Skip to content
„Наша вечер во Охрид“ е насловот на програмата што вечерва во рамките на „Охридско лето“ ја носи големиот и признат драмски уметник и актер Иван Босилчиќ од Србија.
„Нашата вечер во Охрид“ е нова програма, специјално составена за долго очекуваната средба со публиката на фестивалот „Охридско лето“. Стиховите на Бодлер, Есенин, Блаже Конески, Анте Поповски, Алекса Шантиќ, Милан Ракиќ ќе бидат обоени со гитарската вибрација на фадо-звукот, ориентот и класичните ноти. За тоа ќе биде задолжен професорот по класична гитара и композитор Горан Ковачиќ, како и маестро Зоран Стојановиќ кој веќе три децении живее во Португалија од каде со себе го носи искуството од настапите и соработките со ѕвездата на фадо музиката Дулче Понтес.

Повеќе од една деценија Босиљчиќ, покрај богатата театарска и интернационална филмска кариера е посветен на изведбата на авторски поетски проекти. Како голем почитувач на српската и светска литература, тој креира и изведува интимни театарски исповеди, раскажани низ стиховите на големите поети. Со голем успех неговите претстави се изведувани во голем број театри и концертни сали низ целиот балкански регион- почнувајќи од белградскиот Дом на синдикати и операта „Мадленијанум“, преку Македонската опера и балет и Универзална сала во Скопје, Новосатскиот национален театар и многу други, а успешно се претставува и во: Австрија, Шведска, Швајцарија, Норвешка, Исланд и во Канада.

Возбудата што ја носат неговите претстави е уникатен спој на драмска претстава и концерт, форма која е посебна и ретко видена на нашите простори.
Програмата на Босилчиќ ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.


Сцената „Долни Сарај“ вчеравечер беше дом за публиката на „Охридско лето“ и за актерскиот ансамбл на театар Комедија од Скопје кој ја изведе театарската претстава „Вечера за глупаци“ на текст од Францис Вебер а во режија на Ирена Стеријовска.
Земајќи ја предвид сè поголемата поделеност на општеството по основ на богати и сиромашни, на социјално прифатени и социјално несоодветни, оваа приказна ги открива и другите нијанси помеѓу крајностите во кои може да се види дека среќата е апстрактен концепт чија предвидливост и контрола порано или подоцна станува мит.

Според режисерката Стеријовска станува збор за приказна која го коментира високото француско општество, кое, презаситено од сè што може да си овозможи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните. Имено, темата што се обработува е смислата на она што го чини човекот среќен и перспективата од која тоа се доживува.

– Претставата се занимава со аздисаноста на француското високо општество и нивната форма на забава. Во однос на сегашноста, бидејќи класните разлики стануваат сѐ поголеми особено во државава, се занимаваме со детронизирање на таа висока класа. Таа може сѐ да си дозволи и да си пружи, веќе моралните вредности се изместуваат на значаен начин и ние го коментираме тоа како може да се врати налик на бумеранг една навидум невина игра и како може да го смени животот на луѓето, вели Стеријовска.
Интересно и за актерите, и за режисерката, но најмногу за публиката е тоа што „Вечера за глупаци“ е тоа што гледалиштето е на самата сцена каде што играат актерите.

-Ова е класичен водвиљ по текст, но начинот на поставување е многу интересен бидејќи решивме да се занимаваме со реконструкција на тој четврти ѕид-ѕид помеѓу дејствието и публиката. Бидејќи дејствието се одвива во трособен стан, ние решивме станот да го ставиме на сцена а публиката на надворешните ѕидови така што се добива еден воајерски впечаток на публиката што на некој начин работи во однос на она што мене ми е период на истражување, а тоа е позиционирање во физичка смисла на публиката во однос на дејствието и да видиме дали тоа може да го направи целото театарско искуство поголемо доживување, додава Стеријовска.
Во театарската претстава „Вечера за глупаци“ играа Валентин Костадиновски – Тино, Атанас Атанасовски, Илија Илиоски,Тони Денковски, Ема Давчева, Благица Трпковска, Јаков Спасов и Столе Мицов.

Валентин Костадиновски-Тино ја играше улогата на Пјер Брошан, еден од главните протагонисти кому му се случуваат многу работи дома. Тој е човек кој е во потрага по глупаци за да ги исмејава, но и самиот станува глупак кај него дома.

– Претстставата се гледа од четири различни страни што би значело дека ако ја гледаш четири пати ќе имаш различен кадар и различно ќе се доживува. Ова е интимна претстава каде публиката седи на два метра од нас и самата игра нам актерите ни е како филмска, повеќе е навнатре, интровертна. Се игра некој чуден хиперреализам и тоа ја прави посебна, поразлична и позабавна од другите. Гледачот треба да почувствува дека е внатре во станот, дека присуствува на таа вечера на глупаци, вели Костадиновски.

Младиот актер Илија Илиоски ја играше улогата на неостварениот писател, Само Леблан.
-Пораката на претставата е да внимаваме што правиме. Секое добро со добро се враќа и обратно. Процесот на подготовка на претставата беше еден креативен, интересен и мошне инспиративен, појаснува Илиоски.
Претставата „Вечера за глупаци“ тече на репертоарот на НУ Театар Комедија –Скопје, и како што велат актерите, е добро прифатена од страна на публиката.

Театар Комедија од Скопје вечерва ја продолжува драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ со изведбата на театарската претстава „Вечера за глупаци“ вечерва на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.
„Вечера за глупаци“ е правена според текст од Францис Вебер а во режија на Ирена Стеријовска. Во неа играат Валентин Костадиновски – Тино, Атанас Атанасовски, Илија Илиоски,Тони Денковски, Ема Давчева, Благица Трпковска, Јаков Спасов и Столе Мицов.

Станува збор за приказна која го коментира високото француско општество, кое, презаситено од сè што може да си овозможи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните. Имено, темата која се обработува е смислата на она што го чини човекот среќен и перспективата од која тоа се доживува. Во дејствието се раскажува за еден претставник на високото општество, кој по серија случајни несреќи што му се случуваат, заглавува на вечера со претставник на онаа група што планирал да ја исмева.

Ирена Стеријовска дипломира на универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје, отсек – театарска режија. Специјализира на универзитетот ФОН, отсек мултимедија. Од 2012 е вработена во Народен Театар Охрид. Ко-основач е на независниот театар Фабрика во чија продукција ја режира претставата „Вејка на ветрот” од Коле Чашуле. За „Вејка на ветрот” ја добива наградата за остварување на нова театарска реалност на фестивалот Актерот на Европа. Се потпишува како режисер на претставите: „Мртвиот дом” според Достоевски во продукција на Драмски театар -Скопје, „Важно е да се викаш Ернест” од Оскар Вајлд во Театар Комедија, „Емигранти” на Славомир Мрожек, “Метод” на Жорди Галсерон во Народен Театар – Охрид и други.
Претставата не се препорачува за лица помлади од 16-годишна возраст.

Гласот на албанската оперска певица со светско реноме Инва Мула вчеравечер ја исполни црквата „Света Софија“. Концертот на Мула беше дел од фестивалската програма на „Охридско лето“.
Настапувајќи заедно со нејзините колеги од Албанија, пијанистот Генц Тукиќи и виолинистот Олен Чезари, таа изведе дела од А.Пјацола, Џ.Пучини, Ф.Пуланк, Ш. Азнавур, В.Пара, А.Качинари и П.Јакова.

-За синоќешниот репертоар сакав да направам една мешавина на класичната музика, заедно со моите пријатели во трио со кои го пропатувавме светот. Сакавме да се претставиме и овде, пред фестивалската публика во Охрид, рече сопранистката Мула.
Мула последен пат настапи на „Охридско лето“ пред две години заедно со сопранот Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски и во пијано придружба на нејзиниот колега Тукиќи.
-Не сум тука првпат, но сепак честа е огромна што настапувам во ова магично место. Сигурна сум и дека многу други уметници имаат настапувано и ќе настапуваат во оваа волшебна црква во која енергијата е неопислива. Особено овој фестивал е еден од најзначајните во Европа бидејќи е доста стар и сум сигурна дека и во иднина ќе гостуваат извонредни уметници, рече Мула.

Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Родена во Тирана, започнува да учи пијано на петгодишна возраст, а пеење на 16 години, најпрво со нејзината мајка, а потоа и на Универзитетот за уметности во Тирана на кој и дипломира.

За Инва Мула, улогата на Виолета во „Травијата” претставува еден вид уметнички „потпис”, па така истата ја повторува во Виена, Лондон, Милано, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид итн. Нејзини сценски партнери се некои од најпознатите тенори на нашето време како: Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго, Виторио Григоло, а соработува со диригенти како Мишел Пласон, Жорж Претр, Хесус Лопез Кобос, Владимир Спиваков, Зубин Мехта, Мјунг Вун Чунг.
Значаен момент во нејзината кариера е што е дел од филмот „Петтиот елемент” на Лук Бесон каде го позајмува гласот за Дивата „Сина Лагуна”. Овој проект и носи интернационална слава и надвор од кругот на строгите оперски фанови.

Врвната сопранистка од Албанија со светска кариера Инва Мула и пијанистот Генц Тукиќи вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе одржат концерт во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Родена во Тирана, започнува да учи пијано на петгодишна возраст, а пеење на 16 години, најпрво со нејзината мајка, а потоа и на Универзитетот за уметности во Тирана на кој и дипломира. Првата улога на сцената и е Виолета во операта „Травијата” која и ѝ ги отвора вратите на операта во Тирана каде настапува во текот на следните пет години. За овој период, два пати победува на натпреварот „Тефта Ташко Кочо”, а во 1987 година е прогласена и за најдобар оперски пејач. Следат победите на натпреварот „Жорж Енеску” во Романија, и Гран при „Мадам Батерфлај” во Барселона во 1992.

Триумфира на првиот натпревар организиран од тенорот Пласидо Доминго во 1993 година, по што нејзината интернационална кариера ќе започне да се движи во нагорна линија со настапи во оперските куќи во Авињон, Лос Анџелес, Бон, Вашингтон, Лирската опера во Чикаго како и Метрополитен операта во Њујорк каде настапува во продукцијата на операта „Боеми”. Во 1997 година со голем успех настапува во „Риголето” како Џилда заедно со Лео Нучи во операта во Марсеј, по што е поканета да настапи во истата улога на фестивалот во Арена ди Верона. По ентузијастичкиот прием на публиката, таа повеќе години се навраќа на овој престижен оперски фестивал изведувајќи ги улогите на Виолета, Џилда и Микаела во „Кармен”. Во 1998 година по фантастичната соработка со Рикардо Мути во Миланската „Скала”, Инва Мула е поканета да ја пее насловната улога во „Травијата” за отворањето на новиот оперски театар во Милано, по што следат нови улоги во „Скала”. Со голем успех настапува низ Италија и тоа во Трст, Торино, Сиена, Рим, и во Фиренца каде настапува под палката на маестро Зубин Мехта.
За Инва Мула, улогата на Виолета во „Травијата” претставува еден вид уметнички „потпис”, па така истата ја повторува во Виена, Лондон, Милано, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид итн. Нејзини сценски партнери се некои од најпознатите тенори на нашето време како: Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго, Виторио Григоло, а соработува со диригенти како Мишел Пласон, Жорж Претр, Хесус Лопез Кобос, Владимир Спиваков, Зубин Мехта, Мјунг Вун Чунг.
Значаен момент во нејзината кариера е инволвираноста во филмот „Петтиот елемент” на Лук Бесон каде го позајмува гласот за Дивата „Сина Лагуна”. Овој проект и носи интернационална слава и надвор од кругот на строгите оперски фанови.
Во ноември 2012 Инва Мула ја режира прославата, и настапува на одбележувањето на Денот на независноста на Албанија. Како дел од свеченоста од страна на Претседателот на Албанија ѝ е доделена највисоката почест „Почест на нацијата” за нејзините достигнувања во уметноста.
Кариерата на Инва Мула и денес продолжува со голем интензитет. Во изминатите сезони настапува во Виенската опера како Манон, таа е Неда во „Палјачи” во Германската опера во Берлин, Сао Паоло и Билбао, Адина во „Љубовен напиток” во Марсеј и Микаела во „Кармен”. Редовно е поканета да одржува семинари на академиите во Париз, во Гштад и Санкт Петербург.
Во 2015 година Инва Мула дебитира како режисер (а истовремено ја пее улогата на Неда) во продукцијата на „Палјачи” на Тиранската опера. Големиот успех ќе и донесе нов ангажман во 2017 година кога во истиот театар ја режира операта „Ловци на бисери”.
За нејзините уметнички достигнувања, во 2006 година доделено и е највисокото признание од Француската влада „Витез на уметноста”
Албанско-францускиот пијанист и композитор Генц Тукиќи дипломира на Конзерваториумот во Тирана и на Школата за музика во Париз „Алфред Корто” на која предава и денес. Интернационалната пијанистичка кариера го носи во некои од најпрестижните сали во светот, а настапува и со бројни оркестри. За неговата исклучителна музикалност како и „интерпретации кои се подеднаково интелигентни како и емотивни” ја добива наградата „Нино Рота”. Остварува снимки со оркестарот на операта во Тирана, оркестрите на Македонската опера, Рускиот оркестар „Чајковски”, оркестрите на РТВ Албанија и РТВ Словенија. Редовно настапува со Инва Мула, а како композитор има напишано бројни дела за соло пијано, пијано и оркестар, како и неколку парафрази на оперски теми од Пучини, Верди и Офенбах. Во 2012 година го издава ЦД-то со авторски композиции инспирирано од патриотски песни за соло пијано и сопран заедно со Инва Мула со која ја компонира и оркестрира химната за Мајка Тереза.

Со неколкуте успешни гостувања на врвни солисти и камерни ансамбли, фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер навлезе во втората половина од годинешната 61-ва концертна сезона со звуците на харфата и уметницата Елоиз Карлин-Џонс која настапи во рамките на Француската вечер.
Француската вечер на „Охридско лето“ е традиционален настан веќе 14 години и секое лето на публиката ѝ ги носи најдобрите уметници од Франција.
Прогласувајќи ја вечерта за отворена, амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер истакна дека во изминатите четиринаесет години француското културно присуство во земјава има своја летна престолнина, а тоа е Охрид.
-Француската вечер се втемели како традиција, станувајќи во текот на овие години привилегиран момент за да се претстават млади и идни големи таленти на француската музика, на задоволство на публиката. Така, имавме прилика да ги слушнеме претходните години, дуото составено од обоистката Аријан Баке и пијанистот Теодор Ламбер, барокниот ансамбл „Маскерина“ или дуото Венсан Миса и Жое Кристоф. Нема да ги набројувам сите солисти што имавме прилика да ги примиме во ова прекрасно здание на црквата „Света Софија“ зашто листата е премногу долга, рече амбасадорот Бомгартнер.

Францускиот амбасадор упати честитки до директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ за, како што кажа, убаво составената програма и покрај посебните услови на здравствената криза.
-Овој успех е победа преку културата. Би сакал во оваа прилика да му посакам долг живот на фестивалот „Охридско лето“, овој најголем културен настан во Северна Македонија кој го живее своето шеесет и прво издание. Изразувам желба, стремеж и волја оваа соработка помеѓу Амбасадата на Франција, Францускиот институт во Скопје и фестивалот „Охридско лето“ да продолжи уште многу долги години во рамките на една француско-македонска релација којашто почнува да се засилува во бројни области и дава перспективи за развој што ветуваат, во најголема корист на нашите две земји и на нашите два народи, рече амбасадорот Бомгартнер.

Младата француска харфистка Елоиз Карлин-Џонс преку јасноста и умешноста на звукот на харфата покажа дека е врвен уметник кој совршено владее со инструментот.
-Првпат сум во Охрид, и тоа е навистина голема чест. Програмата беше разновидна, составена од оригинални дела напишани за харфа, но и транскрипции, како на пример Бах. Репертоарот беше специјално направен за фестивалот. Првата половина од концертот беше исполнета со танци, а втората со песни. Поради неверојатната акустика, чувствував како музиката што ја свирам го исполнува просторот, рече Карлин-Џонс.

Таа призна дека изминатиот период од пандемијата кога светот беше парализиран, бил тежок и за уметниците.
-Коронавирусот остави последици. Токму кога се подготвував за магистратурата, вирусот ми ги попречи плановите. Сепак, пресреќна сум што минатата година се вработив во Оркестарот на гардата во Париз, кажа младата франциска харфистка Елоиз Карлин-Џонс.
Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ започна да се одржува во 2008 година за време на француското претседателство на Европската унија во соработка со Амбасадата на Република Франција во земјава и Францускиот институт во Скопје.


Фестивалот Охридско лето и годинава го продолжи проектот, запознавање на уметниците со древниот Охрид преку прошетка со професионален туристички водич. Француската харфистка Елоиз Карлин-Џонс беше воодушевена од прошетката низ Стариот дел на Охрид. Го посети Античкиот театар, црквата Света Софија, Националниот музеј Куќата на Робевци, се запозна со традиционалната изработка на охридски бисери и филигран.

„Воодушевена сум, научив многу работи за древниот Охрид, историјата, културата и традицијата. Прекрасното Охридско езеро. Благодарна сум на фестивалот Охридско лето за оваа прилика да ги запознам уникатните вредности на убавиот град“, рече француската харфистка Елоиз Карлин-Џонс.
Особено беше фасцинирана од вредните изложбени поставки во Куќата на Робевци.

„Имав можност да видам вредни археолошки експонати од праисторијата до средновековниот период. Прекрасни се уникатните резби, монети, орудие, а особено златниот накит изложен во Златната соба во музејот“, рече Џонс.
Младата харфиста од популарното филигранско ателје ПС Филигран, фамилија Шикалески доби вреден подарок за спомен од Охрид.

Воведувањето прошетки со туристички водич за уметниците на фестивалот Охридско лето од пред две години се покажа како успешен проект, преку кој се врши силна промоција на културно историското богатство на Охрид.

Фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе ја организира традиционалната Француска вечер на која ќе настапи француската харфистка Елоиз Карлеан-Џонс. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Високо оценета од музичката критика за „јасноста и умешноста на звукот“, Елоиз Карлеан-Џонс е млада француска харфистка која настапува како солист, камерен и оркестарски музичар.

Карлеан-Џонс се закитува со златен медал на четвртиот Менхетен натпревар за харфисти во 2019 година и настапува ширум светот од Карнеги Хол до салата на Виенскиот „Концертхаус“. Како камерен музичар настапува на фестивалите во Аспен и Тангелвуд, а како член на оркестар свири со Бостонскиот симфониски оркестар и со оркестарот во Филаделфија. Во 2020 година е примена да биде харфистка на Оркестарот на гардата во Париз.
Нејзиниот репертоар се протега преку неколку музички епохи, и таа покрај музиката на барокните мајстори често изведува и дела од современи композитори. Нејзините внимателно одбрани програми ја привлекуваат публиката, а таа настојува да ја ангажира преку вешто направени аранжмани на популарна или фолк музика со што директно го проширува репертоарот за овој инструмент.

Елоиз е магистрант на Музичката академија на универзитетот „Јеил“ , а дипломира на „Кертис“ институтот за музика здобивајќи се со диплома за музичка изведба и диплома за историски практики на интерпретација.
Француската вечер на „Охридско лето“ се организира во соработка со Амбасадата на Република Франција во Република Северна Македонија и Францускиот институт во Скопје.

Со репертоар од убаво селектирани арии од познатите италијански опери, тенорот Алесандро Фантони и пијанистот и чемабалист Џорџо Мартано од Италија вчеравечер предизвикаа силни емотивни бранувања кај публиката на „Охридско лето“ која во текот на концертот ги наградуваше со бурни, долги и стоечки овации.

Двајцата млади уметници настапија во рамките на традиционалната Италијанска вечер на „Охридско лето“ што секоја година се одржува со поддршка на Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија. Амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри, обраќајќи се пред публиката на почетокот од концертот рече дека е почестен што ја отвора оваа вечер во, како што кажа, бисерот на византиската уметност, црквата „Света Софија“.

-Во текот на овие 61-на година, многу италијански уметници како маестро Енио Мориконе беа присутни на оваа сцена која е сѐ попрестижна на меѓународно ниво. Сигурен сум дека моќта на двајцата млади и исклучително талентирани уметници, тенорот Алесандро Фантони и пијанистот Џорџо Мартано ќе ја просветли публиката во оваа особено магична атмосфера на црквата „Света Софија“, рече амбасадорот Силвестри.

Италијанскиот амбасадор во оваа пригода ѝ оддаде признание на директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, за организацијата на целиот фестивал, како што рече, и покрај тешкотиите предизвикани од пандемијата.
-Овие настани ја претставуваат надежта дека само културата и музиката можат да овозможат подобра иднина за секого. Ова е надеж која навистина ни треба сега. Како амбасадор на Италија, ве уверувам дека ќе продолжеме да ги зајакнуваме веќе одличните врски помеѓу двете земји на во полето на културната соработка. Ова се однесува и за прекрасниот Охрид, град на УНЕСКО, додаде амбасадорот Силвестри.

Импресивната вокална техника на оперскиот пејач Фантони донесе спиритуална енергија која го исполни целиот простор на охридската катедрала. Пееше инспиративно, од душа и срце, а овие возбудливи моменти, фестивалската публика уште долго ќе ги памети.
-Акустиката во оваа црква е прекрасна и тоа е особено важно за музиката. Исполнив различни оперски арии. Сличен репертоар како на Павароти, но со различни арии, како Риголето, Кавалерија Рустикана…. Сакам да пеам и понови арии како „Ромео и Јулија“, но и традиционални песни од Неапол, истакна познатиот тенор Фантони кој својот глас го школувал на Академијата за опера при Операта во Цирих, Швајцарија.

Пијанистот Мартано кој стекнува со искуство како корепетитор на соло пејачи со особен афинитет кон лирскиот репертоар и се здобил со диплома од Академијата на Миланската скала, беше исто така воодушевен од целокупниот амбиент во кој настапи со неговиот колега.
-Голема чест е да се биде тука, на Италијанската вечер на „Охридско лето“ која има долга традиција и да се свират традиционални арии од нашиот лирски репертоар, од традиционалната музика на Неапол до камерни арии од различни автори. Се надевам дека публиката уживаше, рече пијанистот Мартано.

Концертот во рамките на Италијанската вечер на „Охридско лето“ покрај италијанскиот амабасадор Силвестри како домаќин на вечерта, го проследија и амбасадорките на Кралството Шведска во земјава Кристин Форсгрен Бенгсон и на Швајцарија Сибил Зутер Техада, како и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.



Музика од златното време на барокот со германски, италијански и француски композитори приреди вчеравечер на „Охридско лето“ барокниот ансамбл „Teatro alla Moda“ од Холандија кој ја воодушеви фестивалската публика со врвен професионализам и огромен креативен потенцијал.
Дел од овој ансамбл којшто го негува барокот, е и македонската чембалистка која живее и работи во Холандија, Цветанка Созовска. Таа изведе дело од најстариот син на Јохан Себастијан Бах, Вилијам Фридеман Бах кој бил огромен виртуоз во своето време и оставил прекрасни композиции како Фантазијата во е-мол за соло чембало.

-Претставивме програма од високиот барок, со дела од француски композитори кои во нивно време се врвни светски познати музичари, Франоса Купран и Леклер којшто всушност е и најпознатиот гамбист во тоа време, но и во денешницата е најголемиот уметник на овој инструмент. Потоа изведовме музика од Јохан Себастијан Бах, од Хендл и Телеман кои се современици и се познаваат меѓусебе, рече чембалистката Созовска.
Лилија Славну која свири барокна виолина синоќа изведе дело од најпознатиот француски виолинист којшто бил револуционер во своето време, Жан Мари Леклер кој, како што кажа Созовска, си дозволувал да прафи такви зафати со виолината кои во неговото време биле сосема непознати.

Обоистот Диего Надра придонесе за синоќешната прекрасна вечер на фестивалот, свирејќи соната од италијанскиот композитор Антонио Вивалди.
-Оваа соната што ја изведе Надра е единственото и најтешкото дело за обоа како солистичко дело, додаде Созовска.

На виола да гамба, извонредниот избор на вчерашниот барокен репертоар го отсвири уметникот Џошуа Четам.

Чембалистката Созовска музицираше на чембало што специјално за нејзиниот настап на „Охридско лето“ беше донесено од Србија.
-Почестени сме бидејќи се направија огромни напори да се случи овој концерт, не само заради ситуацијата со пандемијата, туку и заради немањето чембало.Ова е копија на историско чембало кое ја изведува барокната музика на автентичен начин.„Охридско лето“ го нема тој инструмент. Таков има на Факултетот за музичка уметност во Скопје но заради нивните правила тој не може да ја напушти зградата. Затоа фестивалот „Охридско лето“ направи огромни напори да најдеме инструмент во Белград и сме воодушевени од овој огромен потег на директорката на фестивалот и селекторката на музичката програма, Наташа Поповиќ и Даница Стојанова, истакна Созовска.

Барокниот ансамбл „Teatro alla Moda“ настапува првпат на „Охридско лето“. Овој камерен состав е создаден за време на студиите на уметниците на Кралскиот концерваториум во Хаг. Тие се музичари кои доаѓаат од различни страни на светот.
