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но и гости музичари од други земји. Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините ѝ се наметна на музичката јавност не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.

Во рамки на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва  од 20 часот во црквата „Света Софија“ ќе настапи Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски –Ѓумар“. Солист на вечерта ќе биде флејтистката Богдана Бушевска.

Со вечерашниот концерт ќе биде одбележан јубилејот, 35 години од постоењето на овој камерен состав.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав,  а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската Федерација на музичка младина.

Веќе 35 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 14 години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент  Саша Николовски-Ѓумар.

Добитникот на македонското признание Виртуози  за „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во С. Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти: сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати, Јанош Фурст и Сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство. Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Покрај горе споменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Штефан Дор, Готје Капусон, Симон Трпчески, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други. Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство.

Фестивалот „Охридско лето“ вечерва  организира хуманитарен концерт со ансамблите на народни игри и песни „Танец“ од Република Северна Македонија и „Ладо“ од Хрватска.  Концертот ќе се одржи на Античкиот театар со почеток во 22 часот.

Како што информираат од фестивалската дирекција, средствата собрани од продажбата на билети ќе бидат донирани за потребите на здравствениот систем,  како благодарност за се она што го прават медицинските лица при справувањето со пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

„Танец“  е првиот професионален фолклорен ансамбл во Република Северна Македонија, кој е формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да го поставува и претставува она што е највредно од богатата ризница на македонскиот народ. ТАНЕЦ, чие име го симболизира македонскиот народен танц (оро) е амбасадор на македонската народна уметност и култура каде и да се појави – без разлика дали е на најоддалечените континенти или меѓу неговите сонародници и во странство и дома. Како конзерватор на уметноста и жив и подвижен музеј на нашето културно богатство. Танец ја шири низ светот убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и секаде низ Европа. Во текот на своите 72 години од своето постоење, ТАНЕЦ има учествувано на повеќе од 5000 концерти и фестивали, пред преполните концертни сали во: Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто, Аделаида, Мелбурн … Ансамблот не препознава ниту граници, ниту растојанија. Се чувствува како дома насекаде и вратите му се широко отворени каде и да оди.

Хрватскиот ансамбл за народни игри и песни ЛАДО е национален професионален фолклорен ансамбл основан во 1949 година, со задача и цел да ги истражува, собира, уметнички да ги обработува и сценски да ги претставува најубавите примери од богатата хрватска музичка и танцова традиција.

Преку својата работа, ЛАДО ги обединува најпознатите хрватски етнокореолози и кореографи, етномузиколози, музички аранжери и фолклористи, но и композитори и диригенти, инспирирани од народната музика. Сето ова резултира со импресивен кореографски и музички репертоар, со повеќе од сто кореографии и стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални нумери, во кои е пред сѐ испочитувана оригиналната, автентична народна уметност.

Групата од 38 врвни игроорци, истовремено и извонредни пејачи, лесно се трансформира од танцов ансамбл во репрезентативен фолклорен хор, а 14-те одлични музичари свират на околу осумдесет традиционални и класични инструменти. Ансамблот ЛАДО има уникатна збирка на оригинални народни носии со исклучителна вредност и убавина, така што секоја концертна изведба на ансамблот е исто така и еден вид на модна ревија на оригинална хрватска традиционална облека.

Со креативен вознес и врвно мајсторство врз пијаното, турската пијанистка Ѓулсин Онај вчеравечер приреди концерт за уживање во рамки на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Пијанистката со богата кариера што се протега на сите континенти и во најпрестижните концертни сали, остави силен впечаток врз публиката беспрекорно изведувајќи ги делата од Шопен.

-Првпат сум во Охрид на „Охридско лето“, но двапати настапив во Скопје и свирев  со Филхармонискиот оркестар. Атмосферата во Охрид ја направија историјата и убавината на црквата, како и топлината на публиката. Чувството е навистина неверојатно. Акустиката е божествена во оваа црква, таа е прекрасен дом за музиката. На репертоарот го имав само Шопен, но почетокот го променив и го ставив Бах бидејќи мислам дека е неверојатно прекрасно токму овде да се изведува Бах, рече Онај.

Ѓулсин Онај е државен уметник во нејзината родна Турција каде повеќе години била официјален солист на Претседателскиот симфониски оркестар во Анкара. Нејзините повеќе од 20 снимени изданија говорат за широчината на нејзиниот репертоар, како и за нејзината интерпретативна моќ која се протега од делата за соло пијано и концертите на Хајдн и Моцарт, па до дела од современи композитори. Онај е резидентен уметник на Универзитетот „Билкент“ во Анкара и е носител на почесен докторат од Универзитетите „Босфор“ во Истанбул и „Хачетепе“ во Анкара.

-Ме радува фактот што полека се враќаме на концертите, во нормала. Засега имамиспланирано  неколку концерти, но и неколку снимки. Имам и свој фестивал што  се одржува веќе 18 години близу Бодрум и сум среќна што гостуваат многу врвни уметници од целиот свет, додаде Онај.

Вечерта на Шопен со врвната пијанистка Ѓулсин Онај во црквата „Света Софија“ ја проследија и амбасадорот на Република Турција во земјава, Хасан Мехмет Секизќок, како и турскиот почесен конзул во Струга, Абдураим Бајрактар.

    

Млади уметници, беспрекорно музицирање и внимателно избран репертоар го задржаа вниманието на публиката на „Охридско лето“ синоќа, преку настапот на гудачкиот квинтет на Загрепската филхармонија  и солистот Александар Иванов во црквата „Света Софија“.

Загрепската филхармонија е редовен гостин на „Охридско лето“ , но секогаш настапува со различни камерни состави и секогаш носи нови возбудливи музички доживувања за фестивалската публика.

-Тоа и ми е целта, секогаш да носиме нешто поразлично и како камерен состав и програмски. Намерата е да отсвириме нешто убаво за публиката, но и да дојдат уметници од Хрватска и од регионот. И оваа година е пандемиска, ситуацијата е таква каква што е. Двајца од членовите откажаа, па за среќа, моите пријатели од Македонската филхармонија го дополнија нивното отсуство, рече познатиот македонски констрабасист со интернационална кариера Илин Диме Димовски, кој повеќе од една деценија е дел од оркестарот на Загрепската филхармонија.

Првото виолончело во Македонската филхармонија Паскал Краповски кој потекнува од семејство со долгогодишна музичка традиција истакна дека фестивалот „Охридско лето“ го чувствува како свој втор дом.

-Откако знам за себе сум врзан за „Охридско лето“, преку татко ми, преку Македонската филхармонија во минатото и денес, како дел од камерни ансамбли, така што фестивалот е мој втор дом. Вечерта ја започнавме со дело од нашиот композитор Дамјан Темков „Адаџо за Ана“, потоа ја продолживме со „Романските танци“  на барток со солистот Александар Иванов а вториот дел од концертот беше посветен на Дворжак со „Гудачки квинтет G-dur бр.2 оп.18/77, една преубава,, грандиозна музика и  пред се за нас  како изведувачи многу предизвикувачка од сите аспекти, рече Краповски.

Вчеравечер, не само што уживаше публиката, туку и хрватската виолинистка Дуња Бонтек која беше дел од камерниот состав што настапи на „Охридско лето“.

-Првпат сум во Македонија, и ова ми е прекрасно доживување, градот, луѓето, храната, колегите. Три дена имавме интензивни проби. Уживав во сѐ, рече Бонтек.

И за првата виолина во Македонската филхармонија, Владимир Костов, настапот на „Охридско лето“ секојпат е ново доживување, нов поттик.

-„Охридско лето“ за секој уметник е многу важен дел од неговата кариера. На фестивалот сум настапувал 15-тина години, како солист, но и во рамки на Македонската филхармонија и различни камерни состави. Секое свирење овде е сѐ поголем поттик и инспирација за понатамошното градење на нашата кариера, рече Костов.

Изминатата година, во екот на пандемијата кога музичарите беа спречени да концертираат, група членови на Загрепската филхармонија запазувајќи ги сите мерки и протоколи се собираа  и одржуваа проби за да не дозволат да престане музиката.

Во рамки на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе настапи турската пијанистка Ѓулсин Онај. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Ѓулсин Онај свири пијано од тригодишна возраст, а првиот рецитал на Турското радио  го има уште на шестгодишна возраст. Со специјална државна стипендија учи со Ахмед Аднан Сајгун и Михат Фенмен, а потоа во Париз  нејзини педагози се Пјер Санкан, Моник Хас и Надја Буланже. Дипломира на Парискиот конзерваториум на 16 години со оцена Premier Prix du Piano”, а освојува награди на бројни меѓународни натпревари.

Нејзината богата кариера се протега на сите континенти во преку 80 држави од Венецуела до Јапонија. Концертира во најпознатите светски концертни сали како: „Концертгебау“ во Амстердам, салата на Берлинската филхармонија, Концертхаус во Виена, салата „Гаво“ во Париз, Квин Елизабет хол и Вигмор хол во Лондон и др. Настапите со оркестар ги вклучуваат: Дрезден Штатскапеле, Оркестарот „Филхармонија“, Англискиот камерен оркестар и Кралската филхармонија во Лондон, Јапонската филхармонија, Симофнискиот оркестар на Минхенското радио, Филхармонијата на Санкт Петербург, Симфонискиот оркестар на Токио,  Варшавската филхармонија и Виенскиот симфониски оркестар.

Ѓулсин Онај е Државен уметник во нејзината родна Турција каде повеќе години била официјален солист на Претседателскиот симфониски оркестар во Анкара. Нејзините повеќе од 20 снимени изданија говорат за широчината на нејзиниот репертоар, како и за нејзината интерпретативна моќ која се протега од делата за соло пијано и концертите на Хајдн и Моцарт, па до дела од современи композитори. Онај е резидентен уметник на Универзитетот „Билкент“ во Анкара и е носител на почесен докторат од Универзитетите „Босфор“ во Истанбул и „Хачетепе“ во Анкара. Во 2014 година и е доделен Почесен медал од Истанбулскиот фестивал, а во 2018 година почесен медал и од Фестивалот во Бодрум.

Уште еден концерт на годинешново издание на Охридско лето протекна во знакот на убави емоции кај уметниците и кај фестивалската публика. Настапот на гостите од Србија, Владимир Марковиќ на виолина и Јулијана Шуловиќ на пијано беше замислен токму на таков начин, да создаде пријателска, топла атмосфера која кај присутните љубители на уметноста ќе побуди благородни чувства што ќе ги понесат и по завршетокот на концертот.

Вечерта започна со композицијата „Пуста земја“ од сараевскиот композитор, професор и диргент Дражан Косориќ. Оваа елегична пиеса со нагласено таговен карактер, авторот ја има замислено како сеќавање и во спомен на сите загубени пријатели во виорот на балканските конфликти што посебно го погодија неговиот роден град Сараево. А тоа е место каде и нашите гости на концертот работат и ги градат своите педагошки кариери, токму на Музичката Академија во Источно Сараево. Уметниците Владимир Марковиќ и Јулијана Шуловиќ со емотивно обраќање, изведбата на „Пуста земја“ ја посветија на нивниот неодамна загубен пријател, познатиот македонски актер Љупчо Тодоровски – Упа. Веќе со вдахновената интерпретација на првото дело се создаде слика дека се работи за добро усогласено камерно дуо, кое со внимание ги избира и донесува концертните пиеси.

Во продолжение следуваше изведба на две од шесте сонати за виолина и пијано на Георг Фридрих Хендл, Сонатата во ге-мол и Сонатата во Де-дур – бисери во камерното творештво на големиот барокен мајстор. Уметниците, композициите ги отсвиреа во елегантен, танцов стил со потенцирање на виолинската делница во преден план и клавирската придружба динамички одмерена, во духот на чембалско басо континуо. Кралскиот призвук на Хендловата ненадмината барокна хомофонија, секогаш делува мошне соодветно да се слушне под сводовите на црквата Св. Софија, па така беше и на овој концерт. Со транскрипцијата пак на Шопеновото Ноктурно во цис-мол од постхумниот опус, кое во целост го одразува неговиот романтичарски лиризам и поетика, двајцата искусни уметници покажаа дека сродниот естетски вкус го насочуваат кон бавни мелодични пиеси што им овозможуваат смирена интерпретација во слободно рубато темпо со нескриена алузија на вокално, „певно“ пренесување на познатата романтична мелодија.

Во сонатата за виолина и пијано во А-дур од Цезар Франк, несомнено еден од столбовите во класичното камерно музичко творештво, се потврди впечатокот дека камерното дуо Марковиќ-Шуловиќ, најсоодветно се идентификува со слободната и импровизациска тенденција во третиот став. Тука слушнавме експресивно вибрато во виолината и заеднички лежерни агогики во темпо рубато, наспроти динамичните ставови како брановитиот канонски четврти став, кои уметниците ги интерпретитаа со извесен воздржан манир.

Како изненадување, овој инспиративен концерт уметниците го заокружија со едно шармантно изненадување кое ни ја прикажа другата страна од уметничката дејност на двајцата музичари, нивната педагошка дејност. Владимир Марковиќ и Јулијана Шуловиќ на сцената ги поканија тројцата млади виолинисти од Скопје, Маријана Лазаревиќ, Јаков Ангелов и Александар Војнески, па во допадливи камерни формации изведоа серија пиеси од Дмитри Шостакович. Со вдахновениот и полетен настап искусните професори фокусот го пренесоа кон младите студенти, што кај нив предизвика видно задоволство за укажаната чест да музицираат на престижната сцена на Охридско лето. Овој благороден гест, ќе го забележиме како остварување на суштинската идеја на педагошката дејност, а тоа е несебично споделување на сопственото знаење и концертно искуство со следбениците, со оние кои доаѓаат после нас.

Викица Костоска Пенева – музиколог