„Војна и мир“ едно од најобемните и најкомплексните книжевни дела вечерва на „Охридско лето“

„Војна и мир“ едно од најобемните и најкомплексните книжевни дела вечерва на „Охридско лето“

„Охридско лето покрај исклучително квалитетната музичката програма нуди врвни театарски креации, а денешната претстава  само ќе го потврди квалитетот кој годинава го има драмската програма која е одлично прифатена од публиката. Токму претставата „Војна и мир“ е една од најпривлечните за љубителите на театарот со што можам да кажам дека  гледалиштето на отворената сцена на Долни Сарај ќе биде исполнето до последното место“, рече директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција.

Според Поповиќ театарската програма на годинешново издание понуди претстави привлечни за публиката со што, како што кажа, театарските вечери изминаа со полни гледалишта.

„Не само за оваа, туку и за сите претходни театарски претстави, одгласите се феноменални, и од страна на публиката и од страна на стручната критика“, додаде Поповиќ.

Селекторката на драмската програма, Сања Арсовска, потенцира дека „Војна и мир“ е едно од најобемните и најкомплексни дела во историјата на книжевноста, дело коешто може да биде и политичко, и историско, и љубовно, и егзистенцијално, и социјално. Ова дело, како што појасни  таа, е комплексно и многуслојно во својата наративна структура, во психологијата на ликовите, како и во значењето на дејствата.

„Исто така, и зборовите коишто го обликуваат насловот на ова дело  означуваат  една состојба на човековиот ум, односно постојаната војна со човечките страсти и желби, духовните конфликти, како и вечната потрага по мирот во самите нас“, рече селекторката Арсовска.

Режисерот Борис Лијешевиќ првпат гостува на фестивалот „Охридско лето“ со своја театарска креација.

„Ова е голем роман кој е тешко да се постави на една експликација, тешко е да се сведе на неколку реченици, тешко е да се каже што е најважно оти е роман кој зборува за историјата, постоењето на човекот, војувањето.  Во романот има генерации кои израснале во тоа воено време кое им ги обликува животните судбини“, рече Лијешевиќ објаснувајќи  дека процесот на подготовка на претставата траел два месеци.

Уметничката директорка на Народен театар Белград, Молина Удовички, кажа дека по една деценија повторно се враќа на „Охридско лето“ со проект кој според неа е едно од најголемите дела поставени на нивниот драмски репертоар.

„Целиот процес на создавање на претставата ме потсетува на вајарска работа, од едно грубо дело се создаде еден навистина прекрасен, филигрански изработен производ. Претставата е храбра и во поглед на Толстој, и во поглед на комплетниот производ“, рече Удовички.

Претставата „Војна и мир“ во изведба на Народниот театар од Белград-Србија се игра вечерва на сцената на Долни Сарај со почеток од 21 часот.