Чешките уметници, виолинистот Леош Цепицки и виолончелистот Иван Вокач обединети во Дуо ди Прага на публиката која уживаше во секој миг од концертот и ја донесоа Француската свита од Јохан Себастијан Бах, а импресивно ги отсвирија и Дуата за виолина и виолончело од Волфганг Амадеус Моцарт, од Богуслав Мартину, како и од Рејнхолд Глиер. На репероарот мошне вдахновено беа доловени и три етиди на Астор Пјацола.
Виолинистот Цепицки ѝ е познат на фестивалската публика, настапувајќи минатата година со гудачкиот квартет „Вихан“. Тој е еден од основачите на овој квартет чиј член е до ден денешен.
-Токму така, настапивме на „Охридско лето“ минатата година со квартетот „Вихан“, но исто така овде имавме концерт и пред 28 години.Пресреќен сум што бев тука со Иван. Виолончелистот Михаил Канка со кого требаше да го одржиме концертот имаше проблеми и не можеше да свири вечерва со нас.Иван Вокач ми е пријател од училиште, тој беше студент, но јас знаев дека неговиот репертоар е многу обемен.Ова е одлична сцена за настапување а и акустиката е неверојатна, рече виолинистот Цепицки.
По традиција, Вечерта на ЕУ на „Охридско лето“ ја отвори Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
-Многу ми е драго што сум на настанот Европска вечер во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Ова е долга традиција што ги собира на едно место уметниците од цела Европска унија заедно со македонската публика и македонските уметници, и уметници од Западниот Балкан. Драго ми е што заедно ќе ја прославиме културата во овој историски момент во врска со отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ. Мислам дека ова е доказ за тоа што може да се донесе и од ЕУ и од Северна Македонија од нашата заедница, какво што е членството во ЕУ, изјави евроамбасадорот Гир.
Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија ја поддржува организацијата на „Вечер на ЕУ’’ на фестивалот „Охридско лето“ шеснаесетта година по ред. Таа го помага учеството на бројни европски уметници на Фестивалот, со што се поттикнува меѓукултурната соработка и размена.
Вчерашниот концерт на импресивните европски уметници го проследија и Џулијан Васало, заменик – шеф на Делегација на ЕУ, Амбасадорот на Чешката Република во Р.С Македонија Јарослав Лудва, како и Амбасадорот Клеменс Која од Австрија, Шеф на Мисијата ОБСЕ во Скопје.