Рецензија кон концертот на „Дуо ди Прага“: Индивидуален виртуозитет во функција на заедничкото остварување

На традиционалната „Вечер на Европска унија“ чија организација, веќе шеснаесетта година по ред ја поддржува Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, концертно се претстави „Дуото ди Прага“ од Република Чешка. Станува збор за дуо – виолина и виолончело, кое го сочинуваат виолинистот Леош Цепицки и виолончелистот Иван Вокач. Вокач, оваа вечер настапи на местото на однапред најавениот Михал Канка, кој од оправдани причини не беше во можност да свири. Цепицки пак, на фестивалската публика ѝ е веќе познат, настапувајќи два пати со квартетот „Вихан“ – во 1994 година, а по втор пат и минатата година.

Како што налага традицијата, „Вечерта на Европска унија“ со придоген говор ја отвори амбасадорот на ЕУ во земјава, Ричард Гир, испраќајќи ја пораката во духот на поттик на меѓукултурната соработка и размена, а пред публиката се обрати и амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.

Најавената концертна програма на „Дуото ди Прага“, претрпе измени во редоследот, кои од оваа перспектива се покажаа издржани и оправдани, постигнувајќи ефективна градација во програмскиот концепт. Концертот започна со „Француската свита BMW 814“ – третата од вкупно шесте француски свити за пијано на Јохан Себастијан Бах, која чешките уметници ја изведоа во транскрипција за виолина и виолончело. При тоа, тие прикажаа висок професионализам, применувајќи ги стилските и технички специфики за изведба на барокните танци. Од имитацискиот дијалог кој го водеа со инструментите, повремено испрекинат со немирните дисонанци и хармонски изненадувања во Алемандата, преку живоста во Курантата, величественоста во Сарабандата, ритмичноста во Менуетот и особено, контрастот на Триото, Цепицки и Вокач, прецизно следејќи ја музичката партитура, успешно ја заокружија свитата со Англезата и особено брилијантната Жига, подвлекувајќи го нејзиниот имитациски карактер.

Преминувајќи од барокот кон класицизмот, изведувачите ја продолжија програмата со „Дуо за виолина и виолончело KV423“, на Волфганг Амадеус Моцарт. Со изведбата на ова дело, Цепицки и Вокач само го потврдија впечатокот од перформансот на барокната свита – овојпат, со прецизна интерпретација на спецификите на класицизмот, а особено на лесно препознатливиот Моцартов стил.

Како програмско освежување и своевидно разграничување на двата концертни дела, прозвуче „Тангото“ на Астор Пјацола, кое дуото Леош Цепицки и Иван Вокач го изведе инспиративно и мошне вдахновено.

Пријатно изненадување, претставуваше „Дуото за виолина и виолончело оп. 39“ на, не многу познатиот на нашите простори, руски композитор Рејнхолд Глиер. Структурирано во седум дела, уметниците од „Дуото ди Прага“ направија музички прелет низ седум, тематски и карактерно, различни содржини. Зборувајќи преку своите инструменти, особено оставија впечаток во Прелудиумот, кадешто меѓусебно ги разменуваа хроматските фигури со репетитивните мотиви; во Приспивната песна, кадешто двата инструмента, со пригушен звук, создадоа нежна и пријатна атмосфера – виолончелото, со шеснаестинските движења ја следеше романтичната и помалку мрзоволна мелодија на виолината; и во Скерцото, во кое особено до израз доаѓаа строгите акценти.

Kонцертната вечер, дуото ја заврши триумфално, оставајќи го за крај чешкиот композитор Богуслав Мартину и неговото „Дуо за виолина и виолончело бр. 1“. Со нескриен ентузијазам и полетност, двајцата уметници прикажувајќи ја длабоката навлезеност во творештвото на Мартину, мошне сугестивно ги изведоа неговиот Прелудиум и Рондо, во кои многу јасно се препознава влијанието на Игор Стравински. Највпечатливиот момент, кој буквално ја освои публиката, беше изведбата на чело-каденцата, во која, во речиси триминутно временско траење, Вокач презентираше извонреден витруозитет, експресивно изведувајќи ги сложените хроматски низи, арпеџа, акорди и интервали. По неговиот соло настап, со пренасочувањето на фокусот кон виолинската каденца, фонски придружуван од виолончелото, Цепицки ги потврди своите изведувачки способности, по што двајцата уметници моќно ја изградија возбудата на самото финале.     

Во едно сумирано согледување, може да се забележи дека во перформансот на „Дуо ди Прага“, бевме сведоци на особено развиено чувство за обликување на музичките фрази, на интонативна стабилност, техничка подготвеност, а она што најмногу го карактеризираше нивното музицирање, е водењето на заемниот дијалог, подредувајќи го секој од нив сопствениот индивидуален виртуозитет во функција на заедничкото остварување.

Александар Трајковски