„Simply quartet“ – квартет на млади музичари со светска репутација

Публиката на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер уживаше во извонредниот концерт што го приреди еден од најперспективните квартети од новата генерација„Simply quartet”  кој уште еднаш ја потврди одличната репутација на светската камерна музичка сцена.

Во овој релативно млад, интернационален ансамбл членуваат музичари од Кина, Норвешка и Австрија, Данфенг Шен –виолина, Антониа Ранкенсбергер – виолина, Ксианг Лју – виола и Иван Валентин Холуп Роалд – виолончело.

 „Simply quartet” постојано ја истражуваат музичката литература барајќи дела кои ќе го претстават нивниот уникатен музички израз: од класични до современи дела за квартет. Посветуваат огромен труд на комбинирање на трите многу различни култури кои секој од членовите ја носи, на тој начин развивајќи единствен музички јазик, истражувајќи дела од нивните земји и продлабочувајќи ја филозофијата на звукот.

-Фантастично беше да се свири овде во оваа црква, пред оваа прекрасна публика. Навистина бевме пресреќни. Ние четворица свириме заедно во оваа формација веќе 4 години. Се чувствуваме многу поврзано како група, па дури можам да кажам и дека се сметаме за семејство, изјави виолончелистот  Иван Валентин Холуп Роалд.

-Акустиката беше неверојатна. Доста поразлична од пробата поради самото присуство на публиката и исполнетоста на просторијата, додаде виолинистката Антониа Ранкенсбергер.

Оригинално основан во Шангај под раководство на Јенсе Хорн-Син Лам, квартетот се сели во Виена каде на институтот „Јозеф Хајдн“ при Универзитетот во Виена студираат како ансамбл со Јоханес Мејсл кој е нивни најзначаен ментор по преселбата во Австрија. Исто така, квартетот добива значајно искуство низ годините поминати на Европската академија за камерна музика. Досега се добитници на први награди на значајни меѓународни натпревари.

Во сезоната 2021/22 квартетот е еден од избраните ансамбли на наградата „ЕХО“ со име „Ѕвезди во подем“ која им овозможува концертни настапи во „Бозар“ во Брисел, во Баден- Баден и „Концертгебау“ во Амстердам.